Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Мирче Чекреџи: за да останат пари за фирмите, државата помалку да се задолжува на домашниот пазар!

ИНТЕРВЈУ Мирче Чекреџи: за да останат пари за фирмите, државата помалку да се задолжува на домашниот пазар!
Работите оваа година навистина тргнаа напред, се влеа оптимизам кај претприемачите, за разлика од претходно кога владееше голем песимизам и никој не сакаше да инвестира, вели во интервју за Фактор заменик-претседател на Сојузот на стопански комори Мирче Чекреџи. Тој, сепак вели дека домашното задолжување треба да подсопре за да се ослободат пари за кредити за компаниите. Фактор Господине Чекреџи, логично е што на крајот на годинава се наметнува прашањето каква е Вашата генерална оценка за 2013 на економски план? Беше ли таа успешна или само малку подобра од претходната? Чекреџи Карактеристика на 2013 година е што во неа македонската економија конечно излезе од рецесија и заздраве значително посилно отколку што очекувавме ние во реалниот сектор. Се очекува годинава да заврши со раст на бруто-домашниот производ од околу три отсто. Ќе беше успех и доколку економскиот раст изнесуваше два проценти, бидејќи претходно имавме подолгорочна рецесија, која се повторуваше во неколку наврати во последниве години. Исто така, значајна промена за економските чинители во земјава е што конечно се почна со капиталните инвестиции, и тоа пред се во енергетиката и во патната инфраструктура, што беше наша подолгорочна заложба со години наназад, бидејќи сметаме дека капиталните инвестиции се најмногу потребни за државата. Притоа, инвестирањето во енергетиката треба да биде приоритет, од причина што во последниве 20 години кај нас се градеа многу малку енергетски објекти, односно за тој период енергетскиот капацитет на земјата се зголеми само за пет-шест проценти. А, јасно е дека без енергија, економијата на земјата не може значајно да се придвижи напред. Значи, мојата генерална оценка за 2013 година е позитивна. Работите оваа година навистина тргнаа напред, се влеа оптимизам кај претприемачите, за разлика од претходно кога владееше голем песимизам и никој не сакаше да инвестира, бидејќи сите очекуваа да видат прво завршница на кризата, па потоа да инвестираат. Фактор Какви се Вашите очекувања за идната година, ќе биде ли уште подобра од оваа, или, пак, се уште демнат ризици и каде нив евентуално го гледате? Чекреџи Во економијата секогаш демнат ризици, што особено важи за мала и отворена економија како што е македонската. Ние имаме огромен трговски дефицит, кој главно се покрива од дознаките. Најголемиот увоз всушност го правиме преку увозт на енергенси, а од друга страна, нашата економија не може многу да извезува, заради ниската конкурентска способност. Но, очекувањата за 2014 година генерално се позитивни, а нив главно ги базирам на позитивните трендови што се чувствуваат кај нашите главни трговски партнери. Имено, европската економија бавно, но стабилно излегува од кризата, а таа е нашиот главен трговски партнер, така што оттука најмногу произлегуваат позитивните очекувања. Уште еден елемент е многу битен, а тоа се капиталните инвестиции кои се планирани во значаен износ за идната година. Тука влегуваат двата нови автопати, од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид, чија изградба ќе почне во 2014 година. Ќе продолжи и изградбата на делницата Демир Капија – Смоквица, а треба да стартуваат и градежните работи на една делница од пругата кон Бугарија. За двата автопати, како и за делницата Демир Капија – Смоквца, е важно и тоа што се финансираат со свежи пари, односно автопатите со кинескиот кредит, а делницата во најголем дел се финансира со заем од Европската инвестициска банка, што значи дека тие проекти нема да се одразат неповолно врз ликвидноса, и ќе имаат позитивни ефекти за македонското стопанство. Фактор Важите за еден од главните поборници во бизнис секторот