Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Емилија Ивановска Атанасовска: Времето и парите се најголеми непријатели на костимографите!

ИНТЕРВЈУ Емилија Ивановска Атанасовска: Времето и парите се најголеми непријатели на костимографите!
Зад секое успешно филмско дело освен возбудливо сценарио, добра актерска екипа, квалитетен режисер, музика, стои и совршено осмислена костимографија. Преку соодветните костими на актерите, вистински се доловува филмската приказна за некое друго време, било да е тоа минато, сегашно или идно, не запознава со фабулата, со карактеристиките на актерските улоги, со општеството во филмската приказна. Секој костим е приказна за себе, за личноста што го носи, за улогата на актерот. Од друга страна честопати костимите од големите светски филмови, подоцна стануваат задолжителни модни парчиња, прифатени од популацијата. Костимографијата е од непроценливо значење за кинематографијата. Колкаво внимание и се посветува на костимографијата во македонските филмови, со какви предизвици и проблеми се соочуваат костимографите на домашен терен? Најголем непријател ни е времето, потоа буџетот. Денес да се биде успешен костимограф не е доволно само да се биде креативен или да ја познавате историјата на облеката, вели во интервју за Фактор, костимографот Емилија Ивановска Атанасовска. Фактор: Еден од клучните фактори за успешен филмски проект е костимографијата, колкаво значење и се придава на костимографијата во македонските филмови? Ивановска Атанасовска: Повеќе елементи треба да се спојат за да се долови приказната. Без сценографија, костим, шминка и фризура, актерска игра, музика, фотографија, режија и се друго, нема приказна, односно нема филм. Точно е дека костимот е тој кој што ни ја дава првата информација за ликот. Некогаш може одреден лик во сцена да нема никаква реплика, а нам да ни биде повеќе од јасно кој е, со што се занимава, на кој социјален сталеж му припаѓа, каква е неговата ментална состојба. Костимографот преку костимот ја  раскажува идејата, концептот и визијата на режисерот. Режисерот и костимографот постојано дискутираат за ликовите, режисерот му ги открива и најмалите карактеристики на ликот, детали и ситници кои може да бидат од суштинска важност за успешен дизајн на костимот. Сметам дека не постои режисер во Македонија кој не е свесен за важноста на костимот во филмот. Секој од нив сака да има добар костим во својот филм, меѓутоа не секој има добра комуникација со авторот, за жал крајниот резултат во ваквите случаи е ужасен. Фактор: Што е клучно за да се изработи еден добар костим кој треба да биде одраз на случувањата, времето и приликите во една филмска приказна, од каде ја црпите инспирацијата? Ивановска Атанасовска: Прво и основно се трудам добро да го разработам и да го разберам сценариото. Потоа следат долги разговори со режисерот, консултации со сценографот и директорот на фотографија. Го истражувам периодот кој се обработува, ликовите, средината во која што живеат ликовите. Се обидувам да размислувам како ликот што треба да го изградам,  каков материјал да одберам, каков модел би носел, колку е педантен. Никогаш свесно не сум барала инспирација, самиот процес на истражување, гледање стари фотографии, чепкање по фундуси, набљудување луѓе по улици ме инспирира да дојдам до некаков резултат. Фактор: Колкава е разликата помеѓу филмска и театарска костимографија? Ивановска Атанасовска: Филм и театар се две различни планети. Во театар актерот е во директен контакт со публиката,  додека на филм актерот и се обраќа на камерата. На камера се се гледа, секој криво сошиен шев, секоја сакана или несакана флека и ред други работи. Во исто време она што не можете да го сокриете на сцена како на пример му се скинале панталоните на актерот во сред игра, нема што да прави, ќе си глуми скинат до првата пауза кога ќе може да се сошијат, на филм секогаш може да ги смените со друг пар или истите да ги сошиете па да продолжи снимањето. Друга разлика е како бојата и текстурата на материјалот од костимот ќе бидат осветлени за пред камера а како за на сцена. Различен е и процесот на подготовки, реализација и користење на костимите. На оваа тема може многу да се зборува но најважно од се е дека само искусни автори би можеле да дебатираат. Секој проект ве учи на некои нови правила во работата кои немаат никаква врска со вашиот креативен капацитет или теоријата што сте ја прочитале во книгите. Фото: Гого Клинчаров („До балчак“)
ЗА ДОБАР КОСТИМОГРАФ НЕ Е ДОВОЛНО ДА Е КРЕАТИВЕН ИЛИ ДА ЈА ЗНАЕ ИСТОРИЈАТА НА ОБЛЕКАТА
