Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Ивон Величковски: Импичментот за Иванов е тест на демократската свест

Интервју Ивон Величковски: Импичментот за Иванов е тест на демократската свест

Македонскиот претседател  е само лице што го пополнува просторот во Вилата на Водно, држи пенкало и става потпис. Аболицијата  мора да  важи за сите бидејќи политички неекспонирани личности помагале во делата на политичарите, а тоа е соучесништво,  порачува  Ивон Величковски. Лидерот на Либерална партија во интервју за Фактор,  проценува  дека Никола  Груевски со аболицијата сака да си обезбеди преговарачка предност и да го осигури својот тим, додвајќи дека екс премиерот сега е подготвен да се пазари за себе и неколкумина околу себе. За Величковски, Договорот од Пржино е сериозно оштетен не заради дизајнот на договорот, туку затоа што неговите потписници не се на ниво на задачата. „Ако Договорот е мртов, „курбан“ одат и СЈО, но и ангажманот и посредството на меѓународната заедница. Состојбите не смееат ниту може да се вратат во „предпржинска“ состојба. Сега импичментот за Иванов е тест на демократската свест. Тешко ќе се обезбедат 82 пратеници за постапката, но ова е можна точка во која ќе се исцрта првичната бројка на пратеници подготвени да стојат зад темелните уставни и европски вредности во Македонија“ дециден е претседателот на Либералната партија . Тоа би бил и бројот на пратеници подготвени за гарантирање на работата на СЈО, од СДСМ, ДУИ, ДПА, независните пратеници.. Тоа би биле и пратеници подготвени да изградат мнозинство, заедно со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, за влада што би ја спровела транзицијата предвидена во Пржинскиот договор“ ,  вели Величковски.  За претседателот на ЛП, Шарената револуција е избликот на револтот на граѓаните за неправдите и дубиозите.  Тоа е револт и на партиски членови и на оние кои немаат партиска припадност. Со тоа, граѓанскиот сектор се факторизира и станува неизбежен соговорник во решавањето на кризата .

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор: Како го толкувате невообичаениот молк кој владее на политичката сцена откако пропадна  5 ти јуни. Официјално не се зборува за нов датум за избори, неофицијално тие би можеле да се одржат во октомври или заедно со локалните избори  идната година?

Величковски: Кога молкот е вака гласен, јасно е дека нешто се случува. Низ медиумите „протекоа“ информации дека двете партии водат разговори, за нова „техничка“ влада до изборите и за датумот на нивно одржување. Отапување на острицата на опозициската битка е ако сите клучни прашања се исклучени – медиумските реформи, функционирање на институции и владеење на правото, прочистување на избирачкиот список... – па разговорите всушност се јалови. Штом овие точки се изоставаат, барањето за „брзи“ избори е само тесно-партиска калкулација која нема да ја реши, туку ќе ја заостри кризата. Забележувате, препораките на Прибе, кои посочуваат системски слабости, се оставени на страна, а клучна препорака беше контролата врз тајните служби. Впрочем, сите политички кризи во Македонија се случуваат со длабока инволвираност на тајните служби, било со нивно постапување или непостапување. Затоа, Либералната партија од почеток инсистира – датумот на изборите да зависи од спроведувањето на обврските и транзицијата, а не обратно. За датум издвоено во моментот не смее да се зборува.

Засега е невозможно да се зборува за тоа што сега четирите го форсираат – политичка влада

Фактор: Судбината на Договорот од Пржино засега е неизвесна и во „клиничка смрт“. Дали  клучот  на решението се’ уште може да се бара во договорот од јуни/јули минатата година?

Величковски: Договорот е сериозно оштетен. Знаете дека уште лани Либералната партија изрази резерва за неговото спроведување – не заради дизајнот на договорот, туку затоа што неговите потписници не се на ниво на задачата. Па луѓе, ако тие партии беа во можност нешто да средат, немаше до тука да дојдеме. А четирите се свесни дека „игранката“ сега им е надвор од контрола. Затоа, сега е невозможно да се зборува за тоа што сега четирите го форсираат – политичка влада. Истовремено, штетна е оценката дека Договорот од Пржино е мртов и неа ја зборуваат партиите кои сакаат да го спречат граѓанскиот процес и сакаат да си ги зачуваат позициите низ политичка влада. Ако Пржинскиот договор е мртов, „курбан“ одат и СЈО, но и ангажманот и посредството на меѓународната заедница бидејќи е гарант на Пржино, а договорот и е инструмент за посредување.

