Интервју Габриела Милкова: St.Andrews е третиот најдобар универзитет во Велика Британија
Беше примена на повеќе престижни универзитети, но одлучи да студираш на University of St. Andrews. Што те привлече во оваа образовна установа и што ќе студираш?
Од млада возраст сум опкружена со литература, а и детството поминато во Оксфорд ми создаде природен интерес за англиската литература. Така што, се одличив да ја негувам оваа фасцинација преку продолжување на образованието во Велика Британија, којашто се смета за колевка на модерната литература. Бев прифатена на четири Британски универзитети, секој од нив врвен во тоа поле, а меѓу нив и St. Andrews. Имав шанса да ги посетам сите четири, и тогаш се одлучив за St. Andrews и за англиска литература како моја студиска насока, поради врвниот квалитет на програмата и професорите, како и дадената слобода да ја надополнувам студиската програма со други предмети (на пример, компаративна литература или антропологија), како и локацијата на универзитетот во Шкотска, и тесната поврзаност на тој регион со почетоците на англиската литература. Одлуката ми беше потврдена со добивањето на целосна стипендија, и со тоа мојот сон да можам таму да студирам беше остварен.
Вообичаено за место во овие универзитети се борат голем број на студенти од цел свет. Колкава беше конкуренцијата за оваа година и каков беше твојот пат до University of St. Andrews?
St. Andrews e меѓу петте најдобро рангирани универзитети во Велика Британија, каде не повеќе од 8% од тие што аплицираат се здобиваат со прием. Според “Guardian University Guide 2016”, St.Andrews е третиот најдобар универзитет во Велика Британија, веднаш после Oxford и Cambridge. Така што, конкуренцијата за да се стигне до St. Andrews е навистина голема, особено за една ученичка од Македонија којашто аплицира да студира англиска литература, и како дополнителна конкуренција ги има сите апликанти од Велика Британија на кои англискиот им е мајчин јазик. Сепак, и покрај овој факт, верувам дека бев избрана заради мојата искрена љубов и посветеност кон литературата, и употребата на англискиот јазик низ целото мое образование.
Што сметаш дека беше пресудно за да добиеш потврден одговор од оваа образовна институција?
Неизмерната посветеност и знаење токму кон предметот за којшто аплицирав. Оваа посветеност морав да ја изразам во „Лична изјава“, опишувајќи го мојот интерес кон литературата. Верувам дека оваа изјава беше пресудна, поминав 5 месеци работејќи на неа, а години стекнувајќи го потребното искуство. На пример, за подобро да ја разберам суштината на англиската литература, одделив време да ги прочитам сите дела на Шекспир, како и култните дела од секој позначаен период на англиската литература, од самиот нејзин почеток.
Други искуства, како летното школо во Кjeмбриџ, детството во Оксфорд, и издавањето на сопствената збирка поезија верувам дека дополнително го увери универзитетот за моето искуство во полето на литературата. Одличниот просек и препораките од моите професори додадоа на целокупната приказна и беа пресудни за целосноста на мојата апликација.
Ученик си во гимназијата „Нова“. Колку фактот дека учеше токму во ова училиште ти помогна да се запишеш на University of St. Andrews?
Училиштето ми понуди неизмерна поддршка низ моето основното и средно образование, во и вон училницата. Имав многу посветени и грижливи професори, особена од областа на литературата, кои што ми ја дадоа насоката и подлогата за моето понатамошно образование. Исто така, гимназијата има силен систем на универзитетски советници коишто уште од прва година почнаа да ме советуваат за чекорите потребни за да стигнам до овој момент. Дополнително, за да го стекнам потребното искуство, особено ја ценам слободата што гимназијата ја даваше на своите учениците да бидат само иницијативни, што универзитетите многу го ценат. За време на моето школување, јас имав можност да партиципирам во разни иницијативи, како на пример, „TEDxYouth“, младинската конференција „HOSIC“, и соработката со весникот „Лице в лице“. Верувам дека оваа поддршка и слобода, беа клучни за мојот прием на St.Andrews.
Голем број на млади луѓе сонуваат за да влезат на универзитет од ваков калибар. Која е твојата порака до нив?
Посветете се на тоа што навистина ве инспирира и каде што се чувствувате свои! Универзитетите го препознаваат овој квалитет бидејќи тие, најмногу од сѐ, бараат студенти што ќе бидат љубопитни. Така што, истражувајте го тоа за што сте најљубопитни, негувајте го тој интерес, бидејќи сигурно има причина зошто токму тоа ве влече!





