Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Кристине Алтхаузер: Вештачкиот акроним „ФИРОМ“ треба да добие замена!

ИНТЕРВЈУ Кристине Алтхаузер: Вештачкиот акроним „ФИРОМ“ треба да добие замена!
Во ексклузивно интервју за Фактор новата амбасадорка на Германија во Македонија, Кристине Алтхаузер вели дека на Македонија и претстои подолг и континуиран реформски процес доколку претендира кон членство во ЕУ.  „Не се затвораат вратите за проширување и Германија ќе биде поттикнувач на овој процес“. Брисел, од година на година, ги зголемува забелешките адресирани кон властите во Скопје. „Во парламентот е демократското соочување, во него мнозинството и опозицијата го имаат својот удел, својот мандат од гласачите и својата одговорност”, порачува Алтхаузер. Новата амбасадорка на Германија, во првото интервју за македонски медиум вели дека претстои период на јакнење на регионалната соработка. “Спорот за името се однесува на прашањето кое име треба го замени вештачкиот акроним ФИРОМ“, смета таа. Според Кристине Алтхаузер интересот за инвестирање во Македонија, освен поради поволностите што ги нуди Владата е и поради ризичните состојби во Северна Африка, некои од државите во Источна Европа. Таа за Фактор вели дека малите плати кај странските фабрики се резултат и на ниската продуктивност на македонските работници. “Невработеноста ви е висока, продуктивноста ниска, а не е безначајно и иселувањето од државата.  Македонија и нејзините граѓани ќе профитираат повеќе кога странските инвеститори, во нивните привилегирани зони, ќе воспостават  тесна економска соработка со македонските фирми”. Разговараше Горазд Чомовски Фактор: Канцеларката Меркел се стави во улога на фронтмен во поттикнувањето на реформите и трасирањето на патот кон ЕУ на зeмјите претенденти од Балканот. Како долгото исчекување ќе влијае врз расположението кај граѓаните  во Македонија и колку ваквата порака може да биде мотивирачка во спроведување на реформите? Алтхаузер: Дека иднината на земјите од Западен Балкан е во ЕУ, останува и беше став на Германската влада. Сојузната влада тоа повторно го нагласи со успешното организирање на Конференцијата за Западен Балкан во Берлин на крајот од август. Истовремено патот на земјите во ЕУ е уште долг и сигурно не може да се изоди во следните пет години. За тоа би требало да се свесни и граѓаните на Македонија. Оттука и констатацијата, дека ниту една земја од регионот не може да успее во тоа во следните пет години, треба да ја сметаат за поттик, сепак, колку што може поскоро да се постигне тоа. Оваа работа не трпи прекин.
ЗАБЕЛЕШКИТЕ НА ЕУ СЕ ОДРАЗ НА РЕАЛНОСТА ВО МАКЕДОНИЈА
Фактор: Македонија после Турција е со најдолг стаж во чекалницата на ЕУ. Европската комисија  како да ги проширува обемот на забелешките и стагнацијата особено во политичките критериуми-демократија, слобода, индивидуални права, судство... Една од најновите сугеститии е започнување на ефективен дијалог меѓу власта и опозицијата. Дали отсуството од Парламент е допуштен модел на вонинституционална и демократска битка? Алтхаузер: Дозволете ми да одговорам со соодветен цитат од комесарот Филе: Извештајот за напредок навистина се пишува во Брисел, но содржините се прават тука во Македонија. Ако забелешките во Извештајот стануваа пообемни од година во година, тогаш тие ги претставуваат набљудувањата, што Комисијата ги прави во Македонија. Кон прашањето за Парламентот: демократијата живее од борбата на мислења, местото на нивното соочување, по правило, е Парламентот. Тука мнозинството и опозицијата го имаат својот удел, својот мандат од гласачите и својата одговорност. Фактор: Дали со затворањето на вратите за проширување Унијата ја враќа старата идеја за Стара и Нова Европа или се разработуваат нови модели на регионални сојузништва, како услов да се остварат поврзувања со ЕУ? Алтхаузер: Вратите на ЕУ се отворени, тоа сите држави-членки и Комисијата на ЕУ го потврдија доволно често во последно време. Истовремено, регионалната соработка е значаен предуслов за стабилноста и мирот, дали надвор од или во ЕУ. Оттука тежиштето на Конференцијата за Западен Балкан во Берлин беше унапредувањето на регионалната соработка на Западен Балкан. Интензивната и доверлива соработка во регионот може да биде силен катализатор за иден пристап во ЕУ на државите од Балканот кои сѐ уште се надвор од ЕУ.
