Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Каракамишева: Со одлуката за аболиција, Иванов направи политички пресврт во полза на државата

Интервју Каракамишева: Со одлуката за аболиција, Иванов направи политички пресврт во полза на државата

Универзитетскиот професор  Тања  Каракамишева  смета дека  Претседателот Иванов не смеел  да си дозволи да не реагира на конкретен начин во ваква комплицирана политичка криза која има за цел рушење на државата.

„ Не треба да се има сомнеж дали претседателот  Иванов со оваа одлука ги пречекорил или ги злоупотребил своите овластувања, бидејќи правно тој  е чист и презеде активности во рамките на своите надлежности и овластувања вели Каракамишева .   професорката  од Правниот факултет која неодмана стана македонски претставник  во Венецијанската комсиија  проценува дека   

  За макеондкиуот претставник  во Венецијанската комисија ,  негативните последици  врз државата ќе биле  далеку посериозни и поголеми ако институциите на системот одлучеле  немо да ги набљудуваат работите што ни се случувале во земјата, а под диригентската палка на странски центар на моќ.

Според проф. Каракамишева,  сега може да се очекува претседателот ќе биде под силен меѓународен притисок да ја повлече оваа одлука.  Таа вели дека    избори на 5 ти јуни мора да има, додавајќи дека не смее никој да помисли на какво било  нивно оделагање . 

„ Учеството на опозицијата на тие избори е многу важно прашање. Ако СДСМ и натаму опстои на оваа тврдоглава позиција за бојкотирање на претстојните парламентарни избори веројатно ќе и биде последна година на делување на македонската политичка сцена во форматот каков што ја гледаме денес“  , вели во интревју за фактор  универзитетската професорка Тања Каракамишева .

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор:  Иако кон средината на месец март петседателот на Македонија порача дека нема намера  да  помилува изборни силеџии, тој  самиот се демантираше  со одлуката да аболира политичари за кои постои сомневање  за сторени кривични дела . Што  го предомисли Ѓорѓе Иванов да донесе една ваква одлука ?

Каракамишева: Работите на терен се многу посериозни од констатацијата содржана во прашањето. Прво, незаконски прислушуваните разговори што СДСМ ги има добиено на рака никогаш и никаде, не само во Република Македонија, не можат да бидат третирани како докази во предистражна, истражна или во судска постапка. Тоа му е јасно на секој правник. Ако овие прислушувани разговори немаат правна употребна вредност, тогаш како релевантен останува единствено фактот дека тие имаат само политичка вредност. А до сега видовме дека политичката вредност на овие незаконски прислушувани разговори служеше единствено на СДСМ која како партија нема друг адут, нема друго средство со кое може политички да му се спротивставува на ВМРО-ДПМНЕ, и со кое може политички да се натпреварува со ВМРО-ДПМНЕ. Второ, за жал, во Република Македонија, заради овие политички дворски игри, правото одамна е ставено во сенка на политиката, правото одамна е поклопено од политиката и од политичките интереси на неколкумина заштитени лица од странски центар на моќ. Во едни такви услови, кога политичката заштита со „надворешен чадор“ е посилна од Уставот и од законите во државата, правната разрешница на политички монтираните случаи се чини невозможна мисија. Додека се добие правна разрешница, политичката манипулација оставена во рацете на неколкумина ќе направи огромна штета на државата и на нејзините национални интереси. Ако ваква афера на незаконско прислушување била дозволена и нормална политичка практика, таа ќе се практикуваше и во други земји. Но, гледаме како другите земји се справуваат со вакви незаконски активности. Тие не дозволуваат ниту да почнат, а камоли да траат две години. Знаеме како заврши аферата со незаконското прислушување во САД, во Германија, во Италија. Тогаш зошто да дозволиме, и зошто дозволивме Република Македонија да биде експериментален глушец на странски центар врз кој ќе се прават секакви можни опити? И кому сето тоа му е од полза? На македонските граѓани, на македонската држава? Сигурно не. Ползата секогаш оди во туѓи раце, по туѓи џепови. Нас ќе ни останат само направените експерименти, тие ќе не истоштат до смрт, и потоа се знае, се е лесно. Ќе ни ја преземат државата. Кога ќе се стават на кантар, од една страна, истоштувачките правни постапки на докажување на невиноста во која ќе бидат вклучени сите актуелни политичари во земјата, кои постапки не можат да траат еден месец, туку неколку години, и кога во тие постапки е јасно дека не можат да се употребат како докази прислушуваните телефонски разговори, се поставува прашањето што ќе биде целта на постапките. Што ќе се докажува во нив? И како може да се докажува вината, или невиноста на лица со незаконски докази, со нешто што судот однапред го отфрла како доказ? Дали овие судски постапки ќе бидат правни во такви околности? Не. Овие политички монтирани случаи имаат друга позадина, и друга идеја. Од нив фајде нема да има ниту Република Македонија, ниту нејзините граѓани. Од овие политички монтирани случаи, за кои постапката е завршена и пред да започне, штета ќе имаме, и штета веќе трпиме сите ние. Овие постапки нема да имаа цел правно да се затвори политичката криза. Тие ќе служеа за целосно дискредитирање на политичари што имаат голема поддршка од граѓаните. Целта на постапките е да се направат неупотребливи актуелните политичари за да се остави простор на некои други анонимни лица, марионети на Западот да бидат поставени на клучните политички позиции во државата. После се ќе биде лесно. И името ќе се продаде, и националниот идентитет, и државата. Постапките ќе имаа и друга намена. Тие ќе требаа се посилно да не раздвојуваат, се посилно да не закрвуваат, се посилно да не конфронтираат, а ефектите од сето тоа ќе одеа, како што и сега одат, на контото на други држави. Дали ни е потребен ваков луксуз на сопствена штета? Дали ни е потребно државата да ја оставивме на милост и немилост на странски центар на моќ? Ако претседателот на Републиката не покажеше политичка одговорност сега, работите неповратно ќе беа изгубени. Нефункционалноста на институциите ќе доведеше до состојба да некој друг го преземе кормилото на раководење, и некој друг наместо нас да одлучува за нашата судбина и иднина. Токму затоа, оваа одлука ја сметам како клучен момент кој го направи политичкиот пресврт во земјата. Со вчерашната одлука на претседателот, Република Македонија испрати јасна порака до сите внатре и надвор дека во државата има легитимни, и одговорни институции кои можат да се справат со политичките предизвици согласно Уставот и законите.

