Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Каролина Костадиноска, психотерапевт: Хистерично време-несреќни граѓани

ИНТЕРВЈУ Каролина Костадиноска, психотерапевт: Хистерично време-несреќни граѓани

Системот креира невротични граѓани, депресивен амбиент, а невротичните граѓани создаваат безперспективно општество.  “Во нашиот заглавен систем , граѓаните манифестираат симптоми  на ерозиран психо-имунитет, односно, страв, напнатост, немир, неизвесност, беспомошност,  депресија, очај, соматизација”. Ова дијагноза за македонската конфликтоност ја поставува еден психотерапевт. 

За Фактор, Каролина Костадиноска, специјалист по медицинска психологија и гешталт психотерапевт вели: “во услови на страв и грч, тешко може да се одговори на прашањето за смислата на животот и да се биде со оптимистична животна ориентација.  Моите клиенти, нашите граѓани се обраќаат за помош, бидејќи не чувствуваат никакво животно задоволство, возбуда, среќа, се чувствуваат исклучено од животот, анастезирани, само за да преживееме”.

На прашањето зошто на македонските лидерите им требаат гатачки Костадиноска подсетува дека само –“ дел од големите војсководци, кралеви и фараони во своите служби имале лични астролози и толкувачи на сонови со кои се консултирале при големи походи или во планирање на стратегии за водење на екомонијата на земјата во зависност од природните непогоди ( суши, поплави).

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор:  Очигледно е дека  стресот и  современиот начин на живот негативно влијаат  врз расположението на луѓе. Дали ова значи дека  живееме  во  општество  исполнето  со неизвесност и  страв ?

Костадиноска: Кога општеството како организам не функционира здраво, организмот на поединецот ја емитува неговата состојба на индивидуално ниво. Општеството и поединецот се во состојба на ко-креација. Тие не егзистираат сепарирано. Системот креира невротични граѓани, невротичните граѓани креираат невротско општество.  Според теоријата на Lewin, полето не е прост збир на делови, туку сите делови се во интеракција еден со друг. Кога има промена во еден дел од системот, таа се рефлекира на секој нејзин дел. Ако во еден дел имаме блокирање, тогаш тоа блокирање ќе се одрази на сите елементи и системот ќе заглави. Во нашиот заглавен систем, граѓаните манифестираат симптоми  на ерозиран психо-имунитет, односно, страв, напнатост, немир, неизвесност, беспомошност,  депресија, очај, соматизација. Посебно соматизацијата е сериозно присутна како симптом, телото страда и се уништува без доволно животна енергија. Во психолошки аспект, кога психичките одбрамбени механизми ќе попуштат или станат дисфункционални, стресот го напаѓа  телото. Бројот на акутни и хронични соматски заболувања е во значаен пораст. Во ситуација на “развојна колективна траума” која трае долго време, виталната енергија е парализирана, организмот нема доволно импулс физички и ментално здраво да реагира. Дефрагменираното општество се рефлектира како  индивидуално дефрагметирање. Дефрагметирана личност нема можност да ги употребува своите потенцијали, тие се оттуѓени , надвор од неа. Неизбежна е потребата од интеграција на сите делови кои ги поседуваме за да говориме за здрава психичка функционалност.   За да се справиме со траумата мораме да ја смениме позадината, тлото на кое се потпираме, значи општествената позадина. Многу млади граѓани се идентификуваат со терминот “right figure, wrong ground”, прилично здрав одговор на патолошкото општествено поле, тие си заминуваат од тука, одбираат друга позадина за себе.

Фактор: Депресијата претставува ментална болест која како ентитет вклучува чувство на тага, безнадежност и беспомошност, кои траат две или повеќе недели. Депресијата често е пратена со губиток на желбата за живот, намалена енергија, чувство на безвредност и тешкотија во вршење на секојдневните нормални активности. Дали поради неа не спаѓаме во европските среќни народи или пак (не)среќата не прави резервирани кон животниот оптимизам ?

