Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Булент Дервиши, МАПАС: Македонските приватни пензиски фондови добро поминаа низ кризата

ИНТЕРВЈУ Булент Дервиши, МАПАС: Македонските приватни пензиски фондови добро поминаа низ кризата
Осум години по првата уплата на средства во вториот столб на пензискиот систем, бројот на осигуреници во приватните пензиски фондови расте. „Приносите се зголемуваат постепено и одразуваат еден период на голема финансиска криза, кога многу приватни пензиски друштва во други европски земји остваруваа и негативни приноси. Може да се каже дека ние сепак добро поминавме, благодарение на конзервативната стратегија на вложување на домашните пензиски друштва“, вели во интервју за Фактор претседателот на Советот на експерти на МАПАС, д-р Булент Дервиши. Според него, двата приватни пензиски фонда ги намалуваат инвестициите во сигурните државни хартии од вредност во своето портфолио, а го зголемуваат процентуалното учество на инвестициите во странство. Фактор: Со оглед на се поголемото значење на средствата што се акумулираат во вториот пензиски столб дали планирате да предложите зголемување на актуелните лимити за нивно инвестирање во првокласни македонски акции? Дервиши: Заради остварување на принципите на сигурност на пензиските инвестиции и нивна диверсификација неопходно е да се постави ограничување каде можат да се инвестираат средствата и да се утврдат максималните износи на инвестирање на средствата по одредени видови инструменти, емисии, издавачи и земји. Регулативата за инвестирање на средствата се поставува во зависност од степенот на развој на пензиската реформа, но ние како Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ниту предлагаме инвестирање во конкретен инструмент, ниту можеме да забраниме инвестирање во одреден инструмент. Одговорностa на пензиското друштво е да ги инвестира средствата согласно законската регулатива со цел остварување на највисок принос во полза на членовите на пензиските фондови. Имено, инвестициите на пензиските фондови во домашните акции е мал дел од портфолиото и учеството во домашните акции е скоро исто како и во претходната година (3,60%), додека максималното инвестициско ограничување во акции издадени од домашни акционерски друштва изнесува 30%. Со оглед на тоа постои доволно простор за дополнителни инвестиции во првокласни македонски акции во рамките на моменталната регулатива. Фактор: Како ја оценувате изложеноста на вложувањата на средствата од вториот пензиски столб во државни хартии од вредност што и ги издаваат државните органи во Република Македонија? Дервиши: Инвестициското портфолио на задолжителните пензиски фондови се состои од домашни државни хартии од вредност, депозити и акции, како и инвестиции во странство кои вклучуваат акции и удели на инвестициони фондови. Континуирано се зголемува диверзификацијата на инвестициите, што е основен предуслов за поголема сигурност на инвестициите. При изборот на поединечни финансиски инструменти, пензиските друштва имаат широк опсег на инвестициони активности кој го дава односот на остварување на највисок принос при превземен соодветен ризик. До сега изборот на поединечни домашни државни хартии од вредност од аспект на инвестирањето имаше позитивен ефект на приносите на пензиските фондови. Во 2013 година учеството на домашните државни хартии од вредност во портфолиото на пензиските фондови е делумно намалено во однос на претходната година и изнесува 61,68%. Исто така и учеството на банкарските депозити е намалено во однос на претходната година и изнесува 12,38%. Ние направивме неколку измени во насока на проширување на можностите за инвестирање така што на пример, се зголеми уделот што се дозволува да се инвестира во странство до 50%. Кај двата задолжителни пензиски фондови има значително зголемување на процентуалното учество на инвестициите во странство. Фактор: Друштвата кои управуваат со фондовите од вториот столб лани остварија добивки кои се високи во однос на добивките што ги остваруваат поголем број македонски компании. Дали се тие реален одраз за вештините во управувањето или се должат на тоа што бројот на учесници на овој пазар е лимитиран на две друштва? Дервиши: Може да се каже дека одговорот е во самото прашање. Пензиските друштва од почеток на реформата постепено го развиваа искуството во областа на пензиското осигурување, период во кој беше потребно доста инвестиции во човечки и материјален аспект. Но тој процес на инвестиции ќе продолжи и во наредниот период и тоа е единствен начин за понатамошен успех на реформата која ја градиме. Дополнително би истакнале дека ова е добар повод за мотивација за вклучување на нови пензиски друштва во нашиот пензиски