Фактор: Како се снаоѓате со материјали, со оглед на тоа дека сите глумци и статисти треба да бидат соодветно облечени? Ивановска Атанасовска: Зависи на каков проект работам. Костимите на филм може да бидат шиени, купени, изнајмени, дури може да бидат и позајмени од личната гардероба на актерот доколку костимографот, режисерот и самиот актер сметаат дека одредено парче облека најмногу ќе одговара за улогата. Ако се работи за одреден историски период тогаш костимите се шијат и се изнајмуваат од некој фундус. Процесот е макотрпен, се почнува од сценариото, па скиците, па избор на материјали, шиење, и уште многу други работи за да се дојде до крајниот резултат. Доколку се работи за современа тематика, освен што може да се сошијат костимите, може да се купат и некои готови парчиња. Овде се појавува друг проблем, многу често актерите му судат на костимот лично, водејќи се од сопствениот вкус за облекување. Едно е да облекувате актер за некаков настан, мислам на кампања, фестивал, гостување во емисија, и тука станува збор за личен стајлинг и секако дека крајниот избор е на самиот актер. Но на филм костимот е во функција на ликот, исто како што е и глумата на актерот, тоа е симбиоза од два елементи без кои не може да се изгради улогата во целост. Фактор: Досега сте работеле на крупни филмски проекти, какви се костими се се барало од вас да подготвите? Ивановска Атанасовска: Не сум работела на многу проекти, но на  оние на кои што сум работела биле многу големи во продукциски смисол. Сум работела и на мали студентски филмови и тоа со големо задоволство. Сакам да им помагам  на сите филмаџии кои се на почеток на кариерата и се борат да направат нешто. Јас кога почнав да се занимавам со оваа работа прво влегов во театар. Додека студирав не ни замислував дека еден ден ќе работам на филм.Ја имав таа привилегија уште додека бев во средно уметничко да ја запознам г-ѓа Елена Дончева и да учам од нејзе. Таа е врвен театарски костимограф од кого научив многу за театарскиот костим.За разлика од театарот на филмот морав сама да се челичам, едноставно немаше од кого да учам. Имав прилика да работам на сценарија кои што обработуваат разни историски периоди и народи, така што и костимите кои ги работев за секој проект беа секогаш голем предизвик и приказна за себе. Фактор: Со какви проблеми се соочуваат костимографите кои се ангажираат филмовите? Ивановска Атанасовска: Најголем непријател мислам ни е времето, а потоа и буџетот со кој располага филмскиот проект. Денес да се биде успешен костимограф не е доволно само да се биде креативен или да познавате историја на облека. Се почесто се случува кастингот на глумци да не биде усвоен до последен момент. Мене лично ми се случувало безброј пати да ми најават некој нов лик само еден ден претходно и тоа во недела, ден  кога ништо не работи. Во такви ситуации  го вадам волшебното стапче и правам костим кој многу пати излегол подобар од некој друг што сум го мислела десет дена претходно. Има ситуации кога нема ни доволно време, ни доволно пари, тука можете или воопшто да не се нафаќате на работата или ако се нафатите да се обидете да го направите костимот најдобро што можете, а притоа да не се срамите од истиот. Фото: Гого Клинчаров („До балчак“)
НИ ФАЛАТ КРОЈАЧИ И ГАРДЕРОБЕРИ ВО МАКЕДОНИЈА
Фактор: Имаме ли доволно костимографи, дали оваа професија е дифицитарна? Ивановска Атанасовска: Секако дека има доволно костимографи, меѓутоа се случи некако да се поделиме, оние што повеќе или само работат во театар и неколкумина од нас кои повеќе работиме на филм.Она што е дефицитарно, а е нешто без што секторот костим не може да опстои се кројачи и гардеробери. Јас и моите колеги веќе неколку години сме во потрага по млади луѓе кои би ја работеле оваа работа, за жал сеуште не можеме да најдеме. Фактор: Колку често се случува за некој домашен проект да се повикаат костимографи од странство? Ивановска Атанасовска: Многу често, ако размислам подобро мислам дека во деведесет проценти од филмовите снимани во последниве петнаесетина години, авторите биле донесени од надвор.Тоа не е затоа што немало кај нас кој да ја заврши работата, туку поради заблудата на продуцентите и режисерите дека домашните автори не им се дораснати на српските, хрватските или било кои други што ќе ги донесат од странство. Фактор: Филмот “До балчак”, е меѓу последните на кои што работевте, каква костими се бараше од вас да изработите? Ивановска Атанасовска: "До балчак" се снимаше пред две години, а првпат  го гледав пролетва кога ме покани г-динот Попов на затворена проекција. Нормално како автор гледав само во костимите, барав да најдам некоја грешка што ми се лизнала низ раце и сцена по сцена си ги проверував костимите. Неверојатно е чувството што ме обзема, имав заборавено колку се луѓе сме облекле, глумци, статисти. Дејствието на приказната се одвива во мојот омилен историски период "La Belle Epoque", односно крајот на првата декада од дваесетиот век. Она што се случувало во Европа и светот во тој период било сосема различно од  она што се случувало на Балканот. Во "До балчак" има секакви ликови, европејци, балканци, Турци, по некој Грк, богати, сиромаси, секој од овие ликови за мене претставуваше бело сликарско платно. Како го насликав, ве поканувам да го гледате филмот па ќе дискутираме и за тоа.

