ИНТЕРВЈУ ДИМИШКОВА: Не прифаќаме странски експерименти за медиумите!
Консензус за медиумите може да се постигне. Но, за тоа на маса за разговор треба да има предлози кои се применети во земји членки на ЕУ, а не ако со нас се прават експерименти, оценува за Фактор Слаѓана Димишкова. За претседателката на Македонската асоцијација на новинари, најдобро решение а со цел да се постигне она што е неопходно, фер и демократски избори е да се усвои Кодекс за изборно однесување кој без исклучок ќе се однесува на сите учесници во изборите. Она што е пак клучно, гарантор за негово спроведување треба да бидат меѓународните претставници. „Мислам дека тука е точката каде што може да се постигне согласност во новинарската фела“ , вели Димишкова . Според неа , актуелните законски решенија го поминаа меѓународниот тест, што значи Македонија има законски решенија за оваа област според европските стандарди. Таа потенцира дека измените не треба да се прават поради интерес на партиите, туку поради оние на кои се однесуваат, а тоа се медиумите, новинарите, за да можат да го дадат максимумот, балансирано известување.
Горазд Чомовски
Фактор: Дали е неопходна промена на постоечкиот закон за медиуми за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Како би можеле да се надминат разликите помеѓу ЗНМ и МАН кои имаат дијаметрално спротиставени ставови ?
Димишкова: Најдобро решение, а со цел да се постигне она што е неопходно, фер и демократски избори или како што сега велат и кредибилни е да се усвои Кодекс за изборно однесување кој без исклучок ќе се однесува на сите учесници во изборите. Она што е пак клучно, гарантор за негово спроведување треба да бидат меѓународните претставници, односно истиот да се спроведува со силен и строг мониторинг од меѓународните претставници. Мислам дека тука е точката каде што може да се постигне согласност во медиумската област, односно новинарската фела. МАН веќе подготви таков документ.
Актуелните законски решенија го поминаа меѓународниот тест, значи Македонија има законски решенија за оваа област според европските стандарди. Како секој закон па така и постоечките закони за медиумската област може секогаш може да се подобрат, но важно е пред се да има свест за почитување на законите. Има делови каде постојните решенија за медиумската област може да се подобрат. Но измените не треба да се прават поради интерес на партиите, туку поради оние на кои се однесуваат, а тоа се медиумите, новинарите, за да можат да го дадат максимумот, балансирано известување.
Фактор: Дали со предложените измени кои опфаќаат гарантирано буџетско финансирање на јавниот сервис, реформи во надлежностите и начинот на функционирање на Агенцијата за медиуми, бесплатни владини реклами, кога се работи за јавен интерес, комплетна реконструкција на Македонската телевизија во рок од пет години, намалување на даноците за медиуми, како и казни за прекршување на законите, согласно големината и моќта на медиумот ќе се обезбедат услови за слободни и фер избори?
Димишкова: Детали за тоа што е на маса за што преговараат политичките партии и посредникот Питер Ванхауте нема, барем МАН нема увид во тоа. Има поединечни предлози, идеи кои сме ги слушнале, но нема конкретен предлог за измена на постојната регулатива. МАН даде свои предлози за медиумски реформи, подготви и Кодекс за изборно однесување. Кога ќе има конкретен предлог, подготвен предлог - текст на законско решение и кога во истото ќе имаме увид ќе го дадеме нашето мислење.
Фактор: Како го оценувате ставот на Владата дека таа е подготвена да прифати да прифати било кој закон од земјите членки на ЕУ?
Димишкова: Во Македонија се потребни правни норми за медиумската област согласно европските стандарди, а не некои хибридни решенија.
Фактор: Еден од критерумите што треба да се исполни до 19 февруари е политичките лидери да постигнат договор за реформите во медиумите за да се обезбеди објективно и непристрасно информирање и еднаков третман на политичките партии. Има ли простор за постигнување на консензус, или како и за многу други прашања и овој пат меѓународните олеснувачи ќе бидат тие кои ќе ја донесат конечната одлука?
Димишкова: Консензус може да се постигне. Но, за тоа на маса за разговор треба да има предлози кои се применети во земји членки на ЕУ, а не ако со нас се прават експерименти.
Во Македонија има капацитет да се одлучува и тоа европски, но има некои актери кои прикажуваат поинаква слика. Мислам дека не е најсреќно решение некој однадвор да ни кажува што да правиме и да носи одлуки кои се однесуваат на нас. Меѓународните олеснувачи треба да помагаат со идеи, предлози, но не и да одлучуваат.
на следниот линк:
ИНТЕРВЈУ ТАМАРА ЧАУСИДИС: За медиумите не смее да има бесмислен договор по урнек на Пржинскиот!
Слично