систем со оглед на отвореноста на пазарот и можностите што ги нуди оваа област за инвестирање и можноста за поврат на инвестираните средства. Инаку, зголемувањето на бројот на вработени и зачленувањето на членовите во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување продолжи на редовна основа во текот на 2013 година и бројот на членови достигна бројка од 350.040 членови. Ова претставува зголемување на бројот на членови во однос на 2012 година за околу 8%. Во текот на повеќегодишното постоење на пензиските фондови, со континуираното зголемување на бројот на нивните членови, истовремено се зголемува и висината на уплатените придонеси и висината на средствата на пензиските фондови, кои се основа за наплата на надоместоците. Со цел заштита на интересите на членовите, а имајќи го предвид порастот на средства на пензиските фондови, со законската измена се уредува постепено намалување на максималната висина на надоместоците кои ги наплатуваат пензиските друштва кои управуваат со задолжителни пензиски фондови. Намалувањето на надоместоците е во насока на заштита на интересите на членовите, бидејќи има директно влијание на средствата на задолжителните пензиски фондови, со што се обезбедува позитивен ефект врз идната пензија на членовите на задолжителните пензиски фондови. Имено, максималната висина на надоместокот од придонеси ќе изнесува 2%, додека максималната висина на месечниот надоместок за управување со средства ќе изнесува 0,03% и истите ќе се применуваат од 2020 година, односно од 2019 година, па натаму. Фактор: Како Вие би ја оцениле ефикасноста на вториот столб од пензискиот систем осум години по првата уплата на средства во него? Дервиши: Бројот на членови во задолжителните пензиски фондови на крајот од првата година од почетокот на пензиската реформа (од првата уплата), односно на 31.12.2006 изнесуваа 128.031 и вкупните нето средства во задолжителните пензиски фондови изнесуваа околу 1,24 милијарди денари, додека минатата година на 31.12.2013 година, бројот на членови во задолжителните пензиски фондови достигна до 350.040 и вкупните нето средства изнесуваат околу 27 милијарди денари. Од овој временски интервал доколку ја анализираме ефикасноста од аспект на членовите може да потврдиме дека вториот столб од пензискиот систем има висока оценка. Со вториот столб, средствата во пензиските фондови се на членовите, секој член има своја лична индивидуална сметка која се зголемува со секој уплатен придонес, а на дневна основа се евидентира промената на сметката од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд. Од аспект на приносот поради долгорочната природа на пензиските системи, приносот вообичаено се пресметува на подолг рок. Приносите што се објавени за периодот од последните седум години сведени на годишно ниво всушност одразуваат еден период на голема финансиска криза, кога многу приватни пензиски друштва во други европски земји остваруваа и негативни приноси. Може да се каже дека ние сепак добро поминавме, благодарение на конзервативната стратегија на вложување на домашните пензиски друштва, но во последните година-две, приносите растат. Се очекува оваа година и следната, друштвата да остварат уште повисоки приноси за своите осигуреници. Фактор: Кога велиме дека овие фондови остваруваат резултати на долг рок, дали тоа значи дека можеби треба во иднина да се размислува и да им се овозможи да вложуваат во стратешки инфраструктурни и енергетски проекти? Со зголемување на бројот на членови и средства во пензиските фондови, секако ќе треба се поголем акцент да се става на инвестирање на средствата на пензиските фондови од страна на пензиските друштва и длабински анализи на ризиците и ефектите на инвестирањето врз средствата на осигурениците на долг рок. Со измените и дополнувањата на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување во јануари 2013 година, се воспостави супервизија заснована на оценка на ризици. Имено, со овие законски измени се воспостави обврска за постоење ефикасни контролни механизми во пензиските друштва со цел навремено идентификување на потенцијалните ризици и преземање мерки за ублажување на сите ризици кои влијаат на интересите на членовите и на пензионираните членови на пензиските фондови. Едновремено, се засилија принципите на добро корпоративно управување и внатрешната ревизија на пензиските друштва. Со зајакнување на капацитетите на управувачите на портфолија во пензиските друштва и поставување на управувачи со ризици се отвараат можности во иднина да се дозволи вложување и во поголем избор на инструменти со цел овозможување поголема диверсификација на средствата на пензиските фондови од страна на друштвата. Р.Ф.
Слично

Поврзани вести