ИНТЕРВЈУ ГОРАН МИЛИЌ, АЛ ЏЕЗЕИРА: Мегаломанството во Македонија има континуитет!
АЛ ЏЕЗЕИРА не е предвесник на конфликт во Македонија. “ Зарем вие навистина мислите дека во вашата земја не пoстојат етнички тензии… Политички судири - на Балканот тоа не е ништо ново. Тоа што во Македонија е различно е нејзиното опкружување, историјата кон која се приоѓа на сосема поинаков начин.“ Познатиот Тв водител Горан Милиќ наредните три недели ќе ја снима серијата репортажи за Македонија во рамките на проектот ”Алхемија на Балканот”.
Во подолгото ексклузивно интервју за Фактор со специфична детекција за репресираноста на новинарството, вклучувајки го и македонското – “ Репресивност?! Mислите дека некој некого тепа, апси, убива? Овде имаше некакви апсења. Но поимањето на репресивноста произлегува и од новинарската автоцензура. Таа постоеше во комунизмот. Не можеше за Тито поинаку да се зборува освен во суперлативи. Мислам дека за Груевски не секогаш се зборува само најдобро.“
Тој е разочаран од актуелната медиумска затвореност на Премиерот и бојкотот кон странските телевизии.
Директорот на Ал Џезеира, како новинар е познат на ексјугословенските медиумски простори од Белград, Загреб, па Сараево. Како политички аналитичар ги предупредува медиумските подржувачи на Власта - “Телевизијата не ја носи изборната победа, дури мислам дека ако медиумот премногу фаворизира одреден политичар или партија предизвикува контра ефект. Ако еден медиум се постави премногу навивачки тогаш гледачите може да го замрзат, а ќе гледаат и со сомнеж на информациите што се пласираат во јавноста”.
[embed width="700" height="450" ]https://www.youtube.com/watch?v=ibpLccHIoo4[/embed]Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Кога новинар подготвува документарна серија и најавува дека ќе остане неколку недели во Македонија, тогаш прашањето е што е алхемијата што ќе ја барате тука?
Милиќ: По распадот на Југославија луѓето во регионот, заборавија како некогаш се живееше во некои Републики. Ги нема веќе честите патувања, посетите, нема заеднички телевизиски проекти и размена на ТВ програми. Алхемијата на Балканот е проект, што на пример една Србија треба да ја направи интересна за Хрватите кои во неа не биле 20 години.
Јас на пример почесто бев во Охрид, во Македонија ретко. Незнам како сега се живее, какви патишта имате, што остана од познатите македонски производи што ги имавте пред распадот на Југославија... Сигурно имате брендови со кои може да се пофалите.
Ние ќе снимаме 10- тина епизоди во Македонија што на Ал Џезеира ќе ги емитуваме до Нова Година. Ќе се потрудиме сѐ што сега има актуелно значење да го направиме интересно за гледачите и пред Нова Година. Затоа ќе се фокусираме на главните трендови, а не на дневните случувања. На пример, дали некој некого прислушкувал, како тоа го правел? Да, и со тоа ќе се занимаваме но само во контекст на разидувањата и трајните спротиставености. Дневните настани се за вестите. Алхемијата на Македонија нема да ги објаснува и третира дневно политичките случувања.
Фактор: Како тогаш ќе бидете актуелни?
Милиќ: Некои случувања како да се предодредени да бидат перманентно актуелни 20 и повеќе години. Македонија е независна држава, но некои проблеми со соседите, со името, како да се трајно актуелни. На нашата јавност треба да ѝ ги објасниме овие тенденции како трајна состојба, како конфликт или како решенија.
ДА БЕШЕ СЕ ИДЕАЛНО ОДАМНА ЌЕ БЕВТЕ ВО ЕУ
Фактор: Не ми одговоривте како гледате на актуелниот политички и етнички амбиент во Македонија?
Милиќ: Имате еден остар конфликт помеѓу власта и опозицијата. Такви остри судири има и во Хрватска. Ги имаше и во Србија, таму сега е мирно, но повторно ќе се заостри. Ова како да претставува стандардна шема во регионот. Во Македонија, опозицијата вели дека власта е недемократска. Владата тврди дека опозицијата ги користи сите методи, легални и нелегални и дека е подготвена да се здружи и со црниот ѓавол, со странците, за да ја дестабилизира државата.
Тоа е дежаву сценарио. На Балканот тоа не е ништо ново. Тоа што во Македонија е различно е нејзиното опкружување, историјата кон која се приоѓа на сосема поинаков начин.
