Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Јакимовски: Ќе има предвремени парламентарни избори, а ГРОМ ќе настапи самостојно!

ИНТЕРВЈУ Јакимовски: Ќе има предвремени парламентарни избори, а ГРОМ ќе настапи самостојно!
Градоначалникот на општина Карпош и претседател на Иницијативниот одбор на „ГРОМ“ во интервју за „Фактор“ говори за Граѓанската опција за Македонија, за основачкото собрание кои ќе се одржи на 14 септември годинава. Јакимовски смета дека ќе има предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат заедно со претседателските, а „ГРОМ“ како партија ќе настапува самостојно. На парламентарните избори очекува пет до шест пратеници, а на претседателските избори најавува дека ќе истрчаат со свој кандидат за претседател на државата. Јакимовски е со став и за собраниските инциденти од 24 декември, за актуелната политичка и економска состојба, за законот за медиуми. Го критикува и градоначалникот на Центар затоа што првиот ден од својот мандат го започнал со клоцање на тараби, наместо како што вели, со позитивна енергија. Фактор: Најавивте дека во септември ќе го одржите и основачкото собрание  на „ГРОМ“, на кое треба да се изберат и раководните тела на партијата. До каде сте со подоготовките? Јакимовски:Подготовките течат со забрзано темпо.Ние си поставивме цел, основачкото собрание на „ГРОМ“ да го одржиме на 14 септември и ги вложуваме сите напори тој датум да го „фатиме“ целосно подготвени. Ние сме сериозна партија во основање и го вложуваме севкупниот свој политички,стручен и личен кредибилитет за да ги оствариме зацртаните цели. Подготовките се навистина темелни и во тоа наскоро ќе се уверат и сите членови на „ГРОМ“ и сите граѓани на Република Македонија. Фактор: Лидер на „ГРОМ“ сте вие, може ли да откриете некои од имињата кои ќе бидат на раководни функции во партијата? Јакимовски: Јас засега сум само Претседател на Иницијативниот одбор на „ГРОМ“. Освен мене, во партијата ќе има многу познати имиња од општествено – политичкиот, научниот свет, бизнисмени, медиумски работници, но најмногу обични граѓани кои никогаш не биле членови во ниту една политичка партија. Всушност, тоа е една од основните интенции на „ГРОМ“ кај себе да донесе што повеќе политички неартикулирани граѓани со визија и мисија за економски и политички просперитет на државата.Тоа е би рекол, силата на „ГРОМ“! Сепак за раководни имиња на било кое ниво ќе можеме да збориме дури по 14 септември, кога ќе се основаат телата и органите на партијата Граѓанска опција за Македонија. НА ПОЛИТИЧКАТА СЦЕНА ВО МАКЕДОНИЈА ОДАМНА СЕ ЧУВСТВУВА ПОТРЕБА ОД ПАРТИЈА ВО ЦЕНТАРОТ Фактор: Рековте дека единствена цел на „ГРОМ“ ќе биде да стане партија на власт. Нели е ова малку преамбициозен потег, со оглед на фактот дека сте нова партија која ќе мора да се спротивставува на двете најголеми партии владеачката ВМРО ДПМНЕ и опозиционата СДСМ? Јакимовски: Не станува збор за никаква преамбициозност туку за реални и темелни проценки за потребата од постоење на партија како што е „ГРОМ“. На политичката сцена во Македонија одамна се чувствува потреба од партија во Центарот, која со своите мисии и визии и решенијата што им ги нуди на граѓаните, ќе им понуди нешто различно од биполарниот, црно-бел свет, кој во изминатите две децении се нуди на македонскиот политички простор. Доколку вистински заживее еден таков ЦЕНТАР,а ќе заживее благодарение на „ГРОМ“, граѓаните навистина ќе имаат избор и квалитетна политичка понуда за кои на следните парламентарни избори сами ќе го дадат својот глас. Тогаш можеме да проценуваме за степенот на „амбициозност“ или реална потеба од нешто квалитетно ново. Што се однесува за спротиставувањето на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, јас во неколку наврати одговорив дека ние не се формираме ниту некого да одржиме ниту некого да донесеме на власт. