Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Бачовска: Медиумите покажуваат „ниско ниво на интегритет“

ИНТЕРВЈУ Бачовска: Медиумите покажуваат „ниско ниво на интегритет“

Медиумите во Република Македонија покажуваат „ниско ниво на интегритет“. 

Од средства за информирање, анализа и контрола се претвораат во средства за економска и политичка промоција и пропаганда и се контролирани по пат на купување на рекламниот простор и преку нетраспарентното и дискреционо одлучување за доделување на јавните пари. Процесот на трансформација на медиумите заврши со медиумите во раце на оние кои имаат пари и дојде до одржување на зависни медиуми. Латентната цензура е невидлива на формално ниво, туку таа се реализира низ контрола на финансиското преживување на медиумите  и новинарите, ова се дел од размислувањата на универзитетскиот професор Јасна Бачовска.

Бачовска, која е раководител на Институтот за новинарство, медиуми и комуникации на Правниот факултет смета на измените на Законот за медиуми не треба да се гледа како на трајни решенија туку како на едно од решенијата кое ќе треба да помогне да се излезе од овој хаос, анархија или безвластие во кое е влезена државата, додавајќи дека кадровското прашање за главен уредник на МТВ е особено битно и тешко за решавање особено во наши услови.

Стратешките цели на европскиот тип на медиумскиот систем се: медиумскиот систем потпрен на квалитетен јавен радиодифузен центар; плурализам на медиумите - мултиполитички плурализам, а не во една квантитативна смисла; гаранции за независност на медиумите и воведување на стандарди во новинарската професија односно професионализација и интелектуализација на новинарот, објансува универзитетскиот професор Јасна Бачовска. 

Разговараше Горазд Чомовски

Како Македонската радио телевизија да биде  вистински јавен сервис,  да се држи до професионалните стандарди, да биде во служба на граѓаните, а не на партиите?

Бачовска:Пред се потребна е политичка волја. Мислам дека позитивно во оваа политичка криза е тоа што нештата околу Јавниот сервис доволно се издраматизираа и дека, како никогаш досега, постои свест за неговото значење и потребата за негово етаблирање и примат, како оној што го имаат јавните сервиси во другите европски земји. Секако дека треба и многу инвестиција во тоа, како во техника, така и во луѓе. Кадровското прашање е особено битно и тешко за решавање особено во наши услови.

Фактор: Во време кога релевантни индикатори од типот на „Фридом Хаус“, на „Репортери без граници“ искажуваат загриженост за индексoт на медиумска слобода и слобода на изразување во Македонија, прашањето е која е дефиницијата за „медиумска култура“? 

Бачовска:Автономната позиција на медиумите како единствен и апсолутен институционален канал за политичка комуникација, ги става медиумите како приоритетна тема во модерниот свет. Медиумскиот систем станува еден од критериумите за демократски егалитет и ползувањето и заштитата на човековите права. Затоа медиумите се и постојан предмет на мониторинг или набљудување на организациите кои ги споменавте и други инстанци.

Медиумската култура е широк поим и социолошка категорија. Најчесто подразбира познавање на медиумите, нивното функционирање и значење. Свест за медиумите и нивната моќ. Знаење за структурата на медиумскиот систем, неговата политичка, правна и економска поставеност како и знаење за можните злоупотреби или деформации на јавното мислење и разбирањето на граѓаните со специјални техники и методи, а со цел освојување или задржување на власт.

Процесот на транзиција медиумите во Република Македонија беше проблематичен. Без добри нормативни и стратешките рамки. Процесот на трансформација на медиумите заврши со медиумите во раце на оние кои имаат пари и дојде до одржување на зависни медиуми.

Фактор: Дали поставеноста и функционирање на македонските медиуми  имаат информативен или  пропаганден  карактер и колку тие  ги следат  европските стандарди  за медиумско известување ?

jasna bacovska1Бачовска:Медиумите во Република Македонија покажуваат „ниско ниво на интегритет“.  Нивото на интегритет, од стручен аспект, е мерлива категорија и има свои индикатори. Значи не станува збор за моја лична проценка дали медиумите во Македонија имаат информативен или пропаганден карактер, туку анализата т.е индикаторите покажуваат дека се соочуваме со непрофесионални, неквалитетни и пропагандно настроени медиуми подложни на најнизок и најбанален начин на контрола.  Во правец на ова ниско ниво на интегритет говорат следниве факти: прво, во  информирањето доминира промотивниот дискурс со елементи на вулгарна пропаганда, дури би рекла и “старомодна“, лесно видлива пропаганда и контрапродуктивна или лошо изведена и за оние чии интереси штити;второ, преовладувањена информативни жанрови и употребана дијалошките-жанровси форми во промотивни цели, кои  ги оневозможуваат аналитичките жанрови и го неутрализираат аналитичко- критичкиот пристап кон политичката реалност;трето,висок процент на непотпишани текстови; четврто,нејасни извори, петто,потпирање на државни извори на информации; шесто, висок степен на позитивна афирмација на политичките актери; седмо, отсуство  на теми кои се од суштинско значење за државата (како на пример за еу - инеграциите, социјалните прашања, владеењето на право), во поглед на овие прашања имаме тотално пасивен однос. Доминираат попкултурата, забавата и естрадата. Значи имаме значајна присутност на медиумски содржини од ниска култура (естрада и џет сет) и содржини од висока култура (етно национализам), со минимум или без содржини од областа на културата и науката и други теми со интернационално значење.

