Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Јасна Суша, фотограф: Го славам денот кога останав без работа!

ИНТЕРВЈУ Јасна Суша, фотограф: Го славам денот кога останав без работа!
Во моментот кога останувате без работа имате чувство дека целиот свет ви се урива, веројатно затоа што живееме во општество во кое е многу тешко да најдете работа. Јас кога останав без работа веднаш отидов во бар да прославам. Толку бев среќна, што не можев да ја допијам среќата. Морав да го затворам кругот кој не ме исполнуваше до крај и знаев дека нешто мора да се случи, нешто поубаво, нешто повозбудливо. Веднаш се спакував и заминав за Габон, мојот сон, сега веќе отсонуван. Откако се вратив од Габон имав период на себеистражување и на себепронаоѓање. Целиот процес траеше околу една година. Се чувствував и среќна и тажна, но не престанав да верувам дека ќе се појави нешто и дека тоа нешто ќе биде посебно, ново, креативно, и ќе ме препороди. Ах, аплицирав секаде низ светот, и одеднаш како небото да се отвори, вели во интервју за Фактор Јасна Суша, фотограф. Извонредно инспиративна и надарена, Суша ужива до последниот здив во својата работа и во животот, а авантуристичкиот дух ја однел на места за кои само сонувала. Разговараше Горазд Чомовски Фактор: Денот  кога го  договаравме  интервјуто  те известија  дека си добила  американска виза. Наскоро  се качуваш на брод и работно ќе крстариш  низ Јужна Америка, Хаваи, Антартик, Аљаска Иако една од твоите најголеми желби беше да се преселиш во Габон. Од каде кај тебе тој порив  постојано да си во  движење,  да истражуваш, да откриваш нови хоризонти ? Поривот?! Веројатно од астролошката поставеност на ѕвездите. Немирна природа, потрага по возбуда. Па, како созревам, како стареам тој наместо да се смири, станува сѐ понемирен и понемирен, бара сѐ повеќе, сака да скока, да се радува, да мириса, да истражува. Од муабетот „сѐ во свое време“ нема ниту трага, ниту глас во мојот живот. Ама, пак, кој е тој што ќе каже кога е вистинското време за нештото да се случи. Мене сѐ нешто подоцна ми се случува од она што го налага општеството. Ете, и на факултет се запишав на 25 години, затоа што на 18 сакав да го освојувам Габон, работев во весници како фотограф, се челичев на улица. Па, тоа ми стана здодевно и решив да студирам. Некако сѐ наопаку од она што другите го прават. [gallery ids="191537,191538,191539,191540,191541,191542"] Бев во Габон, се обидов, ама некако не се снајдов онака како што замислував, па решив да се вратам. Јас пресекувам, ако нешто не е онака како што сакам да биде, не форсирам, го оставам за некој следен пат, за некој следен живот. Сега повторно се враќам на брод, одам на една страна на светот на која никогаш не сум била. Светот е мој, јас сум негова. Нова година ќе ја поминам работно на Антартикот. Живи радости, кејфови на душа, милина. Отекогаш велев дека југот го сакам повеќе од северот. Па, внимавај што посакуваш, сѐ е остварливо. Ете, појужно од Антартикот не можам да одам, или можеби можам да најдам некој југ појужно од југот. Фактор: Во една прилика на шега рече„Немаше да го видам светот, да не останев без работа“. Но очигледно твоето мото „никогаш немој да се откажуваш“  е вистински  пример како треба  некој да се бори  за да го реализира она си го замислил ? Во моментот кога останувате без работа имате чувство дека целиот свет ви се урива, веројатно затоа што живееме во општество во кое е многу тешко да најдете работа. Јас кога останав без работа веднаш отидов во бар да прославам. Толку бев среќна, што не можев да ја допијам среќата. Морав да го затворам кругот кој не ме исполнуваше до крај и знаев дека нешто мора да се случи, нешто поубаво, нешто повозбудливо. Веднаш се спакував и заминав за Габон, мојот сон, сега веќе отсонуван. Откако се вратив од Габон имав период на себеистражување и на себепронаоѓање. Целиот процес траеше околу една година. Се чувствував и среќна и тажна, но не престанав да верувам дека ќе се појави нешто и дека тоа нешто ќе биде посебно, ново, креативно, и ќе ме препороди. Ах, аплицирав секаде низ светот, и одеднаш како небото да се отвори. Тргнаа работите, се појави сонцето. Сега можете да претпоставите што ми се случи, од седење дома, без работа до будење во Истанбул, па Скандинавија, Канада, Њујорк, ммм Карибите, неповторливата