Фактор: Во досегашната практика, двајца претседатели на државата Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, искористија аболиција пред донесена пресуда. И во двата случаи стануваше збор за високи функционери .  Дали со ставањето потпис на една ваква  одлука  Иванов ја злоупотреби функцијата ?

Каракамишева: Претседателот на Републиката има уставна обврска да се грижи и да ја брани државата од разни форми на влијанија и притисоци кои сé поочигледно доаѓаат од одреден странски центар на моќ. Претседателот  Иванов не е вчерашен во политиката. Околу него има многу служби и тела, има и агенција за контраразузнавање, кои секојдневно го брифираат и детално информираат за сите прашања од значење за безбедноста и одбраната на Републиката. Г. Иванов е одговорен политичар кој презема одговорни политички чекори. Тој не смееше да си дозволи да не реагира на конкретен начин во ваква комплицирана политичка криза која има за цел рушење на државата. Тој свесен за својата уставна и политичка одговорност презеде државнички чекор со кој ги изненади сите, но најмногу ги изненади оние кои сметаа дека можат да прават со државата се што сакаат. Тој буквално направи пресврт во политичката состојба во полза на земјата. Кога ќе се стишаат страстите и гневот, и кога работите ќе се погледнат здраворазумски ќе се види клучната поента на оваа одлука. Инаку, донесената одлука на претседателот на Републиката за општ прекин на сите предистражни, истражни и судски постапки на политичарите, нивните соработници и поддржувачи од двете спротвиставени страни е во согласност со Уставот и со законите. Не треба да се има сомнеж дали претседателот со оваа одлука ги пречекорил или ги злоупотребил своите овластувања, бидејќи правно претседателот е чист и презеде активности во рамките на своите надлежности и овластувања.

Фактор: Какви може да бидат реперкусиите врз државата по одлуката на Иванов   Не се исклучува  во наредните денови Устваниот суд  да ја преиспитува и   уставноста   на  Специјалното јавно обвинителство ?

