Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ ДРАГОВИЌ: Алармантно е што заминуваат „умовите“, но да ги најдеме и позитивните страни!

ИНТЕРВЈУ ДРАГОВИЌ: Алармантно е што заминуваат „умовите“, но да ги најдеме и позитивните страни!
Загрижувачка е сликата со одливот од мозоци од Македонија. Нема сомнение дека најдоминантна причина за емигрирање од земјава е економската. Подобрување на макроекономската ситуација во земјава, развиеноста на пазарот на трудот и негова транспарентност, проширување на понудата на јавни услуги би требало да резултира со намалување на трендот на напуштање на земјава  или барем намалување на намерата да се емигрира од земјава, оценува универзитетскиот професор Аница Драговиќ.  Продеканот на Филозофскиот факултет во Скопје во интервју за Фактор посочува дека секое лице кое се отселува од државава било трајно или привремено значи губењето на човечкиот капитал, а  тоа значи и губење на населението за биолошка репродукција, губење на контингентот на работната сила.   Сепак нашиот соговорник кој важи за експерт за статистика и демографија      потенцира дека иселувањето на младите не смее да се гледа само во негативен контекст. „Лицата кои се надвор претставуваат потенцијал кој треба да се искористи и тоа на неколку начини. Треба да се мобилизираат лицата од надвор во промоција на економскиот пораст на земјата, но и во градење на одржлива мрежа на циркулација на експерти во своите области. Градење на партнерство помеѓу приватниот сектор и универзитетите и при тоа да се мотивираат лицата да одат надвор, но и новите сознанија и искуства да ги пренесат во својата земја  , потенцира проф.  Аница Драговиќ. Разговарше Горазд Чомовски Фактор:  Трендот на миграција на населението од Македонија во странство, добива загрижувачки размери, а уште по алармантно е дека, според информации од релевантни институции и организации, голем број од граѓаните што мигрираат од државава се високообразовани млади луѓе.  Кои се релевантни статистички идикатори во услови кога не е спроведен попис од 2002 година ? Драговиќ: Точно така. Учеството на лица со високо образование во вкупниот број на лица кои се отселуваат е се поизразено. Според податоците презентирани од страна на Светската банка, за 2011 година, Македонија ја сметаат за лидер во регионов во однос на отселувањето на лица со високо образовнаие. Пописот не е спроведен, но во однос на миграционите движења тоа не претставува толку голем проблем за истите да се следат. Имено, механичкото движење на населението, миграциите сe витални настани кои како такви се собираат на дневно ниво, на месечно ниво се реферираат, а еднаш во годината се публикуваат во посебни публикации од страна на Државниот завод за статистика на Република Македонија. Поточно, преку регистрите  на населението (кои содржат информации за лица кои се одјавиле од местото на живеење) се евидентира промената на местото на живеење на секое лице. Овој начин на прибирање на податоци претставува непсоредно, директно мерење на миграционите движења. Во оваа смисла,  Пописот помага да ги ,,контролира” да ги провери добиените податоци или преку индиректни, посредни  методи да ги пресмета миграционот салдо. Генерално, во споредба со другите два демографски феномени (фертилитет и морталитет), миграциите се послаби во однос на обезбедување на сеопфатно и квалитетно и навремено евидентирање и следење на емиграцијата, па и на имиграцијата. Постоечките методите за прибирање на податоците, постоечките статистички системи за миграциите не се сеопфатни и не можат да дадат реален опис на миграциските текови, а особено не за оние кои започнуваат како привремено напуштање на земјата. Кога веќе станува збор за миграционите движења, сметам дека треба да се делува во насока на зајакнување на државните статистички капацитети за одржлив, сеопфатен и ефективен систем на управување како на надворешните, така и на внатрешните  миграции. За да се обезбеди квалитет во нивното сеопфатно прикажување на податоците треба да се делува во насока на подобрување на системот за прибирање на податоци, вклучување на повеќе извори, споредба на собраните податоците, нивна контрола, мониторирање на промените и слично. Фактор: Кои се според Вас главните причини за одливот на кадрите од  земјата ? Драговиќ: Одливот на мозоците упатува на ситуација кога лицето со високо образование сака да се отсели во друга држава се со цел да го зголеми или барем да ги поврати инвестираното време и пари за своето школување. Во таа смисла, нема сомнение дека најдоминантна причина за емигрирање од земјава е економската. Како најважни привлечни фактори во посакуваните земји, а тоа се најчесто високо развиените земји се: можност за вработување, односно поголема понуда за работна сила; можност за повисока заработувачка; подобри услови за работа, подобри можности за професионално усовршување; можностите за подобрување на квалитетот на живот (понуда и подбра опременост на становите, поширок и подобар квалитет на потрошувачката, подобри услуги, поразновидни услусги и сл). Отселувањето или намерата да се напушти нашата државата се должи на оптимизмот, очекувањата и надежта дека некаде е подобро отколку каде се наоѓаме во моментот.  