ИНТЕРВЈУ Драган Павловиќ – Латас: Нема криза меѓу власта и опозицијата, туку во СДСМ!
Македонија не е изолирана, и е во чекор со европските процеси, оценува за Фактор одговорниот уредник на Сител телевизија Драган Павловиќ Латас. За Латас, СДСМ згрешила што одлучила да излезе од Парламентот. Не постои криза во односите помеѓу власта и опозицијата, туку исклучиво криза во СДСМ кој десет години нема нова политика.
„По се што видов и слушнав за тој материјал кој наводно го чува Заев за компромитација на луѓе од власта, гледам дека тој материјал нема дејство какво што мислав дека би имал. Тоа е збир на прислушкувања, тајни снимања, но и голем дел монтажи од полициски извори за многу луѓе од јавниот живот, а не само за функционери на власта. Кога тоа ќе тргне, многумина ќе го отфрлат заради неморално и неетичко злоупотребување на незаконско снимање, монтирани фотокопии и слично“, тврди одговорниот уредник на Сител.
Латас верува дека е можно во 2015 година Македонија да стане членка на НАТО.
„За нас, тој прием има круцијлана безбедносна, економска но и национална важност бидејќи во 2015 година е сосема можна ескалација ан судирот во Украина, нови поделби во Европа и во такви напнати процеси Македонија нема многу шанса ако не е дел од некој цврст систем како што е Алијансата, а влезот на Македонија во ЕУ тоа е веќе шпанска серија без крај. Грција никогаш нема да прифати никакво решение за името кое ја внесува Македонија во ЕУ, токму затоа одговорниот уредник на Сител смета дека за Македонија национално и економски да опстои е потребно сојузници да бара меѓу земјите од регионот кои не се дел од европското семејство.
Фактор: Незадоволство на академската заедница од најавата за полагање на државен испит, револт поради воведување на данок за хонорарците, политичка криза, закочени евроатлански аспирации, нерешен спор со Грција , се дел од проблемите со кои влегуваме во 2015 година. Дали ни следуваат тектонски поместување или и годинава проблемите ќе ги туркаме по тепих во очекување дека некој однадвор ќе ни ги реши?
Латас: Дел од наведеното постои, а дел од тоа го сметам дека за конструкција на проблем. Постои незадоволство кај поголем дел од студентите и дел од јавноста од најавениот државен испит за идните студенти, и сметам дека нивното мислење, како и мислењето на универзитетите од државниот и приватен сектор мора да биде земено при носење на финалната одлука, или корекција на истата ако е веќе донесена. Студирањето е личен избор и инвестиција на студентот, особено на приватните студии, и тоа се спроведува според норми, постапки и стандарди кои ги утврдила државата а универзитете ги исполниле. Тешко е да се убеди јавноста дека и покрај сите тие исполнети услови некој трет треба да биде професор намасто професорот и да определува судбина на студентот среде студирањњето. Доколку државата смета дека студиите и студентите се слаби, може да воведе обврзувачки контролен испит за вработување во јавниот и државниот сектор, и со тоа да ги наметне сопствените критериуми.
Што се однесува до другите посочени теми – Македонија не е изолирана, и е во чекор со европските процеси што е јавно познато, и нема забелешки на евроинтегративните процеси повеќе од другите кога биле во оваа кандидатска фаза, а денес се членки на ЕУ. Ние имаме неколку демократски институти во примена кои се и над европските демократски и либерални принципи како Бадентеровиот принцип за малцинска блокада кога мнозинството решава за сите, имаме подобри слободи за инвестиции и екомомски процеси отколку што е тоа видено во резултаите на европскиот просек, помали казни за медиумите и новинарите во случај на клевета отколку во Британија, Германија, Австрија, Италија... не стоиме така лошо како што сугерира вашето прашање. Но, кога постојано се отвараат конструирани проблеми, и се зборува паушално критиката девалвира и јавноста не и обрнува внимнаие – па кога има реален проблем како кај студентите и хонорарите, тогаш нема ни соодветен јавен одговор бидејки многумина и тоа го доживуваат како дел од паушалните девалвирани забелешки.
Фактор: Каков ќе биде исход од политичките превирања меѓу власта и опозицијата. СДСМ не се враќа во парламентот, но и владејачкато мнозинството не се осмелува да изгласа одлука за одземање на мандатите?
Латас: СДСМ згреши што излезе од парламентот. Тие, делумно со право иако сами го предизвикаа тоа со односот кон медиумите, постојано се жалат дека ги нема во главните медиуми, а сега сами се маргинализираат и се сведуваат на безначајна вонпаламентарна опозиција. Никој во Европа сам, без пораз на избори, не би ја делел власта со опозицијата која изборите ги загубила, и не гледам од каде СДСМ наоѓа практична потврда на сопствениот план дека со тоа барање ќе успее. Не е тоа криза помеѓу власта и опзицијата, тоа е криза во СДСМ кој десет години нема нова политика, го загуби идентитеот и луѓето кои моѓат да вршат влијание во јавнсота и општеството се држат на страна од нив. Нема принципи, идеја и правила во самата партија за да знае некој дека таму има шанса за акција и негов придонес. СДСМ, за жал на членството и нивните симпатизери, е здодевна екипа без идеја и идентитет која патем ги загуби контактите со бизнис заедницата, медиумите, интелектуалците и остана со своето тврдо јадро кое ги следи што и да се случиува кај нив, но тоа не е доволно за победа.
Фактор: Ако одземањето на пратеничките мандати на СДСМ не е решение , како што вели лидерот на ДУИ Ахмети , тогаш дали излезот ќе биде во формирање на Влада на национално единство ?
