Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ ДРАГАН МАЛИНОВСКИ: Специјални судии за специјалниот обвинител!

ИНТЕРВЈУ ДРАГАН МАЛИНОВСКИ: Специјални судии за специјалниот обвинител!
Измените на законот за јавното обвинителство и  квалитетот на  законските измени ќе ја детерминира и позицијата на специјалниот јавен обвинител во правосудниот систем. Доколку новата законска рамка понуди коректни услови за работа на специјалниот јавен обвинител и механизми за негова ефикасност, во таков случај таа позиција би била препознаена како предизвик за поширок круг на потенцијални кандидати, оценува за Фактор адвокатот Драган Малиновски.  Поранешниот  претседател на Антикорупциската комисија вели дека несериозно би било некој да се нафати на таква функција, без претходно да ја процени позицијата која му ја детерминира законот. Според  него,  назначувањето на специјалниот јавен обвинител нема да е доволно за расчистување со предметите од незаконското прислушкување.  „ Назначувањето на најквалитетните судии да ги работат овие случаи е основен предуслов за да се надеваме на кредибилна правна разрешница на кризата“,  дециден е Малиновски . За профилот на специјалниот обвинител , Малиновски со став:   „Потребна е личност со исклучителна способност да функционира непристрасно и професионално во услови на притисок, од било која страна, вклучително и на притисокот од јавноста, со добро познавање на кривично правната материја, но и добро познавање на сите (не)прилики поврзани со нашето правосудство. Разговараше Горазд Чомовски Фактор: Како ги оценувате заканите на лидерот на СДСМ  Зоран Заев дека ако до 15 септември ќе биде избран  специјалниот јавен обвинител  опозицијата  ќе ги реактивира  т.н бомби  во наводна  вмешаноста на власта во против законски дејствија. Од друга страна,  премиерот  Груевски  предупредувањата од  од  Заев ги оцени како дел од фолклорот  за кревање на моралот кај  членството? Малиновски: Двете изјави имаат политичка порака. Првата, на Зоран Заев, упатува на подготвеноста на опозицијата да продолжи со објавувањето на т.н политички бомби, доколку власта не се придржува кон договорот од Пржино. Да, тоа е еден вид на закана, но и јасна порака дека опозицијата нема рамнодушно да ја прифати опструкцијата на специјалниот јавен обвинител. И покрај тоа што именувањето на специјален јавен обвинител е последна точка од протоколот за спроведување на договорот од Пржино, факт е дека тоа прашање се наметнува како најзначајна тема во наредниот период. Фактор: Проценките се дека ако до 14 септември  потписниците од Пржино не се договорат околу личноста, странците ќе го назначат специјалниот јавен обвинител. Дали можеби тоа би било е најдобро решение  со што на тој начин   би се избегнало можност од пристраност   и необјективност при процесуирањето на предметите ? Малиновски: Во принцип не ми се допаѓа формулацијата “странците да ни го назначат  специјалниот обвинител“. Тоа го доживувам како своевиден пораз на македонската демократија, нејзините институции и општеството во целина. Се разбира, доколку нашите политички чинители не се договорат за персоналното решение за специјален јавен обвинител, помошта на странците ќе биде неопходна и добредојдена. Во таа насока, позитивно ја оценувам инволвираноста на странскиот фактор во процесот на разрешувањето на актуелната политичка криза во Македонија. Фактор: Дали специјалниот обвинител треба да има целосна автономија во работата што  би претпоставувало дека ќе треба да биде  избран со посебен закон, или тој би можел  самостојно да делува и  во рамките на Јавното обвинителство? Малиновски: Немам никакви дилеми дека постојниот закон за јавно обвинителство не овозможува воспоставување на специјален јавен обвинител, кој би ја имал потребната автономија во работата. Токму затоа, неопходни се измени на овој закон, со воспоставување на механизми кои на специјалниот обвинител би му овозможиле ефикасност при постапувањето, но и гаранција дека тој нема да биде опструиран по било кој основ. Воедно, овој јавен обвинител ќе мора да оформи свој тим од јавни обвинители, кои би работеле на пооделните случаи и би ги застапувале обвиненијата пред судот, како и соодветен број на експерти од различни области, како неопходна логистика при истрагите. Фактор: Ќе биде ли неопходно да  се  формира  нов судски оддел, во кој ќе се процесуираат сите случаи што ќе бидат поведени од специјалниот јавен обвинител? Малиновски: Ако состојбите во нашето судство се такви како што се опишани во извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе, назначувањето на специјалниот јавен обвинител нема да е доволно за расчистување со предметите од незаконското прислушкување, доколку неговите обвиненија не бидат земени во работа од страна на судии, за кои стручната јавност ќе се согласи дека го имаат потребниот капацитет. Назначувањето на најквалитетните судии да ги работат овие случаи е основен предуслов за да се надеваме на кредибилна правна разрешница на кризата. Фактор: Мислите дека во  крајно  исполитизирано општество   би можел да се најде „јунак“  кој  би се нафатил да ја извршува оваа престижна  но во истовреме и крајно  одговорна  позиција ? Малиновски: Да, сметам дека постојат личности, кои со својот професионален кредибилитет и личен интегритет можат да се справат со овој исклучителен предизвик. Фактор: Каков специјален обвинител и е потребен на Македонија и кој би можеже да гарантира за неговата  професионалност и објективноста при процесуирањето на предметите. Малиновски:  Потребна е личност со исклучителна способност да функционира непристрасно и професионално во услови на притисок, од било која страна, вклучително и на притисокот од јавноста, со добро познавање на кривично правната материја, но и добро познавање на сите (не)прилики поврзани со нашето правосудство. Фактор: Доколку Ви биде понудена функцијата на специјален обвинител   би прифатиле ли , под кои услови и како би ги воделе  случаиите „Прислушување“  и „Пуч“? Малиновски: Најпрвин треба да се сочека со измените на законот за јавното обвинителство. Квалитетот на тие законски измени ќе ја детерминира и позицијата на специјалниот јавен обвинител во правосудниот систем. Доколку новата законска рамка понуди коректни услови за работа на специјалниот јавен обвинител и механизми за негова ефикасност, во таков случај таа позиција би била препознаена како предизвик за поширок круг на потенцијални кандидати. Несериозно би било некој да се нафати на таква функција, без претходно да ја процени позицијата која му ја детерминира законот. Сите случаи поврзани со незаконското прислушкување, вклучително и случајот “Пуч“ треба да бидат превземени од специјалниот јавен обвинител, би се направила целосна анализа, по што би се одлучило кој случај, во кој формат ќе биде натаму процесуиран.
Слично

Поврзани вести