ИНТЕРВЈУ КАРАКАМИШЕВА: „Титаник“ е провидна акција на Јанева за одлагање на изборите, нема да успее!
Специјалното јавно обвинителство предводено од Катица Јанева е впрегнато во одработување на опозициското сценарио за предизборна дискредитација на власта по секоја цена, оценува Универзитетскиот професор Тања Каракамишева. Според неа, посочувањето на функциите министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски, и секретар на Влада во 2012 година, како и двајца членови на ДИК од 2013 година повеќе од сигурно имаше за цел јавна, планска и намерна предизборна дискредитација на високите функционери од ВМРО-ДПМНЕ. За професорката од Правниот факултет, правна разврска на политичката криза не може да се случи ако тие што се најповикани да го заштитуваат Уставот и законите во земјава, но и на меѓународните документи за заштита на човековите слободи и права, не ги вршат своите обврски на начин на кој налага нивната професија и функција .
СЈО одлучи да го ослободи Верушевски од притвор без да го разгледа целиот предмет "Пуч". Ослободување на Верушевски беше направено пред Јанева да каже во судот дека и е потребно време да го разгледа предметот. Класично правно незнаење или злоупотреба на службената должност? Да не зборуваме за начинот на кој се изведе примопредавањето на незаконски прислушуваните разговори. Уредба за архивско и канцелариско работење на државните органи над Законот за кривичната постапка? Сите овие правни аматеризми и дупки во знаењето на обвинителките, заедно со непримерните притисоци и уцени врз сведоци да даваат изјави спротивно на нивната волја, одат во прилог на разгорување на кризата во земјата проценува во интервју за Фактор универзитетскиот професор Тања Каракамишева.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Како го оценувате процесуирањето на делата назначени како „Титаник“ ?
Каракамишева: Вчерашната прес-конференција на Специјалната јавна обвинителка заедно со нејзините две колешки од тимот покажа два исклучително важни момента што одат во прилог на тезата дека овој државен орган е впрегнат во одработување на опозициското сценарио за предизборна дискредитација на власта по секоја цена.
Првиот момент е одлуката на тимот на Јанева во првата фаза од кривичната постапка, во фазата на поведување истрага, со до сега невидена правна леснотија и безобразна повреда на уставното и законски загарантираното начело на пресумпција на невиност, да се жигосуваат луѓе ставајќи ги на ѕидот на срамот пред воопшто и да е покренат обвинителен акт. Посочувањето на функциите министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски, и секретар на Влада во 2012 година, како и двајца членови на ДИК од 2013 година повеќе од сигурно имаше за цел јавна, планска и намерна предизборна дискредитација на високите функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Со индиректното посочување на идентитетот на осомничените, Специјалното јавно обвинителство дрско ја повреди својата долност со своите јавни изјави да не ги повредува правата на осомничените и оштетените во текот на постапката со што тие го прекршија и основното начело врз кое се заснова кривичната постапка, пресумпцијата на невиност. Со ваквото однесување тие повредија и уште две уставно-загарантирани права на осомничените, неприкосновеното право на заштита на моралниот интегритет на секој човек, како и заштита на нивното достоинството и углед.
Вториот важен момент кој треба да се издвои од вчерашната прес-конференција е високиот, недозволениот степен на политизираност кој беше очигледен во јавните изјави на обвинителките, непримерно за обврската на јавните обвинители да се однесуваат непристрасно и самостојно во вршењето на јавнообвинителската функција.
Вчерашниот настап, заедно со се што се прочита во него, не ги задоволи ниту минималните, а не пак основните критериуми на професионално, непристрасно и одговорно постапување на јавните обвинители што фрла голема сомнеж во натамошниот тек на постапката. Како е можно да очекуваме непристрасност и професионалност во работата на овој орган кога од самиот почеток тој покажа силна пристрасност, повреда на Уставот и законот за кривичната постапка пред кои тие дадоа заклетва дека ќе ги почитуваат во своето работење. Интересен е и изборот на името на случајот "Титаник". Веројатно во желбата да покажат грандиозност на случајот, специјалните јавни обвинителки заборавија на крајот на титаничката одисеја. Можеби потсвесно името на случајот "Титаник" покажува дека и специјалното обвинителство веќе има став по однос на акцијата. Веројатно овој случај ќе остане запаметен во правната историја на РМ како јавното обвинителство не треба да води случај, но ќе послужи и како добар пример за студентите по право како не треба да постапуваат ако сакаат да се занимаваат со оваа професија одговорно и професионално.
Фактор: Дали очекувате дека Специјалното јавно обвинителство оформило предмет врз основа на законска постапка за прибирање на материјални докази и искази на сведоци, врз основа на кои може да се ефектура предистражната судска постапка и да се реализира објективен и непристрасен судски процес?