Костадиноска: Депресивни граѓани не креираат среќно општество. Среќните општества имаат долга историја на работа на себе, тој статус не се купува како готов производ на пазар. Среќните општества нудат чувство на сигурност и поддржувачка политика на своите граѓани кои можат “безбедно да бидат среќни”. Кога единката живее во перманентна несигурност и неизвесност мал е просторот за среќа. Среќата значи да го пуштиш грчот од телото и да се опуштиш. Кога не си безбеден, опасно е да се опуштиш, нели ? А, во услови на страв и грч, тешко може да се одговори на прашањето за смислата на животот и да се биде со оптимистична животна ориентација.

Фактор: Ако одењето на психијатар или психолог порано беше табу-тема  и кон што многу  луѓе гледаа со резерва, денес е поинаку.  Според одредени податоци околу 600 луѓе дневно бараат помош. Зошто во континуитет расте бројот на граѓани кои бараат спас во центрите за депресија ?

Костадиноска: Бараат помош , бидејки не можат повеќе сами да се борат со хаотичната атмосфера. Им треба поддршка. Уморни се, долго трае бурата. Другиот момент е подигање на свесноста и топењето на предрасудите околу професионалната помош за менталото здравје, посебно на младата популација. Ако бројката е 600 лица дневно, тогаш нас ни треба цела армија психијатри и психолози за да ги задоволиме потребите на нашите граѓани. Не станува збор само за депресија која е кралица на национално ниво, туку рапидно расте бројот на анксиозни и панични растројства. Невротските заболувања повеќекратно се зголемија во последниве 7-8 години. Јас како професионалец за разлика од некој фризер не можам да кажам дека се радувам што имам поголем број на клиенти, бидејќи нивниот број за мене е индикатор за атмосферата надвор од терапевската соба.  

Фактор: Како го оценувате менталното здравје на македонските граѓани и дали се растргнати меѓу две спротивставени  реакции – апатија и агресија ?

Костадиноска: Ако ги споиме двата термина добиваме уште една дијагноза агитирана депресија. Но, ајде вака да појаснам, кога сме во депресија, нагонот за борба е згаснат, сите витални механизми се нарушени. Ние немаме енергија да се бориме, енергијата ја чуваме за базични телесни процеси ( дишење, работа на внатрешни органи, исхрана) и за базични движења. Кога ќе се активира здравиот агресивен импулс, тогаш организмот се придвижува и започнува процесот на излез од депресијата. Значи, не треба да се плашиме од “здравата агресија”, здравото загризување на животот. Агресијата станува проблем кога е во деструктивна форма, кога го напаѓаме и повредуваме интегритетот или просторот на другиот. Деструктивната форма на агресија може да се развие по пат на идентификација со моделот на насилство . Агресијата е  дисфункционален механизам за  справување со фрустрација или симптом на потисната немоќ и  страв. Граѓаните секој според својата ментална структура го бираат одговорот на општествените стимулси. Во контекс на апатијата како реакција, би ја споменала и десензатизација како механизам на одбрана во загрозувачки ситуации, овој механизам ни помага да се исклучиме од загрозувачките стимулси во функција на заштита. Таа може да биде корисна на краток рок ( во ситуации на голема физичка болка или силување), но на подолг рок, ние престануваме да чувствуваме сè, непријатни, но и пријатни сензации. Често моите клиенти, нашите граѓани се обраќаат за помош, бидејќи не чувствуваат никакво животно задоволство, возбуда, среќа, се чувствуваат исклучено од животот, анастезирани. Се анастезираме за да преживееме.

Фактор: „Повеќето луѓе не ја сакаат слободата, бидејќи слободата подразбира и одговорност, а повеќето луѓе се плашат од  неа“. Колку овој цитат на   таткото на психоанализата Сигмунд  Фројд   кореспондиран со  македонската  политичка и општествена реалност ?

