Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју д-р Драган Гоцевски: Јавната администрација нуди чист терен за партиска злоупотреба!

Интервју д-р Драган Гоцевски: Јавната администрација нуди чист терен за партиска злоупотреба!
Социјалната  сиромаштија и безработица партиите на власт ги злоупотребуваат за купување лојалност и гласови преку вработувања во државниот сектор и “сигурна” работа. Професорот од Правен Факултете на УКИМ се сомнева во веродостојноста на статистиката за берзата на труд и рабтотоспособното население. “За држава со (званично) повеќе од 2 милиони жители, малку ми е веројатно дека помалку од половина од живото население е способно да работи, а дека повеќе од половина се деца, пензионери, инвалиди или издржувани лица. Или помалку луѓе живеат во Македонија или пак нешто со таа статистика не е исправно,“ вели во интервју за Фактор експерто за административно право. Проф. Драган Гоцевски со став -“Кога основната егзистенција луѓето не можат да ја остварат преку работа во приватен сектор во услови на правичен натпревар, тие ја бараат егзистенцијата или надвор од државата или во единствениот сектор кој нуди некаква „иднина”, а тоа е сеуште јавниот сектор во Република Македонија. Проблемот е во тоа што побарувачката за вработување во јавен сектор е преголема. “ Така партиите добиваат чист терен за манипулација со гласачкото тело и човечките судбини.    Разговараше Горазд Чомовски Фактор: Како може државата да не знае на колку луѓе   дели плата од Буџетот. Од  друга страна,  ЕУ постојано да ни забележува за преобемната и гломазна  администрација. Дали е парадокс -  Брисел да  располага  со податоци а од Министерството  за информатично општество најавуваат дека  извештаиите  за бројот на вработени наскоро ќе и ги презентираат на јавноста?   Гоцевски: Не би рекол дека државата не знае на колку луѓе дава плата. Во однос на бројката на лица кои примаат плата од буџет кои се редовно вработени (на неопределено) во некоја организација во јавниот сектор познати се неколку факти. Во државна и јавна администрација, установи, јавни претпријатија, а тука влегуваат административни службеници, даватели на јавни услуги и помошно, според последните (не)званични информации се движи околу 118.000 вработени. Проблематична е бројката на договорно ангажирани кадри, вработени на определено, хонорарци, волонтери и .Нивниот број варира, се менува а и начинот на кој се исплаќаат нивните надоместоци зашто не секогаш платите за  нив се регострираат зашто исплатите не се трансферираат прекиу трезорски смети во НБРМ, преку кои се исплатува  платите на редовно ангажираните. ”. Сосема неформално, бројката на така наречените хонорарци се движи околу 30 и 35 илјади луѓе, но таа бројка никаде офисијално не е потврдена. За оваа сива бројка на административци досега не се подмируваа(т) придонеси за здравствено осигурување и пензиско осигурување. Доколку тоа не го прават државните работодавачи, тешко е Министерството за информатичко општество и администрација самото да прибави такви информации по некој службен пат. Дали Европската комисија навистина има прецизни податоци за тоа точно колку лица примаат плата, а колку лица по договорен пат добиваат хонорари од буџетски средства не можам да потврдам, искрено малку ми е веројатно тоа. Поверојатно ми е дека и Европската комисија располага со истите податоци со кои званично работи Министерството или пак за кои се “спекулира Во однос на критиките кои ни се упатуваат дека Република Македонија има гломазна јавна администрација, таквите изјави се измислување на топла вода. Држава која има 28% стапка на невработеност, претпоставки за 30% сива економија не е многу тешко да се дадат изјави дека јавниот сектор е гломазен. Најголемата условно речено превработеност може да се забележи во одредени јавни претпријатија и министерствата. Одредени јавни професии, како здравството можам да речам дека има дефицит од хирурзи и други специјалисти, но, таквите кадри не може да се “симулираат” едноставно мора да се изградат низ макотрпен и долг процес на квалификација, а така квалифувани стручни кадри не остануваат да работата за 300 евра месечен надомест. Фактор: Колку оваа бројка  преставува финасиски товар за Буџетот ? Гоцевски:  Одговорот би го формулирал на следниот начин (понудените бројки служат само како симулација): колку вработени во реалниот и финансискиот (приватен) сектор плаќаат придонеси од кои се распределуваат средства за да се алиментираат платите на вработениот во јавниот сектор? Во актуелната ситуација во бројката на вработени (званично) во Република Македонија