ИНТЕРВЈУ АРСИМ ЗЕКОЛИ: Заминувањето на Груевски и Ахмети е услов за да се смири Македонија!
„Ја разбирам таа потреба за одмазда. Но, одмаздата не е правда ниту пак на тој начин ќе се стави крај на ендемската култура на криминал и корупција со институционален легитимитет. Затоа, сметам дека конфискацијата на нелегално стекнатите богатства и лустрација на политиката преку разјснување на потеклото на стекнатите богатства е неспоредливо побитен за заздравување на општеството од самиот акт на апсење и ситење пред камери“ вели во интервју за Фактор, поранешниот амбасадор и аналитичар Арсим Зеколи, коментирајќи го предлогот на Георгиевски за амнестија, како предуслов за крај на политичката криза.
„Со конфискацијата и лустрацијата по економски основи се става крај на злоупотребата на политиката за лично богатење. Тоа е предуслов за обезбедување на какво-такво солидно и контролабилно претставништво во законодавната и извршната власт: Бидејќи штом ќе го елиминирате мотивот на брзо-потезно богатење, ќе се намали мотивацијата на криминално ориентираните ликови да влезат во една дејност која веќе не обезбедува богатење и уште помалку имунитет од законски прогон. И на крај, погледнете ги ликовите опфатени со криминал и корупција во власта и запрашајте се.дали повеќе би биле погодени од затворски казни без конфискација, или пак конфискација на нивните имоти без затворски казни“, реторички заклучува Зеколи.
Тој во интервјуто говори и за странската улога во кризата, главните придобивки за граѓаните од „бомбите“, начините за консолидација на државата по завршувањето на кризата, спорот за името.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски заговара амнестија за наводните извршени злоупотреби од страна на актуелната власт. Постои ли простор за милост, и дали со евентуално обострано амнестирање би се ставило крај на злоупотребите . СДСМ и ВМРО ДПМНЕ за помалку од 24 часа категорично го отфрлија ваквиот предлог ?
Зеколи: Свесен сум за контраверзноста на името Љубчо Георгиевки, но сепак би потсетил дека и закочениот часовник два пати дневно покажува точно време. Жестоките реакции мислам дека се повеќе усмерени кон него како личност, отколку кон самата изјава. Бидејќи, ако сакаме да бидеме искрени, Георгиевски го спомна она што СДСМ веќе го прави за ДУИ, амнестирајќи ги преку поштедување од објава на телефонските бомби. А ако чепнеме уште малку подлабоко, може да испливаат и некои други примери на амнестии. ...
Реакциите кои уследија во јавноста по изјавите на Георгиевски се поиндикативни од самата изјава бидејќи ја разоткриваат состојбата на духот во Македонија. Оправдан гнев, разочараност, бес – вократко емотивно просудување за состојбите во критични моменти како константа од независноста па се до денеска. И причина за нашето вртење во круг.
Ако добро разбрав, мислам дека тој нагласи дека амнестијата се однесува единствено на политичките аспекти, но не и кон криминалот и корупцијата. Тука се крие битната разлика. Под наплив на тие емоции јавноста сака да ги види Груевски, Мијалков, Јанкуловска како со лисици на раце влегуваат во затвор. Ја разбирам таа потреба за освета. Но, осветата не е правда ниту пак на тој начин ќе се стави крај на ендемската култура на криминал и корупција со институционален легитимитет. Затоа, сметам дека конфискацијата на нелегално стекнатите богатства и лустрација на политиката преку разјснување на потеклото на стекнатите богатства е неспоредливо побитен за заздравување на општеството од самиот акт на апсење и ситење пред камери. Бидејќи, со конфискацијата и лустрацијата по економски основи се става крај на злоупотребата на политиката за лично богатење. Тоа е предуслов за обезбедување на какво-такво солидно и контролабилно претставништво во законодавната и извршната власт: Бидејќи штом ќе го елиминирате мотивот на брзо-потезно богатење, ќе се намали мотивацијата на криминално ориентираните ликови да влезат во една дејност која веќе не обезбедува богатење и уште помалку имунитет од законски прогон. И на крај, погледнете ги ликовите опфатени со криминал и корупција во власта и запрашајте се.дали повеќе би биле погодени од затворски казни без конфискација, или пак конфискација на нивните имоти без затворски казни?
Фактор: Од независноста па до денес се покажало дека најчесто во основата при партиските коалицирање се кријат политички, економски и бизнис интереси. Сме биле сведоци на неколку можеби неприродни коалицирања. Дали на некоја од досегашните владејачки гарнитури државата им била во преден план?
Зеколи: Ништо чудно нема во тие коалицирање кои ги нарекувате или сметаме за неприродни. Американците велат, политиката прави чудни споеви во постелата (politics make strange bedfellows). Леви или десни, македонски или албански, умерени или радикални, тие се сепак сплотени во својата природа како партијски инструменти на политиката.
