Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Ермира Мехмети: Преку дивоградбите од Скопје 2014 не може да се гради идентитетот на Македонците!

ИНТЕРВЈУ Ермира Мехмети: Преку дивоградбите од Скопје 2014 не може да се гради идентитетот на Македонците!
Јас очекувам идната година да се заокружи и да финишира проектот Скопје 2014, за да можеме да повлечеме линија и да видиме колкав ќе биде долгот и колку време ќе го плаќаме долгот од неговото реализирање, вели во интервју за Фактор пратеничката Ермира Мехмети. Се надева дека Македонија нема повторно да влезе во предизборен филм, но не е сигурна дека нема да ги има.  Фактор Македонија по петти пат остана со празни раце од Брисел. Препораката од Комисијата си остана само препорака, Европскиот совет не смета дека треба да додели датум за преговори. Одлуката беше очекувана, но во секој случај разочарувачка. Дотолку повеќе што ЕУ на ова прашање ќе се наврати во 2014 година без да прецизира кога, што остава впечаток дека Брисел веќе е рамнодушен кон нашите интеграции. Го делите ли Вие истиот впечаток? Мехмети Се плашам дека кога говориме за евроинтегративниот процес на Македонија, веќе се повторуваме во ставовите, тезите и изјавите.  Кога се повторувате станувате здодевен за тие што ве слушаат, во овој случај тоа се јавноста, гласачите и нашите поддржувачи.  Се согласувам дека во 2014 ни е потребно еден вид обновување на процесот, некој нов моментум во нашиот однос со нашиот партнер- Европската Унија, некаков нов импулс што ќе послужи како поттик во новата година да направиме некакво придвижување напред.  Дали тој нов моментум би било постигнување на некаков сепартиски или надпартиски консензус околу името, дали тоа би било некакво поактивно инволвирање на Собранието во процесот, не можам да предвидам, но некакво поместување од мртвата точка е неопходно. Фактор Името останува централен проблем, но се повеќе се набројуваат и други забелешки, кои кај Вашиот партнер во власта ВМРО-ДПМНЕ, редовно се толкуваат како форма на притисок кон нас да отстапиме во спорот со јужниот сосед. Не помогна ниту силната дипломатска офанзива на вашата партија и лидерот Ахмети. Влегува ли Македонија во еден вид “зона на самракот“, заедно со БиХ, како единствени од регионот, наспроти останатите за кои Брисел потврдува дека постигнале напредок? Мехмети Всушност, меѓу земјите од регионот кои останаа во самракот се вбројува и Албанија.  И покрај сите заложби и ангажман на политичките лидери, и покрај мирната транзиција на власта и добро спроведените избори, и покрај усвојувањето на таканаречените три европски закони, Албанија не доби кандидатски статус.  Изјавите од земјите членки создадоа впечаток дека не станува збор единствено за лоши перформанси на земјите аспиранти, туку и за своевидно преовладување на она чувство на замор од проширувањето.  За жал, Македонија е во почувствителна позиција бидејќи веќе петта година по ред добива препорака од Комисијата која не успева да се материјализира од страна на Советот, а освен тоа, веќе осум години е земја кандидат, а исто така и е одбиено членството во НАТО, нешто што Албанија веќе неколку години го има постигнато.  Генерално, мислам дека не е добро било која од државите од регионот да стагнира на патот кон интеграцијата, но истовремено мислам дека треба да го сработиме нашиот дел од обврските.  И, иронично но вистинито, колку подолго го одолговлекуваме процесот, толку повеќе домашни задачи ни се редат на списокот обврски за исполнување. Фактор Случајот со споменикот “цар Душан“ – испадна како народната – “ секое чудо за три дена“. Изникна преку ноќ, функционери од ДУИ беа инволвирани во негово уривање, информациите велат дека и Вие сте биле присутни, сега полиција деноноќно го чува, иако Вашиот партнер вели дека не знае кој го поставил. Истовремено, општина Центар најави дека тој е дивоградба. Па, знаете ли Вие кој го поставил? Мехмети Тој споменик ги исфрли на површина парадоксите на нашето општество, нашите закони и смислата за нивно почитување и спроведување.  На пример, се уште се тврди дека не се знае кој е нарачателот на тој споменик.  Во исто време, пред Мостот на цивилизациите е поставена табла на која пишува дека целиот мост е проект на Општина Центар од Септември 2009 година, и на таа табла пишува и извршителот на работите.  Од друга страна, Министерството за култура, клучниот носител на целиот проект  2014 тврди дека не знае како тој споменик се нашол на мостот, односно како станал дел од проектот.  Се поставува прашањето:  дали според оваа логика, не би можел било кој граѓанин или правно лице, на сопствена иницијатива и по сопствена волја, да му приклучи некаков споменик на Скопје 2014?!  Дали, по таа логика, не би можеле да поставиме и споменици на султани и други владетели од времето на турската империја, бидејќи нели, станува збор за цивилизациски ери кои оставиле белег, односно се доказ за некаков континуитет на историјата на Македонија. Јас никогаш не поверував дека никој не знае како тој споменик се најде на мостот.  