во реланиот сектор се движи околу 360.000 луѓе, а тие треба да ги алиментираат платите на 118.000 вработени во јавен сектор, околу 260.000 пензионери и за социјалната помош на неврабоените (кои не остваруваат приход) и затоа  буџетот има апсурдни димензии. Доколку невработеноста би била помала, односно под 10%, би претпоставиле ситуација во која околу 500.000 луѓе треба да алиментираат приходи за претходно споменатите вработени во јавен сектор, пензионери и корисници на социјална помош. Но, за мене лично и оваа статистика е симптоматична, затоа што ако вкупниот број на вработени во Република Македонија навистина изнесува 360.000 + 118.000 одосно 478.000, со стапка на невработеност од 28% излегува дека околу 230.000 луѓе бараат работа односно дека вкупниот работен потенцијал во Македонија е 808.000 луѓе. За држава со (званично) повеќе од 2 милиони жители, малку ми е веројатно дека помалку од половина од живото население е способно да работи, а дека повеќе од половина се деца, пензионери, инвалиди или издржувани лица. Или помалку луѓе живеат во Македонија или пак нешто со таа статистика не е исправно. Во секој случај, дури и со 118.000 луѓе вработени во јавниот сектор, буџетското оптеретување би било помало доколку повеќе луѓе работат во приватен сектор и Македонија би имала посилна економија. Фактор: Дали вработувањата по партиски и етнички клуч се неопходна состојка за преживување на клиентелистичкиот систем на партиските газди, а лојалноста на партиските војници се здобива со нивно вдомување во државна или јавна администрација?  Гоцевски: Облиците на клиентилизам не подразбираат само партиски врски, туку и непотизам, кронизам и сл. Клиентизмот се темели на претпоставката quid pro quo или нешто за нешто, “јас ќе ти завршам работа за ти да ми завршиш работа”. Верувам дека политичките партии не ги добиваат своите приврзаници преку искрена лојалност во идеологијата на политички партии, туку служат како форуми преку кои луѓето можат да дојдат до контакти што условно речено ќе им “завршат работа”. Кога основната егзистенција луѓето не можат да ја остварат преку работа во приватен сектор во услови на правичен натпревар, тие ја бараат егзистенцијата или надвор од државата или во единствениот сектор кој нуди некаква “иднина”, а тоа е сеуште јавниот сектор во Република Македонија. Проблемот е во тоа што побарувачката за вработување во јавен сектор е преголема. Луѓето го бараат најприродното нешто за себе и своите деца, а тоа е сигурна работа и некаква егзистенција, во услови на очај подготвени се на многу компромиси – по цена тоа значи кршење на закони. Оваа неповолноа ситуација во која голем дел од населението во Република Македонија живее, политичките партии можат да го “зло”употребат за свои цели, односно quid pro quo / сигурен глас за сигурна работа. Фактор: Имала ли Македонија  од осамостојувањето до денес класична, рационална, автономна администрација, ослободена од партиски стеги? Гоцевски: Многу е неблагодарно да дадам “едноставен” и директен одговор на ова прашање. Дали била ослободена од партиско влијание, искрено верувам дека никогаш не била. Дали партиското влијание повеќе или помалку се чувствувало, верувам дека последните години бележат зголемено присуство на влијание врз процесот на вработувања и внатрешно распоредување на вработените во јавниот сектор, на тоа укажуваат и бројни други домашни ескперти како и Европската комисија во извештаите за напредок на Република Македонија. Фактор: И со досегашните изборни правила државните службеници не смеат да спроведуват партиски активности за време на работа, па дури во етичкиот кодекс  не е дозволено да истакнуваат партиски симболи во канцелариите на државните службеници.  Дали  се почитува овие одредби и како Вам ви изгледа сликата на терен ? Гоцевски: Како ми изгледа – е многу неформално прашање и можам да дадам само неформален одговор, не ми изгледа дека баш ништо не се случува во администрацијата, меѓутоа тоа е неформален одговор. Точно е политичко организирање во рамките на државната служба, за време на работното време, какво било истакнување на партиски симболи или агитација е забрането, и истото претставува сериозен  дисциплински прекршок. Но за воља на вистината, за да кажам дека навистина партиски активности се одвиваат за време на работно на време – морам со очи да го осведочам, а до сега пред шалтер не сум забележал (еклатантно) изложување на партиски симболи, а од друга страна пак, дури и да има такви активности до сега ниту еден државен службеник лично не ми се исповедал дека учествува во такви активности. Но и доколку