ИНТЕРВЈУ ДАНИЦА ЧАДИЕВА: Допрва ќе гледаме притисоци врз Јанева и СЈО!
Отсуството на реакција на државното Јавно Обвинителство за начинот на кој беше приведен екс министерот за внатрешни работи и лидер на Обединети за Македонија Љубе Бошковски е само уште една потврда за начинот на работа на оваа институција.
„Не е ова единствен случај Обвинителството и Зврлевски да ги чуваат предметите во заклучена фиока и да не отвараат истрага“ , вели Даница Чадиева. Адвокатот Чадиева Даница, Генерален секретар на Форумот на жени на ЛДП, во интервју за Фактор оценува дека митот за моќта и влијанието на поранешниот директор на УБК е одамна изгубен.
Во контекст на предложени измени во Кривичниот законик од страна на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ , Чадиева смета дека оние кои се ја имаат „мувата на капата“ ќе направат се’ за да се спасат од кривична одговорност.
Според неа, СЈО досега многу професионално си ја врши својата работа. Сепак Чадиев смета дека можеби е добро работат на СЈО да биде набљудувана однадвор. „Сметам дека до мониторинг може да дојде, а најмногу поради се почестите опструкции и притисоци“.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: По „ Титаник“, „ Тортура “ кој се однесува на апсењето на Љубе Бошковски е вториот случај кој го обелодени Специјалното јавно обвинителство. Дали тоа што државно Обвинителство не отвори истрага во однос на начинот на кој беше лишен од слобода екс министерот за внатрешни работи и лидер на Обединети за Македонија и покрај тоа што им биле достапни снимките од неговото апсење можеби укажува дека оваа институција се обидувала да ја прикрие вистината?
Чадиева: Јавното обвинителство е под целосна контрола на ДПМНЕ, уште од самиот почеток на доаѓањето на власт на оваа кринминогена власт.
Мошне остроумно, внимателно, предвреме, пред сите, ДПМНЕ си обезбеди да ги има во раце судската власт и Јавното обвинителество како инструмент кој ќе одработи за нив во случај на покренување на обвиненија против нив. Видовме дека правосудниот систем целосно е под капата на ДПМНЕ или под капата на Мијалков, а секако дел од тој правосуден систем е и Јавното обвинителство на чело со Марко Зврлевски.
Не е ова единствен случај да Обвинителството и Зврлевски ги чуваат предметите во заклучена фиока и не отвараат истрага. Отсуството на реакција во случајот со Љубе Бошковски е само уште една потврда за начинот на работа на Јавното обвинителство.
МИЈАЛКОВ МОЌНИК И ПРЕМИЕР ВО СЕНКА
Фактор: Дали мислите дека со отворањето на „ Тортура “ паѓа полека и митот за моќта и влијанието на поранешниот директор на УБК Мијалков?
Чадиева: За Сашо Мијалков се изнаслушавме и изнагледавме последниве 10 години. „Капо ди тути капи“ или „босот над босовите“ направи свој мит во Македонија за моќник, човек кој контролира се во државата. Слушнавме и во бомбите како се поставуваа судии, како се местеа одлуки. Тој е еден од најдоверливите и највлијателни советници во тоа време на премиерот Груевски, како негов братучед и дел од фамилијата. Дотолку повеќе што меѓу граѓаните се сметаше и дека самиот премиер е извршител на лудите постапки, проекти и потези на оваа власт, а креирани од братучедот.
Сите зделки, секоја активност на тогашниот директор на УБК му овозможија да инкасира стотици милиончиња, или ако сакате можеби на дневна основа по некое милионче, што секако го направи него и фамилијата околу него да живеат во еден иреален свет. Тој на едната страна, сите ние на другата.
