Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Кнаус: Македонија мора да излезе од политиката на самодоволност и изолација

ИНТЕРВЈУ Кнаус: Македонија мора да излезе од политиката на самодоволност и изолација

Поопасно од европскиот радикализам е отсуството на јасна концепција како да се продолжи со проектот за обединета Европа на заеднички вредности. Тенденциите на сепаратизам во Унијата го стимулираат евроскептицизмот и кај кандидатите за членство. Македонија мора да излезе од оваа пат-позиција на изолација. Ви треба економско - социјален развој за иднината на младите генерации кои сакаат и претендираат кон отворени општества, слобода на мислење и конкуренција на вредности, оценува во интервју за Фактор Гералд Кнаус, извршниот директор  на Европската иницијатива за стабилност. Тој  не сака да прејудицира дали Брисел ќе ù ја одземе препораката за почетокот на преговори  на Македонија со ЕУ.  

Фактор: Постои ли опасност Македонија да ја изгуби препораката за почетокот на преговори со ЕУ и кои би биле причините за таква одлука да биде донесена од страна на Брисел?

Кнаус: Не знам точно каква одлука ќе биде донесена во однос на иднината на Македонија. Но  мислам дека одлуката за вашата земјата ќе биде донесена од новиот состав на  Европската комисија кој ќе биде познат во септември. Се надевам дека до тогаш ќе има и одредени нови моменти во однос на спорот со името.

Прерано е да се каже дали Брисел би донел таква одлука за одземање на препораката за почеток на преговори со ЕУ. Сè уште не е избран новиот претседател на Европската комисија, а не е формиран ниту нејзиниот нов состав. Постои дебата за оспособеноста на претендентите за членство,  која мислам дека не е многу корисна. Мислам дека она што е потребно е не да се повлече препораката, туку да се истакнат правата и обврските, но од аспект на Европа со отворени врати. Мислам дека ЕУ треба подобро да си ја заврши работата со тоа што јасно ќе ги прецизира условите за секоја област, идентични критериуми, не само за Македонија. Важно е да не се прави дискриминација, туку истите услови да важат за Албанија, Македонија, Србија, Турција.

Фактор: Досега се очекуваше европеизација на Балканот, но сè помодерен слоган е балканизација на Европа. Дали по овие тенденции и во Македонија е загрозена функционалната и мултиетничка демократија?

Кнаус: Имаме голем број мултиетнички демократии. Сега има често избори, со различни идеолошки и етнички коалиции владеат во повеќе земји. Во Македонија е проблем тоа што земјата и понатаму останува изолирана. За една држава никогаш не е добро подолг период да биде (само)излолирана. Случајот со Македонија ми е сосема познат, проблемот  со кој се соочувате со Грција и тој треба да биде решен.

Но потешкотии има и во вашата развојна економија, која уште е слаба. Македонија треба многу повеќе, подинамично и посеопфатно да направи развоен план за перспективите на младите во нејзиното општество, но и да им создаде услови да се приклучат во сите европски мрежи. Мултиетничката демократија во Македонија е можна, но за да функционира  добро државата треба да биде социјално-економски просперитетна. Мора да најдете начин да излезете од  политиката на самодоволност во која е западната земјата. Имате стагнација и влошување на гаранциите за индивидуалните слободи и правната сигурност на луѓето, а можам да оценам дека е неопходно да се работи и на подобрување во незвисноста на судскиот систем, критичноста во медиумската сфера, како и  департизирање  на администрацијата и јавниот живот.

Фактор: Во Европа паралелно се развиваат евроскептицизмот и кај членките на Унијата, но и кај земјите кандидати за прием. Каков би можел да биде одговорот на Брисел на растечкото влијание на приверзаниците на радикализмот, па и неофашизмот?

Кнаус: Многу е важно да се биде прецизен во однос на тоа што се случи - сите гласања, пред сè огромното зголемување на добиените гласови  за радикалната десница во Франиција, за тамошниот Национален Фронт на Ле Пен. Во другите земји, на пример Холандија или Источна и Централна Европа, успехот на  радикалите е помал во однос на претходните избори. Всушност, кога разговараме за издигнувањето на радикалната десница, големата приказна е Франција. Во Велика Британија, партијата на евроскептиците УКИП, е специфична островска приказна каде традиционално се одржува евроскептицизмот.

