Интервју Колозова: Граѓаните покажаа поголема моќ на мобилизација и од власта и од опозицијата!
Македонија ќе остане заложник на партиските елити сè додека не изгради силно граѓанско општество. Благодарение на Студентскиот пленум, посведочивме дека автентични граѓански иницијативи во Македонија се можни и дека во својата автентичност покажуваат поголема моќ на мобилизација од партиите, вели во интервју за Фактор проф.д-р Катерина Колозова. Според директорката на Институтот за општестевни и хуманистички науки Пленумите, хонорарците, движењето за одбрана на Кежаровски докажаа дека граѓанското општество во Македонија не е способно само за протест ами и за стратешки обмислено и истрајно дејствување.
За Колозова, разочарувачки е што опозицијата не покажа поголема визија од „обелоденување скандали“ со што повеќе би се наметнала на политичката сцена доколку целта и е да го порази својот политички ривал. „Сметам дека со неверојатната контрола врз медиумите и судството, власта може да го амортизира секој ефект од т.н. „бомба.“ Од друга страна, ако СДСМ нема ништо суштинско да понуди како политичка визија – политичката сцена нема значајно да се смени “ , посочува универзитетскиот професор по филозофија, општествена културна теорија и родови студии.
На прашањето на Фактор, дали Македонија живее уште под мотото на Цепенков „Тој што ја кажува вистината, тешко останува жив“ , Колозова со став: „Преголемата плашливост да се изусти негодување и да се застапува сопствениот интерес не доведе во ситуација за која не може да е одговорна само власта. Не смее да има никакво оправдание за запоставувањето на граѓанската должност да се протестира. Формирањето на Граќанското движење за одбрана на Македонија Колозова е резултат на партиски диктат кадешто неколку личности се преправаат дека од автентична лична засегнатост влегле во одбрана на „нешто“. „Мој впечаток е дека единственото што го заштитуваат се нивните наредбодавци и сопствените кариери.
разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Штрајкот на СОНК е ставен во мирување. Владата и покрај првичната решителност, сепак одлучи да повлече од намерата за измени во Законот за високо образование, се пролонгира и полагањето на државниот испит. Како гледате на ваквото владино маневрирање ?
Колозова: Јас би ја отфрлила реториката која упатува на тоа дека сите процеси во општеството се раководени од некаква инстанца на семоќен господар (Владата) која секој потег го влече заради некаков маневар во сопствена полза. Со претпоставката дека Власта (и тоа составена од која и да е политичка гарнитура) не може никогаш да биде допрена од отпорот на притисокот, дека дури и ни за влакно не потклекнува на граѓански притисок, ја зацврстуваме и засилуваме претпоставката дека нејзината семоќ е непорозна. СОНК со својот делумно успешен штрајк очигледно направи доволен притисок за Владата да мора да направи отстапки. Па така, ова не го разбирам како маневрирање туку како логичен резултат на решеноста на СОНК да истрае со штрајкот, како и на засилувањето што го доби со појавата на наставничкиот и средношколскиот пленум и нивната најава за генерални протести.
Фактор: Македонија подолго време се наоѓа во статус кво позиција на политички, економски, па и на културен план. Од осамостојувањето па до денес со државата главно раководат две партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Дали македонските граѓани се заложници на теснопартиските и лукративни интереси на одредени политичките и бизнис елити?
Колозова: Одговорот на ова прашање се надоврзува на претходниот. Македонија ќе остане заложник на партиските елити сè додека не изгради силно граѓанско општество. Оваа година, првенствено благодарение на Студентскиот пленум, посведочивме дека автентични граѓански иницијативи во Македонија се можни и дека во својата автентичност покажуваат поголема моќ на мобилизација од партиите. Пленумите, хонорарците, движењето за одбрана на Кежаровски докажаа дека граѓанското општество во Македонија не е способно само за протест ами и за стратешки обмислено и истрајно дејствување.
Фактор: Во едно интервју ќе речете „ Немаме храброст да влеземе во научна полемика“. Дали ваквиот заклучок го извлекувате од молкот и воздражаноста да се искаже став по одредено прашање од страна на професорите, академиците,. интелектуалците..?
Колозова: Ова е извадок од постаро интервју. Забелешката е системска и се однесува на фактот дека нашата научна сцена се провинцијализира со тоа што она што оригинална македонска научна продукција не се изведува на светскиот мегдан на идеи на кој може да направи не само „импакт“ туку и вистински потреси. Еве пример од мојата област: преводот на Аристотеловата Поетика на Михаил Д. Петрушевски претставува револуционерен пресврт во светската хуманистика за која светот скоро ништо. Страдањето од комплексот на провинцијалци не ни овозможува да мислиме дека Македонија може да влезе во светската полемика на идеи за Аристотел.
