ИНТЕРВЈУ ГЛИГОРОВ: Тонеме како фирми и граѓани, а други извлекуваме од кал, време е ова да престане!
Лошата страна со изјавата на Ван Хул е што за подобрување на профитабилноста на оваа фирма, владата од наши пари издвоила 17 милиони евра (според јавно искажаните податоци). Излегува дека ние како фирми и граѓани можеме да тонеме и при тоа да продолжуваме да издвојуваме пари со кои им овозможуваме други да се извлекуваат од кал. Многу негативен ефект. После вакви изјави, истите поволности дури и подобри би ги барале идните странски инвеститори и ќе влеземе во негативна за нас спирала, вели во интервју за Фактор, Венко Глигоров, претседател на Комисијата за економија и финансии при Либералната партија на Македонија.
Време е романтичарската фаза на Владата со воодушевеност од странските инвестиции да помине и третманот кон странските инвестиции да биде избалансиран и во корист на домашните инвестиции, вели во интервју за Фактор, Венко Глигоров.
Фактор: Владината политика за привлекување странски инвестиции нуди низа царински, даночни и други олеснувања, како и субвенциите за странските инвеститори, дали домашните бизнисмени се дискриминирани во однос на условите за инвестирање ?
Глигоров: Време е романтичарската фаза на владата со одушевеност од странските инвестиции да пројде и третманот кон странските инвестиции да биде избалансиран и во корист на домашните инвестиции. Симбиозата на странските и домашните бизниси и соработка може да биде многу покорисна за македонската економија. Сепак, лично не верувам дека оваа власт ќе го намали моделот и темпото на “привлекување инвестиции” ниту ќе прави балансирање и ќе создава услови за симбиоза на странските и домашните бизниси.
Затоа што во такви услови, бизнисите меѓусебно ќе си ги воспостават релациите и со тек на време ќе ја ставаат владата на страна. Уверувајќи се во нивните пориви да контролираат се’, овој избалансиран модел кој е добар за сите граѓани нема да го применат и затоа ценам дека се потребни промени со нови пристапи, нова организација и нови луѓе.
Фактор: Владата политиката за привлекување инвестиции ја почна во 2007 година, а странските бизнисмени за инвестирање во земјава добија низа поволности. Дали е оправдана владината политика за привлекување инвестиции?
Глигоров: Странските инвестиции генерално позитивно влијаат на бруто домашниот производ (БДП) и како такви се потребни на секоја економија. Добро е што со оваа влада се почна поактивно да се работи на привлекување на странски инвестиции. Рекламите во светски медиуми, теренски посети, буџети за министри за привлекување инвестиции, вклучување на дијаспората, сето ова е одлична работа. Не е добро тоа што во Македонија се отиде во друга крајност: привлекувањето на странските инвеститори се сведе речиси на единствената крупна опција на власта за економски развој на земјата. Тоа секако не е добро за развојот на државата бидејќи како што странските инвестиции прават зголемување на БДП така индиректно влијаат на неговотo намалување. Како е можно странските инвестиции да бидат со негативно влијание?
Прво, што ако си заминат од Македонија и отидат на друго место кадешто има подобри услови. Или владата биде приморана да ги намали субвенциите? Друго, странските инвеститори во технолошките зони најчесто се големи увозници на репроматеријали и суровини со што влијаат на зголемување на увозот, а увозот го намалува БДП. Исто така, ако домашните компании немаат соодветен третман, домашните производи не се конкурентни ни на домашниот пазар, а уште помалку на странските пазари. И со тоа во иднина се намалува извозот на овие производи, а недостатокот од доволен квалитет се заменува со зголемен увоз.
Најново што се заговара е странските фирми во технолошките зони да може да продаваат и на македонскиот пазар. Тоа ќе биде некоректно и штетно за македонската економија. Јас повеќе пати на политичарите им велам: странските инвеститори се помогнати од две влади, а нашите фирми кои реално егзистираат на пазарот – од ниедна влада.
МАЛКУ КОРИСТ ОД СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИ
Фактор: Што добивме како земја, односно дали странските инветсиции ги дадоа очекуваните ефекти?
Глигоров: Ако според владата ние сме реформатори и едни од најдобрите земји за инвестирање според бизнис климата, а од друга страна сиромаштијата расте, стандардот е низок, а невработеноста е најголема во Европа, да се запрашаме како е можно Македонија да биде последна во Европа. Ова најчесто е показател дека има некои “подземни” активности што не се регистрирани, а создаваат пречка за посилен долгогодишен економски развој. Вака како што се планира и изведува стратегијата за привлекување странски инвестиции, дефинитивно не го подобрува стандардот на граѓаните. Очигледно е.
Би издвоил во оваа прилика два типа на странски инвестиции. Едните се во технолошките зони и се занимаваат претежно со производство и истото го извезуваат. Другите се странски фирми, доста често и од соседството, кои под плаштот на странски инвестиции обилно се помагаат од владата за добивање на големи тендери. Првиот тип на инвеститори делумно вложуват во опрема, згради и луѓе. Странците што доаѓаат го пренесуваат знаењето на наши луѓе, а наши луѓе се обучуваат според светски стандарди и од светски познати инструктори во таа бранша.
