ИНТЕРВЈУ Бодан Арсовски: Надоместокот за ММИ ќе се плаќа, се допаѓало тоа некому или не!
Со и без легендарните Леб и сол, неговата музичка карта е импозантна. Го вреднуваат како извонреден музичар кој деновиве е на тапет поради неговатa најнова функција-директор на невладината организација Македонска музичка индустрија ( ММИ) . Оваа организација основана од произведувачи на фонограми и уметници музички изведувачи од РМ има за цел колективно управување на сродните права кои произлегуваат од јавното соопштување музика. Во интервју за Фактор, Бодан Арсовски ги расчистува дилемите кој, како и колку ќе плаќа, за како што објаснува да им се обезбеди достоинствен живот на музичарите. За Арсовски е нејасно како Владата ќе прави ревизија на Тарифникот на ММИ кога нејзина институција претходно ја издаде дозволата за работа.
ФАКТОР Музиката не е бесплатна, но кому треба да се плати?
АРСОВСКИ Сосема е погрешно толкувањето дека треба да се плаќа за музика. Основот за плаќање е јавното соопштување музика. Законот е прецизен што е јавност во таа смисла, а тоа е достапност на музиката под еднакви услови на поголем број лица надвор од потесниот круг на роднини или лични познанства. Значи, обврската за плаќање е за јавното соопштување на музиката.
ФАКТОР Кој се треба да ја плаќа музиката за да ја слуша?
АРСОВСКИ За слушање музика не треба да плаќа НИКОЈ. Како што веќе објаснив, надоместок треба да плаќаат исклучиво само тие што јавно соопштуваат фонограми и изведби. Тие сами по себе се радиодифузни или се направени од снимка, практично тоа се сите оние кои во обавувањето на дејноста користат музика. Врз основа на улогата која ја има музиката, постојат три вида на користење:
- искористеност каде музиката е важна или неопходна за обавувањето на дејност;
- искористеност каде музиката создава атмосвера и поради тоа е неопходна;
- искористеност каде музиката служи како позадина и не е стриктно неопходна.
ФАКТОР Телевизиите сметаат дека пуштаат видеограми, а не фонограми, па според нив, не треба да ја плаќаат оваа давачка?
АРСОВСКИ Прво, да не правиме забуна, ова не е давачка, туку надоместок. Овој надомест треба да го плаќа оној што користи нешто, за кое за некого (автор, продуцент...н.з.) произлегуваат определени права. Телевизииите секако треба да плаќаат. Тоа е пракса во целиот свет, бидејќи со емитувањето на видеограмите сепак вршат јавно соопштување. Тоа е т.н.секундарно емитување на фонограми.
ФАКТОР Што е фонограм, да објасниме за сите?
АРСОВСКИ Согласно дефиницијата во законот,-„фонограм е снимка на звуци од изведба“.
ФАКТОР Како се одредува цената на музиката?
АРСОВСКИ Музиката нема цена, туку надоместокот има висина која треба да ја плаќаат оние што јавно соопштуваат фонограми и изведби. Законот предвидел висината на надоместокот првенствено да се утврдува со договори помеќу корисниците и ММИ (општи или поединечни). Тарифата која ја донесе ММИ во процедура утврдена со Законот, се применува само доколку договор не се постигне. Значи, преговарањето за утврдувањето на висината на надоместокот е императив за ММИ. Тарифата постои само како заштитен механизам, во случај договор да не биде постигнат.
ФАКТОР Ако музиката не е бесплатна, тогаш колку пари и кому платиле голем дел македонски музичари кои искористиле песни од светската музичка индустрија? Во Британија, земјата која може да се смета за репер за музика во секоја смисла на зборот, доколку некој сака да направи кавер верзија на песна, мора да го информира друштвото за заштита на механички права MCPS. Тоа е задолжено за заштитата на авторските права на носач на звук. Кај нас тоа никако не е регулирано?