Лично сметам дека можеби сите овие коалиции или партии кои биле и се на власт додека се бореле за да стигнат и кога седнале во власта имале помалку или повеќе добронамерни замисли, барем првата година, за добробит на државата. Но потоа почнуваат да ги откриваат поубавите страни на животот, ја прифаќаат логиката “или сега или никогаш”, разбираат дека законот ги штите привилегираните ... И така полега се раѓа тоа отуѓување од својата првична природа и отуѓување од општеството кое им дало доверба, замена на ветувањата дадени кон граѓаните со обрските кон државата, т.е. себе. И тогаш се јавува таа промена на визурата во која во име на државни интереси, се запоставува и игнорира општеството. Државата е всушност кодирано име и изговор за политичката и економска елита, во чие име, значи во сопствено име, се оправдуваат и градат политики по мерка на оние кои ја присвоиле државата.
Тука се јавува таа Квака 24 взаемно побивна и взаемно поврзана причино-последична главоболка помеѓу општеството и државата. Тие ликови кои ја прават државата не се паднати од небо, туку се продукт на општеството, избрани од нас самите. Па кога државата наместо мед ни нуди пелин, си наоѓа оправдување дека ние сме ги избрале. Затоа барањата за промена на односот на државата без паралелна спремност да се менуваме како општество се залудни и однапред осудени на неуспех.
ДЕМИСИЈА НА ГРУЕВСКИ И АХМЕТИ Е CONDITIO SINE QUA NON ЗА СМИРУВАЊЕ НА ОПШТЕСТВОТО
Фактор: Најголемата опозициона партија бара формирање на преодна влада за излез од политичката криза без притоа да престави план како би ја извлекле Македонија од амбисот? Мислите дека лидерот на СДСМ Заев има стратегија како државата да ја врати на нормален колосек или во моментов најважно му е да го симне од власт Груевски?
Зеколи: Мислам дека е премногу да од Заев очекуваме стратегија за нормализација на државата во состојба кога се прават напори за спас на истата. Впрочем, ем е нелогично ем е недозволиво да стратегијата за нормализација пост-Груевски биде оставена единствено на СДСМ или Заев или било која друга партија, без учество на поширок спектар фактори. Засега е сосема доволен пристапот за демисија на власта, преодна стабилизациона влада и превземање чекори за базична нормализација на општеството, враќање на кредибилитетот на надворешната политика и давање гаранции кон странските кредитори. Тоа е суштината за политичка разрешница како предуслов за правна разрешница, редослед со кој потполно сум согласен и на кој сите мораат да инсистираат.
Но сето тоа е под знак прашање се додека оваа структура е на власт. Симне, замине, сруши, отстрани .... под било кое име или опис, демисијата на Груевски и Ахмети е conditio sine qua non за смирување на општеството и односите во него. Техничка, преодна, експертска, транзициона ... под било кое име или опис подразбира дека СДСМ не може и не смее да ја превземе власта без претходна во дух и дело политички неутрално поставена в.д. администрација со минимален и консензуален мандат од барем една година. Која ќе се фокусира на неколку прашања: обезбедување на траен заштитен бедем помеѓу партиите и администрацијата, формирање на независно судско тело вон сегашниот правен систем, регулирање на медиумскиот простор и темелна реформа на изборниот систем. Кредибилноста и успешноста на тој потфат е можна единствено доколку се гарантира непристрасност не само кон ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но подеднакво и кон СДСМ. А тоа, во широки рамки, дава повод да се размислува и за можен мораториум на јавно политичко дејствување на сите партијски субјекти во земјата за времетрање на преодната влада се до новите избори. Доколку предлогот на Груевски за мораториум на етнички прашања беше прифатлив за сите партии, зошто да не биде искористена таа идеа и кон самите партии? Ви звучи радикално? А како ви изгледа состојбата денес? Лут мелем на лути рани, вели народот.
Фактор: СДСМ продолжува со обелоденувањето на прислушувани разговори во кој наводно се вмешани преставници на извршната, законодавната, судската власт. Во истовреме, опозицијата и владејачката партија со посредништво на Европратеници разговараат за можен договор за излез од кризата. Можно ли е помирување на двете условно кажано завојувани страни и кој би бил компромисот?
Зеколи: Природата на соговорниците ги разјаснува и модалитетите на можните компромиси и начини на помирување. Смислата на партиите е да стремат да ја задржат и освојат власта. Смешно е да се оптужува СДСМ дека сака да дојде на власт со нечесни методи, а воедно оние кои се веќе на власт со години опстојуваат токму благодарение на нечесност без преседан на овие простори.
