ИНТЕРВЈУ ДРАГАН МАЛИНОВСКИ: Бомбите потврдија дека институциите одамна се заробени од политиката!
Довербата во институциите е услов за функционирање на едно демократско општество. Во Македонија институционалната доверба е одамна нарушена, а со објавувањето на политичките бомби уште повеќе се поткопа легалитетот на државните институции, укажуваат експертите. Според извештајот на Македонскиот центар за меѓународна соработка посветен на довербата на граѓаните во институциите во 2013-та година, на дното по доверба се правосудтсвото, Владата и Собранието. Над 55 отсто од граѓаните се изјасниле дека не им веруваат на овие три државни институции. Истражувањето покажува дека граѓаните во 2013-та имале најмногу доверба во образовните институции, полицијата и Армијата на Македонија. Во изминатиов период нема изготвено анализа која би ја покажала сегашната состојба со институционалната доверба. Но експертите велат дека со последните случувања доеврбата е сериозно нарушена. Ако јавноста секојдневно осознава факти, кои укажуваат на незаконско и неетичко однесување на одделни функционери од власта, сосема е очекувано граѓаните да се сомневаат во законитото и непристрасно работење на институциите со кои тие раководат, односно да ја изгубат довербата во нив, вели во интервју за Фактор поранешниот антикорупционер и адвокат, Драган Малиновски.
Фактор: Во јавноста опозициската СДСМ објави т.н бомби со прислушувани телефонски разговори на како што тврди опозицијата високи државни службеници, а поврзани со судство, обвинителство, министерсски функции, изборни нерегуларности, одлуки за детални урбанистички планови. Колку ваквите бомби и целокупната политичка состојба ја нарушуваат довербата во институциите?
Малиновски: Не располагам со некои релевантни индикатори за довербата во институциите, базирани на анкети или слично, но факт е дека она што сега се случува на политичката сцена сериозно влијае на таквата доверба, се разбира во негативна смисла.Довербата во институциите произлегува од феноменот на имање или немање на функционална демократија. За да имате функционална демократија треба да бидат исполнети неколку услови, пред се има ефективна поделба на власта, ефективни медиуми и ефективно граѓанско општество. Само во такви околности може да се очекува дека граѓаните, стопанствениците и инвеститорите ќе имаат доверба во институциите.
Но ако ги согледаме условите за овие аспекти што ги споменав денес во Македонија нема поделба на власта, нема функционална демократија, за медиумите да не говорам, а граѓанското опоштество по многу линии ни е стигматизирано.Ако јавноста секојдневно осознава факти, кои укажуваат на незаконско и неетичко однесување на одделни функционери од власта, сосема е очекувано граѓаните да се сомневаат во законитото и непристрасно работење на институциите со кои тие раководат, односно да ја изгубат довербата во нив. Објавувањето на политичките бомби само ја потврдува констатацијата дека нашите институции се одамна заробени од политиката и тоа ги прави нефункционални. Тие не се раководат со почитување на законитоста, туку очигледно се раководат од нечии директиви, што доведува до инвалидизираност на самите институции и на тој начин не можат да бидат во функција на граѓаните.
Фактор: Во услови на политичка криза, колку може да се зборува и верува во легалнолста и кредибилиноста на државните институциите?
Малиновски: За жал, нашите институции се премногу исполитизирани, па во такви околности секоја криза во политичкиот живот неминовно има своја рефлексија и во функционирањето на институциите. Актуелната политичка криза е со прилично висок интензитет и таа сериозно го нарушува кредибилитетот на институциите.
Фактор: Аналитичарите укажуваат дека политичката криза мора да има правна и институционална разрешница, може ли да се смета на институционална независност, траспарентност и кредибилност?
Малиновски: Се разбира дека не е можна институционална разрешница без кредибилност на самите институции, кои тоа треба да го сработат. Да не заборавиме дека одделни институции, кои се задолжени за обезбедување на законитост и владеење на правото, се сериозно инволвирани во создавањето на проблемите за кои говориме. Според тоа, неопходно е најнапред во овие институции да се направат суштински персонални промени, па по нивното консолидирање и создавање на услови за нормално работење, да се отпочне со институционална разврска на кризата.
Фактор: Има ли државата институционален капацитет за разрешница на моменталната политичка состојба?
Малиновски: Ако прифатиме дека институционалниот капацитет е директно зависен од непристрасноста, интегритетот и професионалноста на институциите, тогаш ќе мора да се сложиме дека во овој момент нашите институции го немаат потребниот капацитет соодветно да се справат со овој предизвик.
Фактор: Колку е важна довербата во институциите за функционирање на сите сфери во општеството?
Малиновски: Во едно демократско општество довербата во институциите е услов без кој не се може. Едноставно, ако таквата доверба не постои, тогаш има сериозен проблем во демократскиот профил на општеството. Не треба да го заборавиме и фактот дека довербата во институциите е директно условена и од практикуваната поделба на власта. Онаму каде имаме доследна примена на поделбата на власта (законодавна, извршна и судска) таму постои и доверба, и обратно.
Фактор: Во еден од од извештаите на МЦМС се наведува дека над 55 отсто од граѓаните немаат доверба во Владата, Собранието и судството, околу 74% од граѓаните сметаат дека судиите се корумпирани, а 61 % го мислат истото за јавните обвинители, од друга страна во дел од извештаите се посочува дека бизнисмените годишно трошат 64 милиони евра за поткуп на инспекции и други институции. Колку присуството на корупција ја поткопува легитимноста на институциите?
Малиновски:Тоа се поразителни факти, но уште пострашно е што во актуелната политичка криза процентот на недоверба драматично ќе се зголеми, во споредба со оној во 2013 година.Се разбира дека корупцијата е еден од основните генератори на недовербата во институциите. Во такви околности илузорно е да се говори за нивна кредибилност, а сериозно се доведува во прашање и нивниот легитимитет. На подолг рок, ваквата состојба може да предизвика многу сериозни нарушувања на правниот и политичкиот систем, односно да ги загрози основните темели на демократијата во општеството.
Фактор: Во делот на економијата, колку институционалната доверба игра улога во одлуките не само на странските туку и на домашните инвеститори во однос на нивните инвестиции во земјава?
Малиновски: Во услови на партизираност и нарушен кредибилитет на институциите не може да се очекуваат инвестиции од компании кои своите бизнис планови ги базираат на јасни и предвидливи закони, кои би биле спроведувани од професионални и непристрасни институции. Тие компании, во актуелните наши состојби препознаваат висок политички ризик, што е една од главните бариери за инвестирање. Според тоа, во вакви околности возможно е да се очекуваат инвестиции единствено од некои странски инвеститори, на кои владата би им понудила невообичаено атрактивни погодности, кои немаат никаква економска оправданост. Наш сериозен проблем е нетранспарентноста на договорните клаузули со овие странски инвеститори.
Ј.С