Каракамишева: Негативните реперкусии врз државата ќе беа далеку посериозни и поголеми ако институциите на системот одлучеа немо да ги набљудуваат работите што ни се случуваа во земјата, а под диригентската палка на странски центар на моќ. Се додека нашите институции реагираат, тоа е добро, и тоа значи дека работите се се уште во наши раце. Тоа значи дека нашите институции можат да ги контролираат и менаџираат внатрешните активности во земјата, на легитимен, на легален и на ефикасен начин. И тоа е добро за сите нас. Во меѓувреме, треба да се очекува дека претседателот ќе биде под силен меѓународен притисок да ја повлече оваа одлука. Ние, наместо да ја трошиме енергијата во кршење и демолирање на државен имот, во протести и во насилно докажување кој е во право а кој не, треба да им дадеме безрезервна поддршка на институциите на системот да ги вратат работите во нормална состојба, да го вратат владеењето на правото кое е насилно одземено од рацете на институциите и дадено во рацете на неколкумина, да ја вратат вербата во правната држава и во ефикасноста на системот, бидејќи таа верба е веќе две години газена. Факт е дека со политичката криза работите излегоа од контрола, државните институции полека, но сигурно беа делегитимирани од разни поединци кои заради свои лични, лукративни, и политички интереси и цели сакаа да се наметнат над легитимните институции на системот и да изиграваат национални шерифи во државата што ќе делат „правда“ со претходен амин на „чадорот“. Тоа граѓаните го знаат, тоа граѓаните го видоа во овие две години, и тоа претседателот на Републиката го промени. Оваа одлука е правно заснована, оваа одлука е точката од која започнува политичкиот пресврт во земјата. Од друга страна, работата на Уставниот суд нема никаква врска со вчерашната одлука. Има само една допирна точка која оди во прилог на тезата дека на РМ и е неопходен процесот на стабилизирање на институциите на системот. Двете години поминати во насилни и секакви други удари врз сите институции оставија силна трага. Работите мора да се вратат во нормала.

Фактор: Дали ова е вовед во уривање на правниот поредок на земја  и дали  во ваква консталација е можно одржување на фер, демократски и кредибилни избори ?

Каракамишева: Оваа одлука не е вовед во уривање на правниот поредок во земјата. Напротив. Оваа одлука е одлична можност работите во уставно-правниот поредок на земјата да се вратат во нормална состојба. За разлика од претходно кога секој и секаде можеше да плука по институциите, да ги делегитимира во секоја пригода, и да нема милост во нивното оцрнување, вчерашната одлука на Претседателот е вистинска  пресвртница. Таа е моментот за рестартирање на правниот и политичкиот систем во земјата. Враќањето на вербата во правните и политичките институции на земјата е најважната работа која во моментов треба сите да ја поддржиме.

Фактор: Какви би биле парламентарните  избори со бојкот на опозицијата - легални, легитимни и компетитивни, или само избори со службен резултат?

Каракамишева: Изборите на 5. јуни мора да се случат. Не смее да се помисли на какво било нивно одлагање или неспроведување. Македонија има распуштено Собрание, има техничка Влада со ограничен капацитет на делување само за изборни прашања, има сериозен дефицит во политичкиот капацитет на институциите. Тој дефицит може да се надмине единствено и само на избори. Слушам деновиве одредени експерти повикуваат Собранието повторно да се состанело и да ја сменело одлуката за одржување на изборите. Токму ваквата несериозност, и играње играчки со државата и со институциите на системот, не доведе до ова дереџе до кое сме дојдени. Без разлика што според Изборниот законик мандатот на пратениците од претходниот состав трае до верификацијата на мандатите на новоизбраните пратеници во Собранието, треба да се има предвид дека тој мандат има формален, а не и суштински карактер. Тоа значи дека распуштените пратеници повеќе немаат суштински права кои се извлекуваат од функцијата пратеник. Тие немаат право на нормално и непречено остварување на правата и должностите утврдени во Уставот, односно, во нормални околности, тие не можат повторно да се свикуваат, тие не можат повторно да одлучуваат, тие не можат да се вратат назад и да работат во комисиите и во Собранието. Нивниот мандат суштински е престанат. Инаку која е смислата на чинот самораспуштање на Собранието. Мандатот на пратениците може суштински да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба. Со стапувањето на сила на одлуката за самораспуштање на Собранието на РМ, на 7. април, на сите 123 пратеника, колективно, суштински им престанаа правата и обврските што ги имаа од парламентарниот мандат. Оттаму целата врева за некакво наводно повторно собирање на пратениците во Собранието и повторно разгледување на одлуката за избори што ја креваат сдсмовското раководство и експертите е замајување на јавноста и давање лажна надеж дека постои некакво уставно-правно решение. Изборите се единствената можност да се врати легитимитетот и целосниот кредибилитет на Собранието на земјата, да се избере Влада со полн легитимитет на политичко делување, и кризата да заврши.

Учеството на опозицијата на тие избори е многу важно прашање. Ако СДСМ и натаму опстои на оваа тврдоглава позиција за бојкотирање на претстојните парламентарни избори веројатно ќе и биде последна година на делување на македонската политичка сцена во форматот каков што ја гледаме денес. И покрај десет години поминати во опозиција, политички СДСМ се уште не научи ништо од своите грешки. Не научи вистински да порасне и да созрее, иако е факт дека во животот постои едно правило дека нешто може да созрее ако е зелено, ама не може ако е шупливо.

Слично

Поврзани вести