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ не може да смета дека ако во континуитет неколкукратно го победила СДСМ, комотно ќе владее следните дваесеттина години, а СДСМ пак, не може да чека на тоа граѓаните на Македонија да се уморат од гласање за ВМРО-ДПМНЕ и нив да ги одбере како опција. На граѓаните на Македонија, без оглед на национална, конфесионална,партиска или било каква друга определба им треба нов избор, поголем, со пошироки и различни визии од сите досега понудени. Тоа е „ГРОМ“. И конечно ние не се формиравме за некому да се спротиставуваме, туку преку политичка борба да придобиеме што поголем број на граѓани на наша страна. Фактор: Во јавноста Ве нема од поодамна барем кога станува збор за „ГРОМ“ (не мислам на градоначалничките активностите), подготвувате нешто? Јакимовски: Да, подготвувам. Го подготвуваме Основачкото Собрание на партијата и тоа е навистина нешто големо. Во тоа и сами ќе се уверите. Ние сме тука постојано во јавноста, будно следиме се што се случува на општествената сцена и за се имаме заеднички став и решенија, кој повторно ќе кажам се оригинални, наши решанија на партија од центарот. Но, не можеме да излегуваме со официјални ставови бидејќи се уште не сме регистрирани како официјална партија.Нивната вистинска артикулација ќе дојде по основањето на партијата во септември. Фактор: Како во моментот е позициониран „ГРОМ“, како опоизициона партија или со ставовите сте поблиску до политиките на актуелната власт? Јакимовски: Сега би ги повторил горе изнесените ставови: „Ние не се формираме ниту некого да одржиме ниту некого да донесеме на власт. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ не може да смета дека ако во континуитет неколкукратно го победила СДСМ на парламентарни или локални избори, комотно ќе владее следните дваесеттина години, а СДСМ пак, не може да чека на тоа граѓаните на Македонија да се уморат од гласање за ВМРО-ДПМНЕ и нив повторно да ги одбере како опција. На граѓаните на Македонија, без оглед на национална, конфесионална,партиска определба им треба нов избор, поголем, со пошироки и различни визии од сите досега понудени. Тоа е ГРОМ.“ Повторно ќе нагласам дека ставовите на ГРОМ се најблиски до потребите на граѓаните на Република Македонија и не се приближуваме ни кон владејачката ниту до опозициската партија.Тоа се оригинални решенија карактеристични за партија од центарот.На следните парламентарни избори настапуваме сосема сами каде најконкретно, на терен, меѓу граѓаните, ќе ги верифицираме нашите ставови и решенија за севкупните состојби и проблеми на нашата држава во моментот, но ќе понудиме и визии за иднината на една европска Македонија. МЕЃУ ГРАЃАНИТЕ, ИМА ГОЛЕМ, НЕИСКОРИСТЕН ПОТЕНЦИЈАЛ КОЈ СО ВИСТИНСКА ПОНУДА САМО ТРЕБА ДА СЕ ПОТТИКНЕ И СТАВИ ВО ФУНКЦИЈА ЗА ДОБРОБИТ НА СИТЕ ГРАЃАНИ Фактор: Претпоставувам ќе се насочите кон „ловење“ на неутралното гласачко тело. Имате ли идеја како ? Јакимовски: Да, точно. Имаме и идеја и решенија и визија. Тоа е граѓанска опција која нема да изземе никого, туку да го вклучи севкупниот креативен потенцијал на сите граѓани кои сакаат да стават личен печат и да дадат придонес во подобрување на квалитетот на живеење во државата, со својот личен кредибилитет, со своите идеи и способности, со својот потенцијал кој до сега, од било кои причини не можеле или не сакале да го прокламираат поради стеснетиот избор и понуда на политичката сцена во Македонија. Ние сме уверени дека во нашиот народ, меѓу граѓаните, има голем, неискористен потенцијал кој со вистинска понуда само треба да се поттикне и стави во функција за добробит на сите граѓани. Ние чекор