ИНТЕРВЈУ ДРАГАН НИКОЛОВСКИ: Европското Првенство може да биде мамка за некои луди и вжештени глави!
Новинарот на МТВ Драган Николовски во интервју за Фактор зборува за неговите досегашни впечатоци и очекувања од Европското првенство во фудбал во Франција. Типува дека ќе победи некоја од „големите репрезентации“, но секогаш се можни изненадувања. Николовски ни ја доловува и атмосферата од Париз, во поглед на безбедноста и стравот кај туристите по терористичките напади од 13 ноември минатата година. И за него е мистерија како успеаја хрватските хулигани на стадион да внесат факели и покрај безбедносните мерки кои во Франција се подигнати на највисоко ниво.
Фактор: Какви се твоите досегашни впечатоци за организацијата на ова Европско првенство? Дали Французите се покажаа како добри домаќини?
Николовски: Половина од натпреварите веќе се одиграа, а календарски измина третина од првенството. Од спортски аспект, имало и поквалитетни и поатрактивни и попривлечни континентални шампионати, но модерните текови во фудбалот ја убија убавината од некогаш. И сето тоа е разбирливо. За Французите како домаќини, немав дилеми ни претходно. Пред 18 години организираа СП, пред 32 години ЕП, така што сега уште повеќе напредувале, што е разбирливо. Сепак, вреди да се напомене дека Франција не е оставена сама во тоа. Во организацијата со огромен дел учествува и УЕФА со целата нејзина кадровска и техничка логистика, така што во денешно време, не може да се случи еден голем спортски, а посебно голем фудбалски настан, да биде лошо организиран. Секогаш, нели, постојат детали коишто можеби отскокнуваат од впечатокот, но големата слика е позитивна.
Фактор: Париз пред неколку месеци беше мета на терористички напади. Се чувствува ли страв кај луѓето, кај спортистите, навивачите од евентуални нови напади, со оглед дека имаше закани дека може да се повторат токму за време на ЕУРО 2016?
Николовски: Стравот веројатно постои кај сите во некоја мера, но никој не сака да си признае дека е можно да се повторат случувања од типот на минатогодишните напади. Париз и Франција брзо се кренаа на нозе, иако злото не може да се заборави. Глобален спортски настан како што е ова ЕП може да биде мамка за некои луди и вжештени глави да се обидат повторно да го запалат светот, но имам чувство дека овдешните луѓе сепак не живеат во општа пресија дека може да им се случи најлошото. Истото тоа важи и за бројните туристи и за странските навивачи и посетители. Барем досега не сум забележал видлива загриженост или паника.
Фактор: Дали има зголемени безбедносни мерки, какви се процедурите за влез на стадион на новинарите, на навивачите, дали има многу полиција околу стадионите, фан зоните?
Николовски: По терористичките напади на 13 ноември, во Франција сè уште е на сила вонредна состојба. Официјално, мерките за безбедност се кренати на највисоко ниво. На приодите кон стадионите и кон сите други објекти коишто функционираат како дел од ова ЕП, постојат по неколку безбедносни прстени во коишто се контролираат сите коишто влегуваат на стадионите. Тоа важи и за новинарите и општо за сите коишто службено работат и престојуваат во објектите. Нивната опрема се проверува на рендген. Присуството на полицијата е позабележливо на деновите на натпреварите и во близина на стадионите, иако јасно е дека се се надгледува и преку дискретни видео-надзори, поставени камери, а постојат и припадници на обезбедувањето во цивил.
Фактор: Која репрезентација има најсимпатични навивачи, најпозитивни? Според тебе која навивачка група од трибините е најрадикална? Можеби Хрватска по последниот инцидент со Чешка?
Николовски: Прекрасно е чувството да се биде сведок во живо на сиот колорит со којшто навивачите го збогатуваат целиот амбиент во којшто се одвива шампионатот. Прекрасни се глетките и на стадионите и во фан-зоните во градовите. Кога сè е мирно, вистинско уживање е да се види и да се почувствува поддршката коишто вистинските навивачи им ги даваат на нивните репрезентации. За жал, не може и без оние другите. Рубриката „црна хроника“ како да е неодминлив дел на ова првенство. Генерално, немам обичај да симпатизирам одредени навивачи и навивачки групи. Ги сметам за неизбежен дел без којшто големиот спортски настан не би можел да биде комплетен, но се обидувам да не им придавам преголемо значење.
Фактор: Кога сме кај Хрватска, како успеаја хулиганите да внесат факели на стадионот? Дали тоа значи пропуст на обезбедувањето или уште пострашно дека некој може да внесе и опасни пиротехнички средства, па дури и експлозив?
Николовски: Тоа е необјаснива мистерија и за мене, но и за сите коишто се во Франција на каков и да било начин да учествуваат или да се дел од ова првенство. Апсолутно станува збор за огромен пропуст на обезбедувањето, посебно што најави за скандалот, дури и со точна минута кога ќе се случи, постоеја два дена претходно. Несфатливо е како полицијата и другите безбедносни структури не успеаја да спречат внесување на толку пиротехника на стадионот во Сент Етјен и воопшто да оневозможат нешто што остави темна дамка на целиот настан. Хулиганите не и нанесоа само срам на Хрватска, туку го засрамија и организаторот и силите на редот. Ако толку факели и топовски удари биле прошверцувани на трибините на стадион на којшто се играат натпревари на ова првенство, не сакам ниту да помислам што се може да се случи, ако некои поматени умови добијат идеја за реприза на минатогодишниот 13 ноември.