Во тие преговори е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ сака да купи време, СДСМ да ја интернационализира кризата и добие меѓународен легитимитет и поткрепа. Тоа е логиката на преговорите во дадениот момент, во самиот жар на кризата која е сепак далеку од разрешница. Дури и доколку се постигне компромис.
ИМЕТО КАКО СПАС ЗА ЕДЕН НАРЦИСОИДЕН ПОЛИТИЧАР
Фактор: Македонија и Грција разменија предлог-мерки за градење доверба . Dали со овој најнов потег на Владата, Премиерот Груевски се обидува да ја придобие меѓународната заедница играјќи на картатa на флексибилност и подготвеност за компрмис со Атина со гаранции од евентуално судско гонење по обвинувањата СДСМ за негова вмешаност во кримнинал?
Зеколи: За да ја рабереме новата ситуација со спорот со името, мора да почнеме тој спор да го согледаме онаков каков е, а не како власта константно се обидува да го претстави играјќи со искрените чувства на граѓаните. Спорот со името, скично како и другите меѓу-државни спорови во регионот, се во суштина стратешки продукт, камуфлирани во култивирани омрази или ривалства, кои наизменично се употребуваат во одбрана или напад на одредени надворешни или внатрешни политики. Тоа е сета приказна.
Новата ситуација е дека со секој нов брод на НАТО во Црно Море, со секое приближување на Србија кон НАТО во која Албанија де јуре а Косово де факто се веќе земји членки, со отварањето на нови НАТО институции во Софија и со секој потег на Ципрас кон САД, пазарната вредност на нашиот став губи на вредност. Не велам дека е безвреден, но во споредба со периодот 2008-2012 цената е далеку пониска. И се повеќе ќе паѓа доколку продолжи овој однос на власта.
Благите тонови на Претседателот Иванов упатени кон Атина и констатација дека повторно некои “странски служби” ги вбутнале двете земји во спор кој инаку, нели, не го сакале е индикација на свеста на власта за таа нова реалност. А причината не е промената во Скопје, туку промената во Атина која се обидува да кризата ја пресврти во шанса, додека ние сите шанси ги превртевме во кризи на државата за стабилност на ВМРО-ДПМНЕ. А во кризни времиња, сериозните држави бараат докажани сојузници со минимум елемент на непредвидливост, а не провинцијски самобендисани манипулатори и мувљатори кои се умислуваат дека така се игра на големата сцена. Затоа, понудите на Груевски однапред патат од дефицит на доверба од странските партнери.
Притоа, забораваме да прашаме дали и новата влада на Ципрас размислува по сличен терк, на користење на името како влог за некоја друга добивка и која би била таа? Со над 2% буџет во одбраната Грција е една од ретките земји членки (со Естонија и Голема Британија) која ги исполнува барањата на САД и НАТО за покачување на буџетот во воени цели, и покрај смената на власта. Додајте ја гео-стратешки клучната позиција на Грција, посебно по скорешните несогласувања помеѓу САД и Турција, состојбата во Медитеранот, и споредете ја таа состојба со нашата.
Со обзир на се, не би бил изненаден доколку со посредство на САД Атина се согласи да прифати наше членство во НАТО под референцата, како влог од кој би можеле да добијат некои други повластици. Би било жално доколку нашиот капитален влог во спорот се сведе на ефтина карта за спас на нарцисоиден политичар, наместо државен бенефит.
Во дипломатските кругови се говори дека САД со дискретно медијаторство се обидува да посредува меѓу Груевски и Заев. Дали фактот што во Скопје допатува висок преставник на Стејт Департмент и ангажирањето на Европската тројка е знак дека Вашингтон и Брисел нема да дозволат да излезе ситауцијата од контрола?
Зеколи: Секако дека и Брисел и Вашингтон се цврсто определени да не дозволат ексалација на состојбите. Но доколку нивниот приод е сведен на козметички наместо суштински интервенции, тогаш со тој пристап ќе допринесат кон ескалацијата. Работите се отидени предалеку, зад хоризонтот на предвидливоста. Нивото на странски претставници од ЕУ и САД укажува дека засега ангажманот е повеќе од природа на изнаоѓање факти и модуси, отколку предлагање разрешници. И тоа е сепак успех на СДСМ во интернационализација на кризата. Но колкав и да е ангажманот на меѓународната дипломатија, одлуката за директна интервенција мора да биде политичка, значи од политичкиот интерес на центрите за одлучување. А во овој момент политичкиот интерес на тие центри е базиран ексклузивно врз безбедносната компонента, а не демократијата кај нас која ионака никогаш не ги оптеретувала. Објавувањето на одредени информации за странски безбедносни замешателства, јавувањето на одредени не-државни актери (non state actors) мислам дека ги има вклучено портокаловите светла во тие центри. На кои би им порачал да навреме проверат дека црвените светла не се прегорени.