Костадиноска: Слободата значи можност самостојно да се одржуваме физички и ментално, релативно независно од средината. Слободата значи да имаме самоподдржувачки систем како возрасни и зрели индивидуи кое се сепарирале од негувачите ( родители, авторитети). Слободата не секогаш има благо-пријатен вкус, таа  означува крај на зависничкото егзистирање со пчелата- матица, тоа значи желба и страв во исто време.  Ако се вратиме наназад, во развојното досие на нашата земја, ќе можеме да видиме дека ние имавме и сè уште имаме отворен процес на незавршена сепарација и индивидуализација од матицата- СФРЈ. Ние како млада земја никогаш до сега не го потврдивме диференцирањето од матицата и не го изградивме нашиот возрасен идентитет. Без  сепарирање од родителот , нема слобода, нема ниту одговорност за своите постапки. Како граѓани ние го попримивме идентитетот на земјата со сите негови карактеристи, зависно- инфантилен карактер. Едно општество расте како и една индивидуа, низ фази. Морам да кажам дека периодов на протести не воведуваат во адолесцентната  фаза од националниот развој кој се карактеризира со бунт, револт, агресија, непочит кон авторитети, во функција на сепарирање од матицата. Овој процес следи со каснење од многу години, значи се наоѓаме во фаза од  националниот развој т.н. задоцнет пубертет. Допрва не чекаат полагање лекции на зрелост и превземање на одговорноста за сопствените постапки, прво на општествено, па на индивидуално ниво. Потребно е да ги затвориме незавршените процеси на општествениот развој за да може да се ослободи заробениот потенцијал за промена и придвижување напред.

Фактор: Се помалку  им се верува на политичарите. Едни премногу ветуваат, други се убедени и во своите лаги пласирајќи ги како колективна магија  за нивните следбеници. Како се дијагностицира ваквата  манипулација со вистината?

Костадиноска: Манипулацијата е опасна алатка, таа се употребува во недостаток на зрели стратегии за лидерство на народната маса. Секаде е така. Зошто ние би биле исклучок? Разликата е дали таа манипулација е хипнотички прифатена од масата, односно колку е свесна и критички зрела масата како објект на манипулација?  Разликата е во тоа колку брзо манипулацијата ќе биде препознаена како манипулација и како ќе се реагира на неа. Во манипулацијата нема автентичност, туку глуматарење, детето нема да му верува на неавтентичниот родител. Ако манипулацијата е стратешки градена долго време, се губи границата помеѓу автентичноста и манипулацијата, тогаш имаме една хипнотизирана народна маса, која живее во изглумена реалност. Оваа субреалност е многу опасна по металното здравје на индивидуите. Ако границата е долго време пореметена, тогаш имаме една псеудошизофрена состојба, состојба на расцепеност, splitting .

Фактор: Дали мегаломанијата е болест  или само состојба на духот?  Кога се влегува  во опасните зони на создавање на култ на личноста ?

Костадиноска:  Наметнатиот култ на личноста е потреба на еден нарцисоиден карактер кој својата гратификација ја добива преку прекумерна наклонетост и обожување од средината. Во случај кога тој култ е изграден како резултат на вистински вредности и авторитет  (компетентност) , тогаш имаме спонтано креирање на култот од страна на следбениците, како нивен избор . Во првиот случај, потребата за култ е потреба на култната личност. Таа има потреба за моќ и гради систем на поддржување на култот, често и преку манипулација. Мегаломанијата е симптом на структурата на личноста. Во психолошки аспект, говориме за комплекс мегаломанија или супериорност наспроти отфрленост или инфериорност. Адлер изворот на инфериорноста ја објаснува како детска траума поврзана со некоја телесна инфериорност, додека Рајx ја објаснува како симптом на сексуална импотентност. Како и да е, психата гради одредени комензаторни или надкомпезаторни механизми за да побегне од застрашувачкото чувство на инфериорност и отфрленост  и се креира чувството на супериорност, мегаломанија која одржува некаков привиден баланс на психичкиот апарат. Секоја опасност да се наруши супериорната позиција ја буди опасноста од активирање на чувството на инфериорност. Од позицијата на култ,  качена  на тронот,  личноста верува дека е заштитена засекогаш од рушење на супериорноста и распад на психичката тврдина.