има такво поведение, не верувам дека сите учесници се доброволно вклучени во нив, мислам луѓето се борат за гола егзистенција и се подготвени да се конформираат, што повторно не го оправдувам но сепак го разбирам. Фактор: Како го оценувате фактот што за пет години може  да  се стане службеник од највисок ранг, тоа е да стане државен советник. Државните секретари кои се именувани од владата, по евентуална промена на власта ќе останат во државната администрација. Значи, иако се неспособни, не можеш да се ослободиш од нив ? Гоцевски: Дали таквото однесување е факт или не е не би го коментирал, иако Европската комисија во 2007 и 2008 наведува и такви случаи. Скокањето на службеничката хиерархија, без соодветно работно искуство, потребни стручни квалификации и раководни вештини прави голема штета на менаџерските капацитети на една организација или систем. Штом се се доведувате  до ситуација - луѓе кои не ја разбираат работата на своите подредени кои немаат искуство во управување со сложени проекти и процеси, да распоредуваат предмети, да даваат насоки на своите подредени и да ја ценат нивната работа – која ултимативно не ја разбираат до крај, симптоматично е да зборувате за ефикасна и квалитетна администрација која го опслужува граѓанството. Таквите решенија придонесуваат оној дел од раководителите во државниот сектор кој е сепак стручен да се дестимулира и да се фрустрира. Фактор: Зошто ниту еден владин состав во посткомунистичка Македонија не се зафати со сериозна, темелна и сеопфатна реформа на државната и јавна администрација и дали политичките партии ја разбираат администрацијата како дел од политичкиот плен, кој се добива (или губи) со победата на изборите. Гоцевски: Објективен одговор е тешко да се даде на ова прашање, затоа што истото треба да се адресира до сите влади на Република Македонија, од нејзиното осамостојување до денес. Фактор: Може ли да  се департизира администрацијата со  воведување на тестови за работата на службениците, од оценување на службениците од граѓаните, до тестови преку кои раководните лица ќе ги испрашуваат вработените додека се на работа ? Гоцевски: Не. Воведувањето на тестови може да ви помогне да ги селектирате кандидатите кои се постручни за одредени работни места. Со нив но не може да се исклучи фаворитската позиција на членовите на политичките партии. Но впрочем и самата констатација дека секој член на политичка партија е неспособен е погрешна. Ако ја подржиме таквата теза треба да прифатиме дека сите партиски определени се глупави, неспособни, нестручни некарактерни. Искрено верувам дека постојат членови на партии кои се навистина стручни и си ја знаат работата и кои придонесуваат со своите знаења и вештини во работата на јавната админстрација. Проблемот е кога под партиска патронажа свесно се одбираат кандидати само затоа што се членови на владеечките партиии, независно дали тие си ја знаат работата или пак воошто не се компететни за работа во јавна администрација. За жал, не се самите тестови пресудни дали такви “неспособни” кадри ќе се вработат, туку кој ги спроведува, колку се индикации за проверка на стручноста, моралноот кредибилитет, лични афинитети и стекнато образование и кој им ги оценува резултатите. Доколку постои широка мрежа на луѓе низ сите канали преку кои се одвива вработувањето на луѓе во јавна администрација која свесно ќе замижи и ќе исфорира вработување на припадник на одредена политичка партија, знаејќи дека е неспособен, тогаш тестовите стануваат ирелеватни и секаква селекција паѓа во вода. Дали граѓаните треба да им ја ценат стручноста на државните службеници, не можам да се согласам со тоа. Граѓани можат да оценат дали се задоволни од квалитетот на испорачана услуга, колку се задоволни од односот на службеникот кон нив, но не може да претпоставиме дека секој граѓанин е доволно стручен за да ја цени работата на државните службеници. Сепак, ќе се согласам дека е неопходна поголема транспарентност во вработувањето на административните службеници, бидејќи тогаш јавноста ќе може да изврши поголем притисок да се вработуваат постручни кандидати. За жал, за вистинска департизација на јавниот сектор е неопходна цврста политичка воља, односно самите партии да се откажат од своите прерогативи  во корист на стручност и компетентност за да се изгради квалитетна јавна служба. Доколку мнозинството сака сигурна работа за своите деца и е подготвено или присилено да гласа за кого било – под какви било услови – само за да се вработат во јавна администрација, тогаш политичките партии добиваат чист терен за злоупотреби.
Слично

Поврзани вести