Латас: Тој принцип: губам избори, бојкотирам Собрание и барам, па добивам заедничка влада со тој што победил е уривање на парламентарната демократија од темел. Тогаш, зошто ни се избори воопшто?! На следните ако загуби ВМРО, нека го направат истото, и пак техничка влада... па пак избори, и ист резултат... ако СДСМ не го признава изборниот процес, подобро да ги бојкотираа изборите како што тоа го бараше Црвенковски, и да задржеа морален принцип на политичка сила која не сака да учествува на избори се додека не бидат фер. Вака, влегов да играм па кога губам 3:0 ми текнало дека треба да ја прекинам утакмицата... е мајтапење со изборниот процес и гласачите. Потрошивме многу енергија за да имаме повеќепартиски, демократски избори и тешко дека сега заради каприцот на загубени избори за СДСМ некој ќе не врати назад.
Фактор: Мислите ли дека „бомбата“ која СДСМ подолг период ја најавува ќе предизвика сериозни потреси во земјата?
Латас: Порано мислев дека тоа би можело да има ефект кај дел од јавнсота, не повеќе од 10-тина проценти но, сепак би можело. По се што видов и слушнав за тој материјал кој наводно го чува Заев за компромитација на луѓе од власта, гледам дека тој материјал нема дејство какво што мислав дека би имал. Тоа е збир на прислушкувања, тајни снимања, но и голем дел монтажи од полициски извори за многу луѓе од јавниот живот, а не само за функционери на власта. Кога тоа ќе тргне, многумина ќе го отфрлат заради неморално и неетичко злоупотребување на незаконско снимање, монтирани фотокопии и слично. Жртви на тие сознанија, кои се незаконски стекнати и поголем дел монтирани, се илјадници граѓани па и функционери на СДСМ кои не се дел од валста, а ќе трпат последици по што бомбата на Заев ќе ја сметаат како атак врз себе, а не врз Груевски.
Тоа е, сепак, нов обид како да се дојде до власт без победа на избори, а тоа не е демократија.
Фактор: Каква ќе биде улогата на албанскиот фактор во наредниот период кој се почесто го изразува незадоволство од застојот на патот кон ЕУ и НАТО и дали оваа дополнително ќе ги влијае врз кревките меѓуетнички односи?
Латас: Тие приказни дека Албанците не трпат стандарди подоле од Европските се банални. Ни Албанија, ни Косово кои се нивни држави не се во Европската унија што покажува кој е капацитетот и стандардите на албанската етничка заедница на овие простори. За разлика од нив, барем Македонците во Бугарија и Грција се дел од Европската унија. Ако некој сака да ја урне Македонија, ќе ги крене на нозе Албанците кои се се уште добро вооружени, искусни од војните на Косово, во Босна, Сирија... со една парола – ние сме за НАТО и ЕУ, а Македонците се против која треба да биде леплива за публиката и јавноста во САД и Европа. Да, таа моќ за уривање на Макеоднија од страна на регионалните Албанци постои, и треба да се смета на тоа.
Фактор: Дали во 2015 конечно ќе има разврска на прашањето за името со што за Македонија би значело прием НАТО препорака за старт на преговори со ЕУ?
Латас: Искрено, посакувам брз прием на Макеоднија во НАТО, и верувам во таа можност затоа што за разлика од ЕУ, НАТО е цврста структура со војничка хиерархија и приоритети ослободена од многу европски предрасуди и историски хипотеки. Таму најголем дел од власта, во НАТО, има САД и тука е клучот. Македонија треба да гради и одржува најдобри можни односи со Вашингтон, и да очекува поддршка оттаму за своето членство во НАТО. За нас, тој прием има круцијлана безбедносна, економска но и национална важност бидејќи во 2015 година е сосема можна ескалација на судирот во Украина, нови поделби во Европа и во такви напнати процеси Македонија нема многу шанса ако не е дел од некој цврст систем како што е НАТО.
А влезот на Македонија во Европската унија... тоа е веќе шпанска серија без крај. За да се оправда и артикулира грчкото вето за влез кое постои а во Брисел не смее официјално да се спомне, ќе се измислат 100 причини да станеме членки. Грција никогаш нема да прифати никакво решение за името кое ја внесува Македонија во ЕУ, затоа што е тоа нивен интерес, и затоа што им се може бидејќи се регионална сила со најдобра економија во регионот, најмногу богати и моќни иселеници, дел од кралските фамилии во Англија, Шпанија... имаат стратешка позиција за големите сили. Имаат се што ние немаме. Затоа, ние никогаш нема да влеземе во ЕУ, иако мнозинството од нас тоа го сака и работи во полза на тој процес. Брисел објави дека нема нови членки во идните 5 години, а во тој период и потоа оваа Европска унија која сега ја знаеме ке биде сосема, сосема поинаква.
Ако веќе не можеме таму, шанса национално и економски да опстопиме ни е можната соработка со земјите од регионот кои не се во Европската унија: Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, без оглед на степенот на заедништво некаков сојуз и економски унии ќе мора регионално да се прават, а тука Грција нема право на вето.
Горазд Чомовски
Фактор во серија интервјуа со дел од македонските новинари и уредници ќе се обиде да одговори на повеќе прашања што го тиштат македонското општество. Што добивме во 2014, а што очекуваме во 2015 година. Ги интервјуиравме Катерина Блажевска, Мухамед Зекири, Мирка Велиновска, Драган Павловиќ Латас, Катарина Синадиновска, Мирче Јовановски. Сите интервјуа ќе бидат објавени денеска (сабота, 3 јануари).
Слично
