Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ БУЗЛИЕВ: Власта не покажува дека може да се носи со бегалската криза!

ИНТЕРВЈУ БУЗЛИЕВ: Власта не покажува дека може да се носи со бегалската криза!

Задоцнетата реакција на власта и неспособноста да организира транспорт за бегалците за кои Македонија не е крајна дестинација, не дава причина да веруваме дека Владата може да се носи со овој предизвик, оценува за Фактор Кире Бузлиев, потпретседател на Либералната партија. Бузлиев не исклучува власта да ја искористи бегалската несреќа и тековната политичка криза во државата да ја трансформира во безбедносна криза.

„За илустрација: ВМРО-ДПМНЕ можеше да организира транспорт на педесетина илјади свои поддржувачи од сите градови во Македонија на 18 мај и тоа во два правци, а сега истите тие не може да организираат превоз на две-три илјади бегалци до соседната граница?! “ , посочува потпретседателот на Либералите, додавајќи дека „Пржинските коалиционери“ засега повеќе се посветени на работните групи, отколку на кризата со бегалците.Проценките на ЛП се дека  бегалскиот егзодус ќе зема се поголеми размери и токму затоа неопходно е превземање на дополнителни мерки и да се бара помош однадвор  бидејќи  Македонија нема капацитет сама да се справи со овој проблем .

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор: Бројот на бегалци од Сирија, Авганистан и Пакистан, кои сакаат да стигнат до Европа по таканаречената „Балканска рута“, расте со огромна брзина. ВоГевгелија на границата со Грција се одигруваат драматични сцени. Проценките се дека бегалскиот егзодус допрва ќе расте. Има ли Македонија сили, средства и државнички капацитет да одговори на новиот хуманитарен предизвик?

Бузлиев: Очекуваме дека бројот на бегалци ќе се зголемува. Несмалениот интензитет на конфликтите на Блискиот Исток секако (ќе) придонесува кон тоа. Можеби до скоро можеше да ги разграничиме мигрантите од азиските земји, кои и претходно ја користеа „Балканската рута“, од бегалците од Блискиот Исток. Но, со ескалацијата на конфликтот имаме уште посериозна состојба. Денес, таквата дистинкција не е веќе можна. Впрочем, ова се процени што не се само на Либералната партија.

Задоцнетата реакција на власта и неспособноста да организира транспорт за бегалците за кои Македонија не е крајна дестинација, не дава причина да веруваме дека Владата може да се носи со овој предизвик.

А во однос на државничкиот капацитет, еве илустрација. Либералната партија во моментот кога одговарам на овие прашања е единствената партија што официјално реагираше на состојбите. „Пржинските коалиционери“ засега повеќе се посветени на работните групи, отколку на кризата со бегалците. Потребно е освестување и соочување со хуманитарната криза во развој.

Фактор: Човечка катастрофа, страв, лутина, загриженост, предизвик, гордост. Како го доживувате бегалскиот егзодус со кој се соочува Македонија?

Бузлиев: Разбирливи се обидите на бегалцит еза спас на својот и животот на нивните семејства, соочени со воените дејства на Блискиот Исток. Македонија, како и цела Европа има обврска да покаже хуманост и солидарност. Блискоисточната трагедија не дозволува рамнодушност. Како да не сочувствуваме со страдањата? Но, паралелно со заштитата на безбедноста и интегритетот на бегалците, мора да размислуваме и за гарантирањето на безбедноста на македонските граѓани. Нашите служби особено мора да внимаваат и на транзитирањето на радикални елементи, кои би можеле да ја искористат состојбата.

Но, тука се лоцира и опасноста од тоа власта да ја искористи бегалската несреќа и тековната политичка криза во државата да ја трансформира во безбедносна криза.

За илустрација: ВМРО-ДПМНЕ можеше да организира транспорт на педесетина илјади свои поддржувачи од сите градови во Македонија на 18 мај и тоа во два правци, а сега истите тие не може да организираат превоз на две-три илјади бегалци до соседната граница?!

Фактор: Дали одлуката на владата да прогласи кризна состојба е навремена идали ја научивме лекцијата од бегалската криза во 1999 година кога  речиси 300.000 илјади Косовци привремено беа „вдомени“ во Македонија?

Бузлиев: Многу аспекти укажуваат дека состојбата не се менаџира адекватно. Од друга страна, во вчерашната реакција Либералната партија јасно посочи дека ова е и регионален и континентален проблем.

Но, не гледаме дека Владата прави дополнителни напори ова прашање да се реши со инволвирање на сите засегнати држави од регионот и Европа. Затоа, прогласувањето кризна состојба, со сите опасности на кои укажав претходно, е само парцијално решение.

Нагласувам, Македонија нема капацитет сама да се справи со овој проблем и бегалски кампови како во 1999 не се опција. Балканот во целост сам не може да се справи со оваа состојба. Гледаме дека и во ЕУ бројни земји укажуваат дека нивните транспортни системи, на пример, не се во можност да одговорат на предизвиците. За тоа јавноста треба да биде навремено алармирана.

Фактор: Европската комисија соопшти дека Скопје има право да се штити од илегална миграција. Од друга страна, Амнести Интернешнл преку соопштение  изразува загриженост поради употреба на прекумерна сила и супстанци за контрола на толпи врз мигрантите кои се обидуваат да влезат на македонска територија?

Бузлиев: Секако дека бегалците не треба дополнително да страдаат откако поминале се низ што поминале на патот до Македонија. Тие сигурно не избегале од задоволство. Прекумерната употреба на сила секако дека не е пожелна. Таму има и возрасни и деца кои доволно се истормозени доаѓајќи до Македонија.

Но, во однос на заштитата од илегалната миграција, ни се наметнува и прашање што засега не е разгледано: што е тоа што на блискоисточните бегалци им ја исцртало рутата до ЕУ, преку Средоземното Море или Турција, преку Грција, Македонија, Србија..., наместо спасот да го бараат во попатните соседни земји каде побрзо и полесно може да најдат засолниште и безбедност?

Фактор: Ако затворањето на границата за мигрантите е политички легитимно, колку од хуманитарна и етичка гледна точка тоа е прифатливо?

Бузлиев: Дилемата што ја поставувате е разбирлива, како и претходната аргументација. Доколку стануваше збор за изолирани случаи на миграција, нема политички легитимитет за затворање на границата. Но, имајќи ја предвид магнитудата на овој бегалски егзодус, и со гореспоменатите можности за искористување на бегалската и трансформирање во безбедносна криза за дневно-политички потреби, ова решение може брзо да го изгуби легитимитетот.

Хуманитарниот и етичкиот аспект само дополнително покреваат оправдани дилеми, или барем така да ги наречеме во моментот.

Напомена:Фактор се обрати шефот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ  Илија Димовски со намера да добие неколку  оценки околу бегалската криза со која се соочува  Македонија.  Димовски,  иако   покажа  поготвеност   да даде    изјава на поставените  прашања, сепак до овој момент не ги добивме  одговорите.

Слично

Поврзани вести