Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Катерина Блажевска: Постои силен потенцијал за демократска пролет!

ИНТЕРВЈУ Катерина Блажевска: Постои силен потенцијал за демократска пролет!
Поларизацијата на „ние“ и „вие“, на „патриоти“ и „предавници“, е најголемиот пораз што елитите може да и го приредат на сопствената земја, оценува за Фактор новинарката Катерина Блажевска.  „Еуфоријата што завладеа по првиот протест на студентите, само покажа колку многу заспано и зачмаено било граѓанското општество, вели Катерина Блажевска. Според неа, обидот на власта да игнорира и други категории граѓани (не само студентите) при носењето одлуки без јавна дебата, ги разбудило сите од долгогодишната хибернација    „Власта веќе подолг период води политика која нема пропустливост и инклузивност за ставови поинакви од нејзините. Тоа создава атмосфера на исклучивост, отфрлање на различното гледиште, па дури и игнорирање на позитивната критика чии ставови не се некомпатибилни со владиниот курс,“ оценува Блажевска. Сепак Блажевска сите мерки на Владата не се лоши, исто како што не се и сите нејзини задолжувања добри. „Потребен е баланс, кој задолжувањата и расходите за несуштински активности ќе ги сведе на минимум, социјалната политика ќе ја зајакне до максимум, а даночните оптоварувања правично ќе ги распредели од врвот до дното од  приходната пирамида. Во спротивно и натаму ќе расте јазот меѓу богатите и сиромашните“.      Фактор: Дали Македонија е врамена со црно-бела слика, таков е речникот на политичките елити –или Украинско сценарио или нема меѓуетничка стабилност? Катерина Блажевска: Црно-белото не е ни рамка, ни слика, туку одамна востоличена суштина на општествената супстанца. Таа поларизација на „ние“ и „вие“, на „патриоти“ и „предавници“ и на „или-или политика“, е најголемиот пораз што елитите може да и го приредат на сопствената земја. И евентуалните „надворешни непријатели“ би се чувствувале како вишок пред ваква силна внатрешна конкуренција, која на перфиден начин со години ја догматизира политиката. Се додека едни ја растураат државата, други се чувствуваат повикани да ја спасат. Денес ми изгледа неверојатно што Македонија стигна да прокнижи повеќе од две децении самостојност, ако се има предвид шупливоста на таквата „платформа“, врз која политички авантуристи наизменично и мандатно ја тестираат нејзината издрживост, со матна навигација за трасата на нејзината иднина. Фактор: Дали поради критичките анализи се чувствувате  загрозени поради политичко-партиската посесивност- ако не си со ВМРО-ДПМНЕ тогаш си со СДСМ, ако го сакаш Тачи го мразиш Ахмети? Катерина Блажевска: Анализите не ги делам на критички и некритички, туку на аргументирани и сеопфатни и на нергументирани и еднострани, односно тенденциозни. Секој што во својата работа се определил за првата варијанта, на што го обврзува и Етичкиот кодекс, нема причина да се чувствува загрозен. Секако дека во атмосфера на комплетна поларизација е многу тешко да одржува таква професионална автономија, која со својот пристап и аргументација ниту припаѓа, ниту може да ја подведат „таму“ или ваму“. Но, токму тоа е и најголемиот предизвик - истрајноста да се остане на професионална дистанаца од разни политизации, од каде појасно се гледа големата слика со сите нијанси во неа. Ако еден новинар држи до професионалните принципи, друг пат, едноставно, не постои! Фактор: Колку новинарите се виновни за деградација на својот професионален и општествен статус? Катерина Блажевска: Во најголема мера вината ја носат новинарите, затоа што во изминатиот период губеа битка по битка, несвесни дека разните компромиси со професионалниот морал или кокетирањето со интересите на сопствениците на медиумите, еден ден ќе стигнат за „наплата“. И сега кога дојде тоа време, констатираат дека владее неслобода, цензура, автоцензура, страв, полтронство... Но, тоа се само последици. За причините требаше да се мисли многу порано. Нема новинар кој не се соочил со фактот дека не постои власт која не сака да наметне контрола врз медиумите. За жал, таа армирана новинарска брана од вакви притисоци не беше навреме изградена. Тоа што поединци сега се обидуваат со својот прст во холандски стил да ги затворат дупките во неа за да не се случи голема поплава, е потег без видлив ефект. Новинарството е веќе до гуша пропаднато во калта на неговото самоуништување, кое само им ја олеснува работата на властите за уште поперфидно да манипулираат со неговите професионални слабости и егзистенцијални проблеми.  Втор, голем проблем е што во медиумите последниве години влегоа многу т.