ИНТЕРВЈУ ЧАРЛС ГАРЕТ: Да престанат опструкциите врз работата на Јанева и Специјалното Јавно Обвинителство!
Вчерашната акција на обвинителството кога се бараше, а не се доби поддршка од судот за претрес и приведување на висок функционер на УБК (началник на петтата управа при МВР), коинцидира со интервјуто што вчера го направивме со амбасадорот Гарет. Тогаш се уште не беше познато дека е во тек акција на СЈО, но Гарет беше категоричен дека Специјалното јавно обвинителство треба да ја има поддршката од сите институции, вклучително и судот, се до целосно расветлување на случаите.
„Не ме изненадува што се крева толку врева околу работата на Специјалното јавно обвинителство поради тоа што предметите кои г-ѓа Катица Јанева ги разгледува се многу чувствителни“, вели за Фактор Чарлс Гарет, амбасадор на Велика Британија во Македонија.
За британскиот дипломат, од исклучителна важност е без опструкции Специјалното обвинителство да си ја врши својата работа се до целосно расветлување на случаиите поврзани со објавените прислушувани разговори.
Гарет во интервју за Фактор е категоричен дека во пред план треба да биде квалитетот на изборите, а не терминот на нивно одржување.
„Преостануваат уште 68 дена до изборите на 5 јуни. До тогаш секој ден е од огромна важност, секоја индивидуа и секоја институција знае што точно треба да направи, за Македонија да испорача веродостојни и кредибвилни избори“, потенцира британскиот амбасадор .
Според Гарет, договор за медиумските реформи може да се постигне за релативни брзо време но само ако постои волја кај инволвираните страни .
„Она што првенствено е важно да се направи, а се со цел да има квалитетни избори е медиумите да обезбедат избалансирана, објективна и целосна покриеност “ , порачува амбасадорот на Велика Британија во земјава Чарлс Гарет
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Постојат ли во моментов услови за одржување на фер, демократски и кредибилниизбори и дали за меѓународната заедница е поважно да се испочитува терминот или да се исполнат потребните стандарди за изборите во Македонија да протечат по европски терк?
Гарет: Квалитетот на спроведување на изборите е од исклучителна важност а не терминот на нивното одржување . Преостануваат уште 68 дена до изборите на 5 јуни. До тогаш секој ден е е важен. Секој ден е од огромна важност, секоја индивидуа и секоја институција знае што точно треба да направи, за Македонија да испорача веродостојни избори .Токму затоа е од суштинска важност секој да вложи максимални напори за изборите да бидат демократски и кредибилни .
Фактор: Како ги оценувате обидите да се опструира и релативизира работата на Специјалното јавно обвинителство?
Гарет: Специјалното јавно обвинителство ги разгледува обвиненијата поврзани со аферата „Прислушување“, за што постојат сериозни сомневања. За нејзината улога се согласија лидерите на четирите најголеми партии, а г-ѓа Катица Јанева ја доби целокупната поддршка во Парламентот, што е всушност одраз на тоа колку е важна нејзината улога. Предметите кои таа ги разгледува се многу чувствителни така што воопшто не ме изненадува што се крева многу врева околу нејзината работа. Многу е важно Специјалната јавна обвинителка да и се дозволи да си продолжи да си ја врши својата работа се до целосно расветлување на сите сомнежи за кои постојат индиции за противзаконски дејствија кои се појавија со објавувањето на прислушуваните разговори. Специјалното јавно обвинителство треба да ја има поддршка од сите, се до целосно расветлување на случаите.
Фактор: Дали меѓународнатаа заедница ќе поддржи одржување на избори во јуни доколку се прочистен Избирачкиот список , но не се постигне договор за реформите во медиумите?
Гарет : Медиумските реформи се добар пример како подготовките за добри избори на 5ти јуни може да се направат многу брзо. Ја разбирам потребата за реформи во медиумите како исклучително важен дел за една здрава демократија. Но она што првенствено е исклучително важно да се направи а се со цел да има квалитетни избори е медиумите да обезбедат избалансирана, објективна и целосна покриеност на она што се случува и тоа е она што може да се направи навистина многу брзо. Доколку сопствениците на медиумите, уредниците и останатите инволвирани страни ја покажат нивната искрена волја тогаш мислам дека за многу брзо време може да се постигне договор .
Фактор: Колку ова длабока криза влијае врз аспирациите на Македонија кон НАТО и ЕУ ?
Гарет: Политичката криза е многу сериозна и се рефлектира на прогресот на државата кон евроатланските аспирации . Во тој контекст, квалитетот на изборите на 5ти јуни е од огромна важност. Изборите нема веднаш да доведат до крај на политичката криза и експресно враќање на земјата на евроатлантскиот пат. Но изборите се многу важен прв чекор за нормализација на состојбата во државата. По изборите на 5ти јуни Македонија ја очекува напорна работа и исполнување на заостанатите обврски од европската агенда. Во контекст на итноста не е доволно само да се спроведуваат реформите, туку истите мора и да се имплементираат.
Слично
