Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Ѓорѓи Филипов: На бизнисот му е потребно „зрнце лудило”!

ИНТЕРВЈУ Ѓорѓи Филипов: На бизнисот му е потребно „зрнце лудило”!
Ѓорѓи Филипов, македонски амбасадор во Австрија важи за современ дипломат од кариера, кој изминативе години со успех ја претставува земјата секаде каде што престојува. Во ова ексклузивно интервју за Фактор, Филипов искрено зборува за предностите и тешкотиите во амбасадорската работа, за неговата улога како „мост“ во проблемите што ги имаа компаниите во Македонија или во Австрија, за економските потенцијали меѓу двете земји, но и за потребата од „револуција“ во бизнисот во Македонија.  Фактор: Австрија е еден од најголемите инвеститори во Македонија. Има ли најава за нови, конкретни инвестиции во Македонија? Филипов: Благодарам за интересот што го искажува порталот "Фактор". Ретко давам интервјуа за македонски медиуми, а ова ќе биде прво што ќе се однесува само на економски теми, кои се подеднакво важни со политичките во работата на еден современ дипломат. За мали земји како Република Македонија, економската активност на амбасадата е некогаш и поважна од политичката... Точно, Австрија е четврта по обемот на инвестиции, но земајќи ја предвид нејзината големина и географската оддалеченост (не е соседна земја), нејзините инвестиции добиваат на значење. По завршувањата на недоразбирањата од епизоден карактер на најголемиот инвеститор ЕВН, австриското стопанство продолжи да инвестира во Македонија. Самата компанија ЕВН, вети нови инвестиции во ревитализација и градба на електро мрежата во земјата. Висината на инвестициите е 1 милијарда евра за следните 20 години. Ако тие инвестирања бидат распределени во еднакви периоди, со иста амплитуда,  значи дека ЕВН би требало да инвестира секоја наредна година по 50 милиони евра. Посакувам компанијата да остварува резултати што ќе овозможат овој дел од нивниот Мастер План да се реализира. Втора најава е инвестирањето на Штајермаркише Шпаркасе (која стана една од петте најголеми банки во Македонија) во докапитализација,  ставајќи на располагање на домашните фирми 20 милиони евра слободни средства. Индиректно се помага домашното стопанство, но потребни се квалитетни проекти. Виена иншуранс груп, која веќе имаше две свои компании и која лани инвестираше во нова фирма за животно осигурување, ја презеде КЈУБИ Македонија за околу 17 мил. евра. Сега ВИГ е најголема осигурителна компанија во Македонија. Таму се и други австриски фирми од браншата, како Уника и Граве, гледаме дека сите работат, што е добар показател за останатите компании. Телекомуникациската фирма ВИП на Телеком Австрија, за многу кусо време, со квалитетни понуди на услуги и правилно подготвен маркетиншки микс достигна висока бројка на претплатници и работи успешно. Не заостануваат и фирмите од "чисто" индустрискиот сектор, како Кнауф, Тондах, Штрабаг и други, помали фирми, кои избегнуваат јавно да говорат за своите намери. Ќе ги спомнам најавите за инвестиции во компанија за производство на железнички прагови во Кавадарци, нова инвестиција на Тондах во Виница, интереси за инвестирање во преработка на отпад и електрани кои користат обновливи извори на енергија. Да не ги заборавиме и инвестициите во туризмот. Оваа година во Австрија се продадени 16.000 ноќевања за Република Македонија на австриски туристи, а во бизнисот се вклучија и три нови австриски компании. Фактор: Имате ли сознанија за тоа како претставниците на австриските компании што работат во Македонија ја претставуваат бизнис климата во нашата земја пред останатите заинтересирани инвеститори од Австрија? (Со оглед дека некои од нив, конкретно ЕВН, пред неколку недели се пожалија на проблеми во работата предизвикани од цената  на струјата, а во одбрана на компанијата со реакција се јави и Австриската амбасада во Македонија )? Филипов: Ќе почнам со вториот дел од вашето прашање. Австриската амбасада во Скопје ги брани интересите на државата Австрија, на нејзините граѓани и нејзиното стопанство, токму како што и Македонската Амбасада во Австрија ги брани македонските интереси. Регулаторната комисија во Македонија во 2012 ги покачи два пати цените на ел. енергија; нормално, немаше реакции. Сега ја спушти малку цената, па?!; пак нормално, има реакции. Цената на енергенсите од фосилни горива паѓа на берзите, што е само еден од факторите за утврдување на цената на ел. енергија. Верувам дека членовите на Регулаторната комисија работат принципиелно и дека ја образложиле одлуката, која се однесува на сите во синџирот производител- дистрибутер-потрошувач... Инаку, австриските компании, освен во Амбасадата имаат и силен подржувач во претставништвото на Стопанската комора на Австрија,  кое е формално дел од австриската амбасада, а неформално се финансира и е управувано од нивната