Фактор:  Дали се неопходни предходни психолошки тестови за лидерските карактери да ја водат државата ?

Костадиноска: Како професионалец, би одговорила со ДА. Секој лидерски карактер како и секоја  друга индивидуа има потенцијал да биде психички здрав или дисфункционален во некој психички аспект. Ако почетокот на кариерата е некаков доказ за психичката стабилност ( и ова е варијабилно), понатамошната кариера со падови и подеми може да допринесе за дестабилизирање на менталното здравје што не било случај на почетокот на кариерата. Токму самата раководна позиција е извор на мноштво стресови кои бараат здраво менаџирање со истите. Не секогаш, лидерите се имуни на тие стресови,  постои можност нивното психичко здравје да биде загрозено. Прашањето е кој стручно би ја дијагностицирал таа состојба во почетокот на кариерата или во текот на истата, ако тоа не е  предвидена со некоја законска процедура? Најчесто санирањето на дестабилизација на менталното здравје се изведува позади кулисите во дискреција далеку од очите на јавноста. А за проценка на личноста на самиот старт на кариерата на државни лидери  од светската политичка сцена до сега немам слушнато, како тие да имаат екслузивно право на ментална стабилност.

Фактор :   Гледате ли логично оправдување за оние кои од страв да не ја изгубат материјалната егзистенција по патот ја губат својата душа и основните човекови вредности ?

Костадиноска: Современиот човек е зависен и заробен во материјалниот свет. Ако пред повеќе векови да го зачуваме животот од напад на диви животни ни беше приоритет за безбедност, сега тој приоритет е проширен. Ние се чувствуваме безбедно ако имаме работа, храна, стан, кола, облека и др. Дури се чувствуваме загрозено ако немаме работа, храна, дом, облека, кола какви што сакаме. Значи се променија нашите потреби низ развојот на човештвото. Материјалното стана наша максима “имам- значи постојам”.  Секое пореметување на материјална поддршка предизвикува страв, несигурност, очај, гнев, агресија. А под наплив на интензивни емоции може да се случи стеснување на перцептивното поле, гледаме и слушаме селективно, немаме јасен увид во реалноста. Се бориме да го задржиме тоа што ни дава сигурност.  Човечките вредности и душата не се повеќе актуелни на пазарот на консумација. Зборувам генерално, на глобално ниво. А, ние тука, сме  дел од глобалното поле. Бројот на материјално ориентираните го поттиснува бројот на индивидуи кои ги почитуваат човечките вредности. Во состојба на општествена криза, губењето на материјалните добра е честа појава, а ако нашиот идентитет е поврзан со материјалниот аспект, секако дека губењето на материјалното ќе го почувствуваме како губење на идентитетот и ќе ги активираме сите сили за одбрана.  Живееме во свет каде човек на човека му е волк, егоцентризмот и суровоста царуваат наспроти емпатичноста и соживотот. Во состојба на криза секој се заштитува на свој начин, некој со напад над другиот, некој со поврзување.  Но,  ме радува едно мое видување на процес кој е присутен во нашата средина , а тоа е потребата да се поврзат и пронајдат единки кои се сродни и слични во односот кон човечките вредности, како мали поврзани острови кои се штитат од  хаотичниот океан.  Тоа се случува, навистина се случува.

Фактор: Протестите во земјава покажа  дека  луѓето полека се будат од општествената апстиненција и летаргија.  Знаеме ли во суштина кои сме и што сакаме, дали е тоа колективен одговор, револт кон актерите што ја поробија вистината и слободата ?

