ИНТЕРВЈУ КОЧО СТОЈЧЕСКИ: „Панорама“ хотел и спа оствари добивка во корона - кризата, Крушево го враќаме на туристичката мапа
Тим од швајцарски експерти на компанијата GFC Sports Management AG предводени од светскиот шампион во планински велосипедизам Ралф Неф минатата недела во Крушево го анализираа потенцијалот и во моментов креираат план за градење на велосипедски патеки на терените во Крушево. „Панорама“ хотел и спа и сопственикот Кочо Стојчески имаат амбициозен план да го додадат планинскиот велосипедизам во туристичката понуда на регионот.
Иницијативата за изготвување на велосипедски патеки по меѓународни стандарди за планински велосипедизам е на Ски центарот Панорама и Хотел Панорама Спа Крушево, со цел дополнување на постоечката туристичката понуда и промоција на активниот туризам во Крушево. Проектот се реализира со поддршка на Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка.
Стојчески пред медиумите, активисти од вело-заедницата и гостите од Швајцарија потенцираше дека целта на оваа и останатите инвестиции на компанијата се да се обезбедат што повеќе содржини во Крушево за туристите во градот и Македонија. По завршувањето на мастер-планот, „Панорама“ ќе изгради четири патеки за планински велосипедизам во близина на Крушево.

Ланската сезона мина слабо за туристичкиот сектор со оглед на пандемијата. Колкава е цената што туристичкиот сектор ја плати? Од друга страна, кои се последиците за хотелиерите? Вие претходно на прес-конференцијата рековте дека годината, што помалку е неочекувано за македонски услови, сте ја завршиле со добивка.
Стојчески: Крушево е таков вид на дестинација во Македонија и хотел Панорама ја зголеми понудата за овој крај. Хотел Панорама од многу посетители е оценуван со највисоки оценки и пандемијата колку што ни отежна во работењето, толку и ни донесе наши гости за да го запознаат Крушево и да ги посетат нашите капацитети. Сето тоа влијаеше од една страна негативно затоа што бевме исклучени од странските туристи, но од друга страна беше позитивно поради тоа што нашите туристи, неможејќи да патуваат надвор од државата, ги искористија можностите да дојдат и да го посетат Крушево. Како што веќе спомнав, месец август минатата година, имавме 93,5 проценти исполнетост на капацитетот, што е реткост за кој било хотел, не само во Македонија, туку и пошироко. Месеците, кога се работеше, беа енормно добри. На крајот на годината успеавме хотелот да одржи позитивен биланс.
Кога повторно започна со работа Хотел „Панорама“? Долго време овој капацитет не беше функционален и покрај тоа што локацијата нуди огромни можности.
Стојчески: „Панорама“, реновирана ваква каква што е, работи од декември 2018. Паузата на неработење на хотелот беше од 2009 до 2016. Потоа со нашето купување и реновирање, исто така, еден период не беше во функција.
Поддршка имате од Швајцарската агенција за развој и соработка во рамки на нивната Програмата за зголемување на пазарната вработливост. Како стапивте во контакт? Како и колку ќе помогнат Швајцарците и кој е нивниот интерес, односно што би добила „Панорама“ за возврат?
Стојчески: Ние имаме соработка со програмата која е финансирана од швајцарската влада. Пред отворањето на хотелот, тие испратија нивен експерт - советник од нивната влада во делот на хотелиерство, кој имал 50 годишно искуство во оваа дејност, за да ни помогне во поставувањето и во обуката на персоналот. Ние аплициравме во Swisscontact за да го искористиме нивното know how. Кој е нивниот дел од соработката? Тие го плаќаат експертот кој доаѓа за да ни помага нам, а сите други трошоци ги покриваме ние. Тоа за нас е многу голема помош од Swisscontact од причина што ретко во Македонија, речиси и да не може, да се најдат такви луѓе кои имаат толкаво знаење и искуство во областа. Но тие немаше да бидат тука ако не добиеја гаранции дека се работи за сериозен партнер, а сето тоа го гарантираше Амбасадата на Швајцарија. Во тој дел ние ќе ја продолжиме соработката со нив и понатаму. Ова е само почеток, ние и понатаму со мастер-планот ќе го промовираме Крушево како дестинација за планинскиот велосипедизам, односно за маунтин бајк туризам.Што покажуваат првичните анализи? Ќе привлече ли планинскиот велосипедизам поголем број на туристи во овој туристички центар? Очекувате ли помош на ниво на централната или локалната власт?
Стојчески: Искуството до сега покажа дека треба да се насочиме исклучиво на нашите ресурси. Ние само ќе ги изградиме велосипедските патеки, а државата ние потребна само да ни даде поддршка со тоа што нема да ни забранува да го користиме природното богатство, бидејќи сепак тие патеги ќе се протегаат на територијата на државата. Ние тука не очекуваме проблеми, затоа што се работи за проект од општ интерес. Нема закон во Македонија со кој би се регулирало тоа. Ако тоа значи нешто, ние еве можеме да помогнеме и да иницираме изработка на таков пропис, односно закон и за адреналинскиот парк и за велосипедските патеки.

Покрај Хотел Панорама Спа Крушево, раководите и со Ски-центарот Панорама? Во каква состојба е ски-теренот и дали таму има активности?
Стојчески: По нашата завршена инвестиција со Хотел Панорама во 2018 година, во 2019-та го превзедовме и ски-центарот во Крушево. За прв пат на лето се случува во Крушево да работат и жичарниците и ски-лифтовите. За прв пат сакаме да внесеме некоја друга понуда која нема да зависи од временскиот фактор. Знаеме дека со глобалното затоплување границата на снежните наноси се поместува и планини за скијање сега се сметаат оние со надморска висина над 1.800 - 2.000 метри. Крушево во некоја сезона може да има снег, но некогаш знае и да нема. Изминатата зима центарот работеше, но само две-три недели, колку што имаше снег. Затоа и на лето сега на ски-лифтовите може да се користат триколки, кои глобално се викаат Go-Kart. Тие веќе се во употреба и се придвиќуваат со помош на ски-лифтот. Тие не користат моторно гориво затоа што особено внимаваме на заштитата на животната средина. До крајот на јуни ќе започнат со работа адренализнксиот парк и зиплајнот.

Кои се вашите очекувања од туристичката сезона оваа година, општо земено во Македонија?
Стојчески: Ковидот не научи дека овој тип на outdoor активности се неопходни за новиот начин на живеење. Во целата несреќа што го снајде целиот свет, имаме едно позитивно светло на крајот на тунелот, а тоа е што ние одбравме да инвестираме во тој тип на активности. Сметаме дека годините што престојат, не само оваа, во пост-ковид ситуацијата ќе бидат многу подобри и многу повеќе луѓе ќе се посветат на активниот туризам, што ние тоа и го препорачуваме.
Александар Кузмановски