Стопанска комора. Ова го зборувам зашто сите (околу 70) компании од Австрија, кои инвестирале во Македонија и имаат свои седишта таму ги канализираат нивните сознанија кон претставништвото. Така и добрите и лошите информации се собираат на едно место, се создава мислење за одредена проблематика и се праќа во централата на комората во Австрија. Секој заинтересиран австриски деловен субјект, којшто сака да инвестира или да работи со или во странство, доаѓа во комората и ги добива бараните информации. Овој коморски систем е толку разработен што Стопанската комора претставува некаква трета форма на власт, форма на која и веруваат австриските бизнисмени. Доколку прашањето се однесуваше на тоа, дали фирмите кои се веќе во Македонија, ја претставуваат земјата, како добра или лоша, ја фалат или ја кудат како дестинација за СДИ, би рекол, дека ја претставуваат - реално. Разјаснувањето на недоразбирањата со ЕВН наидоа на позитивен одѕив во австриските деловни кругови враќајќи ја вербата во системот кој создаде начин за наоѓање решение. Фактор: Колку македонските бизнисмени се заинтересирани за отворање на компании во Австрија и за која област најмногу? Филипов: Пред 2000-та во Австрија постоеја компании на македонски државјани кои работеа во трговија со руди, метали и производи од челик, посредувајќи меѓу источноевропските земји и земјите на Западна Европа. Зачленувањето на овие земји во ЕУ и промената на пазарната структура доведоа до згаснување на тие фирми. Денес иселениците од Македонија во Австрија се главно ориентирани кон услужните дејности, трговијата, угостителството, малите градежни компании и сервиси за одржување на објекти, како и мали архитектонски бироа или лекарски ординации. Фактор: Што според Вас им недостасува на македонските бизнисмени за да започнат бизнис во Македонија? Филипов: Ќе ви одговорам од временска дистанца. Во 1995 објавив книга со наслов "За менаџментот директно", со поднаслов "За револуција во македонскиот менаџмент". Ми се чини како прашањата да се повторуваат, не само од 95та наваму, туку и од почетоците на современиот капитализам, наваму. И за биснисмените во Македонија и за бизнисмените во Германија или Америка, правилата се исти. Тоа значи, за започнување нов бизнис е потребен претприемнички дух, слух за препознавање на можности и, ќе дозволите, не сфаќајте го буквално ве молам, потребно им е "зрнце лудило", што значи - храброст за преземање ризик. Потоа доаѓаат останатите претпоставки, како што се финансирањето на проектите, кадрите, организацијата, менаџерските и бизнис вештините. Значи, потребна е "револуција" во сфаќањата за создавање бизнис. Стојам зад тој став и денес. Ова го зборувам повеќе како професор, но и претприемач и деловен човек, кој работел во голема интернационална компанија и создал своја фирма со интернационален карактер во која ќе се врати, кога ќе му заврши ангажманот како дипломат. Фактор: Имаме ли стратегија за зголемување на трговската размена меѓу двете земји, со оглед дека сега трговската размена меѓу Македонија и Австрија учествува со 1,7% во вкупната надворешно трговска размена на Македонија? Филипов: Не сакам да помислите дека избегнувам директни одговори, што не би било чудно во дипломатијата. Владата на Република Македонија донесува стратегија за зголемување на економскиот развој на државата и планови за реализација. Во нив свое место имаат и активностите на Амбасадите или дипломатските претставништва, кои имаат улога на спроведувачи само на одредени сегменти од стратегијата. Со Австрија ги имаме склучено сите релевантни спогодби и договори за олеснување на трговската размена. Тука спаѓаат дополнително и договорите со ЕУ чија членка е земјата. Имаме Спогодба за заштита на инвестициите, имаме Договор за одбегнување на двојното оданочувае. Од политички и стратешки аспект на располагање на бизнисмените од двете страни им се сите инструменти. На ред доаѓаат тактичките потези кои ќе доведат до зголемување на обемот на размената. Дозволете да забележам дека последниве две години размената се покачи од 130 мил., во 2010, на 170 мил. 2011 и 2012, што значи раст за 40 милиони долари, или за 30%. Во исто време, нашиот извоз порасна за 12 мил. долари, или околу 25%. Слично како и за Словачка и Јапонија, сметам дека овде политиката на Владата за економската активност на амбасадорите и улогата на економските промотори влоди со плод. Фактор: Што се превзема за македонските производи да бидат повеќе застапени на австрискиот пазар, со оглед дека во трговската размена, на македонска страна има дефицит од 30%? Филипов: Освен Владата, одговорните министри , коморите и самите фирми, свои активности преземаат и Амбасадите. Конкретно во Австрија, Амбасадата организираше бројни активности за промоција на македонските производи и условите за привлекување на СДИ. Беше