Во реалноста, загрижува зголемувањето на недовербата во однос на процесот на проширување кај водечките партии, не кај радикалната десница. Што се однесува за Балканот, факт е дека се повеќе демохристијани и социјалдемократи во Европа се скептични за проширувањето на ЕУ кон регионот. Јас не мислам дека радикалната десница ќе има поголемо влијание во однос на европската иднина на земјите аспиранти, споредено со  тоа што го имаа до сега.

Фактор: Од што се храни идеологијата на крајната десница? Дали стравот од странците е оживување на концептот на етнички чисти држави или супремација на мнозинското население ?

Кнаус: Мислам дека имаме три различни извори за издигнувањето на радикалната десница онаму каде што успеа, потребно е индивидуално да се анализира секоја земја. Австрија е многу богата денес со ниска невработеност  и сепак има силна радикална десничарска партија и всушност тоа е партија на тие кои се против глобализацијата. Отворањето кон надвор, со прием на голем број на странци кои живеат во Австрија, нивната разноликост, толеранцијата кон различни животни стилови, традиции, правата на хомосексуалците влијае врз состојбите во таа држава. Интересно е што радикалните десничарски партии во Европа, Националниот Фронт, Партијата на Нардоните Австријци, ЈОПИК во Унгарија се поистоветуваат со Русија кога станува збор за теми како правата на хомосексуалците. Нивните приврзаници кон Путин гледаат како бранител на традиционалните европски вредности. Она што го имаме во Западна Европа се граѓани кои не се економски нестабилни, социјално несигурни, но кои чувствуваат дека на културно ниво нивното општество станува се поразнолико и тоа не им се допаѓа. Тие луѓе имаат подршка, но немаат програми како да се одговори на растечкиот бран емигранти. Радикалната десница, т.е. стратегиите кои се предложени се екстремно празни и деструктивни. И јас мислам дека доколку, како во  Холаднија, традиционалните партии имаат силни политики, радикалната десница може да биде повторно победена.

Фактор: Како Европа се снаоѓа со предизвиците од ново геостратешко позиционирање. Дали се формираат нови форми на глобален биполаризам. САД и ЕУ од една, Русија и Кина од друга страна?

Кнаус: Не мислам дека Русија и Кина се сојузници. Постои  многу  голема недоверба во источниот дел на Русија и во Сибир кон политиката на Кина. Постои нова поларизација во Европа, меѓу властите во Москва кои сè поотворено се изјаснуваат против Брисел и земјите-членки на ЕУ. И ова се разбира е голем проблем за државите растргнати меѓу ЕУ и Русија, пред сè Украина, Кавказија. Москва, всушност е во многу слаба позиција, може да направи голема штета,  што се уверивме и со случувањата во источна Украина, но кога тие имаат слободни избори, огромното мнозинство Украинци гласаа за про-европската насока. Ќе видиме што ќе се случи во Молдавија. Истото го видовме и во позицирањето на Грузија. Сите овие земји во однос на визната либерализација, трговската размена се насочени кон Западот, а не спрема Истокот. Главната причина е што Русија нема многу што да им понуди. Всушност, таа е енергетска база, нафта и гас, но земја со многу слаба конкурентна економија. На политички план официјална Москва ги потиснува правата на слободите на своите граѓани и се чини дека се плаши од развојот на големи словенски демократии,  како Украина.

Фактор: Се поголем број на политички филозофи ја истакнуваат потребата од враќање на белезите на национална држава и нејзиниот суверенитет во рамките на  ЕУ. Дали е тоа опасност за појава на сепаратизам како реакција на централизација на Унијата?

Кнаус: Во моментот во Европа постојат различни тенденции. Подоцна годинава ќе имаме еден рефередум за шкотската независност. Останува да видиме што ќе одлучи со овој дел од Обединетото Кралство.  Така што , „да“, ние гледаме сепаратизам, но тој е во европска рамка. Шкотска сака да се оддели од Обединетото Кралство, а нејзините националисти сакаат да се осамостојат и веднаш да останат во ЕУ. Истото се случува и во Каталонија. Некои од сепратистичките тенденции кај членките на Унијата се предизвикани одвнатре, но она што ја поедноставува ситуацијата е дека  постои европска рамка и никој не сака да излезе од нејзиниот чадор.

Горазд Чомовски

Слично

Поврзани вести