АРСОВСКИ Секој автор, произведувач на фонограм или музички изведувач има право да дозволува или забранува користење на своето дело, фонограм или изведба. Сега зборувате за права кои се остваруваат индивидуално. Тоа не е во доменот на правата кои ги управува ММИ. Како и да е, ако сакате да користите нечие авторско дело, за тоа треба да добиете дозвола од авторот. Радиодифузерот за да може јавно да емитува некој фонограм, треба да добие дозвола од произведувачот на фонограм.
ВИСИНАТА НА НАДОМЕСТОКОТ Е ПОМАЛА ОД СЛОВЕНИЈА, ХРВАТСКА, СРБИЈА
ФАКТОР Кој е примерот по кој е изработен тарифникот?
АРСОВСКИ Во изработката на нашиот тарифник компаративно беа користени тарифниците на земјите во регионот, како и на оние во Европа. Сепак, висината на надоместоците беше утврдена земајќи ги предвид нашите услови. Бројките се секако пониски од тие во Словенија, Хрватска, Србија итн.
ФАКТОР И досега се плаќаше за музика. Замп беше со години надлежен за наплата на авторските права. Субјектите плаќаа, но никој не дозна каде одат парите. Голем дел од музичарите се жалат на скромни хонорари кои им се исплатени, а не е така кога се наплаќа?
АРСОВСКИ Распределбата на средствата се врши согласно Правилник за распределба. Основен принцип содржан во Законот, а имплементиран во Правилникот, како кај нас, така и кај ЗАМП, е принципот на искористеност кој се констатира врз основа на плеј листите на радиодифузните друштва. Суштината е да се изврши дигитализација на радиодифузерите, плеј листите да се водат софтверски, тогаш и доставените евиденции ќе бидат веродостојни.
ФАКТОР Врз основа на што ќе ја вршите наплата? Во светот постои софтвер кој евидентира се, кај нас нема такво нешто, што веднаш на светлина го исфрла прашањето дали парите ќе стасаат до вистинските личности на крај?
АРСОВСКИ Наплатата е едно, а распредлбата е другата приказна. Веќе кажав. Распредлбата зависи од искористеноста на изведбите. Наша тенденција е да постигнеме можност да добиваме плеј листи во формат кој ќе оневозможи злоупотреба на пријавувањето.
ФАКТОР И од Сони доаѓаат по наплата во Македонија. Имате ли договор со нив или тие самостојно ќе делуваат на овој пазар?
АРСОВСКИ Странците не можат лично да ги остваруваат своите права, затоа што тие права се остваруваат колективно, што значи преку организација која ги управува неговите права. Воедно, остварувањето на правата на странците е предвидено согласно принципот на фактички реципроцитет. Тој се воспоставува со склучување на реципрочни договори меѓу ММИ и сродните организации во странство, кои ги штитат правата на соодветните носители.
ФАКТОР Вашиот став е дека музиката влијае врз создавањето на музика. Но, субјектите не се согласуваат со вас. Тие веќе упатија преставки до владата, по што ќе се ревидира вашата работа. Дали ако беше обратно ќе го подржевте тарифникот, односно ќе платевте за музика?
АРСОВСКИ Секако е тешко да се прифати дека треба да се плаќа за нешто што досега се користело бесплатно. Но, тоа било така не дека не постоела законска обврска, туку затоа што поради многу фактори, немало имплементација на законот. Инаку, морам да цитирам мисла која ја имам чуено од голем познавач на авторското и сродните права, а тоа е дека „почитувањето на правата од интелектуална сопственост е мерило за цивилизираноста на едно општетсво“.
ФАКТОР И музичарите се поделени. Голем дел од нив не застанаа на ваша страна. Се сомневаат дури и во начинот на кој ММИ ја доби леценцата за работа?
АРСОВСКИ Не се согласувам со вас. Телефоните во ММИ постојано звонат, носителите на правата веќе масовно се зачленуваат во ММИ.
