Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ ГОРАН МИЛЕВСКИ, ЛДП: Излез од „Пуч“ е преодна влада со нов премиер кој ќе организира фер избори!

ИНТЕРВЈУ ГОРАН МИЛЕВСКИ, ЛДП: Излез од „Пуч“ е преодна влада со нов премиер кој ќе организира фер избори!
Горан Милевски од викендов е наследникот на Андреј Жерновски на челната позиција на ЛДП. Во интервју за Фактор тој вели дека излез од политичката криза во која влезе Македонија со случајот „Пуч“ распишување на вонредни парламентарни избори или избор на преодна влада со нов премиер кој треба да ги расчисти наводите за криминал и да организира фер и демократски избори. Во перидот што следува, младиот и амбициозен Милевски признава дека партијата изминатиов период поради долгиот стаж во опозиција се пасивизирала, но порача дека ќе направи се, за да голем број од луѓето кои ја напуштија партијата или се повлекоа во илегала да ги вратиме во ЛДП. Фактор: Г-дине Милевски, на шестото собрание на ЛДП бевте избрани за нов лидер на партијата, кој беше мотивот да се кандидирате за прв човек на партијата? Милевски: Загрозувањето на основните човекови слободи и права, притворањето и судењето на новинарите, прогонот на политичките неистомисленици, притисоците кои се прават врз сите оние кои изразуваат и најмала доза на незадоволство, партизирањето на институциите и слични појави едноставно, не може да ве остават рамнодушен за да стоите на страна и да гледате како се уништува демократијата во државата. Тоа е водилката која ме натера да се вклучам во процесите на отстранување на сите облици на недемократско владеење. Фактор: Ви честиташе ли претходникот Андреј Жерновски на изборот и зошто не остана до крај да го слушне вашето обраќање пред присутните делагати? Милевски: Ние нормално се поздравивме на Собранието на ЛДП, но за жал, после мојот избор не успеавме да остваривме заедничка средба. Тој на Собранието изјави дека ќе остане активно вклучен во ЛДП доколку партијата го задржи опозициониот курс. Бидејќи тоа ќе биде така, не гледам никаква пречка за негов ангажман во идните активности на ЛДП. Жерновски беше присутен не само на моето обраќање туку и на обраќањето на кандидатот за Генерален секретар и на доделувањето на признанието на нашиот истакнат член професорот Ѓорѓи Маријановиќ за неговите децениски напори за развој на демократијата со цел Македонија да стане пристојно место за живеење. Фактор: Со што најитно ќе се зафатите за работа ? Милевски: Имам повеќе приоритети кои веќе почнавме да ги реализираме. Најважно е присуството на ЛДП во медиумите со најразлични прес конференции, соопштенија, изјави  преку кои јавноста ќе може да се запознае со нашите ставови и погледи за актуелните состојби во државата. За таа цел веќе формиравме и Центар за комуникации кој започна да продуцира соопштенија до јавноста како на пример реакција по повод снимените разговори во кабинетот на премиерот. Ќе  го вратам сјајот на ЛДП slika Goran Milevski 4 Фактор: Како Милевски планира да ја води партијата? Милевски: Не мислам да работиме кабинетски. Ќе бидеме проактивни, присутни на терен помеѓу граѓанските активисти кои се наши природни сојузници профилирајќи ја ЛДП како граѓанска партија која ќе застане во одбрана на секој оној граѓанин кој чуствува дека некое негово право е  загрозено од страна на власта. Ќе ја водам партијата тимски заедно со сите оние кои сакаат да се обединат не околу мене туку околу идеалите на либерализмот и заштитата на човековите слободи и права. Фактор: Најавивте целосно размрдување на партијата и свежина на политичката сцена, дали ова значи дека ЛДП досега беше во зимски сон и што значи тоа размрдување? Милевски: Долгиот стаж во опозиција не направи сите нас по малку пасивни. Апатијата која не имаше совладано чувствувам дека е победена. Членството, симпатизерите и општо граѓаните добија еден нов елан за работа мотивирани токму од погрешните политики кои ги спроведува оваа власт. Фактор: ЛДП во своите редови имаше истакнати политички фигури, кои некако ги снема или се претопија во други политички субјекти? Милевски: Со текот на времето дел од нашето членство од