Фактор: Се доделуваат награди за актери, сценаристи, режисери, камери, што е со наградите за најдобара костимографија?

Ивановска Атанасовска: На истите тие фестивали на кои што се доделуваат наградиве што ги набројавте се доделуваат и награди за костими. Кога ќе доживееме некој македонски филм да учествува на сите тие фестивали во официјална конкуренција за која било од наградиве, па и за најдобар костим, тогаш ќе гаиме надежи дека можеби и ќе ја добиеме наградата.

Фактор: На што работите во моментов, за каков филмски жанр изработувате костими?
Ивановска Атанасовска: Во моментов работам на " Три дена во септември ", филмот го режира Даријан Пејовски, а сценариото го напишаа тој и Игор Иванов- Изи. Филмот е една современа приказна во која се раскажува едно дејствие во период од три дена. Главни ликови се две жени кои водат сосема различен начин на живот.Тие случајно ќе се сретнат и околностите ќе ги натераат една на друга да си помогнат. Покрај нив се појавуваат уште неколку интересни ликови кои и покрај тоа што ќе ги видиме еднаш или неколку пати нивната улога е од големо значење за расплетот на приказната. Овој филм за мене е големо освежување, не сум работела до сега на ваков жанр, ниту пак сум имала прилика до сега да изградам вакви ликови. Со Даријан совршено се разбраме, а фактот дека главните улоги ги играат Камка Тоциноски и Ирена Ристиќ посебно ме израдува. Ирена и Камка ги знам и приватно, а тоа за еден костимограф е многу важно. Фактор: Кој од постарите македонски филмови би го идзвоиле како дело со највпечатлива костимографија, а кој од странските филмови? Ивановска Атанасовска: Кај постарите домашни филмови секогаш ми пречело што костимот не коренспондира со фризурата и шминката. Посебно во оние филмови како "Miss Stone'', ''Македонска крвава свадба'', кај машките ликови можеби не е толку впечатливо, но кај жените е ужасно. Носат пунџи и очите им се нашминкани како од ноќен бар да дошле на снимање. За странските филмови не знам од каде да почнам. Можеби прв на списокот ми е ''Bonnie and Clyde '', после него ''Annie Hall'', па ''Clockwork orange'', '' The fifth element'', ''Matrix'',  сите филмови на Tim Burton i Wes Andersen. Ова се се филмови кои кога сум ги гледала по првпат ме оставиле без здив. Има уште многу такви. Холивудските филмови денес се работат сосема различно од тоа како се работеле кога технологијата не била како сега развиена. Она што е неопходно за секој  костимограф во кое било време и место да се наоѓа е да има добра кондиција, трпение и егото да си го остава дома пред да оди на работа. Ј.С.
Слично

Поврзани вести