Напротив, фактот што сите криеја и одбиваа да дадат одговор, единствено потврдува дека сите знаеја, надлежните најдобро, дека станува збор за контроверзна историска фигура, чие поставување нема да биде поздравено ниту од самите етнички Македонци, а не пак од останатите етнички заедници. Конечно, ако се дозволило цел еден мост да се изгради како дивоградба, што говори тоа за целиот проект Скопје 2014?  Зарем е прифатливо, проектот кој требаше да го запечати македонскиот идентитет и постоењето на Македонците низ историјата, да се спроведе преку дивоградби?  Зарем е дозволиво на тој начин да се компромитира идејата на зацврстување на идентитетскиот столб на етничките Македонци? Фактор Не прифативте да се разговара на таа тема на Комитетот за меѓуетнички односи што го водите Вие. Не дадовте објаснување, а ДПА Ве обвини дека сте соучесник во неговото поставување. Зошто? Мехмети Јас бев сосема свесна дека Комитетот мора да заседава на таа тема.  Уште повеќе, јас бев заинтересирана за таа дебата.  Познавајќи ја историјата на Комитетот и начините како неговото функционирање беше блокирано во Собранието не многу одамна, оценив дека е подобро на дневен ред да се стави една поопширна културолошка тема, па да се разговара за настаните околу споменикот, отколку да бидеме спречени воопшто и да заседаваме за етно-политичките актуелности.  Жалам што не бев правилно сфатена.  А Комитетот, сепак, расправаше за царот. Фактор А, зошто Ви смета тој од десетиците споменици поставени во Скопје. Ќе имавте друг однос кон него, ако претходно беа поставени на оние на албанските дејци – Пјетер Богдани, Јосиф Багери, Неџат Аголи...? Мехмети Да се потсетиме на принципите за избор на споменици.  Кога ДУИ ги предложи овие три личности, идејата беше да се предложат ликови кои не биле контроверзни и кои нема да предизвикуваат бранувања во јавноста поради она што го застапувале или за што се залагале.  Тргнувајќи оттука, ние оценивме дека преку овие тројца дејци треба да испратиме јасна порака за значењето на верската толеранција меѓу етничките Албанци како универзална вредност и карактеристика на Албанскиот народ.  Е сега, ако за Албанците важел принципот на поставување неконтроверзни ликови, зошто тој принцип не важел при изборот на српски цар од Средниот век?! Згора на тоа, самата помисла дека со средства од Буџетот на државата, во кои влегуваат и даночниците Албанци, се нарачал, изработил и поставил споменик на еден владетел кој асоцира на масакри и окупации, предизвика иритација и гнев кај етничките Албанци.  А кулминација на се, се разбира, беше оној игнорантски пристап од надлежните, кои цело време тврдеа дека немаат поим кој го поставил споменикот. Фактор Какви се односите во владината коалиција. Има ли заладување на релација ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ? Мехмети  Па, г. Ахмети рече дека во коалицијата не се согласуваме за сите прашања, но и дека нема да се пукаме меѓу себе со ракети.  Според моето читање, тоа значи дека ние се разидуваме за битни прашања или проекти, како што се спомениците во центарот на градот или било кој од законите кои се неделава во законска процедура.  Во исто време, се согласуваме дека мора да продолжиме да работиме заедно бидејќи сме избрани како единствени легитимни претставници на нашите гласачки тела. Фактор А, да не е ова влегување во еден вид политички тунел, во кој на другата страна чекаат предвремени избори...? Мехмети Се надевам не. Фактор Ќе има ли уште едно парламентарно изборно соочување напролет, заедно со претседателските избори? Мехмети Искрено, до пред неколку месеци, јас лично мислев дека единствено избори би биле решението за излез од овој политички безизлез, во кој влеговме после 24 декември 2012.  Но, не сум сосема сигурна дека опозицијата сега би била подготвена на таков чекор и дека би прифатила нови предвремени парламентарни избори.  Во услови на се уште недовршена внатрешна реформа и консолидација, во услови на разногласие во пратеничката група, лидерот на опозицијата, не верувам дека би се дрзнал да му го обнови уште еднаш мандатот на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Фактор Дали изборите ќе ни ја обележат идната 2014 година. Што воопшто очекувате дека ќе се случи на политички план идната година? Мехмети Јас очекувам идната година да се заокружи и да финишира проектот Скопје 2014, за да можеме да повлечеме линија и да видиме колкав ќе биде долгот и колку време ќе го плаќаме долгот од неговото реализирање.  Посакувам во идната година што помалку да се занимаваме со тепачки, прашања на доминантност и потчинетост, на некакви хероизми  и патриотизми, и да вложиме во вистински и сеопфатни развојни политики за државата.  Се надевам дека ќе немаме предвремени парламентарни избори, но доколку ни се случат, посакувам да поминат во мирна и демократска атмосфера.  Исто така, посакувам во текот на грчкото претседатествување со Европската Унија, Република Македонија да успее да добие согласност за почеток на преговорите за членство во Унијата, како и да успее да стана членка на НАТО. З.Ф.
Слично

Поврзани вести