Куба, па Камбоџа, Јапонија, Индонезија, Филипини, Бурма, неверојатната Индија итн. Шок и повторно креирање на самате себеси, повторно допирање длабоко во себе, ‘рчкање најдлабоко во себе. Сега сум сосема нова Јасна, сега повеќе до мене не допираат малограѓанските муабети, повеќе не се заморувам со пишување нови линии во сивито, а несвесно ги пишувам, повеќе од кога било. Повеќе не се возбудувам на новостекнатите дипломи во животот, на титулите. Решив да се смеам, да уживам во малите нешта, оние невидливите, неопипливите. Од сето ова нормално е да се роди нова Јасна на која ѝ се проширија видиците и која и колку да се труди да ви објасни низ што сѐ помина и што сѐ виде, нема да можете да ја разберете до крај. Таа Јасна многу често ни самата не може да се разбере и самата може да се изненади од себеси. И тука мислам дека е кликот. Не се плашам да треснам, и од одредена временска дистанца си ги обожавам падовите, бидејќи тие ме пораснаа и ме донесоа дотука, а оттука одам понатаму, некаде далеку кадешто повторно ќе допрам во некој дел длабоко во мене, и ако боли, нека боли, јас ќе се смеам. Фактор: Неколку пати досега беше во Африка.  Какво е твоето искуство за животот таму, далеку од западната цивилизација? Да ми го поставевте ова прашање пред да почнам да работам на брод ќе ви одговарав само за Габон, но откако ја посетив цела Азија можам слободно да кажам дека Габон е многу поблиску до Западот отколку што е Азија. Тоа се такви непремостливи разлики, и од културолошки и од цивилизациски аспект, или ќе ги прифатите или нема. Има своја убавина секое место во светот, а јас сакам сѐ што е далечно и непознато, по малку мистично, по малку вознемирувачко. Еве, пред еден месец се вратив од Кина, бев еден месец, имав огромен проблем со храната и мирисите. [gallery ids="191543,191544,191545,191546,191547,191548"] Кинезите ме доживуваа како благо агресивна бидејќи не се навикнати некој да се обрати со повисок тон. А, јас доаѓам од Балканот, и кога најмалку викам, јас се дерам. Такви сме, живи и бучни. Инаку, сакам да се вратам повторно на Габон, многу го сакам. Бев три пати досега таму, ќе му се вратам повторно, некако оттаму сѐ почна, бев релативно млада кога го посетив првпат пред 14 години, и тоа беше моето прво излегување од Балканот, сама со торба полна фотографска опрема и еден куп насмевки. Тоа беше времето кога фотографирав на аналоген фотоапарат, па торбата беше преполна со филмови. Има нешто магично и недопирливо во таа Африка, и тоа се чувствува само таму и на ниту едно друго место во светот. И земав дел од него со себе и тој дел од Габон си шета секаде со мене. Фактор: Важиш  за темпераментна девојка која сака да го прошета светот со својот фотоапарат, тетка која ги обожава своите внуци, фотограф, фоторепортер, графичар, дипломиран ликовен уметник, педагог, авантурист, добар пливач, пријател, креативец со желба да го научи филигранскиот занает... Од сево ова што го наброивте најмногу се израдував на делот „тетка која ги обожава внуците“. Тоа е суштината на животот, ете тоа шетање ме натера да сфатам што и кои се приоритетите во животот. Моите Хелена и Лука се сонцето на мојот свет, и мојата фамилија, и моите пријатели. Јас не знам што сакам, ама знам што не сакам. А, не сакам здодевни работи, брзо се задоволувам со постигнатите резултати и откога ќе сфатам дека можам, повеќе не ме возбудуваат истите работи. Веројатно затоа сакам деновите да ми се разликуваат еден од друг. Јас не знам кога ќе се смирам, ама, пак, и зошто да се смирам, зошто да ја запрам оваа убавина што ми се случува, зошто да се затворам во канцеларија со одредено работно време и здодевни колеги, со здодевни приказни и ужасни животи, и платено пензиско. Сега вака размислувам и терам напред, да осознаам некои нови светови, да откријам нови неоткриени хоризонти и вертикали и дијагонали и кругови недоцртани. Што би рекле многумина тука, со потценувачки тон, жално е Јасна што работиш на брод. А, јас на тоа велам, нека биде жално во вашите очи, ама нека трае, нека трае и нека не запира. А, мене, пак, воопшто не ми е жал за нив. Сѐ е до точката на гледање, а јас гледам розово со црвен интензитет. Фактор: Повеќе од 2.000 Македонци работат на туристички бродови кои крстосуваат низ светот. Најголемиот дел од нив наоѓаат работа на прекуокеанските крстосувачи или таканаречени крузери.  