Фактор: Како ја оценувате одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов делумно да ја поништи одлуката за аболиција која важи само на 22 лица, а не за сите 65 помилувани. Меѓу  оние за кои не важи аболицијата поврзани со случаите „Титаник“,  „Тортура“,  „ТНТ“ ..?  

Величковски: Иванов е само лице што го пополнува просторот во Вилата на Водно, држи пенкало и става потпис. Затоа, да не зборуваме за небитното. Груевски сакаше со аболицијата да си обезбеди преговарачка предност и да го осигури својот тим, а со тоа да си го продолжи векот на траење во ВМРО-ДПМНЕ и, на тој начин, влијанието во македонската политика и економија. И сега, со поништувањето на аболицијата се посипа(а) со пепел. Но, предупредувам, да не го спуштаме гардот прерано. Груевски и сега е подготвен да се пазари, претпоставувам за себе и неколкумина околу себе. Измените на Законот за помилување беа маневар што брзо ќе се неутрализира. Инсистирајќи на аболиција, Груевски низ пенкалото на Иванов само исцрта кој веќе не смее да биде дел од политичкиот живот и властите во Македонија (националните или локалните институции). Инаку, сметам дека поништувањето на аболицијата мора да биде за сите. И политички неекспонирани личности помагале во делата на политичарите, а тоа е соучесништво.

Состојбите не смее ниту може да се вратат во „предпржинска“ состојба

Фактор: Дали измените на Законот за помилување се во насока на спласнување на тензиите или водат кон распад на целиот концепт и враќање на состојбите на почеток?

Величковски: Состојбите не смее ниту може да се вратат во „предпржинска“ состојба. Затоа, сега треба да продолжи постапката на импичмент на Иванов, бидејќи тој се стави на располагање „да одработи“ за Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и да аболицира злоупотреба на власт и моќ. Импичментот е тест на демократската свест и вредност во партиите. Да, тешко ќе се обезбедат 82 пратеници за постапката, но ова е можна точка во која ќе се исцрта првичната бројка на пратеници подготвени да стојат зад темелните уставни и европските вредности во Македонија. Тоа би бил и бројот на пратеници подготвени за гарантирање на работата на СЈО, од СДСМ, ДУИ, ДПА, независните пратеници... А зошто да не, тоа би биле и пратеници подготвени да изградат мнозинство, заедно со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, за влада што би ја спровела транзицијата предвидена во Пржинскиот договор. Оние што сметаат дека се политички лидери, низ импичментот сега може да постават точки на разбирање за премостување на застојот. А има повеќе такви точки.

Фактор: Речиси за секоја криза имаме соодветна влада. Вие подолг период ја заговарате потребата од формирање на коцентрациона Влада. Ваквиот тип на влада обично се формира во  посебни услови. Тоа се обично елементарни непогоди, вонредни  или воени состојби. Дали една таква влада би можела да ги реши наталожените проблеми  без нејзината работа да биде опструирана?  

Величковски: За концептот на концентрациона Влада зборуваме од октомври 2014. И од меѓународната заедница ни го поставуваа ова прашање и ќе Ви одговорам со она што и ним сме им го презентирале. Ние имаме вонредна политичка состојба во Македонија од 2011, а почеток на заплетот е 24 декември 2012. Штетите од оваа криза се поголеми од било какви елементарни непогоди. Концентрационата влада ги вклучува и партиите во Собранието, и партиите и движењата што нудат решенија и се легитимираат во процесот низ својата иницијатива (вклучително протести). Таа не исклучува ниту една партија, дури и оние од власта, туку ги отстранува функционерите што ја предизвикаа кризата. Едноставно, тоа е влада за извршување обврски без да ги пренесе дневните кавги на пржинските потписници во својата работа – за спроведување на препораките на Прибе и за оспособување на институциите, а не за преземање на власта без избори. Дополнително, таквата Влада го внесува граѓанскиот сектор и експертите во процесот со доволна политичка поддршка од Собранието.

