ИНТЕРВЈУ ГОРАН ИЛИЌ: Ако нема договор денеска со Хан, ќе мора да се менува форматот на преговорите!
Универзитетскиот професор по Право на ЕУ и Уставно право Горан Илиќ за Фактор оценува дека ако сега не се постигне договор за политичката криза , процесот мора да продолжи понатаму, можеби и во видоизменет формат .
Меѓународниот фактор треба да го канализира процесот на преговарање, а не да го диригираат. Обидот за диригирани преговори се покажа неуспешен, токму со Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Професорот од битолскиот универзитетот “Св. Климент Охридски“ оценува дека преговорите меѓу власта и опозицијата во моментов се водат околу методологијата за презентирање на решението пред граѓаните.
„Сметам дека подготовките околу т.н. "транзициски период" се веќе започнати, и дека тоа е во директна координација со лидерите на политичките партии кои се вклучени во преговорите за надминување на кризата. Мислам дека разрешувањето на состојбите е договорено да се одвива во фази, етапно и без помпа“, посочува Илиќ во интервјуто за нашиот портал.
Според него инпутирањето на проблемот со Грција околу името во овој момент може само да го оневозможи или докомплицира процесот на преговори. Универзитетскиот професор Горан Илиќ не ја исклучува можноста од договарање на на специфичен тип на концентрациона влада.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Има ли простор за оптимизам дека наскоро ќе биде постигнат договор за излез од политичката криза по разговорите на помошникот државен секретар на САД Викторија Нуланд со лидерите на партиите?
Илиќ: Викторија Нуланд важи за "булдожер-дипломат" на современата надворесна политика на САД и претставува еден од клучните креатори на американската надворешно-политичка доктрина во однос на Европа и Евроазија. Со нејзината посета на Македонија се потврдува долгогодишното пријателството мегу САД и Македонија. Но не очекувам подлабоко замешателство на САД во решавањето на состојбите во земјава. Сепак САД дејствуваат од позиција на сојузници и пријатели на Македонија, а не од позиција на протектори.Тие можат да помогнат во вид на сугестии за правно и политичко разрешување на кризата и одржување на пристојноста на меѓупартиските односи во Македонија.
Фактор: Високиот престваник на Стејт Департментот оцени дека кај премиерот Никола Груевски и претседателот на СДСМ Зоран Заев постои волја за надминување на проблемите. Значи ли ова дека се надзира решението во кое и двете страни ќе мора да отстапат од зациментираните позиции?
Илиќ: Очигледно е дека и обајцата имаат доволно информации за состојбите и се свесни за ситуацијата во која во моментов се наоѓа Македонија. Оттука сметам дека преговорите се водат токму околу методологијата за презентирање на решението пред граѓаните, и тоа нема да оди многу брзо, ниту транспарентно.
Фактор: За помалку од 48 часа во Македонија допатуваа двајца високи преставници од Вашингтон и Брисел. Што доколку и по средбите на Викторија Нуланд и Јоханес Хан не биде постигнат договор за нормализацијата на политичката ситуацијата во земјата?
Илиќ: Споменатите дипломати треба да го канализираат процесот на преговарање, а не да го диригираат. Обидот за диригирани преговори се покажа неуспешен, токму со Јоханес Хан. Според тоа, ако не се постигне договор сега, процесот мора да продолжи понатаму, можеби и во видоизменет формат.
Фактор: Прво договор за излез од кризата, потоа и компрмис за името. Значи ли ова дека Вашингтон бара од Скопје забрзана динамика во реализацијата на зададените обврски и дека идната Влада ќе мора да го затвори и спорот со Грција без понатамошно одоговлекување?
Илиќ: Во однос на ова не можам да тврдам ништо, и сметам дека инпутирањето на прашањето за името може само да го оневозможи или докомплицира процесот на преговори, или пак со него се настојува да се изврши притисок врз страните како евентуална компензација за компромис и разрешување на кризата. Сепак, директните учесници во преговорите најдобро ги знаат точните информации околу ова прашање, се друго е шпекулација.
Фактор: Во своите последни заклучоци на Брисел се изразува загриженост за ситуацијата во Македонија. Како ќе се надминат разликите кај локалните политички лидери кои различно го толкуваат извештајот на Рајхарт Прибе?
Илиќ: Вообичаено извештаите се акти со политичка содржина, па оттука секој од политичките субјекти во РМ може различно да ги интерпретира. Клучен е односот на ЕУ и нејзините дрзави - членки кон Македонија. Во реалната политика не се валоризира напишаното, туку стореното.Останува да покаже времето дали ЕУ ќе го смени пристапот кон Македонија и на таков начин де факто ќе ја потврди содржината на споменатиот извештај или истата ке ја отфрли.
Фактор: Како ја толкувате формулацијата „транзициски период“ , односно со каква содржина треба да биде исполнет тој и во кои временски рокови. Ако почетокот на тој транзициски период не е ни започнат, тогаш како може да се зборува за избори во април?
Илиќ: Станува збор за екстензивен термин, кој може да опфати различни интерпретации на модалитетите за излез од актуелната криза на институциите. Според тоа, не би се впуштал во понатамошна операционализација. Инаку сметам дека подготовките околу т.н. "транзициски период" се веќе започнати, и дека тоа е во директна координација со лидерите на политичките партии кои се вклучени во преговорите за надминување на кризата.Инаку мислам дека разрешувањето на состојбите е договорено да се одвива во фази, етапно и без помпа.
Фактор: Дали клучниот услов за формирање на преодна влада треба да биде заминувањето на Никола Груевски од премиерската позицијата што очигледно е главен камен на сопнување ?
Илиќ: Македонскиот устав не го познава институтот "преодна влада", бидејќи и легитимитетот и легалитетот на политичката елита произлегува и завршува токму со изборниот процес. Можно е договарање на специфичен тип на концентрациона влада, но тоа повлекува многу други импликации. Што се однесува пак до политичкото третирање на проблемот, можни се секакви активности.
Слично
