Интервју: Калина Малеска: Професорскиот пленум не се откажува од борбата за квалитетно високо образование!
Пред да почне расправа за нов закон што би бил основа за поквалитетно високо образование, потребен е конкретен чекор што мора да мине низ Влада и Собрание, а тоа е: да се усвои одредба за одложување на примената на Измените и дополнувањата на Законот за високо образование, што беа усвоени во јануари 2015 година, односно, нивната примена да се одложи до 2018 година. Само на овој начин би се создале реални услови за работа со сите сили на нов закон-вели за Фактор, Калина Малеска, доцент на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет “Блаже Конески”
Фактор:Иако новиот Закон за високо образование стапи на сила минатиот месец, надлежните по предлог на Универзитетскиот сенат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје организираат расправа со наставниците, студентите и сите релевантни чинители во процесот на високото образование, заради сеопфатна, стручна и темелна анализа. Дали во услови кога законот е активен има суштинска потреба од вакви средби и дали токму на овој начин може да произлезат предлози за реформи и подобрувања во високото образование?
Малеска: Во услови кога донесениот закон е активен, секако дека би било бесмислено, па и невозможно, истовремено да се прават напори за примена на актуелниот закон и да се работи на подготовка на нов закон. Токму затоа, пред да почне расправа за нов закон што би бил основа за поквалитетно високо образование, Професоркиот пленум бара конкретен чекор што мора да мине низ Влада и Собрание, а тоа е: да се усвои одредба за одложување на примената на Измените и дополнувањата на Законот за високо образование, што беа усвоени во јануари 2015 година, односно, нивната примена да се одложи до 2018 година. Само на овој начин би се создале реални услови за работа со сите сили на нов закон.
Фактор: Кои се, според Вас, клучните недоследности во новото законско решение?
Малеска: Ги има многу, но, еве, во интерес на просторот, овде ќе илустрирам една. Тоа е барањето студиската програма за првиот циклус на академски студии „да има најмалку 80% совпаѓање на содржините и исходите од учењето со иста или слична студиска програма, која се изведува на универзитет, кој се наоѓа на првите 50 места од соодветната област“. Сметам дека е бесмислено универзитет да препишува програми од друг универзитет: секој општествен контекс, а и секоја дисциплина, си има свои специфики, и за програмата најкомпетентно може да решаваат само оние кои се стручни за таа дисциплина и кои ги знаат приликите и потребите на пазарот во Македонија – и таа програма секако не може и не смее да биде иста како оние на други универзитети од други држави, макар биле рангирани како најдобри во која било листа. Секако, тие програми треба да се анализираат и она што е применливо и во нашиот контекст да се примени ако доведува до подобро знаење, но тоа во никој случај не смее да биде врз основа на законска одредба, особено таква што бара најмалку 80% совпаѓање. Тие први 50 универзитети се таму на списокот токму затоа што не препишувале туѓи програми, туку си развивале свои.
Еве еден пример. Сум имала прилика да присуствувам на настава на универзитетот Принстон во САД, на предавањата кај една од најеминентните книжевни теоретичарки денес – Илјен Шоволтер. Таа има предмет што се вика „Литературата на крајот од 19. век“. Замислете сега, на оваа професорка, која фантастично го предава својот предмет, да и биде наложено да предава, да речеме, постколонијализам затоа што таков предмет предава на Колумбија универзитетот една друга исто толку еминентна книжевна теоретичарка, Гајатри Спивак, која е експерт за постколонијализам. Тоа е незамисливо. Без разлика што овде станува збор за два високорангирани универзитети, принципот е ист: да се бара од еден експерт да предава нешто за кое не е толку стручен во име на препишување програми од други универзитети. Добрите универзитети го користат максимално својот човечки потенцијал – ги користат своите експерти во одредени области за да креираат програми што повеќе ќе се фокусираат на тие области. Само така студентите ќе можат да добијат најдобро знаење од оние кои се стручни во дадената област, а не од оние кои со години таложеле знаење од некое поле, а сега се принудени да предаваат некој друг предмет за кој не се ни толку стручни затоа што програмата се прилагодува на програма од друг универзитет. На запад одредени универзитети се познати по одлична програма во едно поле, други се познати во друго поле, па студентите бираат каде ќе се запишат во согласност со своите интереси – различноста, а не унифицираноста, се смета за предност. Таман работа секаде да се наметнат програми и професорите да морат да се вкалапат во нив и покрај тоа што можеби имаат многу потемелни познавања за сосема друга област – во таков случај, губат студентите зашто не добиваат доволно знаење, а со тоа губи и општеството во целост.