Овде постои една приказна дека Владата во Македонија е мегаломанска, од Скопје направила метропола како историскиот музеј Лувр, дека направила голем број споменици, дека ја брани историската и единствена вредност на македонскиот јазик. Македонската нација беше афирмирана и во комунизмот. Југославија, Белград и Тито настојуваа и сакаа македонскиот јазик да биде афирмиран и признаен.
И сега што ме чуди?
Што е различно кога се правеше зградата на МТВ од 20 спратови, од мегаломанскиот споменик на Александар Велики? Мене тоа не ми пречи. Но телевизија од 20 спратови за 1,3 милиони Македонци, тогаш најголема во регионот- дали тоа беше потребно!?
И тоа е израз на некаква континуираност. Македонските писатели во време на Југославија се преведуваа на 50-60 јазици, го афирмираа македонскиот јазик. Нивната литература беше многу повеќе достапна во светот од други многу попознати писатели во останатите Републики. Македонија беше воздигнувана и во комунизмот и овој чекор беше охрабруван што исто така е некаков континуитет.
Фактор: Започнувате со снимања во време кога вашата телевизија е мета на критики по објавувањето на репортажата „Луѓе и моќ“. Критичарите ве гледаат како предодница на моќните медиумски гладијатори на војната. Како ги оценувате забелешките дека документарецот „Луѓе и моќ“ поттикнува верска и етничка поделеност, дека е необјективно прикажана слика за Македонија, дека е антидржавен прилог?
Милиќ: Антидржавен !? Зошто би правеле таква репортажа за Македонија? Вие верувате дека Ал Џезеира со својата уредувачка политика би направила нешто тенденциозно ? Ова е БиБиСи школа. Еве јас предлагам репортажата на истата тема да ја направи БиБиСи. Нема да се разликува од пристапот на Ал Џезеира за Македонија ни во запирка. Тоа е новинарски поглед. Уредувачкиот и новинарскиот кодекс го пишуваат Британци, експерти од БиБиСи. И ние целосно се придржуваме кон нивните критериуми, освен во една реченица, што е слоган на јавниот сервис во Лондон. Кај БиБиСи пишува дека телевизијата го промовира британскиот начин на живот. Ние не промовираме ништо и никого. Што се однесува до меѓуетничките тензии во Македонија, зарем Вие мислите дека ги нема?
Доколку дадете таква изјава, ќе прашам уште десетина граѓани и ако сите негираат постоење на тензии, нема некој што ќе биде посреќен од мене! Но што ако се потврдат информациите за тензиите. Дали тој што ќе каже таква констатација ќе биде прогласен за антидржавен непријател?
Тоа што важи за Македонија мислам дека веќе било и е идентично за Хрватска, Португалија, Шпанија, Белгија. Да го примениме европскиот принцип и ништо да не ставаме под ќилим. Екипата на Ал Џезеира и јас како автор ќе правам позитивен серијал за Македонија и гледачите ќе уживаат во сликата за неа. Но немојте да ми кажувате дека меѓуетничките состојби се идеални, дека имате одлични односи со соседите?! Ако е сѐ така идеално Македонија експресно ќе влезе во ЕУ.
Фактор: Има ли кај актуелната власт во Македонија елементи на реприсивно владеење со создавање на страв, закани, уценувања, користење на репресивни мерки?
Милиќ: Репресивност, мислите дека некој некого тепа, апси, убива? Овде имаше некакви апсења. Но поимањето на репресивноста произлегува и од новинарската автоцензура. Таа постоеше во комунизмот. Не можеше за Тито поинаку да се зборува освен во суперлативи. Мислам дека за Груевски не секогаш се зборува само најдобро. За Тито да, но во ситуацијата на вашиот Премиер не е баш така. Ако за Тито се пишуваше како сега за Груевски мислам дека новинарите ќе завршеа некаде. Во секој случај немаше да бидат новинари. Немам чувство дека сега во Македонија е како во времето на Тито, кога 90 отсто се зборуваше сѐ најдобро, за Армијата, за самоуправниот систем , за неврзаноста.
ГРУЕВСКИ ОДБИ ИНТЕРВЈУ
Фактор: Кои од македонските политичари прифатија да бидат Ваши соговорници. Се обративте ли до кабинетите на Груевски, Заев, Ахмети, Тачи?
