ИНТЕРВЈУ Ермира Мехмети: Смешно е некој да ја уценува ДУИ со очајнички обид за реанимација на ДПА!
Нов договор со Груевски за нова Влада. ДУИ нема да дозволи да биде уценувана со реанимација на ДПА и Мендух Тачи. И на овие избори некој сака да тргува со гласовите на етничките Албанци. Нема да пропадне државата ако има Спикер –Албанец или Претседателот се избира во Парламентот. Овие поенти се дел од интервјуто со Ермира Мехмети, еден од медиумските фронтмени на Ахмети. Таа во последно време во јавмоста не е поштедена ниту за хонорарот од Министерството за одбрана, ниту во дискредитирање на нејзината приватност.
Фактор: Стартувате со кампања „ Не за едностран Претседател“. Што е позитивната цел на ваквиот концепт на негативна кампања?
Ермира Мехмети: Ние подолго време опстојуваме на ставот дека нема да поддржиме претседател кој не е номиниран или кандидиран како резултат на етнички и политички договор помеѓу клучните субјекти во земјата. Оваа кампања ќе ја искористиме за да ги обновиме да ги пренесеме нашите пораки - зошто не е потрребен претседател кој нема поддршка од Албанците. Ваков Претседател, од 2014 година, на Македонија веќе не ù е потребен.
Мислам дека станува збор за погрешна политичка перцепција на добронамерноста на идејата, нашата намера и цел. Погрешно ја проценија и ја потценија, ја навредуваа, ја омаловажуваа и се поставија против неа од позиција на инаетеење. За мене таквиот нивен став е неприфатлив во едно современо политичко организирање на мултиетничка заедница.
Фактор: Поради нискиот изборен цензус може да се избере претседател на државата и без гласовите на Албанците. Што доколку граѓаните на Македонија изберат Претседател и покрај апстиненцијата на албанското гласачко тело?
Ермира Мехмети : Претседателот на државата може технички да биде избран и без гласовите на втората по големина етничка заедница која живее во Македонија, таа можност не ја исклучувам. Меѓутоа тој ќе биде претседател кој ќе се соочува со постојана криза на својот легитимитет и ќе ја нема поддршка од албанските граѓани кои живеат во државата.
Фактор: Како да се индивидуализира и изрази поединечната волја на избирачите ако се тргува со колективноста на албанските или македонските гласови? Зошто подолг период ДУИ инститира Претседателот на државата да се избира во Парламентот?
Ермира Мехмети: Затоа што на тој начин се зголемува политичката тежина на Претседателот на државата во смисла на добивање легитимитет од сите етнички заедници без притоа да има претходни непринципиелни пазарења и купопродажби на гласови како што тоа се чини дека е традиција во нашата демокаратија. Во вториот круг на претседателски избори речиси секогаш без исклучок партиите се пазарат за гласовите потребни за да се обезбеди мандатот на Претседателот. Ние тоа не го сакаме.
Фактор: Како по овие избори ќе изгледа мултиетничката коалиција? Ќе се суспендира ли Мајскиот договор меѓу Груевски и Ахмети или тоа е навестување за евентуално ревидирање на Рамковниот договор?
Ермира Мехмети: Мајскиот договор никогаш не беше обид за ревидирање на Рамковниот договор. Кој се сеќава на условите и околностите под кои беше донесен, знае или памети дека тој послужи како основа за политичкото помирување и понатамошна соработка помеѓу ВМРО ДПМНЕ И ДУИ. Духот, основата, принципите, одредбите коишто понатаму се надградуваат во Мајската спогодба Груевски-Ахмети, се наоѓаат токму во Охридскиот рамковен договор и тука нема никаков обид за некакво негово поништување. Напротив - можеме да говориме само за негово унапредување.
Фактор: Дали по овие избори ќе ги преиспитатите своите позиции во релациите со ВМРО-ДПМНЕ?
Ермира Мехмети: Не би сакала да прејудицирам ниту хипотетички да предвидувам каков ќе биде постизборниот амбиент. Се знае дека во секоја демократска држава решавачки за тоа како ќе изгледа идната извршната власт зависи од волјата на гласачите.
Партиите се натпреваруваат на избори за да станат дел од власта. Тие со најголемата поддршка се власт, а другите се опозиција. Во тоа е принципот на демократијата. Каква Влада и Претседател ќе имаме и како ќе изгледа после изборите јас не би сакала да прејудицирам.
Фактор: Во последниот период велите дека постојат суштински разлики помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, околу начинот на водење на државата и особено надворешно-политичките приоритетти. Како тогаш ќе најдете заеднички јазик доколку повторно формирате нова македонска Влада?
Ермира Мехмети: Преку нов Договор за заедничко владеење. Мислам дека во оваа фаза тоа не е главното прашање. Ќе видиме како ќе тече кампањата и кои ќе бидат програмските приоритетите на партиите.
Фактор: Дали доколку ДУИ ги добие овие избори ќе побара идниот претседател на Собранието да биде од редовите на вашата партија?
Ермира Мехмети: Јас не мислам дека сега е време кога нашите политички ставови, убедувања, идеали треба да се толкуваат како некакви уцени или закани. Јас мислам дека ние сите треба заеднички да градиме општеството во кое доволно ќе си веруваме за да можеме, без ДУИ да бара, македонска партија да ни довери едно од врвните раководни функции во македонските институции, како што тоа беше случај со Министерството за одбрана. Не пропадна држава, нели?!
Фактор: Како ја толкувате наводната средба на лидерот на ДПА Тачи со директорот на УБК Сашо Мијалков, како провокација или како јасен сигнал од премиерот Груевски дека нема намера повеќе да ги толерира заканите и условувањата од вашиот лидер Ахмети?
Ермира Мехмети: Јас мислам дека станува збор за некакви очајнички обиди да се обнови , односно да заживее ДПА. А што се однесува до формулацијата дека има некакви обиди за дисциплинирањена ДУИ, поради некакво уценување, мислам дека тоа е веќе неприфатлива реторика во нашето политичко дејствување.
Фактор: Во досегашното заедничко владеење со ВМРО ДППМНЕ, главен адут на ДУИ, како партија, беше што поскоро постигнување решение за името со Грција и деблокада на евроинтеграциите. Вашиот конкурент од ДПА понудил решение за спорот за една година ако Владата ја сочинуваат Груевски и Тачи?
Ермира Мехмети: Ние го заживеавме евроинтегративниот процес. Поттикнавме нова динамика го вративме процесот на старите интеграциски шини од што беше драстично поместен во погрешна насока. Верувам дека работејќи во тој дух ќе успееме уште повеќе да го унапредиме во новиот мандат кој ќе го добиеме на овие избори.
Решението за името не може да го донесе само ДУИ или било која друга албанската партија сама. За тоа прашање сакаме да слушнеме како заеднички ќе се произнесат двете најголеми партии на етничките Македонци. Меѓутоа тоа се уште не се случило. Сепак по изборите би можело да очекуваме нова фаза за решение околу името.
Г.Ч.
Слично