по чекор ги одработивме сите полиња на граѓанско живеење, од кои не исклучивме никого, ама баш никого и во Програмата на ГРОМ која јавно ќе ја обелодениме по основачкото собрание, секој ќе може да се препознае во нив и да даде свој личен белег. Тоа е можеби навидум многу храбро, но токму тој збор „Храбро“ е нашиот лајт мотив иманентен токму за ГРОМ, колку и да има симболика во кратенката на нашата партија Граѓанска опција за Македонија. Ние сме сигурни и убедени дека силата е во граѓаните на Македонија, во нивното заедништво и позитивна енергија,верба и љубов за иднината на својата држава. Фактор: Како ќе ги убедите луѓето дека вашите ветување се реални и не се лажни? Јакимовски: Граѓаните имаат и досега искуство со мене и тие добро знаат кој најмногу ги исполнува ветувањата. Граѓаните на Република Македонија, по дводецениска исцрпувачка транзиција се изморени од нереални и лажни ветувања. Ние цврсто стоиме на земја, и од позиција на центарот утврдивме точно кои се потребите, барањата и очекувањата на граѓаните. Ги лоциравме сите пропусти и се обидовме да се дистанцираме од нив, и со нови креативни решенија да излеземе на политичката сцена. Нашите ветувања се рални,затоа што произлегуваат реално од граѓаните, тоа не се никакви фикции ниту гол поулизам. Граѓаните имаат идеи, ние сме во постојана комуникација со нив, ги сондираме и инкорпорираме нивните ставови и цврсто стоиме до нив и со нив. А верувајте, тие, граѓаните - ретко грешат. Фактор: Една од забелешките е и вашата соработка со ВМРО ДПМНЕ на локално ниво? Јакимовски: Не ли е тоа уште една потврда дека треба да се соработува, а не да се мрази и тера инает.Наместо политика на омраза јас нудам политика на соработка. Јас бев нужно упатен со моите пет пратенички мандати во Советот на Општина Карпош да соработувам со едната или другата политичка партија. Точно е тоа дека прво им понудив соработка на советниците на СДСМ, но откако тие во два наврати одбија , почнав преговори со ВМРО-ДПМНЕ и тие веднаш се согласија. Дали мислите дека требаше да оставам Советот да биде блокиран со работа, потребите на граѓаните да бидат „заложници“ на меѓупартиско пазарење, или пак да чекам ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно да се договорат како што беше случајот со Струга и Кичево и да ги маргинализираат петте советници од Српската Напредна странка, која застана зад мене, кој добив најголема доверба и гласови од граѓаните на Карпош. Тоа за мене е политичка немудрост и тоа е, де факто, изигрување на довербата на граѓаните. ЖЕРНОВСКИ НАПРАВИ ГОЛЕМА ГРЕШКА ШТО ПРВИОТ ДЕН ОД СВОЈОТ МАНДАТ ГО ЗАПОЧНА СО КЛОЦАЊЕ НА ТАРАБИ, НАМЕСТО ДА ЗАПОЧНЕ СО ПОЗИТИВНА ЕНЕРГИЈА Фактор: За разлика од вас,вашиот некогашен колега од ЛДП, Андреј Жерновски, би рекле имаше „многу пожежок“старт во својата нова градоначалничка фотелја и тоа токму од советничката група на вмро-дпмне, но и од централната власт, со случајот „ сечењето дрвја кај бристол“.што според вас значи тоа:полош „играч“ или блокирање на работата на опозициски градоначалник? Јакимовски: Мислам дека господинот Жерновски направи голема грешка што првиот ден од својот мандат го започна со клоцање на тараби, наместо да започне со позитивна енергија. Гледаме дека во континуитет целокупната негова активност се сведува на опонирање на централната власт, што е очигледно е негова стратегија. Јас и на почетокот изјавив дека работата ќе му биде од играчка - плачка, и плачката му дојде кога му се собраа неколку илјади граѓани. Му дојдоа пред оштината и потоа напомош ги бараше амбасадорите. Не знам дали ги консултираше амбасадорите кога одлучи со клоци да урива огради, а потоа кога ја уриваат неговата ограда тогаш ги бара амбасадорите. Убеден сум дека тоа е погрешна стратегија. Фактор: Но, тој е соочен е со опструкции од власта и со секојдневни казни? Јакимовски: Чекајте, чекајте малку, и јас бев опозиција и тоа жестока од СДСМ. Мене исто така ми праќаа контроли и испекции, но никогаш не можеа да ми најдат некоја неисправност. Тие не беа нималку нежни кон мене.