организирано роуд шоу во 2011, а во 2012 неколку промотивни настани, семинари, туристички промоции и промоции на македонски кондиторски производи, вина и производи до зеленчук и овошје, како и свеж зеленчук и овошје. Понекогаш за тоа известуваа и австриските и македонските медиуми. Она што посебно ме радува е враќањето на свеста кај македонските фирми дека треба да присуствуваат и на саемски манифестации. Австрија не е Германија, ама населението овде има голема куповна моќ и е ориентирано на туризам, токму како и германското. Ваквите активности, веќе вродија со плод, што не значи дека треба да бидеме потполно задоволни. Постојат сеуште неисцрпени можности за зголемување на инаку пребирливиот австриски пазар. Фактор: Кои производи, сега се застапени на австрискиот пазар, и за кои има потенцијал да се најдат таму? Филипов: Сега најчесто од Македонија се увезува облека, железо и челик, и конфекциски производи. Сметам дека постојат можности за извоз на производи на електрониката, информатичките услуги, градежни материјали, тутун, прехранбените продукти, вино и алкохолни пијалоци, како и туристички аранжмани. Фактор: Што Ви покажува австриското искуство, што е она што им недостига на македонските компании за пласирање на производите на австрискиот пазар? Филипов: Пак ќе го употребам зборот "храброст", односно претприемнички дух. Компаниите во Македонија се навикнати на трговија со Германија и со поранешните држави на сојузна Југославија. Извозот во други земји го гледаат како авантура и се двоумат. Австрискиот пазар е мал, осетлив, но многу благодарен во однос на цените. Правилна маркетингшка стратегија може да резултира со добра продажба и заработувачка. Квалитетот на производите и пакувањето се смета за императив, нешто што се подразбира само по себе. Австриецот е горд, земјата е мала, но со вековна традиција. Австриецот цени претприемчивост, цени иновативност. Самата Австрија со 8,5 милиони жители има поднесено повеќе пријави на патенти пред Европскиот патентен завод од сите земји на поранешниот Источен блок, коишто се сега членки на ЕУ, заедно!. Да се потсетиме дека авторот на најпознатото дело за врската меѓу претприемништвото и иновациите е економистот, Јосеф Шумпетер, Австриец, кој кусо време беше и министер за финансии на Австрија (1919). За негов наследник го сметам еден друг Австриец, Питер Дракер. И двајцата оставија дела, кои се база разбирање на пазарите и компаниите. Македонските компании, значи, треба да ги следат циклусите во економијата, да се подготвени за ризици (препознавање можности и претприемништво), да се инвентивни и иновативни. Фактор: Постои ли некаков вид на соработка меѓу двете земји која ќе ни помогне во размена на искуства за искористување на средставата од ИПА Фондовите? Филипов: ИПА фондовите се Инструмент којшто ЕК го донесе во 2007та со цел на утврдување на принципите за соработка ЕУ и земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ. Бидејќи тие се сочинети од пет области, како што се транзициската помош и институционалната надградба, прекуграничната соработка, регионалниот развој, развојот на човечки ресурси и руралниот развој, секоја од земјите членки, па и Австрија настојува да се појави како партнер, советодавец или ко-спроведувач на одреден проект, финансисран од тие фондови. Оттаму, Австрија се залага за соработка на тој план, посебно во областите на заштитата на човековата околина, енергетската ефикасност, управувањето со отпад, обновливите извори на енергија и регионалниот развој, особено на руралните области. Еврокомесар за регионален развој е Јоханес Хан, Австриец, со кого имавме неколку средби, почнувајќи од мене, па се до средба со Претседателот, д-р Ѓорге Иванов. Ваква соработка нудат и други земји, некогаш е тешко да се одлучите со која да соработувате. Фактор: На што се потпира Австриската економија? Филипов: Во рамките на една студија, што беше неодамна објавена по нарачка на АБА-Инвест, беа интервјуирани 302 топ менаџери од редот на 1000 најсилни компании во Европа. Тие ја гледаат Австрија како земја, која се потпира на: негување висок квалитет на живеење, образована работна сила, високи стандарди за заштита на човековата околина, развиена инфраструктура, стабилност и социјална изедначеност и изразена општествена и стопанска конкурентност. Тука јас би ги додал навистина транспаретните финасии на државно ниво, волонтерската работоподготвеност (се покажа како функционира за време на поплавите нивната цивилна доброволна заштита) како израз на патриотизмот, малите и средните претпријатија и ре-индустрализацијата (единствена причина. што Австрија не беше зафатена од виорот на хедџ фондовската квази економија на Волстрит), функционирањето на пазарната економија, интернационализацијата на бизнисот (самата е многу мала за да опстои без извоз), форсирањето