Парите и моќта како прв човек на УБК, или уште подобро како премиер во сенка го направија Мијалков да излезе од сенката и покасно да стане најголемиот моќник на овие простори, или барем митот дека е најголем моќник. Подоцна, веќе тој мит го продолжува ДПМНЕ, ако се сеќавате на митинзите односно на трибините со знамиња со неговиот лик,мислејќи дека така ќе го спасуваат од она што почна да се случува денес. Денес тој е првоосомничен за случајот „Тортура“ .
Мое мислење дека допрва ќе излезат предмети во кои тој ќе биде осомничен, барем по она се што се изнаслушавме во бомбите. На крај, да Ви одговорам лично сметам дека митот за неговата моќ е одамна изгубен ,можеби уште со поднесувањето на оставката од Директор на УБК, непосредно после Диво насеље. Како ќе изминува времето или ако сакате сработеното на СЈО, сите такви вештачки моќници, кои станаа моќници на грбот на овој народ ќе бидат само давеници кои се држат за некоја трула греда од Титаникот кој тоне.
ВЛАСТА БАРА НАЧИНИ ДА СЕ СПАСИ ОД КРИВИЧНО ГОНЕЊЕ
Фактор: ВМРО ДПМНЕ и ДУИ предложија измени во Кривичниот законик. Во истовреме, Советот на јавни обвинители извештајот на Специјалното јавно обвинителство го оцени како негативен. Дали е ова обид да се релативизира работата на Катица Јанева и покрај тоа што таа беше избрана со консензус во Парламентот?
Чадиева: ДПМНЕ и ДУИ не губат време во смислување глупости на штета на правдата и владеењето на правото во Р.Македонија, а се во обид да се спасат од кривична одговорност.Токму во таа насока се и измените на законот за кривична постапка.Измените предвидуваат пред поднесување на обвинителен предлог, јавниот обвинител задолжително да го извести осомничениот за преземените истражни дејствија и за прибраните докази, по што одбраната ќе има 90 дена да преземе дејствија .Тоа значи дека и по завршување на истрагата СЈО,нема да може да покрене обвинение до истекот на тој рок,од цели 3 месеци. Се предвидува измените да важат и ретроактивно, односно да се применуваат и за постапките започнати пред влегувањето во сила на овој закон. Од тука јасна е намерата за да се осуети работата на Катица Јанева и СЈО и да се одложат постапките на Специјалното јавно обвинителство најверојатно според нив,до изборите.
Истото важи и за Советот на јавни обвинители.Во обид да се релативизира,опструира ако сакате работата на Катица Јанева и СЈО,денес тие го оценија извештајот како негативен,после деве одложени седници. Сметам дека Специјалното јавно обвинителство и денес на пресот беше децидно во својот став дека Јанева има обврска со закон да доставува извештај за својата работа до Собранието и до Советот,но нема обврска и да го образложува .
СИТЕ ИНВОЛВИРАНИ ВО АФЕРАТА „МАЏАР ТЕЛЕКОМ“ МОРА ДА ОДГОВАРААТ
Фактор : Специјалното јавно обвинителство ги презема и предметите „Пуч“- случајот за поранешниот прв разузнавач, Зоран Верушевски, како и случајот за Маѓар Телеком. Значи ли ова дека се стега обрачот околу корумпираните политичари што во 2005 и 2006 година примале мито од „Маџар телеком“. Поранешниот јавен обвинител Љубчо Шврговски во една прилика има изјавено дека јавноста ќе се шокира кој сè примал мито во аферата Телеком ?
Чадиева: Секако дека значи. Секој што сторил кривично дело мора да одговара. Законот е еднаков пред сите. Токму ова е и доказ дека Специјалното јавно обвинителство работи според закон. Не гледам зошто некој би бил поштеден. Поранешниот јавен обвинител Шврговски изјави дека јавноста ќе се шокира кој се примал мито во аферата Телеком , за во истото тоа време да изјави дека нема докази дека високи политичари примале мито, за на крај и овој предмет биде чуван во фиоките на Јавното обвинителство. Секако дека треба да се стави крај на оваа афера, конечно со судска разврска. Поранешниот член на Управниот одбор на „Телеком“, Симе Груевски, за медиумите изјави дека повеќемина функционери од земјава се замешани во аферата „Маѓар телеком“. Сите докази кои ги имал поврзани со корупцискиот скандал, тој ги доставувал до обвинителството, но од таму не била покрената постапка против ниту еден македонски функционер.
