Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју: Каде закочи договорот на пленумците и министерството за образование?

Интервју: Каде закочи договорот на пленумците и министерството за образование?

Денеска завршува првиот уписен рок на државните универзитети во земјава, освен универзитетот во Тетово. На петте државни универзитети има вкупно 24.952 слободни места. На државниот универзитет-Тетово првиот уписен рок ќе биде од 18-ти до 21 август. На најголемиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“во Скопје, има 10.669 слободни места. Вториот уписен рок на Скопскиот универзитет е на 3 септември, а третиотна 16 септември. Новата академска година ќе почне по стариот Закон за високо образование.

11182283_1630617203835229_6495380984745902795_n

Дали по масовните студентски протести се решија проблемите, зошто се уште нема спроведување на договорот што Студенскиот пленум го постигна со Министерството за образование и наука

Спроведувањето закочи онаму каде што закочуваат сите договори во нашата држава, кај волјата, вели во кусо интервју за Фактор, Ивана Туфегџиќ од Студентскиот Пленум.

Фактор:Започнува нова академска година, засега по стариот закон, дали проблемите на студентите се решени?

Туфегџиќ: Земајќи ги предвид настаните во последно време, се разбира дека проблемите не се решени. Дозволете да бидам неформална, дури и мало дете знае дека образовните проблеми во Македонија нема да се решат во наредните 3 мандати, знаејќи колку се бројни и големи. Неколку пати проблемите се набројувани, потенцирани и објаснувани, почнувајќи од студентските домови, пристапот до дата бази за истражувања, хаотичното спроведување на реформите, практичната работа. Во неколку наврати имаме потенцирано дека условите во кои се образува македонскиот студент се далеку, далеку полоши од нашите колеги во Европа, каде пак понатаму се гледаат повеќето од младите, а од каде Владата неуспешно препишува реформи и го задушува високообразовниот систем.

Фактор:Помасовните протести успеавте да постигнете договор со министерството, каде закочи спроведувањето на она што се договоривте?

Туфегџиќ:Спроведувањето закочи онаму каде што закочуваат сите договори во нашата држава, кај волјата. Првата фаза од пишувањето на законот требаше да биде тест за сите засегнати страни и за желбата на образовните власти за соработка со оние кои го сочинуваат академскиот простор, студентите и професорите. И на тестот тие паднаа. Ние ја напуштивме работната група на 46-тиот ден, а концептот требаше да е готов за 30 дена. Освен тоа ако ги погледнете настаните од 5-ти Мај наваму и апсењето на нашите колеги за протестите со сериозен недостаток на докази,упадот во библиотеката и малтретирањето на студентите чие што кривично дело е учење после 23 часот и губењето на секаков легитимитет на оваа Влада за преговарање со граѓанскиот сектор, а и за волја на вистината, нејзиниот недостаток на желба за соработка, нашето напуштање на работните групи е сосема логично. Нам не ни беше потребна кооперација со Универзитетот, таа ја имавме, нам ни беше потребен слух од Министерството за образование.

Фактор:Што доколку не се спроведат вашите барања, како ќе реагирате како Студентскипленум?

Туфегџиќ:Ние не се откажуваме од нашите барања, поточно од барањето за нов Закон за Високо образование, затоа што е тој е од витално значење за високото образование. Дури 16 пати менуван Закон за високо образование доведува до тотална правна конфузија и нефункционалност на системот, поради презаситеност од постојано реформирање. Апсурдот на државниот испит ја прели чашата, па потоа тие воведоа и невозможни критериуми за избор во звања за професорите. Сето тоа е неспроведливо, покрај нашите аргументи за апсурдноста на реформите, и самата Влада со два пати одложно дејство на Законот признава дека напишале невозможни норми. Клучно е заедничкото работење, слухот и консултацијата кога се предлагаат реформи. Доколку овие реформи се спроведат вакви какви што се, тогаш нема само да се соочиме со хаос во високообразовниот систем, туку тоа ќе биде и шамар за целата академска заедница.

Фактор:Во јавноста се уште не се откриени виновниците за упадот во библиотеката БраќаМиладиновци, како го коментирате ваквиот однос на надлежните?

Туфегџиќ:Слушнавме дека Основното јавно обвинителството покренува истрага за упадот на специјалците во библиотеката и иако ваквото делување е задоцнето, сепак е за поздравување. Очекуваме дека ќе се спроведе темелна истрага за односот на специјалците кон нашите колеги, кој во најмала рака е нехуман и непотребен. По снимките кои ги видовме, а се објавени на нашата фејсбук страна, можевме да забележиме преплашени студенти кои не знаат ниту што се случува, и употреба на прекумерна сила од страна на полицијата. Освен тоа шлаканицата следниот ден пристигна од поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која не ни помисли да најави дека внатрешната контрола во МВР ќе спроведе истрага за прекумерната употреба на сила на полицијата, туку категорично ги одби тие наводи и ја оправда акцијата. По молкот на властите очекуваме барем темелна истрага затоа што нашите малтретирани колеги, кои апсолутно ништо не сториле, барем тоа го заслужуваат.

Фактор: Како ќе делува Студенскиот пленум во следниот период?

Туфегџиќ: Позната е нашата хоризонтална структура и долгите дебати низ кои заедно поминуваме за внимателно и детално осмислување на активностите. Од кога ќе поминат тие дебати и предлагање на идеи ќе ја информираме јавноста околу активностите.

Ј.С

Слично

Поврзани вести