Очекувањата се дека во земјите со постабилна економија и социјална сигурност животните можности се побројни. Очекувањата се дека, во тие земји, заработувачките се повисоки. Можноста и условите за работа во научно-техничките и другите научни истражувања се подостапни, но и изгледи да се напредува во работната кариера се поголеми. Очекувањата се дека на друго место ќе има подобри услови за живот и живот ослободен од егзистенцијални проблеми. Фактор:  Дали  заминувањето на  младите значи дека земјава останува без активното население и „умните глави”. Анкетите покажуваат дека дури 85 проценти од младите со високо обарзование сакаат да ја напуштат земјата ? Драговиќ: Секое лице кое се отселува од нашата држава било трајно или привремено значи губењето на човечкиот капитал, а ако е тоа лице помладо, тоа значи и губење на населението за биолошка репродукција, губењето на контингентот на работната сила, а на подолг рок, кога привременото напуштање на земјата ќе премине во трајно емигрирање ќе значи и губење на населението и менување на возрасната структура на населението. Последиците од одливот на кадри се уште не се во потполност истражени, но за земја каква е Македонија, а тоа е земја мала по број на население, последиците, особено негативните последици се уште поизразени. Фактот дека поголем дел од населението е подготвено да ја напушти земјата е далеку од оптимистичка за нашата иднина, не само по однос на бројот на населенеито, туку и во делот на можностите за вкупниот развој на населението. Но, одливот на мозоци има и свои позитивни страни. Во ерата на глобализација транснационалните врски овозможуваат нови можности за глобалниот, но и за локалниот развој и тоа токму преку пренесување на искуствата и ставовите кое лицата кои се надвор од државата го пренесуваат, го споделуваат во својата земја. Искуствата покажуваат дека одливот на мозоци ја зајакнува мотивацијата за студирање на оние кои остануваат во земјата, ги зајакнува меѓународните врски и размена на знаење – на движењето на луѓето се гледа како моќен извор на трансфер на знаење, технологоија, бизнис вештини, мрежа на контакти дури и трансфер на технологоија. Уште еден позитивен аспект е согледан во враќањето во земјата на т.н повратници од кои се очекува со своето унапредено знаење, стекнати вештини да дадат свој придонес за развојот на земјата, да ги исползуваат своите контакти кои ги имаат во странство и да воспостават контактите во академската средина, но и на полето на истражувања и на тој начин да дадат свој придонес за развојот на економијата. ОДЛИВОТ НА УМОВИ ЌЕ ГО НАМАЛИМЕ СО ВИСТИНСКИ МЕРКИ Фактор:  Македонија  е една од водечките земји по бројот на млади кои спаѓаат во кетегоријата „невработени” или „иселени”. Каква  државна стратегија ни е потребна за да се спречи овој интелектуален егзодус ? Драговиќ: Основните причини за емигрирањето се од економска природа, според тоа логично е дека подобрување на макроекономската ситуација во земјава, развиеноста на пазарот на трудот и негова транспарентност, проширување на понудата на јавни услуги би требало да резултира со намалување на трендот на напуштање на земјава  или барем намалување на намерата да се емигрира од земјава. Но, прашањето е како тоа да се постигне? Како побрзо Македонија да се придвижи од земја со средни приходи кон земји која остварува висок приход? Би рекла дека зголeмување на нето миграциите, се политики кои се тесно поврзани со економските политики. Но во однос на проблемот на отселувањето на лицата со високо образовние, мојот став е дека иститот не може, а по мене и не треба да се сопре. Развиените земји имаат потреба од работна сила. Тие се во предност во однос на помалку развиените земји и со разни видови на стимулации ги привлекуваат лицата со повисоко образование од помалку развиените земји. Помалку развиените земји како што е на пример Македонија ги нема истите можности за професионално усовршуање и стекнување на нови знаења и вештини. Така, кога станува збор за одливот на млади умови од Р.Македонија треба да се размилува и серизно да се разгледаат можностите за бенефитот кој може да го има државата, општеството од нивното привремено доаѓање или за стално враќање во нашата држава, во форма на трансфер на стекнатите занења и вештини. МЛАДИТЕ Фактор: Првите комплексни  документи во однос на политиката  на  емиграцијата во странство, се усвоени во 2008 година со Резолуција  на миграционата политика  на Македонија. Во 2009 година донесен е Акционен план. Во овие документи,  значајно внимание е  посветенио на емиграцијата на високообразовните кадри?