Костадиноска: После спиење, се будиме, така е физиолошки испрограмиран човечкиот организам. Доколу не се разбудиме, настапува состојба на кома или смрт. Како пандан на физиолошкото будење или небудење говориме и за ментално, емотивно, енергетско, спиритуално, креативно, социјално или општествено будење или небудење. Откако ќе се разбудиме, во првиот момент стануваме свесни за своето телесно постоење и за својот идентитет, односно,  кои сме ? Па  се ориентираме во простор и време, ги активираме сетилата, односно, каде сме ? во која реалност?.  Откако ќе се мапираме во просторот и времето и ќе утврдиме кои сме ние на едно базично ниво, тогаш започнуваме анализа на едно подлабоко ниво- како се чувствуваме? Ни се допаѓа ли кои сме и каде сме? Што би сакале да промениме кај нас или  во околината? Како да го промениме ? Гледате, будењето на општествено ниво само го повторува нормалниот физиолошки процес кој ни е генетски даден и кој спонтано се активира кај еден здрав организам. За секој процес  потребно е време. Некој организам се буди полека, некој побрзо. Така е и со будењето на граѓанската популација во една земја. Е, сега, револтот кој се јавува како реакција после будењето  е израз на перцепцијата,  кога сме се разбудиле “нешто” во нашата околина не ни се допаѓа, но имаме препрека тоа “нешто” да го промениме. Во психолошка смисла, секој раст и развој на индивидуата неминовно мора да помине низ фаза на оптимална фрустрација која го предизвикува, но и поддржува растењето. Ако фрустрацијата не е оптимална, туку е долгорочна и прекумерна по интензитет, таа создава негативен стрес или траума. На општествената сцена сега е потребно да се измери тежината на фрустрацијата и пречката со здравите снаги за справување со неа, односно, силите за раст и развој. Но за да се занимаваме со пречките во околината потребно е да се познаваме себе си, да го познаваме својот идентитет за да знаеме со што располагаме како способности, вештини, капацитети и потенцијали. Сето ова, исто така е процес.

Фактор:  Од исплашени граѓани, пострашни се состојбите со личностите без трошка надеж.  Откако многумина се охрабрија, сега главната тактика на власта, ама и на дел од опозициските приврзаници е ширењето дефетизам ?

Костадиноска: Дефетизмот , односно прифаќањето на поразот без борба е реакција на општествено-социјалното прегорување ( burn out ), да, ние сме прегорена нација, како кога млекото ќе прегори во лончето. Ниту млекото се пие, ниту лончето лесно се чисти, а наоколу има смрдеа.  Во состојба на страв, ние имаме на располагање и механизам на борба со опасноста, (наспроти механизам на бегство или смрзнување. ). Се додека се бориме во животно загрозувачки ситуации, ние сме во контакт со импулсот на живот, постои можност и да победиме. Кога ќе се откажеме од борбата, кога ќе се предадеме, без да пробаме да го видиме исходот, ние го активираме сценариото на жртва, препуштени околностите да не водат низ текот на реката и водата да не удира од едниот до другиот брег како бротче од хартија. Борбата значи дека имаме некоја контрола над тоа што ни се случува. Контролата во рацете на граѓаните не е посакувана опција во ниту едно општество од страна на било која власт. Дефетизмот кај граѓанската популација е посакувана состојба во глобалниот капитализам. Тоа е психолошка манипулација со граѓаните за да било која влада полесно ја креира посакуваната политика на земјата. Колку поапатична популација, толку поголема и полесна котрола над неа.

Фактор: Расте бројот на самоубиствата. Дали за суицидноста  треба лична или колективна анамнеза  за општествените противречности?

