ИНТЕРВЈУ КОЦАРЕ: Во шпедитерскиот бизнис има место само за квалитетот!
За жал, сè уште има шпедитерски компании кои имаат малку лиценцирани царински застапници, што наведува на тоа дека царинските работи ги извршуваат нелиценцирани работници. Исто така, постојат компании кои што работат организација на превоз во патен сообраќај, иако не поседуваат соодветна лиценца вели во интервјуто за Фактор првиот човек на „Виатор и Вектор“ Владо Коцаре. Коцаре е човек кој над 30 години е во овој бизнис , ги опсервира проблемите, но и нуди решенија со оглед на фактот што повеќе години е прв човек на една од најголемите шпедитерски куќи во Макeдонија .
Фактор: Каде во моментот по нивото на квалитет на услуга и висина на цена се наоѓаат македонските шпедитери наспроти конкуренцијата од регионот?
Коцаре: Сметам дека водечките шпедитерски куќи во Република Македонија стојат значително подобро во споредба со квалитетот на шпедитерските услуги што се нудат во соседството. Кога е во прашање цената, нашите услуги се значително поевтини, особено во однос на цените на шпедитерскиот пазар во земјите на ЕУ односно Грција и Бугарија каде цените за иста услуга се неколкукратно повисоки. Сето ова заедно, нè прави конкурентни во еден поширок регионален контекст. Лично верувам дека полноправното членство на Република Македонија во ЕУ, кога и да се случи, нашата фела ќе го дочека подготвена и без поголеми екстерни шокови.
[caption id="attachment_190075" align="alignright" width="441"]
Управувајќи со складиштето од 5.000 м2 и 18 логистички специјалисти нудиме складирање, манипулација, претовар и други услуги со додадена вредност (препакување, етикетирање, одбележување на стоките, сортирање и сл.)[/caption]
Фактор: Од услугите кои ги нуди Виатор и Вектор доо Скопје кои според Вас се издвојуваат од конкуренцијата и Ве прават да бидете интересни за клиентите?
Коцаре: Виатор и Вектор доо Скопје, како компанија со долгогодишна традиција во извршување на овие услуги, не преферира ниту еден пазарен сегмент, ниту е тесно специјализирана само за одреден тип на услуги. Заради тоа нашата компанија нуди комплетни логистички решенија и тоа: царинско застапување на сите видови царински постапки, транзитно работење вклучително и новиот компјутеризиран транзитен систем, избор на транспортни средства и организација на секаков вид на транспорт, збирен транспорт и осигурување на стоките. Управувајќи со складиштето од 5.000 м2 и 18 логистички специјалисти нудиме складирање, манипулација, претовар и други дополнителни услуги со додадена вредност (препакување, етикетирање, одбележување на стоките, сортирање и сл.). За одбележување се услугите на припремање на стоките по продажни налози на ниво на палета и кутија, дистрибуција на стоки низ Македонија како и повратна логистика на амбалажа или готов производ.
Нашите вработени, со своето акумулирано знаење и искуство во извршување на логистичките услуги, ја создаваат клучната предност пред конкуренцијата. Благодарение на стручноста и посветеноста на сите вработени, во можност сме да понудиме интегрирани логистички решенија прилагодени на компаниите во зависност од нивните потреби и стопанската гранка на која припаѓаат.
Фактор: Кој сегмент од шпедицијата е во фокусот на интерес на Виатор и Вектор Скопје?
Коцаре: Виатор и Вектор доо Скопје е компанија која нуди комплетни логистички решенија и тоа: царинско застапување, транзитно работење, организација на секаков вид на транспорт, складирање и дистрибуција. Но, сепак наша предност е што компанијата има долгогодишна традиција за извршување на логистички услуги и акумулирано знаење во оваа област, па поради тоа нашата услуга е прилагодена на специфичните потреби на нашите купувачи. Виатор и Вектор доо Скопје нуди адекватна понуда за секој наш клиент со обезбедување специфични услуги на креирање на интегрирани логистички решенија, избор на транспортни средства, организација на секаков вид на транспорт, збирен транспорт на стоки, пакување и препакување на стоките, складирање и дистрибуција. Мислам дека тие компании кои традиционално соработуваат со нас најдобро можат да потврдат како Виатор и Вектор Скопје се грижи за интересите на своите коминтенти.
[caption id="attachment_190076" align="alignright" width="443"]
Заедно со нашите партнери располагаме со 5 дистрибутивни центри во Минхен, Дизелдорф, Братислава, Белград и Скопје со вкупна површина од 90.000 м2.[/caption]
Фактор: Каква е моменталната состојба со сегментот на збирниот транспорт и збирните пратки?
Коцаре: Во денешно време, во услови на зголемена конкуренција кога компаниите водат сметка за намалување на трошоците во сите сегменти, како и за оптимизација на залихи на репроматеријали, готови производи и обртни средства, збирниот транспорт добива сè повеќе на значење. Без сомнение, збирниот транспорт нуди бројни поволности за клиентите, но бара огромна експертиза од страна на организаторот и развиена мрежа на соработници во странство. Како една од најстарите шпедитерски компании во Македонија, со реноме стекнато низ годините, соработуваме со неколку водечки логистички компании од Европа и регионот. Во соработка со нашите партнери нудиме превоз на збирни пратки преку нашите редовни збирни линии од и до Западна, Централна и Источна Европа како и преку редовните збирни линии од Македонија до Балканските држави и vice versa. Заедно со нашите партнери располагаме со 5 дистрибутивни центри во Минхен, Дизелдорф, Братислава, Белград и Скопје со вкупна површина од 90.000 м2.
За нашиот збирен транспорт карактеристични е тоа што редовните збирни линии се со точно утврдени термини на поаѓање и пристигнување, преземањето на збирните пратки од било која држава се одвива во рок од 24-48 часа по добивање на нарачка за превоз, транспортот е од врата до врата, а испораката е навремена и точна.
Фактор: Многу македонски граѓани купуваат половни камиони, отвораат фирми во Бугарија и реализираат транспорт низ земјите на Европската Унија. Како одлични познавачи на транспортниот бизнис, кое е вашето мислење “има ли бизнис во овој бизнис”?
Коцаре: Трендот на отворање фирми и регистрирање на товарни возила во Бугарија е присутен веќе подолг период. Македонија е мал ограничен пазар, ликвидноста на стопанството е ниска, валутите на плаќање се премногу големи од 60 до 120 дена и со тоа многу превозници се доведени на раб на одржливост. Пред сè, обртните средства (гориво, патарини, одржување, регистрација, плати, дневници) транспортерите мора да ги подмируваат на месечно ниво. Македонија сè уште не е дел од Европската Унија, па од тука и прописите за возење во европските држави се лимитирани за македонските возила, а секако ограничувачки фактор се и мерките кои се применуваат при влез или транзит на одредени стоки во секоја држава (ветеринарни, санитарни, фито и др.).
Сето ова влијаеше како акцелератор на отварањето на фирми во Бугарија и регистрирање на возила во ЕУ. Во почетокот, овој тренд секако дека генерираше убав профит за превозниците, но како секоја атрактивна дејност привлече преголем број на превозници, што доведе до намалување на цените на превозот. Мое мислење е дека сè уште има интерес во овој тип на превоз, но сега профитот е далеку помал. Меѓутоа, навременото плаќање и редовните приливи како и стабилната и константна работа што ги нуди работењето во Европа, сè уште се привлечни за голем број транспортни компании.
Р.Ф.