НЕЈАСНО Е КАКО ВЛАДАТА ЌЕ ВРШИ РЕВИЗИЈА НА ТАРИФНИКОТ
ФАКТОР Што ќе се случи ако вие наплатите фонограм според тарифникот, а музичарот дал дозвола за користење?
АРСОВСКИ Давањето дозвола за користење е право кое индивидуално се остварува. Наплатата на надоместокот е право кое се остварува колективно. Кога изведбата е снимена на фонограм, кој пак е направен за комерцијални цели, право да дозволува или забранува јавно соопштување на тој фонограм има произведувачот на фонограм. Тоа што некој дал индивидуално право да се емитува фонограмот, не значи дека носителот се откажал од правото на надоместок.
ФАКТОР Револтот за наплата оди дотаму што субјектите се закануваат со бојкот на македонскта музика. Не сметате дека со ова ќе биде оштетена македонската продукција?
АРСОВСКИ Тој што ќе престане да емитува домашна музика, ја повредува честа и угледот на македонското музичко творештво и ги омаловажува македонските продуценти и изведувачи. Кажете ми зошто еден македонски изведувач треба да биде различно третиран од сите останати во светот. Јас би им поставил едно прашање на тие што ги изнесуваат тие закани. Дали се свесни што би му се случило на едне уредник на ББЦ или на било кој француско или германско национален радиодифузер кога би објавил дека нема да пушта домашна музика????
ФАКТОР Кои субјекти треба да бидат ослободени од плаќање?
АРСОВСКИ Во тарифникот е уредено кога нема да се наплатува за јавно соопштување музика. На пример кога се организираат добротворни манифестации, тогаш користењето на фонограми нема да се наплатува.
ФАКТОР Тарифникот на ММИ владата го стави по лупа. Дали ова значи дека спроведувањето се става на пауза?
АРСОВСКИ Малку е нејасно како тоа Владата која го предложила Законот за авторското и сродните права, а Парламентот го донел истиот, се е спроведено согласно тој закон во постапка утврдена со тој закон, што значи дека и владината комисија за посредување даде мислење по истиот, што тоа, сега ќе се контролира. Како и да е, тарифникот е во сила, но како што кажав, сега ќе следи фазата на перцепирање на корисниците кои јавно соопштуваат музика, па ќе следат преговори за договорно утврдување на надоместокот, па потооа ќе се применува Тарифата, таму каде што договори нема да се постигнат. По тарифата ќе плаќаат оние корисници кои ќе одбијат водење на преговори. Сето ова е комплексен процес , кој претпоставува многу работа.
ФАКТОР Последниве години и Меѓународната федерација на фонограмската индустрија открива дека се соочува со пад на продажбата на снимени музички дела. Токму поради овие причини тие се одлучуваат да ги намалат административните трошоци. Како вие ќе излезете во пресрет со ова на македонските економски субјекти кои едвај издржуваат да соберат пари за исплата на плати на вработените? Дали не сметате дека ова е најпогрешен термин за наплата?
АРСОВСКИ Произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи исто така живеат во ова време на криза и рецесија. Зошто сметате дека тие треба да се откажат од она што нив им припаѓа во корист за една друга категорија на субјекти кои користат нешто што е нивно. Зошто не го поставите прашањето еден давател на усуга, како на пример погребалното претпријатие зошто во услови на криза не се откажат од наплатата на погребалните услуги. Ова го земав за пример. Истата компарација може да ја направиме со угостителите. Зошто не побарате угостителите да почнат да не ги наплатуваат услугите и на сите да ни даваат да пиеме кафе бесплатно. Зошто радиодифузерот не се откаже од наплатата на просторот за реклами. Нели е време на криза? Зошто би плаќале за оглас во весник на пример? Зошто плаќаме за производите што ги купуваме на пазар? Зошто производителите не ни ги поделат бесплатно?