н. вршители на должност - новинари, чиј заштитен знак е висок степен на неписменост, образовна и мисловна инфериорност и сервилна „супериорност“. Денес, токму тие се на прва фронтовска линија на националните концесионери, (не)свесни за своите професионални слабости, но уверени во партиските „доблести“ за кои работат! Фактор: Дали апсолутното парламентарно мнозинство ја заостри ароганцијата на власта која во одбрана на некои свои проекти често практикува дискредитација на поединци, слободно мислечки луѓе, нереспектирајќи ги добронамерните критики на бизнис заедницата? Катерина Блажевска: Власта веќе подолг период води политика која нема пропустливост и инклузивност за ставови поинакви од нејзините. Тоа создава атмосфера на исклучивост, отфрлање на различното гледиште, па дури и игнорирање на позитивната критика чии ставови не се некомпатибилни со владиниот курс, а нудат подобрување на ефектите од одредено решение. Тоа е поразително. Голем дел од јавноста се чувствува целосно исклучена од пристап до системот и до инструментите што треба да и го овозможат тоа. Овде се заборава дека на демократијата не е и својствена еднонасочна комуникација власт - граѓани, туку и обратно. Тоа е она што суштински ги разликува демократските земји од оние кои не се тоа. Фактор: Студентските протести како да ја вратија храброста по масовно и по слободно да се изразува сопствен став и дирекни критики адресирани до „Илинденска “. Дали е на повидок демократска пролет или подлабок политички зимски сон? Катерина Блажевска: Еуфоријата што завладеа по првиот протест на студентите, само покажа колку многу заспано и зачмаено било граѓанското општество. Обидот на власта да игнорира и други категории граѓани (не само студентите) при носењето одлуки без јавна дебата, ги разбуди сите од долгогодишната хибернација. На сцена имаме прво поголемо граѓанско будење, активирање на задолжницата кон власта, навестување крај на бланко-довербата, инсистирање на отчет, на дебата... Тоа будење во себе носи и силен потенцијал за демократска пролет. Во зависност од потезите на власта, од нејзината акција, ќе зависи и формата на граѓанската реакција. Ако власта ги крене своите спуштени институционални кепенци за дебата и за прифаќање и на други аргументи, таквата македонска пролет може да означи почеток на сериозна и искрен дијалог меѓу власта и граѓаните, за сите прашања од сферата на нивен интерес. Ако тоа не се случи, можно е пролетта да биде означена и со масовна и непрекината протестна мобилизација на севкупниот социјален капитал на земјата, против неинклузивните политики на власта.       Фактор: Дали 2015 година, во Македонија ќе завладее партискиот тероризам-да експлодираат бомби и бомбички.  Од каде потребата кај партиските елити за овој воинствен речник – со бомби, непријатели, сталинисти , тоталитаристи? Катерина Блажевска:  Јавниот речник подолг период наликува на „гемиџиски“. Етикетите за меѓусебна навреда не се нови, а постојано и упорно не потестуваат колку ниско може да биде нивото на политичка култура во јавната комуникација. Не знам зошто и пред објавувањето на партиски соопштенија задолжително не стои предупредување дека содржината може да биде вознемирувачка за лица до одредена возраст. И за оние со слабо срце. За жал, зад децибелите на таа вербална агресија, се крие само безидејност и нула учинок. Фактор: Дали Македонија во 2015 година ќе биде успешна економска приказна или држава пред банкрот? Катерина Блажевска: Зошто или - или? Постојано зборуваме дека ништо не е црно-бело, дека меѓу тие постојано нудени коти на два екстрема има некаква суштина што треба да се анализира, објасни и секако - да се подобри! Не се сите мерки на Владата лоши, исто како што не се и сите нејзини задолжувања добри. Потребен е баланс, кој задолжувањата и расходите за несуштински активности ќе ги сведе на минимум, социјалната политика ќе ја зајакне до максимум, а даночните оптоварувања правично ќе ги распредели од врвот до дното од  приходната пирамида. Во спротивно и натаму ќе расте јазот меѓу богатите и сиромашните. Кон тоа во голема мера ќе придонесат и дополнителните придонеси од хонорарите. За жал, Владата не отстапи од спроведувањето на таа одлука и веројатно брзо ќе се соочи со нејзините ефекти, но тоа нема да биде констатирање на бенефитите, туку пребројување на штетите.   Горазд Чомовски  Фактор, во серија интервјуа или пренесени ставови од дел од македонските новинари и уредници ќе се обиде да одговори на повеќе прашања што го тиштат македонското општество. Што добивме во 2014, а што очекуваме во 2015 година. Ги интервјуиравме или побаравме став од Катерина Блажевска, Мухамед Зекири, Мирка Велиновска, Драган Павловиќ Латас, Катарина Синадиновска, Мирче Јовановски. Нивните ставови ќе бидат објавени денеска (сабота 3 јануари).
Слично

Поврзани вести