Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ АРСИМ ЗЕКОЛИ: Ангажманот на Хајндл носи значаен пресврт!

ИНТЕРВЈУ АРСИМ ЗЕКОЛИ: Ангажманот на Хајндл носи значаен пресврт!
Поранешниот  македонски  амбасадор Арсим Зеколи  проценува дека  германската инволвираност во домашната политичка криза дава резултати.                                                  „Акцијата на меѓународната заедница ќе биде ставена во модус на превентива, преку првичниот чекор на спречување на прелевање (containment) како предуслов за вториот чекор на чистка (sanitation). Тоа подразбира дека Македонија веќе не се третира како исклучок, туку како делче од мозаикот на регионот на Југо-источна Европа“, вели  екс амбасадорот .           За Зеколи повлекувањето на аболицијата не смее да се смета како завршница на јавната дебата за тоа како воопшто дојде до неа на прво место. Бидејќи дури и доколку таа се евидентира како лична грешка на Иванов, компромисот “импичмент за амнестија”  е секако смислен продукт на трули трговии на системските партии .                                       Според македонскиот дипломат, поведението на лидерот на СДСМ Зоран Заев и неговите изјави со кои се меша во меѓу-државните и религиски прашања, задирајќи во процеси во кои западот има инвестирано многу напори.                    „Ова укажува дека  опозицијата нема ниту чувство за одговорност ниту капацитет за сеопфатно согледување на долгорочните последици на сопствените кратковиди однесувања“ коментира  за  Фактор Зеколи.  Разговараше Горазд Чомовски Фактор: Како го оценувате ангажманот на германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл и дали неговото посредување ќе даде конкретни резултати и насоки во кој правец  Македонија ќе треба да се движи во наредниот период?       Зеколи: Ми се чини дека посетата и ангажманот на Хајндл веќе ги дава првите резултати. Барем судејќи според дејствувањата на Германија и Велика Британија кои барањето за отварање дискусија во ЕУ за Македонија веќе не го засноваат врз аргументот на внатрешна политичка криза, евро-интеграции, спор со името, туку отворено укажуваат на безбедносната компонента на стабилност и тоа во регионален контекст. Тоа е значаен пресврт. Кој подразбира дека акцијата на меѓународната заедница ќе биде ставена во модус на превентива, преку првичниот чекор на спречување на прелевање (containment) како предуслов за вториот чекор на чистка (sanitation). Тоа подразбира дека Македонија веќе не се третира како исклучок, туку како делче од мозаикот на регионот на Југо-источна Европа.  Владината пропаганда се обидува  повторно да добие поен пред меѓународната заедница играјќи на картата на загроза од Косово, хулигани од Србија, се со цел да се претстави себеси како загрозена од надворешни фактори а себеси како гарантор на стабилност. Иако таа не се смета како таква веќе подолго време од страна на меѓународните безбедносни фактори. За жал, поведението на Заев и неговите изјави со кои се меша во меѓу-државни и религијски прашања (помеѓу Србија и Косово), задирајќи во процеси во кои западот има инвестирано многу напори. Што укажува дека ни опозицијата нема ниту чувство за одговорност ниту капацитет за сеопфатно согледување на долгорочните последици на сопствените кратковиди однесувања. Додајте го на тоа и тековното интерно распаѓање на ДУИ, зајакнатото влијание на Турција и Иран и веќе имате доволно причина за разбирање зошто македонија веќе не е прашање на внатрешно политички незрелости, туку прашање од врвен регионален и континентален значај. Фактор: Дали по пиши-бриши одлуките за аболицијата, македонскиот претседател Ѓорге Иванов треба да понесе политичка и морална одговорност ? Зеколи:  Неблагодарно  е да се коментира моралната одговорност на Иванов, бидејќи со тоа ќе впаднеме во зачаран круг на бескрајни дебати што подразбираме под морален чин. Да не заборавиме, тој и актот на амнестија на криминалот го претстави како безмалку акт на морална интервенција. Притоа, нефер е само кај Иванов да бараме аморално поведение а притоа ги одмолчуваме аморалните поведенија на лидерите на четирите големи партии и нивните меѓусебни премолчани амнестии. Кои секако не се толку драматични како амнестијата на Иванов, но и тоа како ја потврдуваат нивната споделена ментална и духовна конструкција. Но затоа има многу што да се каже за политичката одговорност на Претседателот Ѓорѓи Иванов. Со актот на амнестија Иванов докажа дека нема способност за тактички тајминг