најразлични причини се пасивизира или премина во други политички партии. Перидот што следува ќе направиме обид голем број од нив да вратиме во партијата. На мое големо задоволство дел од основачите на партијата се појавија и на партиското Собрание што е доказ дека промените во ЛДП позитивно влијаат кон повторно доближување на членството кон партијата што ни е една од приоритетните задачи. Фактор: ЛДП некогаш и ЛДП денеска, евидентна е разлика, во смисла на тоа што партијата речиси и да се загуби на политичката сцена, денеска? Милевски: Најважно е што успеавме да опстоиме и да докажеме дека сеуште имаме доволно кадровски и интелектуален капацитет кој гарантира дека ЛДП може да превземе одговорност и да прифати предизвик кој е во насока на подобрување на општата состојба во државата. Многу партии во изминатиот период се докажа дека се правени наменски и после само неколку изборни циклуси исчезнале од политичката сцена во Македонија. Доколку органите дозволат наместо осомничените за криминал во „Пуч“ да се приведат оние кои го објавиле тој криминал тогаш тотално ќе забега целата работа slika Goran Milevski Фактор: Како ЛДП ќе се позиционира во однос на аферата „ПУЧ“? Милевски: Со загриженост ги следиме настаните поврзани со заканите на власта за апсење на лидерот на најголемата опозициска партија во државата. Ние го осудуваме секој обид на владата со примена на методи на заплашувања да ја спречи опозицијата да ги открие материјалите кои судејќи според пишувањата на медиумите се однесуваат на сторен криминал на високи државни функционери. Обелоденувањето на било каков криминал независно кој го правел не е и не смее да се третира како чин на државен удар. Во една демократска земја морална должност на секој граѓанин е да обелодени и пријави било каков случај на криминогено и незаконито работење на структури на власта. Власта во таков случај не се заканува туку бара правната држава да профункционира и си поднесува оставка со цел да не влијае на процесите. Фактор: Знаете ли што се содржат тие компромитирачки материјали кои ги поседува лидерот на СДСМ Зоран Заев? Милевски: За што всушност станува збор неможам да кажам бидејќи и јас немам точни информации. Колку што знае јавноста толку знам и јас. Само знам дека дел од тие „бомби“ се вистинити судејќи според исказите на премиерот кој изостави да каже што е вистинито и што ќе превземе со вистинитите информации. Дали ќе се спроведе независна истрага, дали ќе ги разреши од функција осомничените или до колку и тој е замешан дали ќе си поднесе оставка. Фактор: Во јавноста некои од аналитичарите изнесуваат ставови дека доколку се обелоденат материјалите од „бомбата“ можно е да се случи апсење на лидерот на СДСМ, Зоран Заев? Милевски: Тоа ќе биде најважниот тест за правната држава. Премиерот не приведува согласно устав. За таа работа се задолжени други служби. Но доколку органите дозволат наместо осомничените за криминал да се приведат оние кои го објавиле тој криминал тогаш тотално ќе забега целата работа. Не верувам дека работата ќе стигне до тој степен на лудило. Фактор: Кое е вашето размислување, што ќе се случува на македонската политичка сцена во следниот период? Милевски: Очигледно не очекува еден турбулентен период но македонската јавноста е навикната на таков начин на функционирање. Жалосно е што фокусот на внимание се насочува кон политиката, а не кон економијата и подобрувањето на стандардот на граѓаните. Објавување на криминал треба да биде најнормална работа која низ судската постапка треба да добие разрешница. Само кај нас се третира како чин на државен удар. Фактор: Влегува ли Македонија во нова сериозна политичка криза, особено откако после обелоденувањето на случајот „Пуч“, сериозна загриженост изразија сите, ЕУ, САД, Русија, Велика Британија, Германија? Милевски: Ние сме во политичка криза  делумно од 24 декември 2012 година кога пратениците од опозицијата беа избркани од парламентот. Од тогаш кризата само се продлабочува и добива нови елементи. Па така во мај 2014 година опозицијата одби да ги признае изборните резултати и не ги прифати мандатите. Ова што