ИНТЕРВЈУ ДИМОВСКИ: Судското безобразие кулминираше, наједноставно е да се укине Катица Јанева!
Владејачкото мнозинство смисли нова стратегија, па во судовите со проширена надлежност формираше наменски совети. Судии, кои немаат допирна точка со кривичната материја ќе ценат дали има основ за притвор или не. Ова е безобразен обид за контрола на сите постапки, коментира за Фактор Саше Димовски. Според, новинарот Димовски кој веќе неколку години ја следи работата на судството ова е безобразен обид за контрола на сите постапки.
„Но за мене, многу поелегантно е решението Уставниот суд кој загази длабоко во неправдата, да го укине Специјалното обвинителство отколку да го мачи целиот државно - партиски апарат да измислува вакви решенија за опструкции на СЈО“ .
Според Димовски, за независен и нерпристрасен судски систем ќе може да се зборува тогаш кога низ судските врати ќе се пропуштат само оние судии кои ќе поминат низ „скенерот“ на граѓаните во чие име ги носат одлуките, а не низ разни партиски штабови и „тефтерчиња“ на министри.
„Партиите на власт во Македонија се надминаа себеси и целосно го применија системот „дали овој е целосно наш и секогаш ќе застане зад нас кога ќе има потреба“ (дел од разговор Гордана Јанкулоска - Марјан Ристески за избор на судија во битолска апелација). Тој систем доведе од 650 судии, над 500 да бидат избрани според „тефтерчето“, потенцира Димовски.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Како ја оценувате досегашната работа на Специјалното јавно обвинителство и како ги толкувате зачестените прозивки од владејачката пратија упатени до Катица Јанева дека работи според инструкции на опозицијата?
Димовски: Очекував малку поинтензивна акција од СЈО, посебно за овие акции во кои се опфатени и медиумите, финансирањето и рекламите, даночните измами, кои некако поминаа во сенка на прашањето дали ќе има притвор или не за случајот „Титаник“. Но, да тргнеме по ред: За што беше формирано Специјалното јавно обвинителство, да ја гони опозицијата или да го открива криминалот што го слушавме во бомбите? (па макар нека е на најниско ниво на сомнеж - индиција).
Ако е така, тогаш, во „бомбите“ ги слушавме гласовите на министрите, премиерот и другите партиски, односно државни функционери. Затоа, не ја разбирам нивната зачуденост, што очекуваа, кого да гони, ако самиот наслов вели да се расчисти криминалот од нелегално прислушуваните разговори. Приказната за странски служби и жолти комбиња е смешна и за мали деца.
Затоа, ситуацијата во која џелатот станува жртва изгледа многу мизерна, смешна, па дури и навредлива за секој човек. Тоа и странците многу убаво ни го нацртаа, треба да одговараат сите кои ја предизвикаа кризата. Па макар, таа криза се „викала 5 проценти или во бројки, 15 или 18 милиони евра провизија“!
Фактор: Дали со одлуката на Устваниот суд и намерата за формирање на посебни, специјални судски совети се прави обид да се минира работата на Специјалното јавно обвинителство?
Димовски: Владејачкото мнозинство смисли нова стратегија, па во судовите со проширена надлежност формираше наменски совети, кои ќе одлучуваат по жалби против притвор определен од судија на претходна постапка. Тоа е нон-сенс и силување на правдата. Судии, кои немаат допирна точка со кривичната материја ќе ценат дали има основ за притвор или не.
Ова е безобразен обид за контрола на сите постапки, но јас сум убеден дека секој судија треба да е свесен што потпишува, па и овие граѓански судии кои се нафатиле да бранат некого, знаат или барем би требало да знаат дека еден ден може да одговараат, па треба да внимаваат што потпишуваат. Но, како тргнала работава, за мене, многу поелегантно е решението Уставниот суд кој загази длабоко во неправдата, да го укинеСпецијалното обвинителство (за што има иницијатива) отколку да го мачи целиот државно - партиски апарат да измислува вакви решенија за опструкции на СЈО.
Уставниот суд во овој случај се надмина себеси со правната аргументација, но затоа, судиите и нивните блиски, удобно се вдомија во разни комисии, државни претпријатија и агенции од каде што месечно како семејства инкасираат до 10 илјади евра само како плати, од Буџетот.
Фактор: Македонскиот претседател порача дека не му паѓа ниту на крај памет да помилува силеџии кои учестувале во изборни нерегуларности, педофили, нарко дилери. Но, само 48 часа по таа негова изјава, Иванов на иста маса седеше со осомничен за изборен криминал од акцијата „Титаник“ ?
Димовски:Иванов рече дека нема да помилува „силеџии“, но не рече дека нема да ги помилува тие кои наредувале, кои ја кроеле партиската политика на добивање гласови по секоја цена. Затоа, јас не му верувам на Иванов и очекувам штом биде поднесено обвинение за Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски и другите да го употреби своето право на аболиција! Велам, аболиција, бидејќи на Иванов ќе му заврши мандатот додека дојде време за нивно „помилување“ (правосилна пресуда).
Затоа, тој ќе го искористи, употреби или злоупотреби новото неограничено овластување да ги ослободи од кривично гонење довчерашните министри. Тоа што на состанокот кај Иванов седеше екс шефот на Јанкулоска е само доказ за моќта што ја манифестира владејачката партија, која деновиве истото го прави и со интервјуата на Миле Јанакиески во дузина медиуми.
Фактор: Која ќе биде работата на Специјалниот јавен обвинител ако Претседателот кој што има можност уште во самото гонење да презема акции за помилување и за такви предмети каде што ќе интервенира Специјалниот јавен обвинител?
Димовски: По принципот, џабе работи - џабе не седи ќе биде и работата на Специјалното обвинителство во голем дел од постапките. Ќе останат во „рацете“ на Јанева поситни функционери, извршители, кои ќе одговараат за злоупотреба на позицијата и на тоа ќе се сведе се. Но, ако се прашувам јас, уште во оваа фаза на постапката би сугерирал замрзнување на целокупниот имот на осомничените (обвинетите) за да се намири штетата што настанала, па и натаму некој нека размислува за аболиција или помилување.
Дополнителна предност кај СЈО е што за сегашните или екс функционери има покренато повеќе постапки, па ако покренат обвинение за секоја ситуација, љубопитно ќе прашам - дали Иванов, кој досега се прашувавме дали работи нешто, ќе се претвори во штанцач на решенија за аболиција?!
Фактор: Кога ќе може да констатираме дека имаме професионален и непристрасен судски систем ослободен од партиско –политички притисоци?
Димовски: Се додека едно утро не се заклучат судските врати и внатре се пропуштат само оние судии кои ќе поминат низ „скенерот“ на граѓаните во чие име ги носат одлуките, а не низ разни партиски штабови и „тефтерчиња“ на министри, се дотогаш ќе немаме слободен судски систем. Која партија и да е на власт сакала или сака да го контролира судство.
Но, партиите на власт во Македонија се надминаа себеси и целосно го применија системот „дали овој е целосно наш и секогаш ќе застане зад нас кога ќе има потреба“ (дел од разговор Гордана Јанкулоска - Марјан Ристески за избор на судија во битолска апелација). Тој систем доведе од 650 судии, над 500 да бидат избрани според „тефтерчето“! Тие судии, кои не ни сонувале дека некој ќе им подари ваква функција, тешко дека ќе се ослободат од стегите на партиите и ќе им останат „вечно благодарни“ на тие кои ги избрале.
Слично