Промената на власта е приоритет на Либералната партија и на сите опозициски настроени граѓани, партии и движења

 Фактор: Го критикувате начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ ја практицира власта, но во истовреме имате и сериозни забелешки кон СДСМ во нејзината битка за уривање на Никола Груевски. Дали на овој начин свесно оставате маневарски простор, зависно од развојот на ситуацијата, да фатите приклучок кон едната или другата страна и дали лидерот на СДСМ е добра алтернатива за Македонија ?

Величковски: Со Груевски расчистивме уште кога многумина денешни „гласни опозиционери“ среќно му седеа во скутот и мрдаа со опавчињата. Промената на власта е приоритет на Либералната партија и на сите опозициски настроени граѓани, партии и движења. Но, инсистирајќи дека тоа е само приоритет на СДСМ, се манифестира исклучивост, а ВМРО-ДПМНЕ ќе ужива да се бори само со овој СДСМ „еден на еден“. Значи, кој се бори за „петка на рачето“ и за физичка промена на личности, наместо на партиски поредок, нека си продолжи така. Дел сме од демократската јавност што стои зад декларираните вредности и си го носиме својот дел од товарот на спротивставувањето на партиската окупација на институциите, оти тоа е спротивно на европските вредности. Зборуваме и работиме принципиелно, па кога ги објавија „бомбите“, ги поддржавме и оддадовме признание. Принципиелни ни се и забелешките кои се однесуваат на нивното настојување за монопол врз опозициските сили во општеството, бидејќи сметаме дека тоа на Груевски му ја зголемува можноста за опстанок. Задачата на Либералната партија не е да браниме нечии четири букви или нечиј култ на личност, туку да овозможиме граѓаните да си ја изберат алтернативата на слободни и кредибилни избори, по свое уверување.

Фактор: Ако Никола Груевски е веќе политички мртов, за што се погласно се зборува, сепак   поддршката  што се’ уште ја ужива ВМРО-ДПМНЕ е неспорна. Како Вие гледате на предлогот кој се заговара, сите кои од раководствто на ВМРО-ДПМНЕ  беа помилувани да стават крај на политичката кариера?

Величковски: Нема преговори за темелни вредности, а една од нив е владеењето на правото и еднаквост пред законот. Никој да не се надева дека Либералната партија, граѓанската јавност во Македонија и меѓународната заедница ќе прејдат преку (обид за) аболиција на (политичари)осомничени за корупција и злоупотреба на власта и моќта. Мислите дека Брисел сака вакви аболиции во Будимпешта, Софија, Атина, Братислава, Варшава... како во Скопје? И, нагласувам, со аболицијата им заврши политичката кариера на сите аболицирани и пред мастилото да се исуши.

Граѓанскиот сектор е сојузник, а не нечие партиско средство за пазарење со Груевски

Фактор:  Ако го исклучиме меѓународниот фактор, дали Шарената Револуција во моментов е всушност е единствениот Ургентен центар кој фактички ја спасува државата?

Величковски: Таа е еден од најзначајните „ургентни центри“. Шарената револуција е избликот на револтот на граѓаните за неправдите и дубиозите што секој лично и сите заедно како општество ги видовме во Македонија во оваа деценија. Тоа е револт и на партиски членови и на оние кои немаат партиска припадност. Со тоа, граѓанскиот сектор се факторизира и станува неизбежен соговорник во решавањето на кризата. Затоа и одлучивме да поддржуваме протести што се организирани од граѓаните, а не од партиите. Предупредувам: обидот за партиско поклопување на Шарената револуција ќе биде контрапродуктивен за декларираната цел – владеење на правото и оспособување на институциите и ќе го уништи граѓанскиот дух на протестите. Граѓанскиот сектор е сојузник, а не нечие партиско средство за пазарење со Груевски.

Слично

Поврзани вести