Ова секако е добра страна од инвестициите затоа што се зголемува капацитетот на нашите луѓе и се подобруваат стандардите на работењето во глобала.
Вториот тип на странски инвеститори, би ги кажал во наводници дека се инвеститори, немаат речиси никаква инвестиција на почетокот и доаѓаат за да ги добиваат јавните тендери. Потоа изведбата ја даваат на домашните фирми за многу мала заработка, а нивната добивка ја префрлуваат во странство. Не можам да ја видам користа од ваквите инвеститори за Македонија.
Фактор: Клучниот аргумент на владата е дека вработиле илјадници луѓе, но од друга страна во најголема тајност се држат сумите кои во вид на субвенции ги добиваат интеститорите, имаме и дали треба да има транспарентоност во однос на тоа колку пари се издвојуваат за странските инвеститори?
Глигоров: Според мене, во секоја инвестиција, на ист начин како што странскиот инвеститор ја прави математиката, и нашите политичари треба да ја направат математиката за доброто на државата. Ако владата подари или се откаже од 17 милиони евра, што ќе добиеме ние како држава назад и кога? Ако 17 милиони евра се вложија во рестартирање на фабриката за автобуси ФАС 11 Октомври и во трансфер на знаење од странство, дали ќе имаше повеќе вработувања со подобри плати? Ако наместо купување на 100.000 компјутери со експериментален оперативен систем (кој не заживеа) се инвестираше со приватно јавно партнерство во технолошка зона за производство на софтвер и хардвер – кои ќе беа ефектите. Поголеми или помали?
Излегува некако дека на владата и’ е полесно да си тргува по светот со наши пари наместо да се грижи за развојот и иднината на земјата. Ако имаме серија од вакви проекти кои се неповолни за нас или се сокриваат директните и индиректните ефекти од инвестициите, веројатно ќе треба да ја преиспитаме економската логика на целиот економски тим на владата. Се чини дека во право се луѓето кога бараат да има јавен обвинител кој ќе биде независен во своето делување. Ако чекаме лошите потези да бидат казнувани на избори без притоа да се кривично да се санкционираат евентуалните грешки и лоши потези, штетите може да бидат толку големи што ќе ја “тонат” Македонија од избори во избори до конечно потонување. Тоа не смееме да го дозволиме.
СТРАНЦИТЕ НЕ СЕ ВИНОВНИ ЗА НИСКИТЕ ПЛАТИ
Фактор: Првиот човек на белгиската компанија за автобуси “Ван Хул”, која има отворено фабрика и во Македонија, во интервју за белгискиот магазин “Тренд”, вели дека ниските трошоци и плати биле клучната причина за инвестирање во Македонија, но и за спас на фирмата, како го коментирате ваквиот став?
Глигоров: Оваа изјава има добра и лоша страна. Добрата страна е што ако фирмите инвестираат во Македонија, заради низа погодности, тие ќе си ги подобрат финансиските перформанси што во конкретниот случај, народски кажано, фирмите ќе може од кал да се извадат. Ова била интенцијата на Ван Хул со неговата изјава, а верувам и на владата – демек, во Македонија е добро да се инвестира. Лошата страна со неговата изјава е што за подобрување на профитабилноста на оваа фирма, владата од наши пари издвоила 17 милиони евра (според јавно искажаните податоци). Излегува дека ние како фирми и граѓани можеме да тонеме и при тоа да продолжуваме да издвојуваме пари со кои им овозможуваме други да се извлекуваат од кал. Многу негативен ефект. После вакви изјави, истите поволности дури и подобри би ги барале идните странски инвеститори и ќе влеземе во негативна за нас спирала.
Фактор: Во јавноста имаше имаше информации дека платите во фабриките на странските инвеститори се минимални, и директорот на “Ван Хул”, Филип Ван Хул во своето интервју вели дека во Белгија платата е 40 евра за час, а кај нас 4 евра?
Глигоров: Не знам точно за цифрите но соодносот верувам дека е тука некаде. Ваквата состојба ќе остане статус-кво па дури и ќе се намалат платите во моментот кога ќе прекинат субвенциите. Зошто? Во промотивните маркетиншки материјали за Македонија како бизнис дестинација, владата потенцира дека платите во Македонија се ниски, а некаде прочитав и дека се рекламираме дека имаме најниски трошоци. Даноците и давачките не се најниски што укажува дека платите како најголема компонента ни се најниски во Европа.
Ако рекламирате ниски плати тогаш одлуката на странските фирми ќе се базира на бизнис план со ниски плати на вработени. Кога ќе дојдат, износите на платите се како во бизнис планот на фирмите. Тоа е опасноста што се јавува кога ќе рекламираш нешто како предност, а не е во интерес на граѓаните да биде предност и статус за наредните години. Значи, странците не треба да ги обвинуваме за нашите ниски плати.
Ј.С
Слично