Во Македонија исто има и преголем број на медиуми во корелација со стандардот. Ваквата состојба покрај економската неодрживост  влијае  и  на социјалната функција на медиумите. Од средства за информирање, анализа и контрола се претвораат во средства за економска и политичка промоција и пропаганда и се контролирани по пат на купување на рекламниот простор и преку нетраспарентното и дискреционо одлучување за доделување на јавните пари. Латентната цензура е невидлива на формално ниво, туку таа се реализира низ контрола на финансиското преживување на медиумите  и новинарите.

Република Македонија традиционално и културно припаѓа во европскиот тип на медиумски систем или организација на медиумите. Европската медиумска политика наметнува одредени стандарди од кои ние сме далеку.

Секако дека степенот на контрола врз медиумите во европскиот медиумски систем зависи од типот на политички систем. Во практиката државните медиуми најчесто се во рацете на оние кои владеат со државата и медиумите ја следат официјалната државна политика (но, не партиска- да не се сфати погрешно).  Во европскиот систем се претпоставува една поинаква политичката социјализација, каде политичката јавност не треба да се смета за пазар и традиционално не била третирана така, за разлика од САД на пример.

Стратешките цели на европскиот тип на медиумскиот систем се: медиумскиот систем потпрен на квалитетен јавен радиодифузен центар; плурализам на медиумите - мултиполитички плурализам, а не во една квантитативна смисла; гаранции за независност на медиумите и воведување на стандарди во новинарската професија односно професионализација и интелектуализација на новинарот.

Во овој домен акцентот е ставен и на креирање на медиумските политики, така на пример, се забележува широк обем на активности во овој правец од страна на Советот на Европа кој успеа, во значајна мера, да уреди дел од базичните принципи во однос на прашања како што е слободата на изразување и приватноста. Со тоа Советот на Европа како и Европскиот суд за човекови права одиграа улога слична на улогата на уставните судови во некои од националните јурисдикции.

Фактор:Ако медиумите се еден од столбовите на функционирање на парламентарната демократија,  какви би можеле да бидат последиците  со измените во Законот за медиуми,  во кој се предвидува  главниот уредник  на МТВ да биде избран по предлог на опозицијата, а со поддршка на останатите партии? Нели ви изгледа нон-сенс  партиите,  а не новинарскииот еснаф да одлучува за  професионализација на  националниот јавен сервис?  

Бачовска:На ова решение гледам како на ургентно политичко решение или како на можен начин за итна интервенција во медиумскиот систем, создавање на некаков баланс. Тоа ќе ми изгледаше нон сенс ако досега новинарскиот еснаф одлучуваше за состојбите во медиумите, ние таква професионализација на медиумите немавме од осамостојувањето до сега т.е нестануваше збор за професионализација на медиумите туку за нивна инструментализација од центрите на политичката моќ. Мислам дека на овие измени не треба да гледаме како на трајни решенија туку како на едно од решенијата кое ќе ни помогне да излеземе од овој хаос, анархија или безвластие во кое е влезена држава.

Фактор:  Како  ја оценувате идејата за формриање на ад-хок тело во рамките на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги , кое би го мониторирало спроведувањето на Изборниот законик од страна на медиумите а Советот на АВМУ ќе има задача да ги следи препораките на ова тело. Постои ли опасност овие измени  да продуцираат паралелизам ? 

Бачовска:На ова прашање гледам слично како и на претходното. Ова ad hoc тело го толкувам, доживувам како коректив, бидејќи Агенцијата не се покажа баш најдобро досега. Во овој момент политичката клима е сложена, под голем притисок се полтичките преговори, јас сега не би можела да верувам во други решенија, на пример да се бараат најдобрите професионалци, најпаметните, најчесните и да се прават кадровски промени во постоечките институции така што сепак овие решенија ги оценувам како најитни.

Инаку во легислативата (компаративно) која ги уредува медиумите телата за мониторинг како што се (Совети за печат или медиуми, Агенции итн) се гаранциите за демократскиот егалитет. Најчесто  се составени од експерти и/или претставници од цивилното општество. Можеби овој актуелен контекст ќе го воспостави ова тело и како трајно решение понатаму бидејќи социо-политичкиотамбиент во РМ тоа го бара. И ако се извлекува некоја порака од споредбените анализи на легислативата во оваа сфера извршувањето на мониторингот од страна на државата треба да биде изведуван со повеќе механизми.

Фактор:  Како Македонската радио телевизија да биде  вистински јавен сервис,  да се држи до професионалните стандарди, да биде во служба на граѓаните, а не на партиите?

Бачовска:Пред се потребна е политичка волја. Мислам дека позитивно во оваа политичка криза е тоа што нештата околу Јавниот сервис доволно се издраматизираа и дека, како никогаш досега, постои свест за неговото значење и потребата за негово етаблирање и примат, како оној што го имаат јавните сервиси во другите европски земји. Секако дека треба и многу инвестиција во тоа, како во техника, така и во луѓе. Кадровското прашање е особено битно и тешко за решавање особено во наши услови. Потребни се образовани кадри со искуство, едноставно кажано најдобрите луѓе на едно место. Да не заборавам, во овој правец да кажам, дека своевремено приватните медиуми во Македонија стартуваа со кадарот од МРТ.

Истовремено треба да се работи на контурирање на целиот медиумски систем. Во тој правец треба да постпи континуирана соработка помеѓу државтаа т.е владата (преку надлежните министерства), сопствениците на капиталот и претставниците на новинарската професија; креирање на Медиумското законодавство врз европски стандарди; постоење на солидни буџетски средства за медиуми(преку воведување на финансирање на проекти или создавање на еднакви услови за бизнис на сите медиуми во Македонија); создавање на услови за еднакво функционирање на сите медиуми и транспарентност на сопственоста над медиумите.

Слично

Поврзани вести