ИНТЕРВЈУ Димитар Банов: Би било поинаку, само ако престанеме да си ги копаме очите!
Кој пат да го фатам? Вечната дилема кон егзилот.
“Велат: - Кога еднаш ќе ја напуштиш сопствената земја, секој нареден пат се враќаш за повторно да си заминеш. И тука има вистина. Се би било поинаку, кога би знаел дека еднаш засекогаш ќе престанеме сами да си ги копаме очите и кога, после 25 години договарање, конечно ќе успееме да го подобриме внатрешниот дијалог”.
Во современието се повеќе млади и способни, креативни и образовани, со една нога или во полн авион летаат кон Запад? Димитар Банов, новинар, драматург, на постдипломски студии по режија во Прага. За Фактор неговите одговори за одливот на мозоци ја имаат комплексноста на одлуката – дома или надвор?
“Од една страна, многу ни е убаво да си уживкаме на туѓ грб и грчевито се бориме да го оддржиме тоа македонско проклетство, поразително од морален аспект. Од друга страна пак, со право го презираме западниот начин на живот бидејќи не ни е својствен и затоа никако не можеме целосно да се навикнеме на тоа секојдневие”.
“Лансираани рампи за иселувањe, а секако и причини за појава на социолошкиот феномен „Одлив на мозоци“ (Brain Drain), се присутни во сите земји од Третиот свет. Секоја чест на исклучоците, но за обичниот човек тоа ништо не значи”, пред предизвикот да се преживее.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Во 2011 година заминавте во Прага на постдипломски студии. Во моментов ја подготвувате магистарската теза на престижната Академија за филм ФАМУ . Зошто токму Чешка ја одбравте и што по неа? Дали се двоумите - да останете или да се вратите Македонија?
Банов:Ја одбрав Чешка токму заради ФАМУ, а што се однесува до двоумењето (таму или тука), искрено се уште не знам. Постојат различни карактери. Повеќето ја напуштаат Македонија од егзистенцијални причини, некои од идеолошки, а трети си остануваат дома по секоја цена. Одредени луѓе (космополити да речеме) го чувствуваат целиот свет како свој дом, додека други цврсто се придржуваат кон корените, наследството, итн. Нема исправно или погрешно решение, и двете страни имаат многу ЗА и ПРОТИВ фактори што на сите ни се добро познати. Најмногу би сакал нашето општество да ги нуди истите стандарди како овде(во Чешка н.з.), а политиката да не биде основната причина за одлука. Се разбира, засега, тоа е далеку од возможно и затоа навистина се уште не знам како ќе постапам.
Колку се точни информациите дека во Чешка речиси и да нема невработени, барем за тие што сакаат да работат? Доколку некој се одлучи да замине во оваа земја за релативно има ли изгледи за кратко време да најде работа?
Банов: Вистина е. Поранешна Чехословачка уште пред паѓањето на Берлинскиот ѕид во 1989 силно тежнееше, се поистоветуваше, а денес во голема мерка таа и е Западна Европа. Чесите, веднаш по осамостојувањето од Советскиот Сојуз, почнаа да го практикуваат капитализмот и тоа, според мене, во најсурова смисла. Прво што направија, отворија казина, легализираа проституција, ја декриминализираа марихуаната, се со цел инстантно да ги впијат „благодетите“ на либералниот капитализам, впрочем како едвај да дочекаа да си ги наплатат долговите од Советскиот режим.
Во Прага денес живеат над 10.000 милионери, свои бизниси имаат речиси сите европски нации и постојано се нудат безбројни опции за вработување. Оттука, да, за релативно кратко време во Чешка се наоѓа работа.
Сепак повторно ми се поставуваат прашањата: „Но по која цена?, Под кои услови?“, или пак, колку самата личност е подговтвена да се откаже од се и да замине на гурбет. Моето искуство вели дека Чешка е ксенобочна средина и дека дојденците таму повеќе имаат третман на работна сила. Ретки се оние кои успеваат да се адаптираат, со целиот свој хабитус, да се инфилтрираат и притоа да не се чувствуваат како странци. Сакам да верувам дека секој кој искрено сака да работи, секаде ќе најде работа. Но, за жал, денешниот човек единствено е мотивиран од висината на платата, што, од етичка гледна точка, никако не смее да биде клучниот аргумент за изборот – каде, кога и колку доолго?.
Фактор: „Овде не сум дома. Но знам дека повеќе сакам овде да не бидам дома, отколку некаде на друго место.“ ќе напише Марлен Хаусхофер во романот „Мансарда“. Дали кога не си тука, постојано мислиш дека мора да се вратиш – но никако не се враќаш?
