ИНТЕРВЈУ ФРЧКОСКИ: На ред е формирање преодна Влада!
Има уште многу работа. Сега треба да биде формирана преодна Влада. Сегашната не може ништо да направи бидејќи таа ги создаде сите проблеми кои се нотирани во извештајот на Рајнхард Прибе. Не може истиот актер кој беше критикуван во извештајот на Прибе да ги реализира обврските кои ги испорача Брисел а кои ние како држава мора да ги исполниме ако имаме евроатлански аспирации, вели во интервју за Фактор ЉУБОМИР ФРЧКОСКИ, универзитетски професор, поранешен министер и претседателски кандидат.
Според него преодната влада би функционирала до одржувањето на парламентарните избори.
разговара Горазд Чомовски
Фактор: Протести, приведувања, притварања, судски процеси, вандализам, сквернавње се последици од одлуката за аболиција која ја донесе на 12 април ја донесе македонскиот претседател. Кој сега ќе ја плати цената за политичката (не)одговорност на Ѓорге Иванов кој до вчера тврдеше дека донеле исправна одлуката помилувајќи 65 лица?
Фрчковски: Во нормална држава, нормален политичар понесува политичка, морална и секаква одговорност после донесување на одлука која е спротивна на интересите на земјата, но кај нас работите се свртени наопаку .
Претседателот на Република Македонија нема никаков интегритет . Иванов има газда кој го командува како сака и кога сака. Неговите нарачатели му дале задача која тој требаше да ја спроведе носејќи ја срамната одлука за аболиција. Сега повторно по нарачка на оние кои го ставија за претседател на државата ја повлече одлуката за помилување дозволувајќи си да биде јавно понижен и исмејуван . Цената за неговата неодговорност сега македонски граѓани ќе ја платат.
Фактор: Дали по поништиувањето на одлуката за аболицијата полека се отвара патот кон нормализазација и стабилизација на состојбите во земјата?
Фрчкоски: Не, не. Има уште многу работа. Сега треба да биде формирана преодна Влада. Сегашната не може ништо да направи бидејќи таа ги создаде сите проблеми кои се нотирани во извештајот на Рајнхард Прибе. Не може истиот актер кој беше критикуван во извештајот на Прибе да ги реализира обврските кои ги испорача Брисел а кои ние како драава мора да ги исполниме ако имае евроатлански аспирации. Преодната влада би функционирала до одржувањето на парламентарните избори кој според моја проценка би можеле да се одржат заедно со локалните избори следната година.
Значи мора да биде формирана нова Влада, дали таа ќе биде техничка, експертска, концентрациона не е толку важно. Во таа Влада може да партиципира и ВМРО ДПМНЕ, но не и луѓето за кои се води истрага во Специјалното јавно обвинителство и за кои постојат сериозни индиции за сторени кривични дела. Она што е важно е дека таа предона Влада ќе треба да спроведе низа на реформи.
По повлекувањето на аболицијата влегуваме во завршна фаза, но ни престои жестока борба за нов почеток и создавање на демократски амбиент во земјата.
Фактор: Владејачката партија вели дека е подготвена да прифати формирање на техничка Влада, но 100 дена пред избори. Вие говорите дека по повлекување на аболицијата следен чекор е започнување на постапка за состав на преодна Влада.
Фрчкоски: Да, го слушнав тоа од луѓето од ВМРО ДПМНЕ. Но тие сега ќе бидат спремни на се’ што ќе им биде кажано однадвор. Треба да престанеме да се импресионираме од изјавите на луѓето кои се обвинети и аболицирани. Тие веќе не се слушаат што зборуваат, се почесто сами се демантираат.
Мислам дека сега позицијата на ВМРО ДПМНЕ е да биде амнестиран нивниот лидер и екс премиер Никола Груевски и неговиот братучед Сашо Мијалков.
Жално и трагично е што после 30 години транзиција, главна политичка тема е дали Груевски и неговиот братучет ќе бидат амнестирани или не!
На тоа е сведена денес нашата демократија. Тоа е оној долен праг на коишто сме спуштени и траумата низ која ќе треба да ја поминеме ова лето.
Фактор: Дали германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл во Скопје ќе понуди конкретни решенија за разврска на кризата во земјата ?
Фрчкоски: Не исклучувам официјален Берлин да има детален план за Македонија , но мислам дека многу јасна слика ќе добиеме во наредните неколку денови.
Фактор: Кое е според Вас реалното сценарио за враќање на земјата во нормален колосек?
Фрчкоски: Не е комплицирано да се предвиди сценариото, но е жестоко и нема лесно да се спроведе. После повлекувањето на аболицијата следуваат преговори за нова Влада која ќе треба да ги спроведе реформите. Паралелно со тоа ќе течат истрагите и покренувањата на обвиненијата од страна на Специјалното јавно обвинителство. Ќе треба да се разговара и за формирање на посебен оддел кој ќе работи по предметите на СЈО затоа што постоечкиот Суд тоа не може да го направи бидејќи тој или ќе ги блокира постапките или ќе ги отфрла. Тоа не смее да се дозволи. Ќе мора да се изберат судии по квалитет и интегритет кои ќе ги водат судските процеси „ Титаник,“ „Тврдина“ „ТНТ“...
Многу е важно да се тргне МВР од рацете на ВМРО ДПМНЕ бидејќи партијата на Груевски ги блокира истрагите на Специјалното јавно обвинителство . МВР треба да биде сервис на СЈО , а не да ја ја опструира нејзината работа. Медиумкисте реформи исто така ќе бидат составен дел од од подготвувањето на условите за спроведување на избори. МРТ мора да биде јавен сервис а не партиско гласило. Ни престои бурен период !
Слично