Се однесуваме како да треба да се „извезуваме“ единствено како фолклор. А дури ни тој извоз не постои бидејќи основниот предуслов не е исполнет: учество на меѓународни конференции на кој ќе ги претставиме своите трудови, ќе влеземе во полемика и ќе се вмрежиме. Објавувањето на трудовите (не само статии ами и книги) кај реномирани меѓународни издавачи треба да произлезе како природна последица на активното учество на меѓународната академска сцена а единствениот релевантен облик за тоа е – меѓународни конференции и симпозиуми.
Фактор: Се формираше Граѓанско движење за одбрана на Македонија зад кои застнаа порфесори, режисери, актери, интелектуалци кои се загрижени за за иднината на државата. Ја разбирате ли целта на Здружението, кого ќе бранат и од кого? Не демнеат ли непријатели кои не и мислат добро на Македонија?
Колозова: Искрено, нивната појава мене ми е комична. Таа псевдо-иницијатива ја гледам како резултат на партиски диктат кадешто неколку личности се преправаат дека од автентична лична засегнатост влегле во одбрана на „нешто“. Мој впечаток е дека единственото што го заштитуваат се нивните наредбодавци и сопствените кариери потпомогнати од истите тие наредбодавци.
Фактор: Живее ли Македонија уште под мотото на Цепенков „Тој што ја кажува вистината, тешко останува жив“?
Колозова: Да, и проблемот е токму во оваа заблуда. Преголемата плашливост да се изусти негодување и да се застапува сопствениот интерес не доведе во ситуација за која не може да е одговорна само власта. Не смее да има никакво оправдание за запоставувањето на граѓанската должност да се протестира, да се изрази мислењето и да се инсистира на своите барања. Ова е должност дословно, а нејзиното запоставување претставува морален и политички срам кој не смее да се правда со сопствената плашливост. Плашливоста како принцип на живеење е конформизам и соучесништво во создавањето на истиот тој систем за кој се жалиме дека нè потчинува.
Фактор: Каде е основниот дефект во македонската демократија. Дали од осамостојувањето до денес ние имаме позначајна група на луѓе кои се посветени на демократијата ?
Колозова: Мислам дека на ова прашање веќе одговорив: во преголемиот конформизам кој сè до појавата на пленумите - и нивните значајни претходници како „Стоп на полициската бруталност“ и „Аман“ – кој ја поткопуваше секоја можност за влијателно и креативно дејствување на еден вистински граѓански сектор.
Фактор: Какви се според Вас проценките, што може да се очекува на политичката сцена по најавата на СДСМ дека ќе ги објави инкриминирачките материјали за актуелната владејачката гарнитура?
Јас немам некој изграден став во однос на ова прашање. За мене е разочарувачки дека опозицијата не покажа визија поголема од „обелоденување скандали“ за тоа како да се наметне на политичката сцена и да го порази својот политички ривал. Постојаното себевиктимизирање, пасивизирање за да ја направи видлива репресивната природа на власта е според мене погрешна тактика на политички субјект. Политичкото го разбирам како агон или борба (во смисла на радикалната демократија на Лаклау и Муф) во кој треба да се случува постојан судир на идеологии. Неолибералната техноратизација на политичкото можеби има свој удел во намалувањето на агонистичката димензија во политичкото не само во Македонија туку и во остатокот на Европа, но не до степен на поништување на судирот на различни визии за општеството. Сметам дека, со неверојатната контрола врз медиумите и судството, власта може да го амортизира секој ефект од т.н. „бомба.“ Од друга страна, ако СДСМ нема ништо суштинско да понуди како политичка визија – политичката сцена нема значајно да се смени. Според мене, Македонија веќе не е иста откако се појави студентското движење и тоа е вистинскиот општествен пресврт што го доживеавме во изминатата деценија и нешто.
Проф. д-р Катерина Колозова спроведувала докторски истражувања на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта и EHESS и College de France во Париз а својата докторска теза ја одбранила на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ . Таа е визитинг професор на Универзитетот Американ Колеџ-Скопје, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ , Факултуетот за медиуми и комуникации - Белград. Своите постдокторски истражувања ги спроведувала на Универзитетот Беркли-Калифорнија, под супервизија на Judith Butler. Автор е на кнгата „The Cut of the Real: Subjectivity in Poststructuralist Philosophy“ во издание на Columbia University-New York (2014).
Слично
