Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Гордана Силјановска: Политички осакатеното Собрание ќе се накалеми врз проблемот со името!

Интервју Гордана Силјановска: Политички осакатеното Собрание ќе се накалеми врз проблемот со името!
Дали политичката криза може да се надмине со формирање техничка Влада, кој ќе биде одговорен за суспендирањето на парламентарната демократија, како да се отстрани внатрешната самоблокада на евроатланскиот пат? Идентични и спротивставени оценки од интервјуираните професори по Уставно право и Политички систем – Светомир Шкариќ, Гордана Силјановска и Осман Кадриу. Но тие имаат и различни сугестии за надминување на постизборната криза. “Политички осакатеното Собрание ќе се накалеми врз проблемот со името и ќе им даде сила на сите кои велат дека сега не е во прашање само името, со што нашите евро-атланските аспирации додатно ќе бидат хендикепирани“, оценува Гордана Силјановска, во денешната мини- серија од разговорите за Фактор. Фактор: Како ја оценувате одлуката за оставки на пратениците на опозицијата? Силјановска: Депонираните оставки може воопшто да не го загрозат донесувањето на одлуки и закони во Парламентот. Слично како и во периодот од пред две децении, кога поради бојкот на изборите 94-та, ВМРО-ДПМНЕ и ДП останаа надвор од институциите. Со оглед на квалификуваното мнозинство со кое располага идната владина коалиција, Собранието може да биде многу ефективно. Но со отсуството на силна опозиција, ќе бидат лимитирани неговата претставничка природа и како репрезент на парламентарната демократија. Не исклучен и усложен владин и собраниски “соживот “ поради очекуваните силни притисоци од ДУИ. Фактор: Постои ли страв од условувањата на интегративците што би воделе кон политички и етнички тензии? Силјановска – Има еден сплет на предизборни наддавања што резултираа со “опозициско “ однесување во политичката соработка меѓу старо - новите владини сојузници, што кулминираа со барање за самораспуштање на парламентот. Потоа следуваа условувањата што ги форсираше ДУИ со номинација на “консензуален претседателски кандидат”, признавањето на легитимитетот на избраниот Претседател Иванов,  врeменското лимитирање на мандатот на идната Влада со влез на Македонија во НАТО. Тие, засега, завршуваат со најава за нови предвремени парламентарни избори ако се оддолжи статус-кво ситуацијата со евро-интеграциите.  Затоа велам дека ќе продолжат притисоците од ДУИ, што би биле ублажени, релативизирани, со учеството на кооперативна опозиција за прашања од приоритетните национални интереси. Фактор: Какви последици ќе има оваа парламентарна криза врз стратешкото инегрирање во НАТО и околу преговорите со ЕУ? Силјановска – Неминовна е политичката криза, кога над 30-тина пратеници се вон парламентот, со навестени вон институционални методи на делување на опозицијата. Таа ќе биде како најновите поројни дождови од кој стравуваме сите во регионот. Се разбира нашите евро-аталански аспирации стануваат хендикепирани. Во сите следни Извештаи ќе биде регистрирано политички осакатеното Собрание. На проблемот со името, сега, ќе се накалеми и отсуството на институционален, парламентарен, политички дијалог. Тоа ќе им даде сила на сите кои велат дека не е “само името нашиот проблем”! Фактор: Во кој правец би се движеле обидите за санирање или надминување на кризата и дали македонските политички водства имаа капацитет, преку дијалог, сами да ја наминат, без интервенција на странци? Силјановска – Тешко е да скицирате амбиент кога важните политички актери во државата се однесуваат нерационално, конфузно,непредвидливо. Заборавија на одговорноста пред граѓаните, како избирачи. На електоратот му се додворуваат пред и за време на кампањата, а пота водат љубов со Меѓународната заедница. Така се делегитимираат. Затворени во своите партиски светови, наместо демократија ја лансираат партократијата. Зарем сеуште не научија – ако политичките противници самите не користат дијалог, ќе бидат принудени од меѓународни претставници. Колку пати досега ја повторуваат истата лекција? Горазд Чомовски Претходно објавено: Проф. Светомир Шкариќ - “Веднаш избори за попoлнување на испразнетите места, но ако и во тој состав нема опозицијата тогаш парламентот повторно ќе биде дефектен. Проблематично е формирање техничка Влада”, одговара професорот по Уставно право, во денешната мини - серија на Фактор –разговори. Проф. Осман Кадриу - “Законодавниот дом вака десеткуван не може да функционира долг период. Сите, акти, закони и одлуки што ќе бидат донесени без опозиција ќе бидат оспорувани од политичка гледна точка.”  
Слично

Поврзани вести