се случува денес е само нова фаза предизвикана повторно од неодговорното однесување на владеачката гарнитура. Очигледно наместо разрешница кризата се продлабочува и добива нови димензии. Фактор: Можни ли се вонредни парламентарни избори? Милевски: Функционирањето на една влада во услови на сторен криминал поткрепен со соодветни документи и докази е невозможен во нормална демократска држава. Теоретски гледано излез од оваа криза може да се бара преку распуштање на парламентот веднаш и распишување на вонредни парламентарни избори или избор на преодна влада со нов премиер кој треба да ги расчисти наводите за криминал и да организира фер и демократски избори. Фактор: Ќе прифати ли премиерот Груевски техничка влада? Милевски: Премиерот во вакви услови и не се прашува. Негова должност е да поднесе оставка, а за тоа дали ќе има техничка влада или не одлучува Собранието на Република Македонија согласно уставот на државата. Македонија е една изборна единица, со отворени листи Фактор: Се залагате за промена на изборниот модел? Милевски: Овој изборен модел сметаме дека е неправичен и е основа за перманентно продуцирање на кризи. Постојаниот изборен систем ги фаворизира поголемите партии кои потоа владеат без никаква контрола  од пратениците кои се сведени на ниво на гласачка машина. Видете во соседството секаде партиите настапуваат самостојно на изборите бидејќи тоа го дозволува изборниот систем па дури потоа согласно изборните резултати прават постизборни коалиции. Коалиционите влади се поодговорни и до колку не функционираат соодветно многу лесно и паѓаат. Тоа е единствениот начин за брз излез од долгогодишната криза во Македонија. Доколку Македонија е една изборна единица, со отворени листи и цензус од 3% тогаш нема да има неправична поделба на мандатите како што е сега случај некој пратеник од дијаспората да влезе со 500 гласови во парламентот а некој и со 8.000 гласови да не може да добие пратенички мандат. slika Goran Milevski 1 Фактор: Какви релации ќе гаите со СДСМ како најголема опозициска партија. ЛДП не така одамна настапуваше и самостојно на избори? Милевски: Условите во Македонија поради изборниот модел, но и поради нарушените демократски принципи на гласање не дозволува самостоен настап на било која партија. Убеден сум дека во најбрз можен рок договорот со СДСМ за продолжување на нашата соработка ќе го потпишеме на обострано задоволство и ќе продолжиме да работиме на промена на состојбите во државата. Нас во моментот потребна ни е поширока поддршка и проширување на опозициониот блок а не разединување што е најголема желба на власта. Фактор: Рековте не е потребна само критика на власта, туку потребна е и понуда? Милевски: Последниов период како партија заборавивме да ја промовираме нашата програма од 2011 година „Има излез“ која нуди сеуште актуелни решенија за надминување на кризата. Со измени и дополнување на оваа програма ние ќе влеземе во процес на активно нудење на мерки и активности за надминување на лошата економска состојба во земјата. Особено акцент ќе ставиме на поддршка на малите и средни бизниси. Намалување на сите казни за една нула, укинување на скриените давачки на фирмите. Ќе се бориме државата да стане партнер на приватниот бизнис а не нејзин уништувач. Видете само во Битоа за дупнати гуми на возилата на УЈП медиумите пренесоја вест дека УЈП се одмаздила и затворила голем број на дуќани. Тоа ми наликува на османлискиот период од 18 век, кога османлиите се одмаздувале со данок во крв за секој сторен прекршок. Дали се свесни што прават, дали се свесни дека цели фамилии финансиски ги уништуваат. Ова лудило мора да запре. Фактор: Вие сте битолчанец, дали сега ќе се преселите во Скопје? Милевски: Јас од позиција на претседател на ЛДП веќе имам големи ангажмани и обврски токму во Скопје. Од тие причини неминовно поголемиот дел од времето ќе го поминувам во главниот град, што не значи дека ќе ги запоставам моите активности во Битола но и секаде каде има потреба од мое присуство. Ветив дека постојано ќе бидам активен на терен и таа моја обврска планирам и да ја исполнам. Р.Ф
Слично

Поврзани вести