Но, разликата е што моето искуство и познавањето на проблематиката не дозволуваат импровизација и кршење на законските прописи па затоа не можат ниту да ме казнуваат. Во конкретниов случај очигледно се работело за нечие непознавање на прописите. Него можам да го разберам бидејќи ова се негови први чекори во извршната власт има време ќе научи. Е сега што е попаметно да учиш од туѓи или од свои грешки? МИСЛАМ ЌЕ ИМА ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ, КОИ ЌЕ ОДАТ ЗАЕДНО СО ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ. НИЕ СИГУРНО ЌЕ ИМАМЕ КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РМ Фактор: Кога го основавте движењето „ГРОМ“ најавивте дека се подготвувате за избори во март. на какви избори мислевте предвремени парламентарни или претседателски? Јакимовски: Мислам на предвремени парламентарни, кои ќе одат заедно со претседателските. Мојата политичка проценка, која ја базирам на долгогодишно политичко иксуство и учество на избори, упатува на тоа дека владејачката партија има сознанија дека самите претседателски избори можат да минат со многу мала излезеност и незаинтересираност на гласачкото тело и оттаму тие нема да рескираат и самите ќе распишат едновремено претседателски и парламентарни избори. Тоа е големата шанса за „ГРОМ“. Фактор: Догодина избори сигурно ќе има. тоа се претседателските зад кого вие би застанале, зад кандидатот на власта или на сдсм. или пак можеби и „ГРОМ“ ќе истрача со свој кандидат? Јакимовски: Не, „ГРОМ“ нема да застанува зад никого . Ќе застане зад кандидатот на „ГРОМ“. Ние сигурно ќе имаме кандидат за претседател на РМ. Фактор: Како ја коментирате актуелната политичка ситуација во земјава? Јакимовски: Состојбата во државата е тешка и очигледно недостасуваат вистински решенија за крупни и витални проблеми. Токму затоа ја придвиживме Граѓанската опција на Македонија, со нова понуда на идеи и решенија, кои ќе ги обзнаниме, како што ви реков, во септември, непосрдно по конституирањето на партијата. ОЧЕКУВАМ ПЕТ ДО ШЕСТ ПРАТЕНИЧКИ МЕСТА Фактор: Да има утре избори со кого би коалицирале со ВМРО ДПМНЕ или со СДСМ? Јакимовски: На ова веќе ви одговорив. Ние ќе излеземе сами, ќе си ја одмериме својата политичка сила, без однапред коалицирање. Сметаме дека било која идна власт не ќе може да состави влада,а притоа да не смета сериозно на мандатите кои ќе ги освои ГРОМ на следните парламентарни избори. Фактор: Доколку пак настапите самостојно што мислите колку пратенички мандати би освоиле? Јакимовски: Тоа ќе го видиме на самите избори.Но, јас не би сметал на помалку од пет-шест пратенички места. Фактор: Кој е вашиот став за премиерот Никола Груевски, а кој за лидерот на СДСМ Зоран Заев. Како ги оценувате нивните политички дејствувања? Јакимовски: Тоа е сосема политички некоректно во оваа позиција да ги оценувам. Нашето одмерување ќе биде на парлемантарни избори. И двајцата лидери се долго присутни на политичката сцена  во Македонија, нудат сопствени концепти и решенија, народот имаше шанса и да се изјасни за нив, но и да ги провери што реално носат во скојдневното живеење. Нивната работа е предмет на оценка на граѓаните, а личните ставови се сосема небитни во ситуацијава. Важни се политичките визии. „ГРОМ“ НИКОГАШ НЕМА ДА ПОДДРЖУВА ИНЦИДЕНТИ И НАСИЛСТВО ОД БИЛО КОГО И ОД БИЛО КОЈА СТРАНА Фактор: Кој е вашиот став за собраниските инциденти од 24 декември? Јакимовски: „ГРОМ“ никогаш нема да поддржува инциденти