Од каде таков огромен интерес да се работи на брод. Значи ли ова дека за релативно кртако може многу да се  заработи?     Мојата најголема заработка од работата на брод е тоа што го видов светот и што создадов една прекрасна фотоархива. Нема ништо повредно од тоа. Запознав луѓе од целиот свет, си го подобрив англискиот јазик, научив толку многу нови работи. Ја посетив куќата на Ернест Хемингвеј во Хавана, Куба, ја посетив Петра во Јордан, бев на Кинескиот ѕид, го посетив Ангкор Ват во Сием Реп,Камбоџа, тоа е најголемиот храм досега изграден од камен, кмерска цивилизација. Јас видов во својот живот мумифициран монах, бев на церемонија на созревање на дечињата во Бурма или Мијанмар, каде што од обични момчиња стануваа монаси. Денес е понеделник и јас сум во Скопје, во сабота, ако сѐ биде во ред, треба да се разбудам во Чиле. Еееееееј Чиле, кутрата јас! Јас сум специфичен човек или, пак, многу едноставен, тенка е границата, многу ми е земно ова прашање за да можам да го разберам поинаку од дадениот одговор. Не е лошо, напротив многу е добро. Само здравје, здравје, здравје и сѐ друго можам. Фактор: Каква  е разликата помеѓу животот на брод од животот на копно? Животот на брод е сосема различен од животот на копно. На брод, веројатно, е исто како во куќата на „Големиот брат“, ама многу построго. Морате да се смеете и кога не ви се смее, морате да бидете љубезни со сите околу вас, и толеранција на високо ниво. Затворени сте и ако ги нарушите меѓучовечките односи со некого од вашата околина, тоа директно влијае на вашето расположение, бидејќи секојдневно сте опкружени со истите луѓе. Нереален живот е тоа, кабина чиста секој ден, храна зготвена, униформа испрана и испеглана. Сѐ што правите дома, таму не правите. Од вас се бара висока професионалност и насмевка на лицето. Но, затоа, кога ќе застане бродот на некое пристаниште, слободни сте и никој не ве вознемирува. На брод е забрането пиење алкохол, т.е. можете да се напиете едно пиво или можеби две, бидејќи освен што сум фотограф, јас сум дел од посадата и во итни случаи морам да им помагам на туристите во зависнот од позицијата која ми ја одредува службеникот за безбедност. Возбудливо е, сосема! [gallery ids="191550,191551,191552,191553,191554,191555"] Фактор: Имаш  организирано две самостојни изложби на своите дела во Македонија и една во Белград. Нејзините дела се изложени и во рамките на многу групни изложби, а една од позначајните на кои учествуваш е групната изложба во Амстердам со студентите од школата на „World Press“. Колкав е предизвикот кога изложуваш пред домашна а колкав пред странска публика? Ниту една публика не смее да се потцени. Сега сфаќам дека е многу тешко да се изложат сопствените дела и да се соочите со нив пред светот. Товарот е голем. Кога ја правев првата изложба бев релативно млада, па некако наивно ѝ пристапив, ама имав добри критики. Сега, од ова гледиште, кога би изложувала повторно, не би се осврнувала многу на критиките, иако се важни во животот на еден уметник, но јас го поместив сопствениот центар за еден милиметар, па нека критикуваат. Критиката е здрава и треба да се слушне, ако е издржана, ако е кажана од големи умови. Кај нас, бидејќи сѐ е така весело и шарено, не се знае кој пие, кој плаќа, кој е фотограф, кој е критичар. Јас знам дека јас сум фотограф кој пие и плаќа. Нормално, Белград е поголем град од Скопје и неминовно е дека повеќе луѓе ќе дојдат да ја посетат изложбата, имам чувство дека таму беше поисфилтрирана „рајата“ што дојде да ја види мојата изложба. Можеби затоа што таму не беа моите пријатели, роднини, драги луѓе. Фактор:  Која е твојата крајна дестинација и цел и животот? Крајна дестинација е веројатно Бутел....ахахахахахахааааа, покрајна од таа дестинација не постои. Ама за 50 години отсега најмалку, ахахаха. Ако порано бев преокупирана со цели, амбициозност, дипломи, школи, сега сум сѐ спротивно од тоа. Не знам која е целта, веројатно насмевка во последната воздишка до крајната дестинација, задоволство и некој внатрешен мир дека сум остварила сѐ што сум сакала во животот. А, јас денес едно сакам, утре веќе нешто друго, и така од ден на ден, само ново нека е, нека ме возбудува, нека ме смее, нека флертува новото со мене до крај.
Слично

Поврзани вести