Интервју Илчо Захариев: Ќе го дадам и последниот атом од енергијата за да го променам ликот на Штип!
Илчо Захариев, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Штип. Завршил Фармацевтски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Роден во 1960 година во Делчево.Прим. м-р Захариев e работел во приватни компании од областа на фармацијата, а во 2006 година по втор пат е именуван за директор на Бирото за лекови и денес е сѐ уште на оваа функција. На својот противкандидат од редовите на СДСМ, Здравко Коцев му порачува да води позитивна кампања во биткта за градоначалникта функција на Штип, бидејќи градот кој е крвототокот на македонскиот политички систем, извор на кадри, не заслужува поинаква кампања
Фактор: Како поранешниот директор на Бирото за лекови ќе се снајде во улога на градоначалник?Захариев: Имам 30 годишно искуство во фармацијата, но исто така две години бев претседател на Советот на општина Штип, каде се донесени важни одлуки за урбанистичкиот и локалниот –економски развој. Нема зошто да не се снајдам во политичката функција.
Го познавам градот, ги познавам граѓаните и нивните проблеми и потреби. Убеден сум дека ќе направам добро за мојот град и граѓаните ќе ги почуствуваат бенефитите. Последниот атом на енергија ќе го искористам за Штип да добие се што заслужуваат неговите жители. Ќе ги вклучам сите ресурси во тоа, без разлика на партиска припадност и тоа нема да биде никаков проблем во моето работење. Сметам дека ќе ќе бидам успешен не само јас туку и целата локална самоуправа и целиот Штип. Фактор: Како ќе се справите со невработеноста? Захариев: Кај мене ќе владеат неколку принципи во работењето. Создавање на социјална сигурност, што ќе се потврди со локалниот економски развој на општината, вклучувајќи го тука и развојот на индустриската зона што е во близина на Штип. Суштината е да вработиме што повеќе луѓе, да има што помалку сиромашни. Да се врати средната класа. Понатаму ќе ги искористам моите контакти од своето долгогодишно искуство во фармацијата за да изградиме фабрика за лекови во Штип. Но, исто така како и секоја добра локална самоуправа ќе се разговара и со бизнисмените од овој град кои исто така ќе најдеме начин дополнително да ги вклучиме во развојот на општината во сите полиња. Фактор: Штипјани се жалат дека градот инфраструктурно не е среден во последниве години. Кои поголеми проекти ги планирате? Захариев: Проектот, односно автопатот Штип-Миладиновци е клучниот приоритет и треба да биде завршен за три години. Но, освен тоа морам да кажам дека Штип ќе се гасифицира за две години од моето доаѓање на власт. Ќе го уредиме влезот на Штип. Ликот на градот мора да биде променет, бидејќи велат „каков ти е дворот, таква ти е куќата“, затоа имаме проект за уредување на влезот на Штип од Скопје и влезот на Штип од Кочани, а крајниот рок за завршување на сето тоа е 2015 година. Ќе се доизгради улица Партизанска и улица Вардарска. Но, ќе се асфалтираат и многу други улици, а истовремено ќе се бара решение за враќање на двонасочниот сообраќај во градот. Вода за пиење ќе има во секоја населба, а ќе се реши и проблемот со канализација во секоја населба исто така. Фактор: На што ќе посветите најголемо внимение? Захариев: Морам да напоменам дека најголемо внимание ќе се посвети на здравството. Ќе изградиме комплетно нова Клиничка болница во Штип, што ќе биде во интерес не само на граѓаните на Штип туку и околината. Но, исто така ќе изградиме нов студенски дом и нов пензионерски дом. Ќе се доизгради училиштето во населбата Баби. Големи инвестиции ќе има во спортот, секоја населба ќе има спортски објект, бидејќи тоа е во интерес на нашата младина за која мора да се грижиме и да и создаваме нормални услови за развој. Но, ќе се работи и на проектот Отиња со сите сили и ресурси. Фактор: На трибина пред симпатизерите изјавивте :„Домаќинско работење со парите на граѓаните, од еден денар ќе правиме три“. Како?Захариев: Постоечките пари ќе ги користиме рационално, нема дневници, нема ручеци, нема службени патувања. Со еден збор нема луксузирања. Во Буџетот на општината сега е планирано да се купи автомобил за неколку илјадници евра, но ние нема да го купиме. Тие пари ќе ги употребиме за нешто друго. Сакам да Ви кажам и дека ќе инвестираме во хигиената на градот, а за некои работи да се направат некогаш и не се потребни пари, само треба добра воља и желба.
Фактор: Што би му порачале на Вашиот противкандидат од редовите на СДСМ и каква битка за Штип очекувате?
Захариев: Јас потпишав кодекс за фер и демократски избори. Верувам дека и тој го сторил тоа. Имам позитивно мислење за него и за сите противакндидати, но сакам да кажам дека моја цел не се противакандидатите туку граѓаните на кои им ја нудам мојата програма. Во Штип, барем јас знам дека ќе водам позитивна кампања, бидејќи Штип е крвототкот на македонскиот политички систем, извор на кадри и не заслужува поинаква кампања. Ние ќе водиме културна, елегантна кампања, а нашиот адут секако е мојата докажаност и искуство, но и изборната програма што ја нудиме на граѓаните.