и насилство од било кого и од било која страна, како што нема да поддржува  инает и необмислен отпор до бескрај, без јасна политичка завршница. Фактор: Премиерот Груевски вели дека комисијата која работи на расчитување на собраниските инциденти ја минирал Бранко Црвенковски. Кој е вашиот став? Јакимовски: Тоа е негов став и мислење кој треба да го аргументира, но првенствено мислам дека Комисијата треба до крај да си ја заврши својата работа без било чии притисоци и влијанија. Фактор: На политичката сцена во најава е уште еден политички субјект, тоа е Алијансата за позитивна Македонија, чии предводници се бизнисменот Минчо Јорданов, екс премиерот Владо Бучковски и Љупчо Зиков. На основањето се појавивте и вие, можно ли е спојување на „ГРОМ“ со Алијансата за позитивна Македонија? Јакимовски: Јас бев поканет како гостин и пристојно е како претседател на Иницијативниот одбор на „ГРОМ“ конкурентска политичка партија на македонската сцена, да се појавам и да ги удостојам со присуство. Тоа е мнимум политичка култура која треба сите да ја одржуваме. Не доаѓа предвид никакви спојувања со било кој. Па ние не се формираме како партија за да бидеме нечиј приврзок или приклучок туку целосно самостојно да ги реализираме нашите политички визии и решенија, да ја освоиме власта, да бидеме значан дел од неа. ОД ПОЛИТИЧКАТА СОСТОЈБА НАЈМНОГУ ТРПИ БИЗНИСОТ Фактор: Како ја коментирате актуелната економска ситуација? Јакимовски: Македонија е во длабока економска криза. Од политичката состојба најмногу трпи бизнисот и токму таму, низ диоптријата на центристичка партија ние го гледаме излезот од кризата. Малите и средни претпријатија се соочуваат со длабока неликвидност, финансиска исцрпеност, изгубени пазари како надвор , така и внатре во државата. Финансискиски  целосно истоштени, нив им треба вистинска стратегија за надминување на овие состојби. „ГРОМ“ е целосно усредсредочена токму на развој на бизнисот на малите и средни претпријатија, на земјоделството на зголемување на конкурентноста и кондиционирање на оние прептријатија кои ќе го придвижат економскиот развој нанапред. Тоа го посакуваат сите, најмногу бизнисмените и ние тоа го нудиме. Фактор: Кои се решенијата или програмата што во овој момент може да ги понуди „ГРОМ“? Јакимовски: Сите решенија и целата програма на „ГРОМ“ официјално ќе биде презентирана на самото основачко собрание и сите граѓани на Република Македонија ќе имаат шанси нив да ги видат. Фактор: Кој е вашиот став околу носењето на законот за медиуми? Јакимовски: Се разбира и за тоа горливо прашање имаме дискутирано и изградено став. Генерално „ГРОМ“ се залага за целосна слобода на медиумите, за правото на непритрасно, објективно информирање и било какво политичко влијание врз нив. Тоа е една значајна и чесна професија, чиј углед и дигнитет треба да се зацврсти и поддржи. „ГРОМ“ ќе понуди решение за спорот со името во својата програма Фактор: Кој е вашиот став за спорот со името со Грција? Јакимовски: Тоа е едно големо прашање, за кое ќе ви повторам „ГРОМ“ има свое мислење, и кое заедно со сите други решенија ќе го прокламираме со Програмата во септември. Фактор: Дали и колку често комуницирате со Меѓународната заедница? (ЕУ, САД итн)   Јакимовски: Да, отсекогаш ни било важно како меѓународната заедница го перцепира нашето работење и одржувањето на една полезна и културна комуникција која само ќе ни ги збогати сознанијата и гледиштата, е важен чинител во политичкото делување на било која партија, вклучително и „ГРОМ“. Тоа значи дека ние навистина ќе бидеме отворени за соработка и мислења од било која амбасада, но и ние ќе ги изнесеме нашите ставови по било кое прашање, со јасна и недвосмислена аргументација. Редакција Фактор
Слично

Поврзани вести