ЈАВНОСТА СИ ГО ВРАТИ ПРАВОТО ДА КРИТИКУВА
Како го оценувате ставот на СДСМ дека нема да отстапат од барањата за формирање преодна влада, смени на Јавниот обвинител Марко Зврлевски и обвинителот за гонење на организиран криминал Јован Илиевски и смена на раководството на Македонската радио телевизија?
Зеколи: Ставот е логична последица на објавените информации за злоупотребите од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, став од кој СДСМ дури и доколку сака веќе тешко дека ќе може да се повлече без драматични последици за себе. Тешките злоупотреби на кабинетот Груевски, јавниот обвинител и останатите имплицирани сепак не се сторени единствено против СДСМ, туку против безброј граѓани кои секако ќе бараат правда за сторените неправди.
Имам чувство дека ни двете страни не сосема ја разбираат состојбата која настана по објавувањето на бомбите. Првата жртва на овие објавени информации е рушењето на мистичноста на владеењето како предуслов за доверба на граѓаните во своите избраници. Уставот, законите, правилата, одредбите се важни како инструменти на владеење, но најбитна од се е таа невидлива, мистична нишка на верба и почит на граѓаните кон власта за која веруваат дека е составена од лица кои се поспосбни, подоблесни, пообразовани од нив, просечните. Тоа е веќе нарушено, девалвирано до потсмев кон “шу” и “шо” муабетите на жални министри со вокабулар и поведение кое и конушарите од Хиподром би ги вцрвенел од срам.
Вториот битен момент е враќањето на влијанието на јавноста која по долг период на молк, уште од минатата година почна да се враќа како фактор на влијание. Враќањето на јавноста подразбира спонтан крах на внатре-партијските кохезии и најавува и враќање на политиките на компромис и во партиите и кон ривалите. Првично во самите партии, како што е случајот со ВМРО-ДПМНЕ каде Груевски веќе очајно балансира помеѓу раскараните брбливи министри и локални шеерифи, залудно обидувајќи се да го одржи привидот на монолитност. Бранувањата во СДСМ, засега држени под контрола поради взаемната загроза, сепак укажуваат дека и таму има силни несогласувања поради промената на водството, но повеќе поради генерацијското и културолошко освежување. И последниот најважен момент – јавноста која откога си го поврати правото да критикува “ни по баба ни по стрико”, нема намера да таа привилегија повторно ја жртвува за било која партија. Долгорочно, тоа е најголемата придобивка од бомбите.
Каква разврска очекувате на политичката криза , се промовира идејата албанец да биде премиер, а од друга страна се уште постои анимозитет кога се предлага преставник на втората по голема етична заедница во Макеоднија да биде на чело од некоја од клучните позиции во државата ?
Зеколи: Идејата за премиер албанец сметам дека е дадена со добри намери, но самата етничка припадност не а ама баш никаква гаранција за квалитет или гарантирана неутралност. Ако големо-македонштината се докажа како недоволна квалификација за квалитет, истото сметам дека важи и за албанците. Воедно, сметам дека на политичката и општествена сцена има повеќе од доволно македонци, албанци и други за кои сметам дека би биле одлични кандидати за транзиционен или мандаторен премиер.
Но предлогот воедно некако не кореспондира со некои други реалности. Зборот ми е за преговорите во Брисел во кои нема ниту еден, барем формално присатен, не-македонец кој би ја одразил реалноста на земјата која ги надминува двете партии. Се обидувам да ги разберам образложенијата на СДСМ, но и тие мора да разберат дека луѓето веќе не веруваат на зборови туку на дела. Во конкретниот случај делата не покажуваат поразличен однос кон албанците од оној на ВМРО-ДПМНЕ. Тој однос може да влијае и на разврската за која прашувате/ Бидејќи доколку власта инсистира на пристапот дека нема причина за промени, а оној на СДСМ да бараат промени на ликовите но зачувување на истите политики, тогаш многу бргу и кај македонците ќе уследи истата реакција како и кај албанците кон Ахмети и Тачи. Како приземни ривали и подземни коалициони партнери.
Затоа, опозицијата треба да се однесува внимателно во експлоатацијата на сегашниот споделен транс-етнички моментум фокусиран против власта. Кој е со тешки маки создаден, но сосема лесно може да биде компромитиран и бесповратно изгубен доколку се злоупотреби само за освојување на власта. Водството на СДСМ, но и севкупната опозицијска јавност би требало потрезвено да ги анализираат случувањата во Србија во годините пред падот на Милошевиќ и добро размислат зошто на крај промените им беа доверени на потполни анонимуси, а не на раскараните и суетни политички звезди.