Милиќ: Мислам дека најпрво ќе разговарам со граѓаните Македонци, Албанци, Турци, Власи... Баравме интервју од шефот на опозицијата, од лидерите на партиите на Албанците и се разбира од Премиерот. Но од Никола Груевски не добивме позитивен одговор. Ни беше речено дека тој во принцип не дава интервјуа за странски медиуми. Кога во 2007 година бев во Македонија се сретнав со македонскиот Премиер и тогаш се согласи да го интервјуирам, дури и самоиницијативно ми обезбеди ТВ-камера. Добив информација дека не ја прифатил поканата и од словенечката ТВ екипа.
Но за мене особено е интересен Љубчо Георгиевски. За вас во Македонија тој повеќе ништо не значи. Но јас го следев од 1991 година, затоа што Георгиевски беше прв кој побара самостојна Македонија, македонска валута- денар, ЈНА надвор од Македонија... И баш ме интересира неговата судбина како феномен. Тој беше лидер, беше шеф на ВМРО-ДПМНЕ што победи на првите парламентарни избори. Каква е таа судбина да учествуваш во креирањето на новата македонска држава а сега на улица да те гледаат под око.
Фактор: Како го оценувате новинарскиот амбиент во регионот. Каква е тенденцијата во новинарството во т.н. западни демократии?
Милиќ: Не мислам дека новинарство е во криза. Во криза е металургијата бидејки сега е драстично помал бројот на металурзи отколку во минатото. Зошто мислите дека новинарство е во криза кога сега има трипати повеќе новинари, но факт е дека цената на новинарите е падната. Тешко е да се живее од новинарска плата. Политичар може да биде секој бидејќи нема никакви критериуми, доволно е да ве избере народот на избори или да ве стават на висока позиција во партиските органи. Телевизијата е сепак бизнис, пари, вработување, партиски влијанија особено во приватните медиуми. Во нив не можете да биде неработник. Ќе ве избркаат веднаш. Наспроти нив, вработувањето во ХРТ е своевидна награда. Платата ви е пристојна, никогаш нема да ве отпуштат а можете и да работите но и да не бидете ангажирани без да понесете консеквенци за тоа.
Но на индиректен начин и Јавниот сервис е во бизнис водите со сериозен буџет, со приходи и трошоци. Не е сеедно во која банка депонирате 200 милиони евра колку што е годишниот буџет на хрватската телевизија. Има многу личен и финансиски интерес кога се трошат околу 120 милиони евра за набавки, за сценографии, обезбедување на серии и филмови, кога се договараат реклами, кога се врши избор на влијателни компании за купување на рекламното време. Ова воопшто не е помалку важно од партиските влијанија во Јавниот сервис. Погледајте ја политичката сцена во Хрватска. Многумина политички и бизнис моќници сакаат да имаат телевизија сметајќи дека со тоа имаат уште поголема моќ и влијание. Комунистите имаа телевизија па победи Фрањо Туџман. Туџман имаше телевизија па на изборите тогаш победи Ивица Рачан. Зад Рачан застана медиум но тој ги загуби изборите од Иво Санадер. Санадер имаше телевизија но сепак не успеа да го победи Милановиќ. Телевизијата не ја носи изборната победа, дури мислам дека ако медиумот премногу фаворизира одреден политичар или партија предизвикува контра ефект. Ако еден медиум се постави премногу навивачки тогаш гледачите може да го замразат а ќе гледаат и со сомнеж на информациите кои се пласираат во јавноста.
ЈАВНИОТ СЕРВИС МОРА ДА ОБЕЗБЕДИ БАЛАНСИРАНОСТ
Фактор: Кои се премисите за објективен, професионален и партиско-етнички непристрасен јавен сервис, како што е случајот со МТВ кој е подложен на жестоки критики за нејзините јавни и тајни уредувачки спреги со актуелната политичка врхушка?
Милиќ: Кога се работи за МТВ како јавен сервис критериумите се вообичаени и светски, со препознатливи светски стандарди - непристрасност и секогаш мора да има втора страна. Во телевизиските известувања не можете да внесувате навивачки дух, фаворизирачки оценки, да добивате привилегиран медиумски статус. Во телевизиите што имаат јавен карактер новинарите немаат право на сопствен коментар, имаат право на сопствено мислење, но тоа може да го соопштуваат како јавни личности во други медиуми или на јавна сцена .
Фактор: Вие сте еден од ретките кој тврди дека новинарството е лесна професија. Тоа е затоа што суверено владеете со неа, или затоа што не знаете да уживате во пензионерските денови?
Милиќ: Новинарство овозможува долго да бидете активни и да работите. Лично познавам но има и неколку колеги во светот кои снимаат емисии и на свои 80 години. Сѐ додека не станете сенилен , новинарството е атрактивна и креативна професија, не би ја менувал по ниту една цена.