Костадиноска: За жал бројот на самоубиства расте, точно е. Несомнено треба да се земе во предвид индивидуалната анамнеза која ќе ни даде некакви одговори за причината на одземање на нечиј живот, но кога една земја поминува низ фаза на “колективна општествена траума” тогаш е неизбежно феноменот на суициди да го разгледаме како дел од  општествено-социјалното поле. Кога кризата на Волт Стрит беше актуелна, некои брокери  скокаа од 20-ти кат и сами си пресудуваа за консеквенците од берзата. Во атмосфера на перманентна тескоба во социјалното поле, прво по својот живот ќе посегнат поединци со дисфункционални психолошки механизми на одбрана ( невротичен или психотичен  историјат на ментално заболување), потоа лица со истрошен ареснал за справување со стрес и лица кои сè уште не развиле доволно силни механизми за справување со бремето на животот ( млада популација). Колку повеќе средината е несигурна за опстојување, толку повеќе на удар се личности кои се психички вулнарабилна категорија. Ако имаме повеќе децениска општествена тескоба и неизвесност, без сериозна поддршка од средината, која ни е е неопходна за здрав ментален раст и развој, тогаш очекуваме да е се поприсутен нагонот за смрт-танатос, кој кај некои индивидуи ќе го победи нагонот за живот- ерос.

Фактор:  Зошто окулизмот и гатачките  се дел од штабовите или кабинетите на дел од македонските политичари? Колку можеме да веруваме во водачи кои се водени од инстинктот на  „пророчиците од Делфи “ ? 

Костадиноска: Окултизмот има корени во раните фази на човештвото и како феномен се провлекува низ историјата на човечката еволуција, луѓето трагале по одговор од другата страна на очигледното кога немале интелектуален капацитет да ги објаснат појавите и процесите кои ги засегале во секојдневието, но и кога сакале да “sирнат” во иднината. Дел од големите војсководци, кралеви и фараони во своите служби имале лични астролози и толкувачи на сонови со кои се консултирале при големи походи или во планирање на стратегии за водење на екомонијата на земјата во зависност од природните непогоди ( суши, поплави). Сега сме 21 век и потребата на модерниот човек да ја предвиди  иднината е сè уште присутна низ контакт со астрологијата која не ја сметам за окултизам или преку екстра перцептивни способности или видовитост, значи не сме еволуирале многу во однос на таа потреба. Кога политичарите ја користат  и  таа алатка за раководење со државата, секако дека таа информација ќе го привлече вниманието на јавноста. Првенствено поради големата веројатност на нереабилни и необјективни толкувања кои не произлегуваат од разумните вештини и способности на менаџирање со земјата, туку се базираат на претпоставки со голем процент на биас  (превид, пристрасност, предрасуда). Од друга страна, кога политичарите се во чест контакт со овој тип на услуги тогаш тоа може да упатува на нивното чувство на несигурност во чекорите кон иднината, па се посегнува по пристапи кои би ја расчистиле сликата за иднината, доколку таа е заматена и недефинирана во актуелниот момент. Праксата покажува дека најчесто ваков тип на услуги луѓето применуваат во функција на забава (бенигна функција) или кога ќе ги потрошат другите средства и стратегии за справување со животни проблеми или кога овој пристап е вообичаен за опкружувањето, а ние сме сме се идентификувале со  обрасците на однесување во средината.

Фактор: Дали  сегашните политички непромислености  оставаат  психолошки последици  врз идните генерации ?

Костадиноска: Не само актуелниве настани  на општествено-социјално поле, туку целиот процес на 25-годишната транзициска патека остануваат како “тетоважа” во националната келиска меморија на повеќе генерации и тој инпринт ќе се пренесува и на идните генерации. Како тие ќе се носат со целиот овој квантитет и квалитет на промени зависи од нивниот капацитет и потенцијал за раст и развој. Кога тлото на една земја не е сигурно за чекорење, туку е трусно тло со постојани општествени потреси, најпозитивната препорака што може да се даде е да се совлада вештината, односно да се научи да се чекори приземјено, додека тлото се тресе под  нозете. Не велам дека е лесна задача,  дури звучи парадоксално, но другиот избор е да се побегне на побезбедно тло или да клекнеме доле и да чекаме потресот да помине без информација кога тоа би се случило. Тешко е да го започнеш чекорењето низ животот со полн ранец процеси  кои ти не си ги искреирал, туку си морал како чеиз да ги превземеш од претходните генерации.

 Каролина Костадиноска

Синергија – Центар за психолошка помош и психотерапија

Слично

Поврзани вести