ИНТЕРВЈУ ЃОРЃЕ МАРЈАНОВИЌ: Потписите од Пржино не се лепени, местени и креирани!
“Политичари за кои постои сомневање дека се сторители на кривични дела во никој случај не можат да обавуваат какви и да е јавни функции, а особено не да се членови на влада. Тие треба да бидат изведени на суд”. Овој став за Фактор го соопшти еден од најафирмираните универзитетски професори Ѓорѓе Марјановиќ. Познатиот кривичар потенцира - македонските политичари мора да го реализираат “Договорот Пржино“. Потписите мора или треба да бидат гарант за почитување на преземените обврски зашто тие не се “лепени, крпени и местени.“
По подолго осуство со јавни оценки, Проф. Марјановиќ вели дека идниот Специјален Обвинител мора да има целосна и функционална автономија во постапките сврзани со аферите од прислушувањата.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Кој и на каков начин гарантира за обврските превземни со договорот потпишан од четворицата партиски лидери во Пржино. Може ли ставениот потпис да се смета како гарант дека ќе се испочитуваат превземените обврски?
Проф. Марјановиќ: Нормално би било, тој што ја презема обврската, да го гарантира и нејзиното извршување. Од друга страна, самото потпишување на овој договор не би требало да претставува само гола форма, за него мора да одговараат тие што го ставија својот потпис. Утре никој не ќе смее да каже дека тие потписи се лепени, крпени и местени. Потписите мора или треба да бидат гарант за почитување на преземените обврски.
Фактор: Дали политичкиот договор на мала врата ја промовира повеќепартиската владина коалиција?
Проф. Марјановиќ: Да, овој договор ја промовира повеќепартиската владина коалиција . На чело на повеќе партиската влада може да застане било кој од првобитните членовите на ВМРО . (Кекеновски, на пример .)
Фактор: Какви би биле надлежностите на т.н специјален обвинител . Колку тој би имал автономна позиција. Каква би била улогата и обврските на јавниот обвинител наспроти т.н специјален обвинител?
Проф. Марјановиќ: Специјалниот јавен обвинител е новина во нашиот правен систем. Би сакал да бидам оптимист дека тој ќе има автономна позиција и дека во негова надлежност ќе бидат само делата од аферата со прислушувањето . А тој ќе треба да му се спротивставува на редовниот јавен обвинител, се разбира таму каде што има место за контрирање.
Фактор: Може ли договорот со кои се предвидува формирање на транзициска (преодна влада) да предизвика потреба од уставни промени?
Проф. Марјановиќ: Се разбира дека е можно формирање транзициска влада со нужни уставни измени, што во систем каков што е нашиов, не е тешко да се изведе.
Фактор: Каков степен на политичка етика би имало ако на изборите повторно се појават политичари кои се под сомневање за можни сторени криминални дејствија?
Проф. Марјановиќ: Политичката етика на една исправна демократска влада подразбира дека оние политичари за кои постои сомневање дека се сторители на кривични дела во никој случај не можат да обавуваат какви и да е јавни функции, а особено не да се членови на влада. Тие треба да бидат изведени на суд.
Фактор: Дали договорот ја отвора и Пандорината кутија за функционална држава преку барањата на ДУИ за меѓуетничка ротација на клучните државни функции?
Проф. Марјановиќ: Не, според мене, договорот не ја отвора така наречената Пандорина кутија преку барањето на ДУИ за меѓуетничка ротација на клучните државни функционери.
Фактор: Како фактички и нормативно би функционирало решението со воведување на вето при носење владини одлуки и дали Бадинтеровиот принцип од Парламентот ќе се трансферира во извршната власт?
Проф. Марјановиќ: Не сум сигурен дали овој принцип не ќе предизвикува блокада при носење на некои владини одлуки дотолку повеќе што сега и опозицијата ќе биде дел од Парламентот!
фото FLICKR
Слично