Каракамишева: Од она што вчера го слушнавме, поведувањето на истражната постапка во најголем дел се заснова на сознанија, индиции, кои јавните обвинителки ги добиле од незаконски прислушуваните телефонски разговори. Ако согласно закон, докази кои се прибавени на незаконски начин или со кршење на човековите слободи и права не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судска одлука, тогаш тоа уште повеќе важи и за индициите собрани на незаконит начин. Интересно е дека за специјалното јавно обвинителство е во моментов поважно да се занимаваат со изборите, отколку со прислушуваните разговори за кои веќе има напредната кривична постапка, има судска одлука заснована на признание дека за пари лица вршеле незаконско прислушување на високи функционери од власта, постојат докази дека во процесот на прислушување се вмешани и странски разузнавачки служби и сл. Но, за специјалното јавно обвинителство, иако самите кажаа дека предметот прислушување е логично прв од значење, сепак тие одлучиле во оваа фаза да се занимаваат со предмет преку кој ќе се дискредитираат луѓе, ќе се прави класичен лов на вештерки, наместо фокусот да им биде спроведување на професионална, и самостојна истрага за прислушувањето. Наместо професионална истрага без помпи, без политички циркуси, без политички драми, вчера видовме сосема поинаква состојба. Замислете вака да изгледа секоја прес конференција на редовното јавно обвинителство. За жал, со вчерашниот крајно непрофесионален настап прво на специјалната обвинителка г-ѓа Јанева, која едвај успеа да го прочита напишаниот политички говор, а потоа и говорите на другите две обвинителки Македонија навистина треба да се сомнева во правниот и професионален капацитет на овој специјален државен орган. Неговата противуставност и буквална насаденост во системот како резултат на политичкото инсистирање на опозицијата истото да биде поставено заради вкупниот нихилизам кон институциите што го покажа раководството на СДСМ, се надоврзува како уште еден неспорен факт на претходно изнесеното.
Фактор: Дали е ова почеток на правна разврска на политичката криза или нејзино продлабочување?
Каракамишева: Правна разврска на политичката криза не може да се случи ако тие што се најповикани да го заштитуваат Уставот и законите во земјава, но и на меѓународните документи за заштита на човековите слободи и права, не ги вршат своите обврски на начин на кој налага нивната професија и функција. Наместо сега, во овие клучни моменти за државата, специјалното јавно обвинителство да се издигне над кризата и да делува како непристрасен и професионален орган без да се води сметка за интересите на некоја партија, туку над се за националните интереси на државата, почетокот на работата покажува обратна насока. Обратната насока на делување на овој орган беше видлива и во изминатиот период кога на инструкциите од лидерот на СДСМ за тоа како треба да постапува овој орган, специјалната обвинителка одлучи да молчи и да не се огради јавно од нив. Да не заборавиме дека овој орган одлучи да го ослободи Верушевски од притвор без да го разгледа целиот предмет "Пуч" како што тврдеше во судот Јанева. Ослободување на Верушевски беше направено пред Јанева да каже во судот дека и е потребно време да го разгледа предметот. Класично правно незнаење или злоупотреба на службената должност? Да не зборуваме за начинот на кој се изведе примопредавањето на незаконски прислушуваните разговори. Уредба за архивско и канцелариско работење на државните органи над Законот за кривичната постапка? Сите овие правни аматеризми и дупки во знаењето на обвинителките, заедно со непримерните притисоци и уцени врз сведоци да даваат изјави спротивно на нивната волја, одат во прилог на разгорување на кризата во земјата. Правото мора да ги смири состојбите и да делува неполитички.
Фактор: Дали на 24 април ќе се одржат предвремените парламентарни избори или ќе има поместување на терминот се со цел да учестуваат сите партии или сепак ВМРО ДПМНЕ , ДУИ, И ДПА ќе одат на избори дури и по цена СДСМ да ги бојкотира ?
Каракамишева: Вчерашната прес конференција ја разобличи намерата на специјалното јавно обвинителство да се дискредитираат двајца актуелни членови на ДИК, но и петмина судии на Управниот суд се со цел да се покаже дека РМ нема услови за одржување на изборите на 24 април. Ова провидно сценарио нема да пројде. Јавното жигосување на судиите од Управниот суд со ставање на нивни слики во дел од медиумите и класичниот линч против членовите на ДИК е во функција, или дел од сценариото на СДСМ да не се оди на избори. Сепак, провидноста на акцијата, заедно со немањето цврсти докази за кривично гонење што е неопходен законски услов упатува на констатацијата дека избори на 24 април ќе има, дека изборите мора да се случат заради задржување на приоритетот на повисоките, националните цели и интереси на државата. Разводнувањето на националните интереси и потреби заради лични и партиски интереси на неколкумина во врхушката на СДСМ, како и заради одредени надворешни потреби, ќе ја доведе РМ до бездна од која нема враќање. Затоа повикувам на трезвеност, одговорност и професионалност во работењето на сите државни органи, примена на Уставот и на законите, како и нивно почитување од сите, вклучително и од партиите.