ФОРМИРАЊЕ СПЕЦИЈАЛЕН ОДДЕЛ КОЈ ЌЕ СУДИ ПО ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО
Фактор: Дали „Крикот на правдата“ ќе го слушнат и останатите судски инстанци во земјата или и натаму ќе остант имуни на прозивките дека работат по инструкции на извршната власт и одредени центри на моќ ?
Чадиева: По последните случувања посебно со Уставниот суд видовме дека судиите или најголемиот дел од нив уште не се ослободени од спрегите на ДПМНЕ, и никако да се осмелат да почнат да судат врз основа на закон. Тоа тефтерчето кое јас често знам да го споменам никако да излезе од функција. Се уште одработувуваат за својот избор за судија, за нечие друго вработување можеби,под закани и притисоци можеби,но никако според закон. Имуни се на сите прозивки и критики, имуни се на протести,имуни на се.Се повеќе сум убедена дека нема да ја разделат извршната од судската власт,исто како што сум се повеќе сигурна дека можеби треба да дојде конечно до формирање на специјален оддел во кривичниот суд кој ќе суди во предметите по обвиненијата од СЈО.
СУДОТ ТРЕБАШЕ ДА ОДРЕДИ МЕРКА ПРИТВОР ЗА ЈАНКУЛОВСКА И ЈАНАКИЕСКИ
Фактор: Каде е вистината на случајот „Титаник“ во тврдењата на екс министирите Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиевски кои велат дека СЈО не приложило ниту еден доказ за што се осомничени или во наводите на тимот на Катица Јанева дека истрагите се отвораат врз основа обемна предистражна постапка и прибирање сигурни докази за сторени кривичните дела за изборни измами ?
Чадиева: Заради понатамошната истрага многу концизно и прецизно ,толку колку што е потребно ние како јавност да добиеме информации од СЈО за случајот Титаник слушнавме од пресот.Не постои никаква можност да се точни наводите на Јанакиески и Јанкуловска.Тоа е уште еден обид на замајување на народот и искривување на вистината.Тоа е она што ДПМНЕ најдобро го прави.
Напротив, за вакви едни тешки обвиненија против бивши министри во Владата на РМ,и за кривичните дела за кои се товарат секако дека постои една обемна предистражна постапка и прибирање сигурни докази од кои би се докажала основаноста на постоењето на тоа кривично дело.од пресот на обвинителката слушнавме дека СЈО имаше докази и дека осомничените влијаеле на сведоци. Но секако нели, ова судство одлучи дека барањата за притвор на осомничените се неосновани ,иако од информациите кои ги имавме јасно е дека притвор требаше да има и тоа по повеќе основи.
Фактор: Дали е потребен меѓународен мониторинг за работат на Специјалното јавно обвинителство за да се отстранат сомнежите на владејачката партија дека Катица Јанева работи по диктат на опозицијата?
Чадиева: Искрено сметам дека СЈО досега многу професионално си ја врши својата работа. Работи исклучиво според закон,многу педантно, многу прецизно и тука не станува збор воопшто за никакви диктати ни од една политичка страна. Како автономен орган,кој произлезе од Договорот во Пржино, самото по себе покажува дека ужива целосна меѓународна и европска подршка,а се во знакот на борбата против корупцијата,криминалот и организираниот криминал од политички тип. Меѓутоа сепак сметам дека до мониторинг може да дојде, а најмногу поради се почестите опструкции и притисоците од секаков тип. Во случај ако таквите притисоци, закани и опструкции продолжат секако и самото Специјално јавно обвинителство може да се повика на меѓународна правна помош или некаков мониторинг.
Слично
