Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Горазд Ажман: Европа повторно може да се соочи со енергетска криза!

Интервју Горазд Ажман: Европа повторно може да се соочи со енергетска криза!
Генералниот директор на словенечката Берза за струја (BSP South pool), Горазд Ажман во интервју за “Фактор“ алармира за можноста Југоисточна Европа зимава повторно да се соочи со енергетска криза-отежнат увоз на струја, која и да се најде, ќе се продава по фантастични неколку стотина евра за мегава/час. Ажман ги споделува искуствата и предностите од формирањето на Берзата за струја во Словенија, којашто постои веќе 12 години. И Македонија е пред предизвикот  да формира Берза за струја. Експертска група која неодамна ја посети BSP South pool, веќе работи на моделот за создавање на Берза за струја и во Скопје.   Словенија уште во 2001 година создаде Берза за струја. Подоцна пак, решивте Словенечката Берза за струја да ја споите со Италијанската? Која е предноста од постоење на Берза за струја во една земја? Идејата за основање на Берза за струја во Словенија произвлезе од Законот за енергетика, согласно либерализацијата пазарот. Тогаш берзата се основаше во рамките на операторот на пазарот Борзен. Берзата и Борзен беа една компанија, за во 2008 година Берза да се одвои од операторот на пазарот со електрична енергија за да може во неа да влезе странски парнер. Прво тоа беа Германци, а подоцна Италијани. Транспарентноста во работењето, ондосно транспарентноста во цената на енергијата беше приоритет за нас кога ја формиравме Берзата. Мислам дека важно е секоја земја да има Берза на струја. Овде постојат повеќе можности. Некои земји тоа да го прават сами, некои во соработка со странска берза. Соработката межу две Берзи може да биде на различни нивоа, може да биде само преку изнајмување на софтвер, може да биде соработка за делба на трошоците за работата, бидејќи она што е важно да се потенцира е дека трошоците за работа на Берзата за струја воопшто не се мали. Ако Берзата работи само на еден мал пазар ќе има големи трошоци. Така беше и во нашиот случај кога инициравме соработка со странските партнери. Помали се трошоците за работа, а може да се постигнат поповолни резултати заедно, одошто ако работие сами. Проектот за спојување пак, на Словенечката и Италијанската Берза на струја е важен затоа што се поедноставија постапките за тргување со струја преку граница. Тоа имаше и силно влијание на развојот на ликвидноста на берзата, се зголеми прометот, а со тоа и бројот на активните членови на Берзата чиишто број сега е во просек три пати поголем одошто пред спојувањето на пазарите. Ваков сличен проект планираме и со Австрија и Хрватска. Како влијаеше процесот на спојување на Италијанскатa и Словенечката берза на тргувањето и на цената на струјата? Па во просек пазарите кои се релативно блиски со цената на електричната енергија предноста ја гледаат во алокација на прекуграничните капацитети (далноводите),  а доаѓа до намалување на цената на струјата меѓу двете земји. Нема повеќе ситуација во која двата соседни пазари ќе си конкурираат со цената на струјата. Обично енергијата доаѓа од пазарите со повисока цена кон пазарите со помала цена, што на крајот резултира со повисока цена за крајните потрошувачи. Колкав е годишниот обрт на Словенечката берза? Оваа година очекуваме обртот да биде нешто помалу од 4,5 терават/часови електрична енергија, што е речиси 35%-40% од словенечкиот конзум, што претставува голема истргувана количина на електрична енергија. Во евра тоа би било околу 300 милиони евра промет. Во некои месеци од годинава дури и се случи прометот на Берзата за струја да биде поголем од оној на Берзата за хартии од вредност во Љубљана. Какви се прогнозите за цената на струјата во Европа и на Балканот оваа зима? Може ли да се повтори минатогодишниот енергетскиот мрак кога струјата рушеше рекорди достигнувајќи дури 800 евра за мегават/час? Oчигледно е дека оваа година немавме многу снег. Помалку или повеќе се отиде во воздух, а не во реките. И во овој период од годината нема сериозни врнежи од дожд, така што за сега цените на електричната енергија во Југоисточна Европа не одам многу високо токму поради прилично високите температури за овој период од годината. Во случај на ниски температури, повторно би можеле да ги видиме оние “спојки“, односно во кратки периоди од годината да имаме доста висока цена на струјата во Европа. Факт е и дека нема многу струја од хидроцентралите. Треба да се има на ум дека во февруари оваа година се случија неколку различни ситуации. Во некои од европските земји имаше потешкотии во производството на струја, особено на струја која доаѓаше од термоелектраните. Некои земји пак, го ограничија извозот, така што сето тоа влијаеше да имаме екстремна ситуација во поглед на цената и снабдувањето со струја. Има ли најава за забрана на некои капацитети или рестрикција на извозот на струја во Европа? За сега се зборува само дека ќе има таканаречени такси за извоз на електричната енергија од Бугарија и Романија, што секако ќе има влијание врз цената на електричната енергија во останатите земји на Југоисточна Европа, од една страна. Романија и Бугарија се уште се клучни земји за овој дел од регионот, бидејќи се единствени кои константно имаат вишоци на енергија. Од друга страна пак, доста важно е што фирмите и домаќинствата ќе треба да сфатат дека во овој регион цената многу ќе зависи од временсксите прилики односно неприлики, барем додека не се случат некои нови, големи и сериозни инвестиции во производството на електрична енергија во овој дел на Европа. Ова се однесува на земјите на север од Словенија и Германија, па до Бугарија и Грција на југ. Во последните 10-20 години немаше сериозни инвестиции во енергетиката во овој дел од Европа. Катерина Попоска
Слично

Поврзани вести