Но како и да е, верувајте,дека ММИ ќе ги земе во обзир сите фактори кои ќе ги изнесе секој корисник, а кои се релевантни и кои имаат влијание врз утврдување на висината на надоместокот. Така постапија кабловските оператори и мобилните оператори. Тие уште во време на утврдувањето на тарифата, интервенираа, укажаа на релевантните факторите, па, ние оценивме дека навистина сме погрешиле и дека сме утврдиле висок износ. Следствено на тоа, договорно утврдивме колку е соодветно да се наплатува по тој тарифен број. Ќе повторам, тоа не значи дека тие ќе плаќаат согласно тарифата, ние повторно ќе преговараме со нив за договорно да го утврдиме надоместокот. Договорно утврдениот надоместок не може да биде поголем од оној утврден со тарифата, тој секако ќе биде помал.
СИТЕЛ ИЗНЕСЕ НИЗА НЕВИСТИНИ
ФАКТОР Ви забележуваат дека како здружение ќе имате процент кој ќе го задржувате за работа на вашето тело. Но тоа е милионска сума? Имате ли пресметки колкава се трошоците на членовите на вашето тело?
АРСОВСКИ Сумите кои СИТЕЛ телевизија ги изнесе во јавноста се чиста невистина. Како прво, ММИ уште не почнало со наплата. За ден за почеток со работа се смета денот по објавувањето на тарифата во Сл.весник. Тоа е 14.11.2012 година.Согласно Законот, организацијата која колективно ги управува правата има право да користи до 30% од прибраните надоместоци. Тоа е така секаде во светот. Тенденцијата е тој процент да се смалува, кога апсолутниот износ на прибраните надоместоци се зголемува. Тоа е прашање што ги засега носителите на правата, а верувајте во светот, тие грчевито се борат тој процент да се смалува. Организациите кои колективно управуваат со правата од интелектуална сопственост, надоместоците ги прибираат за сметка на носителите на правата, така што, тие се тие што се најзасегнати за прибраните надоместоци и истите подлежат на контрола од самите носители. Ако некој направи злоупотреба, секако ќе биде сменет од позицијата од самите носители на правата. Инаку, колку за ваша информација, тие милионски суми со кои шпекулираше СИТЕЛ не можат да ги соберат, ниту ги собираат сите колективни организации во целиот регион заедно.
ФАКТОР Кои се потписници на ММИ, кој досега има договор со вас, кои се продуцентите, музичарите...кои застана под вашата капа?
АРСОВСКИ ММИ е организација која врз основа на дозволата добиена од Министерот за култура, а согласно Законот, ги управува правата на СИТЕ носители, независно од тоа дали се членови или не. Како и да е, ММИ има веќе обемно членство. Околку 17 произведувачи на фонограми и над 150 музички изведувачи.
ФАКТОР ББЦ плаќа, но и наплатува од музиката. Кој ќе биде ќарот на македонските медиуми, кои треба да платат за ЗАМП, за радиодифузина такса, за вас, следната година за дигитализација?
АРСОВСКИ Секој бизнис има свои трошоци. Надоместокот за јавно соопштување на фонограми е дел од трошоците кои еден радиодифузер мора да ги предвиди. И ББЦ, како и сите останати радиодифузери во светот тоа го прават. Ако не сте спремни да ги подмирите сите трошоци кои сте должни да ги плаќате, тоа значи дека не треба да се бавите со тој бизнис. И секако не е фер да бенефитирате на грб на другиот. Тоа ви е исто како оние бизнисмени кои возат скапи коли и одат на скапи одмори, а не исплаќаат плата на вработените. Не ве разбирам зошто сметате дека македонските продуценти и изведувачи би требало да се откажата од своите права. Посочете ми еден произведувач на фонограм или музички изведувач кој е толку многу богат што навистина не заслужува да му биде платено. Каде би бил тука мотивот за натамошно создавање музика. Како ќе ја збогатуваме нашата музичка култура, ако сметаме дека носителите на прават не заслужуваат да го остварат правото кое е засновано со закон.
Разговараше Вики Ристоска
Слично
