Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ ФИЈАТ ЦАНОСКИ: Јанакиески ми беше куќен пријател, а со Груевски ми нанесоа огромно зло!

ИНТЕРВЈУ ФИЈАТ ЦАНОСКИ: Јанакиески ми беше куќен пријател, а со Груевски ми нанесоа огромно зло!
По петтата бомба на Заев, стана јасно дека и бизнисмените биле приклешени во битката на македонската политичка сцена . За Фактор Цаноски вели дека е изненаден од начинот на кој премиерот и министрите ја донеле одлуката за уривање на инвестиција тешка 10 милиони евра. Говори и за нивните политички мотиви и за својата улога во одржувањето на А1. Фактор: Како ги коментирате телефонските разговори помеѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески што ги објави СДСМ, а кои се однесуваат на рушењето на „Косомос“? Ф.Цаноски: Уште пред три и пол години кога се донесе решението за рушење на станбениот комплекс „Космос“, а на кое решение стоеше дека објектот треба да се сруши за три дена, јасно беше дека станува збор за политичка одлука. Тоа беше првиот сигнал. Второ, уште тогаш, имав средба со градоначалникот Тони Трајковски и тој ми призна дека наредбата за рушење е дојдена од „горе“. Не прецизираше што тоа од „горе“ значи. Но, исто така Трајковски на таа средба ми рече да ги тргнеме телефоните и да разговараме без телефони, оти  самиот кажа дека се прислушуваат. Трето, и на самата анкетна комисија, што се одржа во македонското собрание, се виде дека токму надлежните, конкретно инспекторката, немаше одговори на многу прашања.Одговараше, збунето, непрецизно,и со многу нелогичности во одговорите. Тие не знаеја како да го одбранат она што го направија. Фактор: Изненаден ли сте од содржината на разговорот меѓу Груевски и Јанакиески? Ф.Цаноски: Не сум изненаден од „бомбата“ што ја објави опозицијата. Но, изненаден сум од тоа колкаво внимание посветиле лично премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, само за да ми нанесат штета. За да ми се одмаздат за моите политички ставови кои беа различни од нивните. Јас искрено не очекував дека некој воопшто може и сака да нанесе такво зло. Фактор: Поднесовте тужба во Стразбур. До каде е тој процес? Ф.Цаноски: Тужбата што ја поднесов пред судот во Стразбур,очекувам дека ќе ја добијам. А дополнително, сега кон таа тужба, како доказ дополнително ќе ги поднесам и овие телефонски разговори водени меѓу премиерот Груевски и министерот Јанакиески.  А, што се однесува до нашите судови, можам само да кажам дека тие носеа експресни пресуди, и експресно ни ги одбиваа тужбите што ги поднесовме. Тоа само за себе говори, какво е судството во земјава. Фактор: Имаше ли притисоци? Ф.Цаноски: Јас бев поткрепен со докази, со документација, со вештачење, кои потврдуваа дека јас сум во право. Но, тие дури и ги тераа луѓето да ги повлечат и потписите од документацијата. Вршеа притисоци. Се однесуваат како да се работи за рушење на барака, а не за објект, за инвестиција  од 10 милиони евра. Фактор: Која беше причината власта толку да Ви се налути и да сака да Ви се одмаздува. Што им згрешивте? Ф.Цаноски: Моето преоѓање во опозицијата беше клучно да посегнат по мене. Секако улога имаше и тоа што дадов поддршка и застанав зад А1 телевизија, но сепак мислам дека кучната улога ја имаше тоа што застанав во редовите на опозицијата. Фактор: Пред да го урнат „Космос“ практично имавте и блиски релации со дел од владините министри. Ф.Цаноски: Точно е. Еден од нив е Миле Јанакиески. Јанакиески беше запишан на постипломски студии на ФОН. А се уште не знам дали ги завршил. Му бев дури и на свадба. Ми беше куќен пријател. Но, очигледно Јанакиески мора да следи нечии ингеренции и не сака ниту да се спротивстави на наредбите. С.Н.
Слично

Поврзани вести