ИНТЕРВЈУ КИМ МЕХМЕТИ: Македонија одамна е тргната низводно, дали ќе исплива на брегот?
Шеста по ред препорака за преговори за членство во Европската Унија, но во пакет со сериозни критики на адреса на судството, јавните финансии, слободата на медиумите, а свое место најдоа и меѓуетничките односи. “Да не добиете датум по толку години, тоа значи дека на некој начин вие сте изгубиле скоро се што се подразбира под сериозен кандидат за зачленување во ЕУ“, вели за “Фактор“ аналитичарот Ким Мехмети.
Фактор: Годинава официјален Брисел на адреса на Македонија испрати Извештај со шеста по ред препорака за почеток на преговори, во пакет се сериозни забелешки, особено за судството и слободата на медиумите. Во кои сегменти според Извештајот на ЕУ може да се оцени дека има најголемо назадаување, односно кои критики според вас се најсериозни?
K.Мехмети: Во целина земено тој извештај говори за целосно назадување. Односно тој наликува на вреднување на ученик во кого сте полагале надежи дека бргу ќе унапреди, но за кого дополнително констатирате дека што повеќе расте, толку повеќе се гледа дека е недоветен да ги балансира амбициите со капацитетите што ги има. Накратко, се повеќе и повеќе се добива впечаток дека Брисел не знае како понатаму со Македонија и како да и се помогне на држава која е предводена од политички елити кои интересот на партијата го ставаат над тој на државата, која ја управуваат политички елити кои доброто на своите партии го изедначуваат со тоа на народот и државата, политички елити кои политиката ја сфатиле како највносен бизнис, партиски структури кои владеат по начелото дека државата е “компанија“ на добитничките партии па отука ним им припаѓа се, а на останатите ништо.
Фактор: Клучната реченица на еврокомесарот Филе беше дека Македонија е во “ќорсокак“. Главната причина повеќе не е само името, туку и назадувањето во клучните сегменти кои ја дефинираат демократијата. Меѓу нив се најдоа и меѓуетничките односи и отстуството на анализа за тоа кои се ефектите од Рамковниот договор, документ кој треба да биде гарант за одржливи меѓуетнички односи.
К.Мехмети: Проблемот е во тоа што веќе скоро никој не знае и што нашите политичари подразбираат под реализација на Охридскиот Договор. Рамковниот договор одамна е толку обесмислен што се повеќе и повеќе поприма идеолошки димензии од стилот на „револуцијата која тече“ а од кој имаат полза само „револуционерите“ – политичарите. Едноставно кажано, Рамковниот договор е покојник кого нема кој да го погребе, кого не го погребуваат затоа што и неговите посмртни остатоци им носат полза на овдешните владеачки структури, посебно на овдешните албански партии кои овој Договор сега го чуваат како јавно изложена „мумија“ која одвреме-навреме му ја прикажуваат на нардот како “реликт“ што ја чува Македонија од уроци.
И овој договор им донесе придобивки само на активистите на ДУИ, кои иако млади, примаат „пензија“ без да одат на работа, но за да се бават со партиски активности. Односно овој Рамковен Договор на најдобар начин ја одразува стварноста дека станува збор за неодговорни политички елити, кои лесно потпишуваат договори, но затоа што знаат дека нема да ги спроведат. И кои потпишуваат се за да купат време и да продолжат да градат две држави во една: рајската Македонија во која живеат властодршците и нивните полсушници, и пеколната Македонија во која живееме ние останатите. ако и да е, недостигот на доверба меѓу заедниците преовладува.
Фактор: “Тензиите лесно може да се поттикнат со погрешно толкување на настани или инциденти, како што беше случај по изборите во април годинава,“ се вели во Извештајот на ЕУ. Во исто време комисијата оценува дека треба да се градат односи на меѓусебна доверба. Дали меѓуетничките односи повторно стануваат слаба точка? Зошто?
К. Мехмети: Меѓуетничките односи во Македонија денес се таму каде што беа во 1990 година а можеби и потаму од годините кога се расправавме чија е Македонија. Но со таа разлика што сега е зајакнато братството и единственото меѓу владеачките партии, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Ако извршите една подлабока анализа ќе откриете дека никогаш порано не се сложувале до овој степен партиите од владината колаиција, но исто така, дури и во времето на социјалзмот, Албанците не се чувствувале толку потценети и презрени. Тврдам дека Албанците од Македонија никогаш не се чувствувале толку инфериорни и понижени како од овој режим.
Фактор: Зошто мислите дека е тоа така?
К. Мехмети: Па, причината е многу едноставна - затоа што тие никогаш немале ваква слаба политичка структура која нив ги застапува. Отука Албанците се повеќе и повеќе се чувствуваат незастапени во државните институции. Се чувствуваат така оти во тие институци се застапени само вазалите на ДУИ, а кон кои Груевски се однесува според правилото: поевтино е да платиш скапо стотина Албанци, одошто на цел еден народ да му го дадеш тоа што му следува. Со што тој успеа непречено да го продолжи конфликтот од 2001, но со други средства – со споменици и поставување верски и историски „меѓници“ за поделба на територијата на Македонија по етнички бази. И нему му се брза „војната“ со споменици да ја заврши додека ги имаат за партнери овие „тупоглавите“ свои другари од ДУИ.
Фактор :Дали Македонија е пред опасност да ја изгуби препораката за преговори за членство во ЕУ?
К. Мехмети: Да не добиете датум по толку години, тоа значи дека на некој начин вие сте изгубиле скоро се што се подразбира под сериозен кандидат за зачленување во ЕУ. Отука, само слепиот и будалиот не може да види и да разбере дека кандидатскиот статус на Македонија не и се одзема не заради неа, туку за да се одбрани честа и угледот на тие што и го дадоа тој статус. Значи сега се во опасност да се „обрукаат“ тие што му ја дадоа „дипломата“ на еден „студент“ којшто не само што е неук, туку неспособен е да учи. Оттука, можеби на Македонија никогаш нема да и биде земен кандидатскиот статус, и тоа само за да се сочува угледот на тие што тој статус и го доделија, но таа веќе одамна е пуштена низводно и сите чекаат дали пливачот ќе се удави или ќе доплива до брегот што одамна му е понуден како единствен спас – ЕУ.
Р.Ф.
Слично