на истражувањата и развојот (2, 82% од БДП се двојат за оваа намена),   обновливи извори на енергија и адаптација на работната сила на пазарните барања (брзи преквалификации). Фактор: Дали се почуствува економската криза во Австрија и како земјата се справува со тоа, (од аспект на тоа дали и какви мерки се превземаат за помош на стопанството)? Филипов: Да. Економската криза се чувствува. На пр., цените на енергенсите постојано се пораст (инфинитизимално, но сепак растат), куповната моќ, во однос на онаа од пред десет години е опадната (некои велат, дури 30%). И во Австрија пропаѓаат мали и големи фирми, но се раѓаат нови, такашто, стапката на невработеност е постојано на ниво од 4,5% (најниска во ЕУ). Стопанството е во врска со Владата, но некои специјални отстапници не добива од неа. Уште повеќе, некои услови се заоструваат инсистирајќи на поголема дисциплина, штедење, и сепак, на раст. Австрија очекува оваа година околу 1% пораст и покрај сите тешкотии. Сметаат дека банкарската унија на еврозоната ќе помогне многу на стопанството и ќе ги спречи "авантурите" на поедини земји-членки. Понекогаш државата знае и да интервенира кај одредена голема фирма или банка, се до нејзино опоравување, а потоа од истата бара да и бидат вратени услугите. Официјално не се истакнува, но се следат принципите на "социјалното пазарно стопанство". Фактор: Освен економските и политичките врски, како ја промовирате македонската култура во Австрија? Филипов: Малку е тешко да се промовира "култура" во земјата, којашто, самата е поим за култура. Но, не е и неизводливо, затоа што Австрија е земја со постојана глад за култура и културни збиднувања на сите полиња на овој сектор од човековото битисување. Од друга страна, Австрија е многу либерална и прифаќа останати култури и странски дејци во областа на културата. Така, најпознатите оперски пеачи во Австрија се од странско потекло, зградата на австрискиот Парламент е дело на архитект од Данска, а постојат и многу други примери. Република Македонија и Австрија склучија Договор за унапредување на соработката во културата и образованието, но најголемиот дел културни настани, со цел промоција на македонската култура , ги организира Амбасадата сама. Користиме општопознати начини за наоѓање средства, се до ангажмани на вработените и нивните семјства во промоциите. Тука би ја спомнал и соработката со Македонската културна заедница, МПЦ "Св. Наум Охридски" и други организации на дијаспората. Во Амбасадата нарековме една просторија "Изложбен салон" и ја користиме за проекции, изложби на слики, мали концертни и литературни читања. За поголеми настани се кроистат и други локации, како познати сали, театри, хотели и познатите катедрали со неверојатна акустика, Петерскирхе и Света Ана. Благодарни сме на разбирањата од австриските партнери кои најчесто ни излегуваат во пресрет. Користиме и присуство во медиумите. Фактор: Што, според Вас, е најголемиот успех што сте го постигнале додека сте амбасадор во Австрија? Филипов: Ова е навистина тешко прашање. Ќе одговорам, преземајќи ризик и да погрешам. Каков и да е успехот, тој не е постигнат само од Амбасадорот, ниту само од Амбасадата. Вклучени се редица фактори, но ќе се сложите дека алката "Амбасада", во тој синџир на меѓусебна зависнот, игра значајна улога. Во Австрија дојдов, во октомври 2010, три месеци после речиси пет години служење на Македонија, како нејзин амбасадор во Берлин. Како најголем успех на политички план во овој мандат ги сметам драстичниот скок во развојот на односите Македонија - Јапонија (официјална посета на премиер, министер за надворешни работи и средби со највисоките функционери на земјата), отворање на Амбасада на РМ во Токио, со создавање на огромен потенцијал за напредок во сите полиња за соработка. Понатаму, како голем успех го сметам и првиот јавен предлог што претседателот на Австрија, д-р Хајнц Фишер го соопшти пред медиумите, а кој се однесува на потребата од паралелно одвивање на преговорите околу проблемот што нашиот јужен сосед го има со името на РМ и преговорите за членство во ЕУ. Драго ми е и што сите три земји, кадешто ја претставувам Република Македонија имаат јасен увид во апсурдноста на прашањето како треба да ни се обраќаат. Конкретно за Австрија, се радувам и благодарам, што добивме постојан, стабилен подржувач на политички план во однос на евроинтеграциите, секогаш подготвен да ги артикулира своите ставови во интерес на Македонија. Драго ми е што подршката се изразува и со пораст на економската размена и на извозот на РМ во Австрија. За Словачка, освен континуираната подршка во ЕУ и НАТО интеграциите, драго ми е што размената се триплира, при што Македонија е во суфицит во размената со оваа земја за околу 40 мил. долари, а постојат потенцијали за уште поголема размена. С.Н.
Слично

Поврзани вести