Фактор: Колку време ти е потребно за да се подготвиш за еден натпревар?
Николовски: Подготовката за преносите отсекогаш ми е ритуал, а гледам дека и моите колеги си имаат специфичен начин како му „влегуваат“ на секој пренос. Стандардното собирање информации важни за преносот на секој натпревар и нивното систематизирање ми трае обично меѓу два и три часа, иако од сето тоа богатство фактографија и податоци во етер оди многу малку, некогаш ниту 30-40 проценти. Така во принцип се подготвувам за секој пренос, без разлика дали од некој стадион, сала или пак од студиото во МТВ. Сега во Франција го правам тоа со уште поголемо задоволство и со уживање поради огромниот професионален предизвик..
Фактор: Успеа ли да прошеташ низ Париз и да ја почувствуваш фудбалската треска?
Николовски: Веќе единаесет дена сме во Париз, ама го видовме многу малку!? Звучи чудно, но така е. Некако, маршрутата за движење засега главно ни е ограничена до стадионот од којшто коментираме дел од натпреварите и до Радиотелевизискиот Центар, од каде што ги работиме другите преноси. Обврските со по еден или два преноса дневно, подготовките за нив, извештаите за информативните програми, вклучувањата во живо во утринската програма ни го прават секој ден професионално разновиден, па барем досега не остануваше време за вистинско уживање во убавините на градот. Париз е секогаш преполн со туристи, но во деновите во коишто се играат натпревари на двата стадиона „Стад Де Франс“ и на „Паркот на принцовите“ уште повпечатлива е шареноликоста поради инвазијата на десетици, можеби и стотина илјади фанови, во зависност од тоа која репрезентација колкава навивачка армија има зад себе. Сето тоа прави многу пријатно и автентично да биде чувството дека навистина се случува голем спортски настан. Така е и во другите девет градови во коишто се играат натпревари од шампионатот.
Фактор: Колку пари ја чини Франција организацијата на првенството, а колку очекува да инкасира од посетителите и навивачите од цела Европа? Дали овие денови се е во духот на фудбалот таму?
Николовски: За резултати, за бодови и пласмани, за стрелци на голови, за минути, за рекорди и за статистички податоци во врска со првенството можам да се расфрам со бројки во секој момент!? Ама овие другиве цифри, искрено, не ме заинтересирале ни најмалку, иако можеби сум ги искористил некаде во некој преносс, прилог или во извештај. Во однос на бројките имам селективна меморија. Или можеби селективна амнезија!?
Фактор: Не знам во Македонија дали се обложуваш, но дали уплати ливче во обложувалниците во Париз? Има ли и таму оптимисти дека ќе се опарат од спортска прогноза?
Николовски: Во Македонија многу малку. Се поретко се обложувам, а овде во Париз воопшто не. Со колегите уште не сме стигнале до таа точка на дневниот ред. Има време уште три недели до крајот на првенството. Не велам дека и некој од нас нема да се опари. Во коментаторскиот тим имаме потенцијал за такво нешто.
Фактор: Кој е твој фаворит? Можеш да одговориш и субјективно, но и реално кој има најмногу шанси да стане првак на Европа?
Николовски: Фаворит немам, но не сум од оние коишто за инает на светот и на околината навиваат за изненадувања по секоја цена. На ова проширено ЕП учествува речиси половина континент, 24 селекции, но имам впечаток дека разводнетиот квалитет не значи и поголема можност да се случи евентуална реприза на првенството од 2004 кога Грција направи подвиг и ја освои титулата во Португалија. Значи, очекувам сепак круната да ја понесе некоја од „големите“ репрезентации. Допрва треба да заврши групната фаза, турнирот е се уште некаде на половина, но предвидувам дека сепак ќе настане „природна селекција“ и оти ќе се исфилтрираат оние најдобрите, најсилните и играчки најквалитетните. Шпанците засега чекорат сигурно, Германците не блескаат, домаќините се мачат но сепак победуваат, Италијанците не одушевуваат но триумфираат. Во овој сегмент секому е дозволен по некој мал кикс, но потоа во нокаут-фазата никој ќе нема право на грешка. За највисоки дострели ќе треба да се одржи нивото од осминафиналето понатаму, а имам чувство дека тоа најдобро ќе го направи некоја од велесилите.
Фактор: Освен на прес конференции, имаат ли новинарите можност да ги видат фудбалските звезди пред или по натпреварот?
Николовски: Хахаха. „Средбите“ со нив во принцип се сведуваат на професионално ниво, евентуално на прес-конференција пред или по мечевите. Е сега, секогаш нели и во нашава професија коишто се подготвени на се, само да добијат можност да застанат, на пример, покрај Роналдо, Ибрахимовиќ, Нојер и да ги замолат за заедничка фотографија во моментите додека играчите по мечевите минуваат низ т.н микс-зона, во којашто ако сакаат и ако се расположени, застануваат и даваат изјави. Време е кога „селфи-фотографиите“ со најголемите ѕвезди се непроценливи, во трескавичната трка по „лајкови“ на Фејсбук или на Инстаграм. Искрено, јас некако сум далеку од овој филм. Не знам дали ќе ми верувате, ама еве 21 година сум во спортското новинарство, а се уште немам заедничка фотографија со никој од најдобрите наши македонски спортисти, камо ли со некој од светски познатите. Не чувствувам дека поради тоа во професијава сум во некој понизок ред.



