Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Ковачевски: Етика во бизнисот, фер со корисниците, одговорно кон заедницата!

ИНТЕРВЈУ Ковачевски: Етика во бизнисот, фер со корисниците, одговорно кон заедницата!
Димитар Ковачевски, извршен директор на Област за комуникација во Македонски Телеком, во интервју ја позиционира идната стратегија на Македонски Телеком и Т-Мобиле, како една од водечките општествено одговорни компании во Македонија. Фактор Македонски Телеком и Т-Мобиле се едни од  водечките општествено одговорни компании кај нас, кои даваат пример и за останатите. Присутни сте речиси во сите сегменти на нашето живеење. Која е целта и пораката која сакате да ја испратите? Ковачевски Во денешно време, јавноста очекува од една компанија многу повеќе од тоа да биде само профитабилна. Очекувањата се многу поголеми за големите компании кои бележат висок профит во своите билансни состојби. Ние, како компанија, сме свесни за ова и, како еден од најзначајните причинители во македонската бизнис средина, сериозно сме посветени на полето на општествената одговорност. Уште повеќе, она кон што стремиме е да ги поставиме потребните стандарди и насоки на делување. Општествената одговорност вклучува помагање на заедницата, фер однос кон вработените, фер однос кон корисниците, етичко водење на бизнисот, грижа за животната средина... Нашата цел не е само да испорачуваме производи и услуги, туку и да им овозможиме на нашите корисници повисок квалитет на живот. Фактор Години наназад го поддржувате македонскиот спорт. Од неодамна го објавивте партнерството со спортскиот клуб „Вардар“. Кажете ни што тоа значи и како ја оценувате ваквата соработка? Ковачевски Поддршката на развојот на спортот секогаш била дел од нашата агенда за спонзорства и донации. Соработката со врвни колективи, како што е спортскиот клуб „Вардар“, кој е дел од македонската спортска историја, е и повеќе од очекувана имајќи ја во предвид традицијата и успехот на двете страни. Но, морам да истакнам дека, освен спортскиот клуб „Вардар“, како наша најголема спортска инвестиција, Македонски Телеком и Т-Мобиле поддржуваат и други спортови, спортски клубови и спортски манифестации, како што се: кошарката, тенисот, скијањето и светски познатиот „Охридски пливачки маратон“. 07 Фактор Кога сме на тема – спорт, не можеме, а да не го споменеме Вашето учество на Скопскиот маратон, чиј дел бевте и самите Вие, заедно со уште неколку колеги. Се чини дека Телеком не функционира само како компанија, туку секој вработен посебно дава свој придонес. Ковачевски Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија се компании чиишто успеси почиваат на тимска работа, тимски дух и споделување на доживувањата. Затоа, ние секогаш ги поддржуваме спортските активности кои се базираат на овие основни принципи во кои силно веруваме. Тимската работа е поттикот кој им овозможува на луѓето да постигнат извонредни резултати. Нашето учество на „Скопскиот маратон“ го посветивме на лицата со посебни потреби згрижени во дневниот центар „Порака“ од Скопје.Не постои поубаво чувство кога после 21 истрчани километри на целта ќе ве пречекаат радосните погледи на оние на кои сте им ја посветиле трката.   ФакторТелеком претставува една од најиновативните компании во Македонија која што на своите корисници им овозможува да ги уживаат најновите технолошки достигнувања. Истовремено правите и напори компанијата што повеќе да ја доближите до поголем број на корисници. Ковачевски Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија, како иновациски лидери во Македонија, имаат големо влијание врз целата македонска економија. Од бројните проекти во кои имаме инвестирано, ќе набројам само неколку. Благодарение на нас Македонија е првата земја во Европа со целосна ИП телекомуникациска мрежа. Голем дел од семејствата и бизнисите веќе го користат супер брзиот интернет преку нашата фиксна оптичка и 4G мобилна мрежа, го пуштивме во функција мобилното плаќање, за кое веруваме дека e иднина на начинот на кој ќе се реализираат трансакциите, а пред еден месец ја лансиравме Telecom Cloud партнерската програма. Со оваа програма, македонските ИТ компании, во партнерство со нас, ќе добијат пристап до македонскиот, но и светскиот телекомуникациски пазар преку Дојче Телеком групацијата. Фактор Се ближат Новогодишните празници, период карактеристичен по желбата секој поединец и компанија да дарува и да ја покаже својата хуманост...Кои ќе бидат вашите активности? Ковачевски Новогодишната ноќ е во традиционално партнерство со Градот Скопје и прославата повеќе години наназад е овозможена од Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија. Оваа година, како и минатата, подготвивме пријатни изненадувања за сите граѓани. Сето ова, комбинирано со нашата новогодишна понуда на производи и услуги, веруваме дека ќе придонесе сите заедно да имаме среќни и весели празници. 03 (1) ФакторВашето долгогодишно искуство во една од најреномираните компании ве става во позиција да можете да ја оцените целокупната слика и ниво на кое функционираат компаниите во Македонија на тема - општествена одговорност. Колку се посветува внимание кај нас на овој сегмент и зошто сметате дека е важен? Ковачевски Сведоци сме дека секој ден, одредена компанија има активност со која што остава значителен белег во промовирањето на општествената одговорност во земјата. Поточно, сè повеќе компаниите го прифаќаат значењето на општествената одговорност и реализираат активности градејќи ја истата. Општествената одговорност е важна затоа што компаниите како  нас имаат влијание не само на состојбата на пазарот, туку и на различни области значајни за развојот на македонското општество. Профитот е неопходен за да преживеете, да останете во бизнисот, да останете на врвот на долг рок. Но, она што е важно е постојаниот развој насочен кон служење на една повисока цел – поквалитетен живот за граѓаните на Република Македонија. Факт е дека ние бевме пионери и среќни сме дека сè поголем број на компании го следат нашиот пример. Фактор Какви се плановите и стратегиите на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија во поглед на општествената одговорност за годината која следува? Ковачевски И следната година општествената одговорност ќе биде дел од сите аспекти на нашето работење - од помагање на заедницата во која живееме и работиме, до грижата за нашите вработени, како и модернизација на инфраструктурата и почитување на сите стандарди, правила и закони во нашата земја. Во однос на донациите, една од областите каде што поинтензивно ќе донираме следната година е здравството, а што се однесува до спонзорствата, во нашиот фокус ќе останат спортот, културата и музиката. Општествената одговорност е новата реалност на деловното работење, која треба и мора да ја прифатиме.  
Слично

Поврзани вести