Затоа, во овој контекст истакнувам дека е многу штетна и одредбата од Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование, во која се бара студиските програми на сите високообразовни установи да бидат истоветни. Тоа е погубно, зашто повторно значи неискористување на стручноста на своите човечки ресурси. Во крајна линија, не може со сила да се направи сите универзитети да имаат ист квалитет: квалитетот ќе дојде до израз кај оние кои дипломирале, па самиот пазар ќе прави избор на поквалитетни дипломирани студенти, со што и универзитетите самите ќе се стремат кон правење потешки и поконкурентни програми.
За секоја штетна одредба од двата споменати закони може да се наведат уште многу слични анализи и примери за да се посочи колку се неприменливи и недоследни, но доволно е да се фокусираме на една точка.
Фактор:Досега надлежните имаа можност за организирање на јавна дебата или расправа, но сепак тоа не се случи, или барем не со засегнатите страни од Студентскиот и Професорскиот пленум. Кои механизми и чекори се потребни да отпочне дијалог и вистинска дебата за носење на сериозен и издржан Закон за високо образование?
Малеска: Секако широки и сеопфатни дискусии ќе доведат до токму таков Закон – сериозен и издржан. Верувам дека целиот процес да отпочнеше со организирање на јавни дебати што ќе траеја определен временски период, веќе ќе се работеше „со полна пареа“ на подготовка на навистина квалитетен закон. Се разбира, се надеваме дека токму тоа ќе се случува во наредниов период, но, повторно, бидејќи е невозможно паралелно да се прават големи, тешки и скапи подготовки за примена на овој закон од една страна, и да се работи на нов закон од друга страна, нашето барање е примената на овој закон да се одложи за да можат човечките ресурси да се вложат во квалитетна изработка на нов закон.
Фактор: Кој е развојниот пат да се стигне до научно звање на една високо образовна институција, имајќи во предвид дека Контрапленумот и надлежните за секторот образование се обидоа да посочат дека професорите бегаат и се плашат од објавување на научни трудови во реномирани списанија?
Малеска: Ќе го одговорам ова прашање преку примери. Јас имам испратено три научни труда во изминативе три години во реномирани меѓународни списанија. Два текста ми се одобрени и испечатени, а еден одбиен. Двата одобрени текста ми беа на тема споредба меѓу англиски и македонски книжевни дела, додека одбиениот беше само за англиски книжевни дела. Еве што е работата: едното од оние списанија кои ми го прифатија текстот имаа специјален број на тема: литература во посткомунистичкиот период. Токму затоа мојот текст во кој, меѓу другото, се анализираат и македонски дела објавени во последниве дваесетина години можеше да се вклопи во нивната тема. Истото се случи и со вториот прифатен текст – во кој се бараше анализа на книжевни дела од Југоисточна Европа. Значи, не е само квалитетот во прашање. Многу често тие списанија си имаат свои агенди и теми на интерес, па вие и да напишете најиздржан текст нема да добиете пристап таму ако не им се вклопите во темата.