и стратешко промислување, нема визија за ефектите на неговите политики и настапи, демонстрира неверојатна дрскост на протекционизам на елитите фатени во криминал и елитистичка суровост за грешките или гревовите на малите луѓе огрешени од законот. Иванов не се обиде да амнестијата ја претстави како чин на милосрдие кон грешните, туку со сеопфатноста на аболицијата која вклучува сведоци и соработници во злодело, тој ја превзеде улогата на подмолен ревизионер на историјата. Тоа не беше само амнестија, туку бесрамен обид за бришење на цел процес на урнисување на државата и општеството. Фактор: Комисијата за импичмент за претседателот на Македонија коинцидираше со   потегот на Иванов да ја повлече одлуката за помилување во целост. Може ли зад ова да се крие  премолчан договор пред се’ меѓу двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ?   Зеколи: Тука навлегуваме во непријатни води и вртлози кои ги вовлекуваат сите четири партии. Имено, сосема е јасно дека одлука на Иванов е резултат на плиток компромис “амнестија за импичмент” склучен помеѓу четирите партии. Да бидам искрен, очекував дека тој процес на компромисерство ќе биде малку пософистициран, поелегантен, поделикатен, но никако волку дрзок, вулгарен и безсрамен. Дури и самата комисија за импичмент и нејзиниот состав кој најавуваше нечесен епилог е дел од тој компромис. Слепена и залепена набрзина, комисијата не само што не допринесе кон разјаснување на ситуацијата, туку истата дополнително ја замрси. Јавноста очекуваше истрага, јавна расправа, гласност и транспарентност, изнесување на голите факти за она што преходело на аболицијата и нејзиното отповикување. Значи, процес како што гледаме низ старите демократии. Наместо тоа добивме една обична циркузијада која наместо да го разголи, го продолжи векот на траење на истиот систем кој ги произведува цикличните кризи.  Поради тоа сметам дека повлекувањето на аболицијата не смее да се смета како завршница на јавната дебата за тоа како воопшто дојде до неа на прво место. Бидејќи дури и доколку таа се евидентира како лична грешка на Иванов, компромисот “импичмент за амнестија”  е секако смислен продукт на трули трговии на системските партии. Што подразбира дека може повторно да се случи и ни се повтори, но во друга и политички понетранспарентна форма. Прашање:  Може ли повлекувањето на  аболицијата да се смета за вовед  во разрешувањето на длабоката криза,  и какви ќе бидат последиците од внатрешни политички потреси ? Зеколи: Па, ниту сметам дека аболицијата претставуваше ескалација на кризата, ниту пак нејзиното повлекување може да се смета како нејзина завршница или почеток на разрешување на истата.   Опстојувам на ставот дека амнестијата на Иванов колку и да е срамна, сама по себе не е уникатна, ниту прва, а се плашам ниту последна политичка индулгенција за криминални поведенија. И затоа не мислам дека апсењата, тензиите, протестите, вандализмите кои уследија се најголемите последици на несовесното поведение на Иванов. Тоа се физички манифестации за кои има лек и начини за санација. Најтешките аспекти на амнестијата се тоа што во очите на меѓународната јавност Иванов не пресврте во анахрона земја недојдија со воспоставен и легализиран систем на пребендиализам по примерот на Нигерија. Додека пак амнестијата и начинот на нејзиното повлекување во домашната јавност го цементира впечатокот дека трулежот е толку метастазиран што веќе е невозможно да биде спречен. Фактор:  Очекувате ли Ѓорге Иванов до  крај  да го зарши својот втор претседателски мандат или можеби ќе ја „изненади“ јавноста соопштувајќи дека се повлекува од функцијата по серијалот непропимислени одлуки  кои кулминираа  со  аболицијата ?   Зеколи: Па знаете што, доколку на Претседателот Иаанов му се овозможи да го заврши својот мандат во целост, тогаш испаѓа дека тоа е болната вистина која не сакаме да ја увидиме. Дека гангренозната неказнивост е толку метастазирана да навистина веќе ни нема лек. Па колку да ВМРО, СДСМ, ДУИ, невладините, шарените, црноцрвените  или меѓународната ќе се упираат да го докажат спротивното. Затоа од највисок приоритет е продолжување на процесот на јавна дебата и истрага која целосно пред јавноста ќе ја расветли улогата на Иванов, власта, опозицијата и сите други вклучени актери. Без тоа, повлекувањето на Амнестијата не е крај, туку продолжување на системската политика хранета од уште една тура неодговорност, неказнивост и нетранспарентност.  
Слично

Поврзани вести