Драговиќ: Според моите сознанија, без исклучок, во сите постоечки државни стратешки документи, кои се однесуваат на населението и неговиот развој, миграциите, а особено миграциите на младите лица, како и миграциите на лицата кои се висококвалификувани, лица кои имаат завршено универзитетско образование се истакнува како проблем и се соодветно се предлагаат насоки на делување. За мене, ова се факти кои говорат дека државата е свесна за  овој проблем и го прифаќа како проблем кој може да има свои последици врз понатамошниот развој на населението, како во демографска, така и општествена и економска смисла на зборот. Она што ја јас го знам тоа е во јавноста имаше најава дека се подготвува стратегија за превенција или намалување на т.н. одлив на умови и моите очекувања се тоа да биде документ кој на сериозен начин ќе пристапи на овој многу комплексен проблем. Како што е впрочем состојбата и во другите стратешки документи. Имено, во сите стратешки документи кои се однесуваат на развојот на населението, вложен е голем труд и сериозно и претпазливо се дефинирани насоките и мерките и активностите, размислувајќи за одржливоста на истите, како и за нивната усогласеност со меѓународните документи и практики. Но, за мене многу позначајно е дали има имплементација на истите? Дали се следи и до каде е имплементацијата на истите?. Дали кога ќе се направи SWOT анализата претежнуваат силните наспроти слабите страни, односно дали се поголеми можностите отколку заканите истите да се остварат и слично.

Фактор: Македонија нема регистер за научната дијаспора,  иако се поафирмиарни се еминентни истражувачи по потекло од Македонија кои се дел од светски универзитети или истражувачки тимови? Драговиќ: Во документот Национална резолуција за миграциите е предвидена ваква активност, односно мапирање на дијаспората и креирање на база на податоци на лица со високо образование и истата да е во надлежност на Министерството за надворешни работи. Досегашната имплементација говори дека е ова дел на кој треба посериозно да се работи за да се искористат сите капацитети и можности на нашите сограѓани кои живеат надвор од Македонија. ДА СЕ МОБИЛИЗИРААТ ЛИЦАТА НАДВОР ВО ПРОМОЦИЈА НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА Фактор: Научна јавност, вклучувајќи  ја тука  и МАНУ ,  постојано  констатира  дека  е аларманта состојбата  со одливот на  младите првенци на генерациите од Универзитетите. Како тие да станат мост на македонската наука со светските истражувачки центри?  Драговиќ: Лицата кои се надвор претставуваат потенцијал кој треба да се искористи и тоа на неколку начини. Треба да се мобилизираат лицата од надвор во промоција на економскиот пораст на земјата, но и во градење на одржлива мрежа на циркулација на експерти во своите области, високо квалификуваните кадри. Градење на партнерството помеѓу приватниот сектор и универзитетите и при тоа да се мотивираат лицата да одат надвор, но и новите сознанија и искуства да ги пренесат во својата земја во делот на истражувања и пренесување на своите знаења. Во овој контекст би ги спомнала постоечките програми за истражување и развој во релевантните програми на ЕУ како на пример Хоризонти 2020. Но она што е битно тоа идеите да се базирани на силни стратешки планови истите да се согледани на подолг рок согледани во смисол на подобрување на економскиот пораст, демократија, намален непотизам и корупција. Фактор: Најголемот број на одлив на мозоци се  од  електротехничкиот и факултетот за информатика, но во последно време и лекари.  Дали ова значи дека ваквиот профил на кадар  најбрзо стигнува до работно место  во странство?   Драговиќ: Профилот на занимања го одредуваат земјите во кои постои недостаток на работна сила, а би додала дека и профилот на лица на современите емиграциони движења ги одредуваат земјите на кои има е потребна работна сила. Тие земји за свои потреби нудат разни стимулации како што се сигурна плата, пристоен живот и сл. и на тој начин и ги привлекуваат лицата кои се веќе решени да се отселат. Фактор: Статистичарите велат дека Македонското население старее. Дали Македонија за 30 години ќе биде земја само на „баби и дедовци “ ако  продолжи ваквата  динамика на иселување на младите. Како да се подбри  демографската слика  во која само се цртаат владини проекти за трето дете, купи кука –купи стан, а во реалниот живот се задоволуваме ако инжинерите работат како работници на лентите од странските погони? Драговиќ: Политиките за развој на населението е во насока на истрајност на концептот во смисол на еднаков пристап, достапност и квалитет на образовните и здравствените услуги, достапност и услови за вработување, намалување на разликите и нееднаквостите помеѓу разни подгрупи од населението и зголемување на социјалната кохезија помеѓу нив.  Она што е исто така многу битно тоа  е дека политиките за развој на населението во мерките и активностите треба пред и се да ги почитуваат правата на човекот и да се грижат за достоинство на човекот.             
Слично

Поврзани вести