Банов: Не. Кога не сум тука, често мислам на дома, а кога сум веќе дома, гледам што подолго да останам и со цело срце се трудам да ги надополнам подзаборавените контакти. Но, како и во приказните; секое чудо за три дена и на сите убави нешта набрзо им доаѓа крајот. По неколку месеци отседени во Скопје, целосно ги разбирам и сочувствувам со проблемите на моите врсници. Не се среќни, овдешниот режим го гледаат како тоталитарен и неретко ми велат: Шо бараш тука, остани си таму. Секогаш се обидувам да го ублажам нивниот неспокој, па балансирам одговарајќи: Таму си секогаш странец, никој не те препознава на улица и воопшто не е лесно да живееш подвоен живот. Така што, кога не сум тука постојано мислам да се вратам и го правам тоа, но за жал, тоа чувство не ме држи долго. Велат: - Кога еднаш ќе ја напуштиш сопствената земја, секој нареден пат се враќаш за повторно да си заминеш. И тука има вистина. Се би било поинаку, а и јас самиот би бил повеќе решителен кога би знаел дека еднаш засекогаш ќе престанеме сами да си ги копаме очите и кога, после 25 години договарање, конечно ќе успееме да го подобриме внатрешниот дијалог.
Фактор: Колку сум блиску до вистината ако речам дека кога не си во Скопје , постојано мислиш дека местото не ти е таму каде што си сега, и каде што си помалку збунет и загрижен, отколку таму од каде што си дошол, или каде што ти се чини дека припаѓаш ?
Банов: Тука не постои универзален одговор. Како што реков и во првото прашање, до човекот е. Кога си загрижен, секаде си загрижен и обратно. Можам да припаѓам секаде каде што се чувствувам среќен, исполнет и корисен. Припадноста, во глобалниот 21 век, не би ни требала да е зависна од родното место. Сепак, и да е вистина дека е најдобро да си реализиран и успешен дома, за жал, во нашиот двор не цветаат рози.
Фактор: Зошто желбата за враќање назад на оние кои заминале во странство е мала или никаква и може ли Македонија да остане без Македоци, без активна и способна работна сила, конкурентна на европскиот пазар?
Банов: Се може денес, повторно е прашање на личен избор. Не мислам дека тие што повеќе години се отсатни од тука, баш им е гајле за својот крај. Филозофски е новозможно да се откажеш или да заборавиш од каде си. Но практично, ако продолжиме вака, многу е можно Македонија да остане без многу од своите деца.
Фактор: Кои според Вас се причините за иселување не само на младите туку и на цели семејства од Македонија - ниските плати, економската нестабилност и неизвесност, малкуте можности за напредок во кариерата или сосема нешто друго е во прашање?
Банов: Се што напоменавте се влијателни лансирни рампи за иселувањe, а секако и причини за појава на социолошкиот феномен „Одлив на мозоци“ (Brain Drain), присутен во сите земји од третиот свет. Секоја чест на исклучоците, но за обичниот човек, ништо друго не е во прашање од тоа што набројавте. Мислам дека примарната причина која ги обединува сите овие општествени аномалии е историската подвоеност на нашиот народ, каде повторно и повторно треба да се покрене прашањето на свеста на Македонецот, една веќе досадна и извикана тема и се уште далечна од завршување на нејзиниот процес и вродување на плод.
Фактор: Во недостиг на време, луѓето се отуѓуваат еден од друг таков е живот во најголем дел од европските земји. Најголем дел од Македонците кои заминуваат не се навикнати на жестокиот ритам на тамошното секојдневие?
Банов: Апсолутно дека не се. Ние сме зависен народ. Зависни сме од семејството, од мајките и бабите, од пријателите, од нашите партнери, па дури и од поранешна Југославија, а денес и од Европската Унија. Зависноста на Македонецот е меч со две острици. Од една страна, многу ни е убаво да си уживкаме на туѓ грб и грчевито се бориме да го оддржиме тоа македонско проклетство, поразително од морален аспект. Од друга страна пак, со право го презираме западниот начин на живот бидејќи не ни е својствен и затоа никако не можеме целосно да се навикнеме на тоа секојдневие. На Македонија дефинитивно и треба сопствен, оригинален и единствен начин на живот и систем на вредности. Не треба ниту да имитираме, ниту да се додворуваме, ниту да препишуваме други закони. Треба да сме горди на нашата мултиетничност и мулти култура и во тој правец да ги насочиме идните заложби.
Слично