ВЕШТАЧКИОТ АКРОНИМ „ФИРОМ“ ТРЕБА ДА ДОБИЕ ЗАМЕНА
Фактор: Во дипломатските кругови, како и  кај некои домашните политичари има убедување  дека е возможно решение на спорот околу името. Како  со надминувањето на овој проблем би се елиминирал стравот кај Македонците дека ќе го изгубат својот национален – идентитетски код? Алтхаузер: Спорот за името се однесува на прашањето кое име треба го замени вештачкиот акроним ФИРОМ. Она решение што би ги задоволило двете страни, би било многу добредојдено како во Берлин така во Брисел и на кое било друго место. Фактор: Колку независноста на медиумите и слободата на изразување во Македонија ги задоволуваат европските стандарди? Алтхаузер: Индициите од Фридом Хаус и Репортери без граници имаат свој речник. И извештајот за напредок на Комисијата на ЕУ што беше неодамна објавен јасно се изјаснува по овие прашања. Слободата на мислење и на печатот, како и економската независност на медиумите, не се приклучок на демократијата, туку се интегрален составен дел на едно функционирачко општество. Фактор: Како ги оценувате  меѓуетничките односи во земјата. Иако Македонија е земја со  мултиетнички карактер,  сепак се има впечаток дека  државата фунционира според принципот на две паралелни општества ?   Алтахузер: Во моите разговори секогаш и одново слушам дека недостига доверба. Сите се повикани, со тоа мислам на државата, општеството и се разбира и на медиумите, да го направат своето за да ги доградат постоечките контакти и да додадат нови.
ПЛАТИТЕ СЕ НИСКИ, НО НИСКА Е И ПРОДУКТИВНОСТА
Фактор: Германија е еден од најважните трговски партнери на Македонија. На што се должи своевидната експанзија на гринфилд инвестиции на компаниите од Германија? Алтхаузер: Македонската влада им нуди на странските инвеститори, не само на германските, очигледно атрактивни основни услови, кои им даваат повод да инвестираат во Македонија. Некои од инвестициите се должат и на основните услови во Северна Африка или Источна Европа кои стануваат потешки. Македонија кај многу инвеститори важи за стабилна земја со добри пристапи кон ЕУ како пазар за продажба. Македонија и нејзините граѓани ќе профитираат одржливо само тогаш од инвестициите, ако се успее, странските инвеститори во нивните привилегирани зони да имаат тесна економска соработка со македонските претпријатија. Во овој дел има уште работа. Фактор: Се погласни се реакциите во домашната јавноста дека странските инвеститори се потпираат на исклучително ниската вредност на човечкиот труд, најевтина работна сила во Европа. Дали тоа стимулативно делува од аспект на намалување на емигрантскиот бран од Македонија кон ЕУ и пред се’  кон Германија ако месечната  плата на „странците“ е  дводневна зарботувачка на германските работници, како најниска надница? ( 150-200 евра)? Алтхаузер: Навистина платите во Германија и во Македонија не се споредливи. Секако мора да имате превид дека висината на платите секогаш зависи од продуктивноста на работата. Додека превисоките плати делуваат застрашувачки на инвеститорите, ниските плати често пати се знак за мала продуктивност. Продуктивноста на работата во Германија е поинаква од таа во Македонија. Убедена сум, дека платите во Македонија долгорочно ќе растат, дека и понудата и побарувачката на работа ќе влијаат на платите. Кога ќе дојдат дополнителни инвеститори и ќе создадат работни места и со тоа ќе придонесат за намалување на невработеноста во Македонија, понудата на расположливи работни сили, имајќи го во предвид иселувањето, кое не е незначително, среднорочно ќе се намалува, што ќе доведе до пораст на платите, а со тоа и до поголема атрактивност на вработувањето во Македонија.
РАДИКАЛНИТЕ ИСЛАМИСТИ НЕМА ДА БИДАТ СПРЕЧЕНИ САМО СО РЕПРЕСИВНИ МЕРКИ, ПОТРЕБНА Е ПЕРСПЕКТИВА ЗА МЛАДИТЕ ЛУЃЕ
Фактор: Нова безбедносна закана  се џихадистите на ИСИЛ. Од регионален проблем станаа средиште на комплексна антитерористичка акција. Колку и на какво начин се реални опасностите од нивно терористичко осветништво низ Европа и светот и колку се реални стравувањата за таканаречен Балкански Калифат? Алтхаузер: Факт е, за жал, дека имаше многу заминувања на исламисти од Германија, Европа, па дури и од Балканот во правец кон Сирија и Ирак и дека сѐ уште има. Новите измени на Кривичниот законик во Македонија, но и во Босна-Херцеговина, им даваат повеќе можности на безбедносните служби за санкционирање на поддржувачите и платениците. Затоа што кај овие борци, откако ќе се стекнат со борбено искуство, постои опасност, по враќањето во Европа, да спроведуваат напади во смисла на исламистичката идеологија на Исламистичката држава. Репресијата е сепак само едно средство за справување со овој проблем. Многу позначајно би било да се размислува и иницираат алтернативи на понудата на радикалните исламисти: првенствено, тоа се работни места и перспективи за иднината на младите луѓе. Фактор: Македонија во ОН иницираше формирање на регионален безбедносен центар, што би било непосредна помош на балкансиите земји пред опасноста од радикализација на исламскиот екстремизам. Од друга страна, неговата појава и регрутирањето на борци за ИСИЛ е некаков аргумент побрзо да се реализира барањата за прием во НАТО и ЕУ како важни фактори  поединечна стабилност и вкупната безбедноста состојба на регионот? Алтхаузер: Регионалната соработка за безбедносни прашања, особено во борбата против исламистичкиот фундаментализам е значајна и потребна. Германија има добри искуства со „Заедничкиот центар за одбрана од тероризам“ за координација на сите државни безбедносни структури при сузбивањето на исламистичкиот фундаментализам. Соработката за прашања од безбедноста и стабилноста  е потребна и неопходна, но на тоа треба да се гледа независно од приемот во ЕУ или во НАТО.  
Слично

Поврзани вести