за банките да им одобруваат повеќе кредити на компаниите. Но, засега кредитниот раст за фирмите е многу низок. Која е, според Вас, главната причина? Чекреџи Позната работа во економијата е дека за поголем кредитен раст е неопходно да се усогласат монетарната и фискалната политика. Сметам дека монетарната политика во земјава треба и натаму да се либерализира. Бидејќи, банките се во приватниот сектор и нив не можете да ги натерате со сила да кредитираат, туку самата монетарна политика треба да создава услови тие или да кредитираат, или во спротивно, да создаваат загуби. Фактор Но, дали фискалната политика што ја води Владата и помага на монетарната политика да создава услови за поголемо кредитирање? Чекреџи Се додека Владата се задолжува кај домашните банки, не и помага на монетарната политика, бидејќи банкарите се конзервативни не само овде, туку во целиот свет, и тие ако можат да пласираат средства во државата, секако дека неа ќе ја изберат, дури и по значително пониски каматни стапки. Значи, само доколку државата го одбегнува задолжувањето на домашниот пазар, односно ако него го сведе на едно реално ниво, само така фискалната политика ќе и помогне на монетарната политика за корпоративното кредитирање да доживее раст. Бидејќи, еден од основните услови што ги кочи банките за повеќе да кредитираат, е кога економијата е во рецесија, но нашата економија не е во рецесија речиси цела година, што значи дека тоа сигурно не е пречка за банките да одлучат повеќе да кредитираат. Една од причините за послабото кредитирање се и нефункционалните кредити, кои растат не само заради тоа што кризата им го отежнува враќањето на фирмите, туку и поради неедуцираноста на банкарските тимови да пласираат во профитабилни проекти. Банките тврдат дека нема профитабилни проекти, но ние во бизнис секторот тврдиме дека има, но проблемот го гледаме во неедуцираноста на нивните одбори за ризик, кои не можат да ги препознаат тие проекти. Фактор Како врз кредитирањето ќе се одрази фактот што Владата планира најголем дел од буџетскиот дефицит за идната година, околу 162 милиони евра, да го покрива со задолжување на домашниот пазар? Чекреџи Ние сметаме дека Владата треба да се труди да ги намали домашните задолжувања, и секогаш препорачуваме дека доколку и требаат пари, најдобро е да обезбеди странски извори на финансирање. Фактор Но, што ако не може да ги обезбеди, или ако тие се скапи на меѓународниот пазар? Чекреџи Ние како бизнис сектор можеме да препорачуваме, а тие се легитимно избрани за да ги носат одлуките. Фактор Бизнисот долго бараше закон за финансиска дисциплина. Сега Владата подготви такво законско решение. Ќе ги реши ли овој закон проблемите со неликвидноста? Чекреџи Ние ја прочитавме и последната верзија на тој закон, и нас ни изгледа дека тој ќе функционира. Ова е закон кој ние долги години го баравме и сметаме дека треба да се донесе час поскоро. Ако во пракса се покажат одредени негативни ефекти, би можело да се интервенира дополнително, со евентуална измена на некои членови. Фактор Со измените на Законот за задолжницата, се предвидува дека од стартот на 2015 година овој инструмент ќе биде задолжителен за сите зделки над 5.000 евра. Како тоа го коментирате? Чекреџи Мислам дека задолжницата е покомплицирана работа, со неа мора да се трча по нотари за секоја зделка. Мислам дека таа не може да помогне како што ќе помогне Законот за финансиска дисциплина. Сметаме дека со него барем новите задолжувања ќе се стават во ред, бидејќи се предвидени високи казни за доцнењата со плаќањето. А тоа што е револуционерно во Законот за финансиска дисциплина, е што тој е дури поригорозен за државата, отколку за приватниот сектор. Државата е најголем поединечен „трошаџија“, и доколку таа се дисциплинира, заедно со дисциплинирањето и на приватниот сектор, неликвидноста како проблем на стопанството ќе можеме да ја заборавиме. Ф.Н.
Слично

Поврзани вести