Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ ВЕРА ЌОСЕВСКА: Промената на фасадите е непозната појава во архитектонската наука!

ИНТЕРВЈУ ВЕРА ЌОСЕВСКА: Промената на фасадите е непозната појава во архитектонската наука!
  Годинава наградата „Андреја Дамјанов“  за животно дело и  особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството, ја доби долгогодишниот архитект Вера Ќосевска.Творештвото и придонесот на Ќосевска во македонската архитектура, младите архитекти го сметаат за учебник во архитектонското проектирање. Нејзините дела датираат од 1953 годинa и се распространети низ цела Македонија. Во нејзиното работно портфолио има проектирано станбени згради, трговски центри, хотели, државни институции, цели комлекси. За современата архитектура се одлучила бидејќи се работи правец кој преферира чиста архитектура и без дополнителни украси. Според Ќосевска сегашната промена на фасадите во барокен стил, е непозната појава во архитектонската практика. Да се “пресоблекува” и менува “лицето” на современи објекти изградени само пред 30-40 години, во “несоодветна облека” во духот на минатите векови, не е познато во архитектонската наука, вели во интервју за Фактор, Вера Ќосевска. Фактор: Ја добивте наградата "Андреја Дамјанов" за Вашиот придонес во современата архитектура, какви беа Вашите почетоци и зошто се одлучивте токму за овој аехитектонски правец? Ќосевска: Уште во моето најраното детство, слушав разговори на постарите во семејството за градбите и градителството воопшто. Имав вујко кој беше инжинер-архитект во Загреб, но градел објекти и во нашиот заеднички роден град Осијек. Ги слушав тие разговори, но ги сфатив подоцна, кога пораснав. Неговите објекти се разликувале од дотогашните во градот кои биле градени во стилови од минатите векови. Вујко ми имаше современи сфаќања и создаваше објекти со чиста архитектура и без дополнителни украси. Објектот “Окружен завод за здравство” постои и денес во централното подрачје на Осијек како таков, без никакви преправки.Во мојата кариера имам изработено 153 проекти. Фактор: Како архитект чии дела односно објекти се распространети и познати низ цела Македонија, како ги коментирате новите градби поточно архитектонскиот правец кој се фаворизира сега во земјава особено во Скопје, мислам на промената на фасадите на старите објекти во барок но и изградбата на  новите објекти во барокен стил? Ќосевска: Пресоблекување на уличните фасади на постојните објекти изградени во Скопје во втората половина од XX век, за мене е сосема непозната појава во архитектонската практика. Да се “пресоблекува” и менува “лицето” на современи објекти изградени само пред 30-40 години, во “несоодветна облека” во духот на минатите векови, не е познато во архитектонската наука. Новите објекти изградени во XXI век во стилот на минатите векови, односно во така наречен “барок”, е исто нешто непознато во архитектурата. Европските градови градени се во минатите векови со разни стилови кои биле карактеристика на неколку временски периоди. Денес во европската и светската архитектура тие стилови се убави, но припаѓаат на едно минато време кое треба да се почитува, но не да се копира во денешницата. Сега Европа и Светот создаваат архитектура достојна за восхит, благодарејќи на големиот напредок во технологијата на градењето и напредните сфаќања за архитектурата. Фактор: Дали сте за реконструкција односно реставрација на дотраените објекти особено оние проектирани од познати автори во нивниот автентичен изглед како симбол на еден временски период, или за комплетно менување на нивниот лик?  Ќосевска: Секој објект, од најмал до најголем бара редовно одржување, а после одреден временски период и подеталното обновување. Се разбира дека треба да се применат сите нови сознанија за неговото правилното и економичното одржување, но со тоа не е потребно (дури е и недозволиво) да се менува автентичниот изглед на објектот. Фактор: И  еден од објектите кој што е Ваше дело ќе добие нова поточно барокна фасада, комлексот “Блок Москва” во центарот на Скопје, се согласувате ли на овој објект да му се промени ликот? kompleks moskva Ќосевска: Веќе е при крај “барокното” пресоблекување на еден дел комплексот со работен назив “блок Москва” во центарот на Скопје - (називот го добил според хотелот кој до земјотресот постоел на таа локација). Кога бев викната на 19.VII.2012. година на состанок во Министерстворо за Правда, мислев дека ќе бараат од мене предлози за енергетската ефикасност на објектот, (во кој уште при проектирањето беше предвидена централната климатизација на целиот комплекс). Но, наместо тоа ми кажаа дека веќе имаат готов проект, кој ќе биде на уличната фасада дел од “барокниот” проект “Скопје -2014”. За тоа, се разбира немаше мојата согласност. Така заврши нашиот прв и последен состанок, после кој започна реконструкцијата на уличната  фасада во духот на “Скопје-2014”. Фактор: Како го коментирате менувањето на фасадата на ГТЦ во барок? Ќосевска: Воопшто не можам да сфатам, како може да се помисли и посака да се менува изгледот на еден современ и убав објект во срцето на градот. Фактор: Колку сегашната архитектура се разликува од архитектурата во периодот кога вие ги изработувавте Вашите проекти? Ќосевска: Не би рекла дека сегашната современа архитектура многу се разликува од годините кога јас активно проектирав. Се разбира, има многу нови можности и материјали, но интернационалниот стил во архитектурата овозможува секогаш индивидуални идеи со современи погледи кон иднината. Фактор: Колку македонската архитектура се развива парелелно или приближно со светската архитектура и во кој првец според Вас треба да развива македонската архитектура? Ќосевска: Во светската архитектура се постигнуваат големи дела благодарејќи на  архитекти со напредни идеи и врвната технологија во градежништвото.Што се однесува до иднината на нашата македонската архитектонската наука и практиката, јас сум оптимист, бидејќи верувам во напредните сфаќања на најголем број од нашите сега активни архитекти-проектанти и во новите генерацији кои допрва доваѓаат. Инаку нашата архитектура треба да се развива со добро познавање и почитување на минатото, а со пратење на се што е постигнато на полето во европската и светската архитектура. Фактор: Во времето кога Вие творевте се инсистираше повеќе на функционалноста на објектите, а помалку на формата, како е сега дали денешните објекти се функционални? Ќосевска: Постојат три основни услови за правилното проектирање на било кој објект, кои архитектот мора добро да ги анализира и усогласи. Тие услови се однесуваат на : 1-во Просторот (локација) во кој ќе опстојува објектот, 2- ро Габарит и изглед на објектот и  3-то Функција на објектот.Архитектот кој не ги почитува овие три услова, неможе да изгради добар објект. Објектот можеби ќе биде убав, но не вклопен во просторот или ќе биде и вклопен, но не функционален и обратно. Само ако се усогласат овие три компоненти може да се каже дека објектот е успешно проектиран. Фактор: Колку сега младите архитекти ги користат Вашите совети при изработката на проектите? Ќосевска: Колку младите архитекти ќе ги користат моите совети, тоа зависи само од нив, но јас верувам во стручноста и посветеноста на архитектурата на сегашните и идните наследници и во нивните дела кои  ќе бидат вредни за почит. Ј.С
Слично

Поврзани вести