Од она списание, пак, што ми го одби текстот, рецензентите ми посочија дека за мојата тема не сум користела една конкретна студија (ми ја наведоа со наслов и автор) објавена во 2012 која била клучна за таа област, и, второ, дека цитатот од авторот Џонатан Калер сум го превела на англиски од хрватско издание, а тоа било недозволиво кога авторот оригинално пишува на англиски. Еве, од овој пример можете да видите колку е значаен пристапот и до најнови но и до оригинални постари изданија за да можете да бидете конкурентни. Јас знам колку пречки сум успеала да поминам со колку напор за да дојдам до тоа хрватско издание на Калер, зашто на англиски многу тешко можам да го најдам – оти за да ги нарачате сите книги во својата област во оригинал ви треба буквално цело богатство. Сакам да кажам: можете да се утепате од работа и да направите најдобри и најквалитетни анализи, но ако немате пристап до потребните изданија, а тука е клучно финансирањето во науката, тоа ги намалува шансите да ви се објави трудот, и тогаш се добива погрешен впечаток дека бегаме од објавување на научни трудови – што воопшто не е точно. Напротив, за секој професор, верувам, најголемо задоволство е да види свој труд објавен во меѓународно реномирано списание. Она што е клучен поблем е дека нема финансиска поддршка за одење на меѓународни конференции, конгреси и слични научни собири во странство, ниту за набавување на најновите релевантни изданија, според тоа општиот заклучок е дека малку се вложува во научно-истражувачка дејност.
Фактор: Студентите најавија “окупација на факултетите”, со цел да се покаже и докаже дека знаењето неможе да се преброи или обои со неколку прашања и тестови. Дали ќе ги подржите и како ќе се организирате за нов начин на предавања и дејствија?
Малеска: Малку е рано да се одговори за конкретните начини на поддршка бидејќи и тоа ќе се дефинира во наредниве денови. Инаку, во секој случај организираме креативни предавања со кои навистина ќе се покаже дека стекнувањето знаење, потоа развивањето критичка анализа врз основа на тоа знаење, потоа аргументирањето за или против некои ставови, како и споредбата на знаења од различни дисциплини не може да се измери преку тестови со заокружување.
Фактор: Дали државните испити ќе влијаат на квалитетот, кога во првичните најави беше посочено дека преку нив се бара и проверува минималното базично знаење за шестка?
Малеска: За време на часовите од студентите постојано бараме да бидат активни, да кажат дали поинаку гледаат на даден текст од она што некои критичари го кажале за тој текст, имаат презентации, учат како да ги сумираат најважните поенти од некој роман или расказ и да ги искажат усно или писмено во неколку реченици, дискутираме, толкуваме симболика, извлекуваме најразлични теми од само едно книжевно дело. Верувајте, ова е далеку потешко од предвидениот државен испит. Така, ќе дојдеме до парадоксална ситуација еден студент којшто не може да направи анализа на текст да успее да го положи државниот испит. Ако смислата на државниот испит е да утврди барем базично знаење, тогаш тој станува бесмислен ако еден студент може да го положи државниот испит, а не би можел да го положи регуларниот испит. Се разбира, ова е само теоретски бидејќи државниот испит следува по положување на регуларните испити, но сакам да речам дека често (за Филолошкиот факултет секако знам дека е така) е потребно многу поголемо знаење за да се положи испитот што го подготвува професорот отколку да се положи државниот испит. Со тоа, тој престанува да биде гарант за знаење.
Фактор: Дали честата измена на законите дополнително ја влошува состојбата во високото образование?
Малеска: Тоа секако. Основна претпоставка во секое демократско општество е да се даде време граѓаните да се запознаат со законите. Во случајот со ЗВО условот не е исполнет со толку честите измени. Сите во нашето општество имаме потреба од подобро образование, но токму поради тоа, пред воведување измени се дотолку повеќе потребни сеопфатни и подолготрајни анализи за да не мора потоа често да сфаќаме дека нешто не функционира, па на брзина да воведуваме постојано нови промени.
Фактор: Професорскиот пленум претставуваше логично продолжение на она што го направија студентите како неформално здружение и на еден сериозен начин и пристап покажа дека аргументирано може да се спротивстави на реформите кои може да влијаат на квалитетот во образовниот процес. Како ќе делувате во иднина?
Малеска: Па, ова е малку тешко прашање бидејќи тековно се договараме за идните конкретни постапки. Но, општо земено, со сигурност можам да речам дека ќе продолжиме да се залагаме за квалитетно образование и за квалитетни реформи.
С.Б.
Слично
